Вести
Во Литванија пронајдено возило со четворица исчезнати американски војници

Спасувачките екипи извлекле потонато воено возило во Литванија, во кое се превезувале четворица американски војници кои се водат како исчезнати, јави редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик.
Оклопното возило М88 Херкулес беше пронајдено на 31 март, потопено во мочуриште, шест дена откако беше почната спасувачка операција на воениот полигон Пабрада, во близина на границата на Литванија со Белорусија.
Литванскиот министер за одбрана, Давиле Сакалиен, изјави дека допрва треба да се утврди што се случило со четворицата војници.
„Не можеме да зборуваме за тоа во овој момент, бидејќи, прво, сè уште нема информации, а дури и кога ќе добиеме информации, постои строг договор дека Американците први ќе излезат со каква било објава“, изјави Сакалиен за литванското државно радио на 31 март.
Литванија, членка на НАТО и на Европската унија (ЕУ), е домаќин на повеќе од 1.000 американски војници стационирани во неа на ротациона основа.
Американската армија за Европа и Африка претходно соопшти дека четворицата војници „вршеле планирана тактичка обука“ кога исчезнале на 25 март.
Во првите часови од операцијата за спасување, се појавија неколку спротивставени тврдења, вклучително и коментарите на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, дека четворица американски војници се мртви. Портпаролката на НАТО подоцна ги отфрли тие коментари.
види ги сите денешни вести
Студентите во Ниш и Нови Сад повикуваат на формирање експертска влада

Неформалната студентска група на Универзитетот во Ниш во блокадата, предложи да се формира експертска влада во Србија која ќе ги исполни барањата на студентските протести.
Како што наведуваат во соопштението објавено на социјалните мрежи денеска (8 април), студентите истакнуваат дека решение за излез од политичката криза е „влада која нема да ја сочинуваат партиски послушници туку експерти“.
„Ние ги сакаме оние кои студентите ќе ги номинираат, а граѓаните ќе ги прифатат. Луѓе зад кои има интегритет, знаење и јавна работа, а не партиски книшки“, додаваат студентите во блокадата при Универзитетот во Ниш.
На формирање експертска влада се до исполнување на студентските барања, ден претходно повикаа и студентите во блокадата од повеќето факултети во Нови Сад.
До овој предлог дојде откако претседателот на Србија, Александар Вучиќ го предложи докторот и професор на Медицинскиот факултет во Белград, Ѓуро Мацут како кандидат на владејачкото мнозинство за новиот премиер.
Претходната влада на чие чело беше лидерот на Српска напредна странка (СНС), Милош Вучевиќ падна по неговата оставка во екот на масовните протести кои изминатите месеци ги предводат студентите во блокадата на државните универзитети.
Во фокусот на студентските барања е утврдување на кривична и политичка одговорност за загинувањето на 16 лица при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година.
Во соопштението на студентите од Ниш се наведува дека „после 16 изгубени животи и повеќе од четири месеци студентски блокади и барања за правда, вистина и одговорност“ нема одговорност ниту реакции од надлежните институции.
„Молкот значи согласност, а ние не се согласуваме“ се наведува во објавата.
Студентите посочуваат дека експертската влада е облик на извршна власт составена од експерти, луѓе со докажано знаење, искуство, морален и социјален интегритет. Тие нагласуваат дека не сакаат политички кадри кои како што велат, се одговорни за тоа дека државата е доведена во криза во моментот.
„Не сакаме систем во кој единствената квалификација за функција е партиска книшка. Наместо тоа, предлагаме нов модел: привремена, експертска влада која ќе ги стабилизира институциите, ќе ги исполни барањата на студентите, по што ќе се создадат услови за заздравување на правниот и демократскиот поредок".
Нивната иницијатива, како што тие велат, „не е одраз на револт, туку на визија".
Формирањето на експертска влада, која ќе ги задоволи барањата на студентите и ќе се подготви за изборите, беше предлог во последниве месеци од страна на неколку опозициски партии и неформална иницијатива Проглас основана од јавни личности.
Предлогот на Вучиќ за претседател на новата влада да биде професорот Макут, беше поздравен со пофалби во редовите на владејачката коалиција.
Од друга страна, опозициските партии тврдат дека улогата на премиерот е марионета во владата која де факто е предводена од Александар Вучиќ.
Двајца браќа осомничени за убиство во кривопаланечко Луке

Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против двајца браќа од кривопаланечкото село Луке. За нив постои основано сомнение дека како соизвршители го сториле кривичното дело – Убиство од член 123 став 2 точка 4 од Кривичниот законик.
Осомничените, на возраст од 20 и 25 години, од користољубие лишиле од живот нивен соселанец. Ноќта меѓу 24 и 25 март се договориле да извршат кражба во домот на жртвата, соопшти Обвинителството денеска (8 април).
Според Обвинителството, помладиот брат го разбудил оштетениот и го извел надвор со изговор дека сака од него да купи ракија. Во дворот го удрил со мотика по главата, па двајцата заедно го влечеле и му нанеле уште неколку удари со предмет.
Со пребарување по џебовите од жртвата одзеле 6.000 денари кои си ги поделиле, по што ги пребарале куќата и помошните простории. На крај телото го полеале со бензин и нафта и го запалиле, па го фрлиле во дупка покрај реката и го покриле со дрвја и камења – се наведува во соопштението.
По предлог на јавниот обвинител, Основниот суд во Куманово одреди мерка притвор за двајцата осомничени, кои до целосното расчистување на настанот беа обезбедени со мерка краткотраен притвор во траење од 48 часа.
Промовирано ново тело за борба против корупцијата

Во македонската влада денеска се одржа конститутивната седница на Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата.
Станува збор за ново тело, кое треба да воспостави координација помеѓу сите клучни институции: Државната комисија за спречување на корупција, Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, Финансиската полиција, Управата за јавни приходи, Царинската управа, Министерството за правда, Министерството за финансии и други.
„Ова тело мора да биде местото каде што информациите се споделуваат навремено. Каде што никој не премолчува. Каде што се преземаат иницијативи, се следат случаи и се бараат резултати. Јас лично, како претседател на Владата, ќе бидам дел од секој извештај, секоја средба, секоја проценка. Ќе бидам најгласниот поддржувач на ова тело, но и негов најголем критичар, ако не дава резултати, се разбира“, изјави Мицкоски.
Тој вели дека ова тело нема да биде само уште една административна конструкција, туку, како штo кажа, претставува чекор напред во обидот конечно да се воспостави функционален и синхронизиран систем кој ќе ѝ застане на патот на корупцијата.
„И затоа ги повикувам сите – граѓаните, медиумите, невладиниот сектор, бизнисот да бидат дел од овој процес. Да пријавуваат. Да реагираат. Да не молчат“, рече Мицкоски.
Уапсен директор на здравствена установа за примање поткуп

Директор на здравствената установа е уапсен пораади сомнение дека примил поткуп за да смести пациент.
Според првичните информации, станува збор за директорот на специјализирана болница за Геријатриска и палијативна медицина Скопје, Мухсин Арифи, кој наводно побарал и примил поткуп од 20.000 евра.
Од обвинителството ја потврдија оваа информација, без притоа да го откријат идентитетот.
„Во координирана акција на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Министерството за внатрешни работи приведени се две лица под сомнение за кривични дела примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание. Се постапува за целосно расчистување за настанот“, велат од ОЈО.
Случајот го потврдија и од МВР. Министерството за здравство пак, информираше дека „се залага
за што побрзо расчистување на случајот од страна на Јавното обвинителство во врска со наводите за примање поткуп од раководно лице во јавна здравствена установа“.
Министерството за здравство стои на располагање доколку се потребни какви било информации по службена должност - се додава во кусото соопштение од МЗ.
Во оваа здравствена установа се примаат возрасни пациенти, во најтешка здравствена состојба, листите на чекање се големи, а бројот на кревети ограничен.
Мицкоски го повика Судскиот совет да го преипита работењето на судијата кој ја донесе пресудата за смртта на Теодора

Премиерот Христијан Мицкоски го повика Судскиот совет да ја преразгледа работата на судијата кој донесе одлука да го казни возачот кој ја прегази младата Теодора Ристевска од Тетово на две години затвор. Тој вели дека е згрозен од ваквата пресуда и дека тоа не е правда, туку целосно потфрлање на системот.
По сообраќајната несреќа во август 2022 година, сторителот кој ја прегази 22-годишната Теодорапрвично беше осуден на три години и шест месеци затвор. Апелациониот суд ја намали казната на две години, но Врховниот суд ги укина пресудите и го врати случајот на повторно судење. Судот во Тетово вчера повторно му досуди две години затвор на сторителот.
„Јавно да прашам, има ли некој во државава кој смета дека тука имаме задоволена правда?! Јас не само што не сметам дека правдата е задоволена, но и како претседател на Владата, како човек и родител на две деца сум силно разочаран. Ова не е правда, и тука имаме потфрлање на системот по сите основи. Знам дека некој ќе ми се налути, ќе излезат и такви полноглавци коишто ќе ме критикуваат после ова што ќе го кажам, но јавно барам од Судскиот совет да се преразгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се реализира оваа пресуда“, изјави премиерот на денешната конститутивна седница на Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата.
Додаде дека ова не е партиска борба, туку битка за вистината, одговорноста и правдата.
„Ако овој систем не се ресетира сега, ако не се преземат мерки сега, тогаш бадијала ни е сè. Ова не е прашање на политика, ова е прашање на иднината. Кој бил дел од ова, кој дозволил, кој гледал настрана – ќе одговара. И институциите, и одговорните лица, и сите кои на било кој начин придонеле за оваа трагедија да се случи. Секој што ја злоупотребил својата моќ, секој што го ставил својот интерес пред безбедноста на граѓаните – ќе се соочи со правдата. Ова нема да биде уште еден случај што ќе се затвори без одговорност. Лично ќе го следам и јас ви ветувам дека правдата ќе ја истераме до крај. Ова е моментот кога мораме да покажеме дека законите важат за сите. Затоа што можна следна жртва е секој еден од нас. Секој што ја злоупотребил својата моќ, секој што го ставил својот интерес пред безбедноста на граѓаните, ќе се соочи со правдата“, рече Мицкоски.
Пресудата за случајот на Теодора Ристевска предизвика силни реакции во јавноста. Многу луѓе изразија незадоволство и гнев на социјалните мрежи, сметајќи дека казната од две години затвор е премногу блага за сторителот.
Дополнително, судијата кој ја донесе пресудата, Ељведин Ферати, беше критикуван поради сомнежи за неговиот интегритет дека си ги поправал оценките на Тетовскиот универзитет со пречкртување. Државниот просветен инспекторат минатата година утврди неправилности во неговите оценки, што доведе до предистрага од Скопското јавно обвинителство.
Брнабиќ ги обвини студентите за „тероризам“

Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, ги обвини студентите во блокада за „тероризам“, наведувајќи дека планирале да ја блокираат контролата на летот на белградскиот аеродром „Никола Тесла“.
Снимка од наводна подготовка и блокирање на аеродромот „Никола Тесла“ во просториите на Медицинскиот факултет беше емитувана претходно на провладината телевизија Информер. На состанокот имало и студенти на Сообраќајниот факултет, кои ги отфрлиле наводите за блокада на аеродромот.
Тие истакнале дека тоа е нивна „внимателно осмислена стратегија“ со колегите од Медицинскиот факултет, за да откријат кој неовластено ги снима нивните пленуми и им дава информации на таблоидите. Студентите изјавија дека благодарение на „медиумскиот спин“ дознале кој е тој што донел интерни информации од пленумот до одредени провладини медиуми.
Брнабиќ објаснувањето на студентите го нарече „навреда на здравиот разум на луѓето во Србија“.
„Зошто тогаш не планиравте некоја помалку опасна акција, која исто така би била форма на радикализација? Но она што го планиравте не беше радикализација, тоа беше тероризам. Мило ми е што реагираа државните органи“, рече Брнабиќ.
Претходно, на 7 април, Вишото јавно обвинителство (ВЈТ) во Белград испрати барања за собирање информации до Министерството за внатрешни работи и до Агенцијата за безбедност и информирање.
Причина, како што наведоа, биле видео и аудио снимките направени на средбата во просториите на Медицинскиот факултет во Белград, на кои може да се слушне како учесниците на состанокот зборуваат за планирање и подготовка на блокадата на белградскиот аеродром „Никола Тесла“.
ВЈТ во соопштението наведува дека е наредено легитимирање на учесниците на средбата и преземање други дејствија – со цел да се провери дали е сторено кривичното дело загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај и повикување на насилна промена на уставниот поредок или некое друго кривично дело за кое гонењето се презема по службена должност.
Потоа вечерта на информативен разговор бил приведен Стефан Радојичиќ, студент на Сообраќајниот факултет. По неколкучасовно испрашување, тој бил ослободен.
Студентите во блокада организираа протест пред белградската полиција поради апсењето на колега.
Во соопштението, студентите наведуваат дека полицијата „ненадејно го привела“ нивниот колега околу 20 часот, а дека ниту два часа подоцна на неговиот адвокат не му било кажано каде се наоѓа, „што претставува грубо кршење на основните човекови права и правните норми на Србија“.
Телевизијата Н1 ја пренесе изјавата на студентот Стефан Радојичиќ кој по излегувањето од станицата рече дека е приведен поради видеото објавено на Информер.
„Мобилниот телефон и лаптопот ми беа одземени“, рече тој.
Додаде дека му било кажано дека „за месец до два“ може да очекува повик од Вишото јавно обвинителство за да биде прегледан лаптопот и телефонот.
Студентите, кои повеќе од четири месеци ги блокираат државните универзитети, водат масовни протести на кои присуствуваат стотици илјади луѓе ширум Србија. Во фокусот на барањата е утврдување на кривична и политичка одговорност за смртта на 16 лица при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година.
Зад студентските барања застанаа универзитетски професори, просветни работници, земјоделци, адвокати и актери, заедно со граѓаните кои со месеци се собираат на протести.
Демонстрациите станаа симбол на поширокото незадоволство од владеењето на правото во земјата, заедно со прашањето дали негрижата и корупцијата на системот доведоа до несреќата во Нови Сад.
Лажни дојави за бомби во две училишта во Скопје

Во две училишта во Скопје денеска (8 април) биле добиени дојави за поставени бомби, но по утврдената проверка од полицијата, утврдено е дека се работи за лажни дојави.
„На 08.04.2025 во СВР Скопје од две училишта во Скопје е пријавено дека на електронските адреси добиле дојава за наводно поставена експлозивна направа. Веднаш се преземени соодветни мерки и активности, извршени се потребните проверки и утврдено е дека се работи за лажни пријави“, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Ова не е прв пат да има лажни дојави во училиштата во земјава. Во февруари годинава полицијата евидентираше над 240 дојави за поставени бомби во училиштата низ земјава и за сите беше утврдено дека се лажни.
Четири од осумте пациенти во софиската болница „Пирогов“ денеска ќе бидат пуштени дома

