Достапни линкови

Внимателно кон трет мобилен оператор


Илустрација
Илустрација

Опозицијата предупредува на можна опасност од влезот на унгарскиот „4IG“ на македонскиот телекомуникациски пазар поради соработката со кинески „Хуавеи“. Според Меморандумот за безбедност на 5Г технологијата меѓу САД и Северна Македонија, „Хуавеи“ спаѓа во „непроверени и некредибилни“ производители. Од „4IG“ за РСЕ велат дека стратегијата за ширење ги почитува локалните прописи и Програмата „Чиста мрежа“

И по еден месец откако е потпишан Меморандумот за разбирање и обостраниот интерес на Северна Македонија и унгарската компанија „4IG“ за либерализација на телекомуникациската мрежа, досега до Агенцијата за електронски комуникации не е пристигнато никакво официјално барање за покажување интерес - ниту од страна на Владата ниту од унгарскиот „4IG“.

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) е институцијата која треба да ја спроведе постапката за избор на евентуален трет мобилен оператор во Северна Македонија.

Директорот на институцијата Јетон Акику за РСЕ вели дека постапката налага дека врз основа на покажан интерес, АЕК треба да направи анализа, да се отвори јавен повик и да се спроведе тендерска постапка.

„Може и самиот оператор официјално да пројави интерес, потоа според закон треба да има и јавна дебата и тендерската постапка да се достави до сите меѓународни телекомуникациски институции за да може подоцна сите заинтересирани страни да се јават на тендерот“, вели Акику за РСЕ.

Различни најави за истражување на пазарот

Писмото со намери за влез на македонскиот телекомуникациски пазар кое на 6 август го испрати унгарската компанија „4IG“ прерасна во Меморандум за разбирање, на кој заеднички потпис на 2 септември ставија претседателот на групацијата Гелерт Жасзаи и министерот за транспорт и врски Александар Николовски.

Средбата на која се постигна „прелиминарен договор за долгорочна соработка за поддршка на дигиталната трансформација на Северна Македонија“ помина без јавност и присуство на медиуми.

Во соопштението од унгарската компанија беше најавено формирање на работна група.

„Партнерите ќе формираат заедничка работна група за унапредување на соработката, со цел истражување на пазарот можности и забрзување на соработката“, се наведува во соопштението на „4IG“.

РСЕ ги праша и унгарската компанија и Владата - зошто доколку „4IG“ не е договорен партнер за влез на пазарот би се формирала заедничка работна група за истражување на пазарот.

Од Владата за РСЕ одговорија дека таа не е формирана.

„Работна група може да се случи откако ќе се склучи договор, ако воопшто се склучи договор. Во овој момент е само потпишан Меморандум за разбирање. Од тоа е јасно дека сите следни чекори се преземаат од „4IG“, а не од Владата“, рекоа од Владата за РСЕ.

Соопштение на унгарската компанија 4IG, 2 сепмтеври 2024 година
Соопштение на унгарската компанија 4IG, 2 сепмтеври 2024 година

Од унгарската групација не дадоа конкретен одговор , но велат дека се подготвуваат за тендерот кој допрва треба да се распише.

„Овој Меморандум за разбирање е првиот чекор од можна долгорочна соработка. Всушност, тоа покажува заемна посветеност „4iG“ да влезе на македонскиот пазар. Групацијата „4iG“ е присутна во Албанија и Црна Гора со брендот ОНЕ и е дел од долгорочната деловна стратегија за проширување на мрежата во регионот. Значи, Македонија е една од пресвртниците во оваа експанзија. Процесот сега е во фаза на подготвителни работи потребни за усогласување со тендерската постапка“, одговорија од „4IG“ за РСЕ.

Аларм за претпазливост од ризик

Во октомври 2020 година, владите на Соединетите Американски Држави (САД) и Северна Македонија потпишаа потпишаа Меморандум за разбирање и за безбедност на 5Г технологијата. Со меморандумот, Северна Македонија се обврза дека нема да користи 5Г технологија од „непроверени и некредиблни“ производители, меѓу кои спаѓаат кинеските „Хуавеи“ и „ЗТЕ“.

Од амбасада на САД во земјава порачуваат дека Владата ќе продолжи да го почитува договорот.

„САД и Северна Македонија ја споделуваат целта за заштита на комуникациските мрежи од прекини и манипулации и заеднички потпишаа Меморандум за разбирање за безбедноста на 5G во 2020 година како дел од тие напори. Се надеваме дека владата ќе продолжи да го штити интегритетот на мрежата, да избегнува недоверливи добавувачи на хардвер и софтвер и да обезбеди безбеден и етички 5G екосистем во Северна Македонија“, рекоа од амбасадата за РСЕ.

Унгарско-кинеската соработка меѓу нивните национални телекомуникациски компании претставува ризик за критичната инфраструктура на Северна Македонија, кажа претходно поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, без да образложи подетално.

„Ова е спротивно на интересите на нашите стратешки партнери“, рече Бектеши.

За координаторот на пратничката опозициска група на СДСМ во Собранието, Оливер Спасовски, по унгарскиот заем, во иднина може да се очекуваат и други договори на релација Унгарија - Северна Македонија. Сепак, и тој апелира на претпазливост во процесот.

„Мораме сериозно да размислиме во однос на овој трет мобилен оператор, заради тоа што Северна Македонија е земја членка на НАТО Алијансата и ние мораме во овој дел да имаме предвид дека сме преземале одредени обврски кои што на никој начин не смеа да загрози нашата критична инфраструктура на државата“, вели Спасовски за РСЕ.

Евентуалниот влез на унгарскиот „4IG“ на македонскиот пазар, за Ана Крстиновска од невладината организација „Естима“, која е експерт и долгогодишен набљудувач на кинеското влијание во Северна Македонија и регионот, значи и потенцијална влезна точка на Кина преку „Хуавеи“.

„Сепак, дали, во колкав степен и на кој начин зависи конкретно од тоа како унгарската компанија ќе ги постави операциите во земјата и дали ќе се усогласи со нашите критериуми за безбедни добавувачи. Тука пред се мислам на усогласеноста со Иницијативата за чисти мрежи која Владата ја потпиша во 2020 година со цел да се ограничат ризиците поврзани со приватноста и безбедноста на податоците, а кои произлегуваат од авторитарни држави, но и воопшто стандардите кои треба да ги запазиме со нашето членство во НАТО. Тоа е нешто што треба да се има предвид и да се побара од унгарската компанија, со цел гарантирање на безбедноста при пренос и чување на податоци на македонските корисници“, вели Крстиновска.

Од унгарската „4IG“ за РСЕ велат дека ги имаат во предвид македонските локални регулативи.

„4iG Group“ целосно ги почитува и ги исполнува локалните регулативи без оглед на кој било регион. На пример, One Albania го користи Ericsson, не само како технолошко наследство, туку и за усогласување со регулаторот, но One Montenegro работи на хардвер ZTE што е исто така наследена ситуација. Главниот приоритет е да се следат и да се усогласат со локалните прописи“, одговорија од унгарската компанија за РСЕ.

Унгарската компанија напиша и дека Меморандумот за разбирање e целосно во согласност со „Планот за одржливост на Северна Македонија 2030 година“ и посветеноста на оваа балканска земја кон Програмата „Чиста мрежа“.

„4IG“ и врските со кинескиот Хуавеи

Засега единствената компанија која покажува интерес за трет мобилен оператор и има потпишано Меморандум со македонската Влада е фирмата „4IG“, која унгарските медиуми низ истражувачки текстови ја поврзуваат како блиска на тамошниот премиер Виктор Орбан и тесен круг на луѓе околу него.

Речиси пет месеци пред потпишувањето на Меморандумот со Северна Македонија, унгарскиот 4IG и кинескиот гигант Хуавеи потпишаа писмо со намери за воспоставување на заедничка платформа за cloud услуги за унгарските компании и големите кинески и азиски компании со присуство во Централна и Источна Европа (ЦИЕ). Писмото со намери се потпиша за време на посетата на кинескиот претседател Кси Џинпинг на Будимпешта од 8-10 мај 2024 година.

Потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу кинески Хуавеи и унгарски 4IG на 10 мај 2024 година.
Потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу кинески Хуавеи и унгарски 4IG на 10 мај 2024 година.

Кинескиот Хуавеи и унгарскиот 4IG потпишаа писмо со намери за воспоставување заедничка платформа за облак услуги за унгарските компании и големите кинески и азиски компании со присуство во Централна и Источна Европа за време на посетата на кинескиот претседател Кси Џинпинг на Будимпешта од 8-10 мај 2024 година.

Според писмото, Хуавеи и 4iG ќе обезбедат заеднички cloud на услуги преку посебен центар за податоци, со посветена и изолирана инфраструктура и се наведува дека нема да влијае на постојната cloud услуга на 4iG.

4IG: Не сме дел од соработката меѓу двете земји

Со промената и доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ во Северна Македонија, актуелната влада ги зацрсти релациите со унгарската влада. Во јули, на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон, премиерот Мицкоски се сретна со неговиот унгарски колега Виктор Орбан. Мицкоски објави дека договориле „специјална економска соработка“, која во оваа фаза подразбира заем од Унгарија за земјава од 500 милиони евра.

Орбан: Заемот за Северна Македонија не се кинески, туку европски пари
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:16 0:00

На прашањето на РСЕ дали евентуалниот влез на македонскиот пазар на 4IG може да се толкува како дел од таа „специјална економска соработка“, од компанијата велат дека „не се вклучени во директната соработка меѓу двете земји“ и дека стратегијата за раст и проширување на 4iG е целосно независна од која било политичка иницијатива.

„Оваа стратегија беше поставена пред неколку години во 2020-2021 година и 4iG успешно направи 19 аквизиции од тогаш. Компанијата на групацијата има подружници во Албанија и Црна Гора. Сите овие работат под брендот One досега со повеќе од 2,2 милиони домаќинства и 400 илјади деловни клиенти. Најновите аквизиции во Унгарија, ја направија 4iG Груп втората по големина телекомуникациска компанија во земјата, со вкупно 3 милиони мобилни и речиси 2 милиони корисници на фиксна линија. Унгарската држава е малцински инвеститор во телекомуникациските компании на 4iG, но професионално-финансиската контрола и раководството се во рацете на менаџментот на 4iG“, одговорија од компанијата.

За поранешниот амбасадор во Унгарија, Игор Есмеров, ова е трет или четврт мобилен оператор присутен во последните 30 години, но вели дека никогаш не се поставувало прашањето за некој специфичен интерес, различен од комерцијалниот и почитување на конкуретноста на пазарот.

„Мислам дека и во овој случај ќе биде исто. Ако се сеќавате и во минатото сме земале заеми и немало големи дилеми. Мислам дека се работи исклучително за бизнис одлуки, особено што државата е малцински сопственик и не верувам дека некој би работел без добро обмислена финансиска стратегија и профит“, вели Есмеров.

На 17 септември, Собранието на Северна Македонија го изгласа Законот за заем од половина милијарда евра од Унгарија.

Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Меморандумот за разбирање што е потпишан меѓу унгарската компанија 4IG и македонската влада е необврзувачки и претставува само форма на изразување на интерес, што може да го покажат и други компании кои би сакале да се натпреваруваат на тендерска постапка. Кога и дали ќе биде распишан тендер за трет мобилен оператор се уште нема никаква одлука.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG