Протестот на граѓаните на Кочани што околу пладне почна тивко, траорно и со некој лелек од родителите и роднините на загинатите деца во пожарот во дискотеката „Пулс“ станува се потензичен, се префрли пред Општината која беше каменувана, а потоа кон полициската станица во градот. Неколку стотици граѓани се движат низ градот извикувајќи “Бараме правда“, а револтот расте. По улиците тие превртија неколку возила, искршени се прозорци и демолирано е јафуле на сопственикот на клубот „Пулс“ во кој се случи пожарот.
Репортерите на Радио Слободна Европа пренесуваат дека атмосферата е морничава.
Татко шета низ толпата со фотографија во раце од својот загинат 21 годишен син и бара правда. Дедо на девојче кое се лекува во Софија, Бугарија очекува дека ќе слушне добри вести.
„Јас имам внука која моментлно е во Софија и има проблеми со опекотини и на лицето, на телото и на дишните патишта. Но мене неме боли само за неа,и згубив дете на прв комшија, дете на братучед на жена ми, изгубив деца на многу пријатели, многу ми е тешко“, рече жител на Кочани.
Она што ги обединува насобраните освен тагата е и желбата за правда. Стотиците луѓе кои се потпишуваат во книгата на жалост оставаат тогателни пораки, но и барања за да има одговорност.
„Седат дома сите се кријат. Срамота, децата умреа а 60 фамилии се без деца“, вели жителка на Кочани.
„Сите тука што ги гледате имаат по некој близок што настрадал. Правда бараме, а срамно и жално е за градоначалникот што никаде го нема“, вели друг жител на Кочани.
„Очекуваме институциите да почнат да работат како што треба, преку глава ни е од се. Обичните луѓе страдаат, Кочани плаче, плаче цела Македонија. Ние изгубивме 59 деца, фиданки кои требаше да прераснат во гранки и ќе имаат семејства. Системот со години кај нас не функционира“, вели жител на Кочани.
И на социјалните мрежи се почести и ревносни се пораките за правда.
„Одговорност мора да има, правда за сите жртви“, „Чие име се крие?„ се само само дел од реакциите кои се појавија и на социјалните мрежи, а се од револтирани граѓани кои очекуваат одговорност од секој што е инволвиран во трагедијата во која загинаа 59 млади луѓе а уште 150 се повредени.
Властите пак убедуваат дека граѓаните токму тоа и ќе го добијат.
Обвинителството го зајакна тимот, МВР се уште апси
Јавното обвинителство објави дека се зголемува бројот на обвинители кои работат во истрагата за катастрофалната несреќа во Кочани.
„ Обвинителскиот тим кој работи на истрагата за утврдување на причините за катастрофата во Кочани од утрово е проширен и во моментов го сочинуваат 2 јавни обвинители од ОЈО Кочани, 2 јавни обвинители од ОЈО Штип, 5 јавни обвинители од ОЈО Скопје“, велат од обвинителството.
Според податоците од таму синоќа се издадени дополнителни наредби за пребарување на серверите и на уште еден компјутер во Министерството за економија, како и наредба за графолошко вештачење на потписи на одредена документација. Увидот на местото на несреќата продолжува.
Според изјавата на министерот за внатрешни, Панче Тошковски има околу 23 приведени, од кои за 11 се бара притвор. Она што го кажа е дека сега веќе под истрага се и луѓе од СВР Кочани како и обезбедувањето на дискотеката.
„Приведени се петмина од приватната фирма која го вршела обезбедувањето, 4-ца се обезбедување и еден управител. Се приведуваат уште луѓе и од Министерството за економија, а се приведуваат и сегашни и поранешни вработени во секторот за внатрешни работи Кочани, меѓу кои и началник“, рече Тошковски.
Меѓу повиканите на информативен разговор е и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, но никој за сега не открива дали за него е баран притвор. Меѓу осомничените се сопствениците на дискотеката и на фирмата управител, актуелни и поранешни вработени во Министерството за економија меѓу кои и државниот секретар како и вработени во дирекцијата за заштита и спасување.
На една од вчерашните прес конференции Тошковски истакна дека меѓу осомничените се и членови на групата ДНК и нивниот тим, но најголем дел од нив се починати.
Денеска Тошковски рече дека според сведочењето на преживеан член на бендот, пиротехниката која ја употребувале на настапот ја носеле самите. Дозвола за нејзина употреба немале, а човекот кој ракувал со неа е починат.
„Концертот бил одржан на диво, без писмен договор со изведувачите“, истакна Тошковски.
Токму при искри од пиротехничките средства се запалил покривот на дискотеката при што настана пожар, утврдило и МВР.
Фокусот на истрагата на фалсификаторите на кабаре - лиценцата
Кој и на каков начин биле фалсификувани лиценците за работа на кабарето „Пулс“како што истакна премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни Панче Тошковски, за сега не се открива. Тошковски и денеска повтори дека системот е крив, а вчера Мицкоски и под опасност да не влијае на истрагата го објави името на државниот секретар кој е уапсен а кој ставил потпис на лиценцата. Денеска побара време а цела јавност да види како била фалсификувана лиценцата.
„Овој клуб извадил само два пати лиценца за кабаре во 2021 и 2023 година. Значи цело време работел без лиценца а прашањето е тие што му потпишале како му потпишале и врз основа на кои елаборати и на кои документи. Во 2024 година видовме како му потпишале бидејќи на тоа бројче архивско на кое се води оваа фалсификувана лиценца е коресподенција со странски инвеститори. Нема политика сите ќе одговарате. Од дома за уши ќе ги вадиме“, рече Мицкоски.
Од партијата на поранешниот министер за економија ДУИ, рекоа дека истрагата против него е конструкција.
„Несреќата се случи во време кога на власт е ВМРО-ДПМНЕ со целосна контрола над сите институции и во централна и во локална односно општинска власт во Кочани, има градоначалник на Кочани од редовите на ВМРО и началник на МВР Кочани на предлог на градоначалникот. Министерството за Економија во 2024 година токму поради неисполнување на услови ниту дал одобрение, ниту административните служби во Министерството за економија издале лиценца за ова кабаре односно ноќен клуб за работа. Овој факт се обидува некој да го дефокусира со наводен“, рече Арбер Адеми, портпарол на ДУИ.
На прашањата од јавноста како тоа во град од 25 илјади луѓе толку долго време работела дискотека, во која присуствувале малолетници, која немала валидна лиценца, во објект надвор од сите стандарди, во која се одржувале концерти со многу пиротехника и огнени ефекти, во која посетители биле и полицајци и инспектори властите одговори не даваат.
„Дали МВР е надлежно за обезбедување на јавен ред и мир? Да. Дали согласно закон, МВР треба да ги обезбедува објектите во Македонија? Не. Така е по закон. МВР не може да ги обезбедува сите објекти. Дали МВР требало да било известено за употреба на пиротехника? Да, но, не е известено“, рече Тошковски.
За сега меѓу осомничените нема од локалната самоуправа ниту пак градоначалникот кој е од редовите на ВМРО ДПМНЕ. Тој од случувањето на несреќата не се појави со изјава ниту еднаш, а денеска на социјалните мрежи објави дека си дава оставка од морални причини.
Него денеска го амнестираше и премиерот.
„ Градоначалникот без никаква одговорност е доблесен и поднесе оставка. Објектот е легализиран во 2014 тогаш е до оформена парцелата што е по закон за легализација“, рече Мицковски.
Инаку откриено е дека во 2024 година се издадени вкупно 12 лиценци за кабареа, а сега ќе се истражува и нивната важност. Онаа на кабарето во кое настана пожарот важела до 14 март односно важноста и истекла два дена пред несреќата. И таа била лажна. Мицкоски синоќа рече дека Државниот пазарен инспекторат не можел секој ден да ги контролира сите локали за да знае дека токму тогаш е истечена лиценцата.