Пред Нова година, компаниите во Северна Македонија ќе може да ги користат 250-те милиони евра од унгарскиот кредит кои ќе бидат наменети за македонскиот бизнис.
Вакви се очекувањата на министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочовска, која ги темели на разговорите што ги имала со премиерот Христијан Мицкоски.
Договорот за кредитот од вкупно 500 милиони евра, во име на Владата, Димитриевска-Кочовска го потпиша на 8 октомври во Будимпешта, со унгарската Експорт-импорт банка. Министерката вели дека постапката за префрлање на парите е во тек и следната недела тие треба да легнат на македонска сметка.
Половината од овие пари, ќе се распределат на општините за проекти за што беше распишан и јавен повик, додека другите 250 милиони евра ќе бидат за компаниите. Меѓутоа, конкретни услови, кога ќе биде објавен повикот до фирмите и по кои критериуми ќе се избираат тие сè уште не е прецизирано, барем во јавноста.
„Ќе треба да се направи и една распределба во рамки на буџетот. Ние ќе ги префрлиме парите во Развојната банка. Нормално, сето тоа ќе оди на принцип на позајмица и Развојната банка понатаму ќе ги пласира. Мојата обврска беше да го потпишам кредитот, да ги обезбедам средствата, понатаму да ги префрлам на Развојната банка, веќе понатаму Развојната банка и луѓе кои се вклучени во целата постапка треба да си ги преземат обврските и да ја продолжат понатамошната комуникација со комерцијалните банки“, одговори Димитриевска Кочовска на прашањето на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Кој ќе биде ќарот на комерцијалните банки?
Од она што е познато досега, според изјавите на владините претставници, е дека заемот за фирмите ќе биде под истите услови под кои државата го зема кредитот од Унгарија. Каматната стапка на унгарскиот заем што го зема Северна Македонија е 3,25 проценти со тригодишен грејс период и 12 години рок на отплата.
Меѓу условите кои ќе се бараат од фирмите што ќе сакаат да земат дел од колачот, според најавите, е тие да имаат раст на производството и вработеноста.
Министерката за финансии вели дека очекува ваквата финансиска инјекција да „мобилизираат дополнително уште најмалку 250 милиони евра“.
Но, неодговорено прашање засега останува и која ќе биде провизијата што комерцијалните банки ќе ја земаат со оглед дека преку нив државната Развојна банка ќе ги пласира парите до компаниите.
„Тоа треба како информација да си поттикне од Развојната банка и таа ќе преговара понатаму. Мојата обврска е да ги префрлам парите во Развојната банка и понатаму таа ќе разговара со комерцијалните банки. Премиерот во неколку наврати информираше и на критериумите и во однос на каматната стапка и преговорите како ќе се одвиваат“, вели Димитриевска-Кочовска.
Додека опозицијата критикува дека договорот за заем што таа го потпиша пред два е коруптивен бидејќи е направен вонинституционално, а и се сомнева дека зад унгарскиот кредит стојат кинески пари, министерката денеска го вброи кредитот како едно од достигнувањата во првите сто дена од мандатот.
Таа вели дека во стоте дена работеле да се обезбеди поволни финансирање на буџетските потреби и тоа да биде со „најмал можен трошок“.
„Затоа одлучивме наместо еврообврзница со камата од над 6 проценти да го обезбедиме финансирањето на буџетот со билатерален заем со камата од 3,25 проценти и да направиме заштеда по основ на камати повеќе од 14 милиони евра годишно. Дополнително, се прави заштеда по основ на трошоците за заемот кои се на ниво од само 70.000 евра наместо трошоците за издавање еврообврзница кои достигнуваат до еден милион евра“, посочи министерката во нејзиниот отчет.
Критики и сомнежи
Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, пак, по повод 100 дена од мандатот на Владата, критикуваше дека унгарскиот кредит е „договорен во четири очи“ и заедно со враќањето на оградата околу владината зградата и на споменикот на Ќосето, иронично ги наброја како „единствени проекти“ на новата власт.
Социјалдемократите ,исто така, и забележуваа на власта дека нема јасни критериуми како ќе се распределат позајмените пари, како ниту јасно утврден систем за контрола за трошењето на парите, но и прашуваа која ќе биде политичката цена што ќе ја плати државата.
Сомнежи имаше и за потеклото на парите односно дали всушност станува збор за кинески, а не унгарски средства.
Во пресрет на доаѓањето на унгарскиот премиер Виктор Орбан во Северна Македонија на 26 и 27 октомври, сомнежи околу кредитот, а особено тајмингот, во изјава за РСЕ изрази и Даниел Хегедуш, виш соработник во тинк-тенк организацијата за јавна политика на германскиот „Маршалов фонд“ во Берлин, кој одамна го следи популизмот и демократското назадување во Централна и Источна Европа.
„Времето на издавање на овој заем се чини сомнително, особено со оглед на тековниот буџетски дефицит и нивото на јавниот долг на Унгарија, кои се на височини невидени од финансиската криза 2008-2009 година. Ова е особено загрижувачко со оглед на заемот од 1 милијарда евра што Унгарија го обезбеди од Кина претходно оваа година. Сепак, иако владата не може да користи банки контролирани од државата за директно финансирање на јавниот дефицит, таа ги користи за да го прошири својот политички и економски досег во странство“, рече Даниел Хегедуш.
Орбан, пак, чија официјална посета на земјава минатиот беше во Охрид, отфрли каква било поврзаност на парите со Кина.
„Што се однесува до заемот, кинески заем не можеме да даваме, кинески пари не можеме да даваме. Ние со Кина имаме договор дека сите пари кои доаѓаат од Кина одат за конкретни проекти, кинески пари не можеме да ви даваме, но европски пари може да ви дадеме и тие ќе ви ги даваме“, изјави тогаш Орбан пред македонските новинари.
Тој и премиерот на Северна Македонија го договорија кредитот на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон во јули годинава. Пред да дојде до потпишувањето на 8 октомври, во Собранието на 17 септември беше изгласан и Закон за овој заем.