Четворица од повредените во пожарот во Кочани кои беа хоспитализирани во болницата „Пирогов“ во Софија денеска (8 април) ќе бидат пуштени на домашно лекување.
Раководителката на Клиниката за изгореници и пластична хирургија во болницата Маја Аргирова, за БТА изјави дека сите четворица се во добра состојба. Дадени се инструкции за натамошен третман, во тек е лабораториско следење на нивната клиничка состојба, а во зависност од состојбата ќе се проценува евентуална нова хируршка фаза.
Во „Пирогов“ остануваат да се лекуваат уште чевторица други повредени во Кочани.
Прес-центарот на болницата соопшти дека четворицата кои остануваат во болницата се во тешка, но стабилна состојба и се на интензивна нега. Во тек се бројни интервенции за нивно оправување.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани животот го загубија 61 лице, а близу 200 беа поврдени. Некои од повредените беа пренесени на лекување во други земји.
Во Бугарија беа хоспитализирани 15 повредени, од нив осум во болницата „Пирогов“, а другите во болниците во Пловдив и Варна.
Зеленски потврди дека украинските војници оперираат во руски Белгород

Украинскиот претседател Володимир Зеленски за прв пат јавно призна дека украинските сили држат позиции во рускиот регион Белгород.
„Продолжуваме да спроведуваме активни операции во пограничните области на територијата на непријателот и тоа е апсолутно точно. Војната мора да се врати таму од каде што дојде“, рече Зеленски во ноќното обраќање од Киев.
Нема официјална потврда од Москва дека украинските трупи оперираат во Белгород, но локалните власти на Белгород признаваат дека делови од регионот се под постојан украински оган.
Зеленски рече дека врховниот командант на земјата, генералот Олександр Сирски, директно го информирал за операциите во Белгород и Курск.
Руските воени блогери неодамна објавија дека руските трупи уништиле една од нивните брани со бомба фрлена од воздух во близина на селото Поповка, на само неколку стотини метри од украинската граница, во очигледен обид да ги спречат украинските оклопни возила да напредуваат.
Во соседната област Курск, украинските сили одржуваа контрола над делови од територијата неколку месеци. Сепак, трупите оттогаш се повлекоа од поголемиот дел од Курск.
Некои западни аналитичари изразија загриженост дека прекуграничните упади би можеле да ги исцрпат ресурсите од клучните боишта на други места долж фронтот.
Кина одговори на заканата на Трамп за нови царини

Кинеското Министерство за трговија соопшти дека никогаш нема да ја прифати „уценувачката природа“ на американскиот пристап и вети дека ќе се бори против новите царини „до крај“.
Министерството ја нарече изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп за евентуално дополнително зголемување на царините за 50 отсто на кинески производи „грешка по грешка“.
Тој повика да се повлечат сите планови за воведување царини и да се решат разликите меѓу Кина и САД преку дијалог.
Дополнителните американски царини за стоки од Кина ќе достигнат вкупно 104 отсто доколку Пекинг се придржува до контрамерките на царинската офанзива на американскиот претседател Доналд Трамп, соопшти Белата куќа во понеделник (7 април) за АФП.
Доколку се имплементира, тоа ќе ја удвои цената на стоките од Кина во САД.
Трамп се закани дека ќе воведе дополнителни 50 отсто царини, а тие давачки заедно со царината за Кина што веќе ја најави, би можеле да достигнат 104 отсто.
Американскиот претседател се закани дека ќе воведе дополнителни 50 отсто царини за стоки од Кина доколку Пекинг не ги повлече одмаздничките царини од 34 отсто за Америка, објавени минатата недела.
Тие 50 отсто би биле повеќе царините од 34 отсто што Трамп ги објави минатата недела за стоки од Кина, а тие 34 отсто беа над царините од најмалку 20 отсто што Белата куќа и ги наметна на Кина од јануари.
Трамп претходно се закани дека ќе одговори остро на одмазднички мерки од други земји. Тој се закани со царини од 200 отсто за алкохолните пијалоци од Европската Унија и 50 отсто царини за челик и алуминиум од Канада.
Во двата случаи, двете страни постигнаа некаков вид на смирување и покачувањето на царините не се оствари.
И покрај јасните сигнали од Белата куќа дека е заинтересирана за постигнување договор со Кина за тарифите и функционирањето на кинеската социјална мрежа ТикТок во САД, Пекинг сѐ уште не покажал голем интерес за преговори.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете