Достапни линкови

 
Дали законите за работа на клубовите ќе ја амнестираат одговорноста?

Дали законите за работа на клубовите ќе ја амнестираат одговорноста?


Опожарената дискотека „Пулс“ во Кочани, 17 март 2025
Опожарената дискотека „Пулс“ во Кочани, 17 март 2025

Шеснаесетмина се во притвор за пожарот во кочанската дискотека. Градоначалникот не е осомничен иако има претрес во општината. „Пулс“ која работела без лиценца и со низа пропусти го отвори прашањето за хаосот во неусоглсениот систем кој поттикнува корупција. Власта допрва ги „тресе“ дискотеките.

Утрото во недела на 16 март 2025 година во 9 часот и 15 минути беше првото и единствено појавување на градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов откако се случи трагичната несреќа во диското „Пулс“ во неговиот град во која загинаа 59 луѓе, а повеќе од 180 се повредени. Стоеше зад Министерот за внатрешни Панче Тошковски кој даваше изјава, а и покрај тоа што новинарите инсистираа некој од општината да каже дали чувствува одговорност, тој остана нем.

„Ве замолувам дозволете да си ја сработиме работата и да не шпекулираме, да утврдиме точна одговорност“, рече Тошковски.

Во неколку изјави подоцна и од премиерот Христијан Мицкоски, Папазов практично беше амнестиран, а фокусот на вината единствено насочен кон Министерството за економија кое давало лиценци за дискотеката.

„Дали и колкава е одговорноста на градоначалникот, ќе утврди обвинителството. Ако сега претендирате дека тој е ВМРО ДПМНЕ, па ние го штитиме, се лажете. Никого нема да штитиме, и јас да сум, родена сестра, брат да ми е, ќе одговара ако има каква било вина. Инаку, свети ВМРО да е, ако направил грешка ќе одговара“, изјави денеска, на 18 март премиерот Мицкоски.

Според премиерот на фалсификуваната лиценца потпис има од тогашната државна секретарка, а зад архивскиот број на лиценцата стои сосема друг предмет што е комуникација со странски инвеститор.

Но, речиси во исто време кога вчера Папазов на својот профил на ФБ објави дека си дава оставка од морални причини, беше повикан на расапит за истиот случај. Подоцна пуштен откако, како што велат од обвинителството, дал определени појаснувања и сознанија.

„Таквиот исказ се споредува со доказниот материјал и надлежностите на општината, по што ќе биде донесена одлука за неговиот натамошен статус во постапката, информираат од Основното јавно обвинителство.

Денеска во зградата на Општина Кочани има претставници на МВР кои бараат документи како докази. Вчера граѓаните на Кочани протестираа пред општинската зграда, но и пред куќата на градоначалникот барајќи одговорност.

Инаку за трагичниот настан до сега краткотраен притвор добија 16 луѓе, меѓу кои поранешен министер за економија, секретар во истото министерство екс директор на Државниот пазарен инспекторат, службеници и сопственикот на дискотеката.

Протест во Кочани - правда и крај на корупцијата
please wait
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

No media source currently available

0:00 0:02:49 0:00
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

Која е улогата на општините во работата на диско клубовите и кабареата?

Законот за угостителска дејност во неколку наврати ги споменува општините и градоначалниците и нивната обврска поврзана меѓу другото и со клубовите кои работат. Така во членот 8 се вели дека Градоначалникот води евиденција за угостителските објекти во неговата општина. Токму градоначалникот и општината исто така водат евиденција за работното време на угостителите.

Но, законот за угостителска дејност е донесен уште во 2006 година и некој може да добие лиценца само со барање за неа и со податоци, кои под морална и кривична одговорност ги дава самиот сопственик на објектот. На ова синоќа во изјава за Топ Тема на Телевизија Телма реагираше и поранешниот претседател на асоцијацијата на архитекти Мартин Пановски кој кажа дека за иста работа постојат два различни закони со различни прописи што доведува до можност за корупција. Сепак и за него е најспорно тоа што сопственикот е оставен сам да си напише што сака во барањето за лиценца.

„Има закон за угостителска дејност со кој за да добиете лиценца треба да приложите барање, пари за лиценца и изјава од сопственикот дека ги исполнува минималните технички услови. Тоа значи државата му верува на сопственикот. Тоа ви е буквално како да ви регистрираат кола со изјава дека ви е технички исправна. Не знам што и кого ќе судат бидејќи по закон не треба да бара елаборат за против пожар“, вели Пановски.

Тој потврди дека општините не се исклучени од процедурите за работа на угостителските објекти.

„Целата приказна е дека општината е таа која што треба да види што е со градежната дозвола, што се случува таму, како реновирале бидејќи како што се вели по закон и да кречите треба да отидете во општина и да пријавите. А не пак од магацин да правите дискотека. Тука е одговорноста на општината ја има и не дека ја нема. Бидејќи сигурно знаеле дека во градот имаат диско“, вели Пановски.

Објектот кој многумина, па и министри го нарекоа „шупа“, а во кој се случи трагичниот настан, бил дивоградба изградена во 1999 година. Првично служел како текстилна работилница, а негова пренамена во кабаре не е пријавена. Легализиран бил во 2005 година. Реновиран е лани. Лиценца имал од Министерството за економија за која сега власта тврди дека е фалсификат и дека истекувала два дена пред да се случи пожарот.

Инспекција во сите дискотеки

Вчера беше објавено дека во 2024 година има издадено само 12 лиценци за работа на кабаре, а ниту една од нив не е во Скопје. Од денеска се вршат засилени контроли за да се утврди кои клубови работеле нелегално. И Мицкоски сега проблемот го гледа во законот со кој сопственикот сам си потврдува дека не лаже.

„Документите кои ги доставува правното лице кое бара лиценца тврди под морална, материјална и кривична одговорност дека ги исполнува условите. Проблемот е што екс-официо не се проверени тие документи. Така што, овој објект од свои 500 и нешто квадратни метри не може по ниту една основа да биде кабаре и да бара лиценца. Тука дополнително е проблемот правен затоа што за дискотеките сумата што треба да се плати надоместок е поголема визави овие што се лиценцираат како кабаре“, вели Мицкоски.

Тој убедува дека сите кај кои денеска влегува инспекција а не ги исполнуваат условите ќе бидат казнети. И покрај тоа што се отвори сомнеж дека ќе успеат да ги замаскираат пропустите бидејќи инспекцијата беше најавена веднаш по трагедијата во Кочани, тој негира дека во тоа ќе успеат.

„Немам солзи за плачење“ - заеднички час на студентите во знак на почит на жртвите во Кочани
please wait
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

No media source currently available

0:00 0:01:40 0:00
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

И Антикорупциска имала предмет за работата на дискотеките

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) наложила до директорот на Државниот пазарен инспекторат да се достави барање за да се утврди одговорност инспекторите. Биле утврдени незаконитости при инспекциски надзор, а ваквата одлука била донесена на 7 февруари 2024 година, односно пред повеќе од една година.

Дисциплинската постапка се барала затоа што инспекторите оделе во контроли низ угостителски објекти каде што и покрај тоа што откривале дека немаат лиценци наместо да ги затворат ги оставале да работат. Им давале само прекршочни платни налози додека да ја средат потребната докумантација.

Видно од вкрстената анализа на добиените документи и податоци произлегува дека во текот на 2022 година, иако континуирано се вршени контроли и изрекувани се глоби и санкции, истите се плаќани од страна на сопствениците, но локалите не биле затворени иако не поседувале соодветни лиценци, односно дозволи за работа. Фактот дека дел од нив лиценците ги добиле во 2023 година, а два локала се уште немаат побарано дозвола за работа, говори за концентрација на голема моќ и влијанија од страна на сопствениците на овие локали над разни државни тела и органи, што пак од своја страна придонесува за незаконско постапување на инспекторите од Државен пазарен инспекторат, но и од Министерството за внатрешни работи“, пишува во Одлуката на ДКСК.

Нема повратни информации дали било постапено по насоките на Антикорупциската комисија.

Можат ли материјалите да бидат опасни по здравјето?

Салонитните плочи кои содржат азбест кои биле ставени на покривот од дискотеката ги виде целата јавност како горат над главите на младите луѓе, а тие се забранети за употреба поради опасност по здравјето на луѓето. Тоа покажа дека освен сомнителни лиценци, не се почитувале ниту стандардите за вакви објекти.

Докторот Бојан Трајковски вели дека новите азбестни плочи не се штетни, но доколку дојде до нивно кршење или горење постои опасност да се вдишат азбестни честички кој на долг рок можат да предизвикаат канцер.

„Сепак мислам дека не е само азбестните туку опасни се и гасови кои се јавиле како резултат на пожарот и нивното вдишување, како и високата температура која се создала, а која младите ја вдишувале“, вели за РСЕ, Бојан Трајковски.

Инаку употребата на производи со било кој тип на азбест е целосно забранета во земјите од Европската Унија од 2005 година па наваму. При реновирањето дел од вработените сведочеа дека биле ставани евтини материјали, и сунѓер за изолација.

Од синоќа нови 20 луѓе, меѓу кои и пожарникари побарале помош и се хоспитализирани. Директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски апелира сите кои биле во близина на пожарот да се јават на лекар.

„Апелираме сите што биле на местото на трагедијата без разлика дали чувствуваат или не нешто, да се јават на лекар. Сите до еден да ги поминат неопходните лекарски прегледи бидејќи се уште се можни последици во овој случај од респираторните проблеми. И да има паника не е страшно, подобро да има паника и сите да дојдат на лекар, отколку да нема паника и да пропуштиме некој“, рече Клековски.

Голем дел од пациентите кои се во критична состојба имаат проблеми со респираторните органи, а некои дури и оштетувања од превисока температура. Дел од нив се уште дишат со респираторна поддршка.


  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG