Достапни линкови

Вести

Мицкоски: Единствен начин да се стави крај на овој дуопол е да се промовира трет мобилен оператор

Христијан Мицкоски, премиер на Република Северна Македонија
Христијан Мицкоски, премиер на Република Северна Македонија

Како Влада мора да работиме да го заштитиме стандардот на граѓаните и да ги подобриме услугите кои ги добиваат. Токму тоа е причината што се обидуваме да внесеме трет мобилен оператор на пазарот. Сега е само на ниво на интерес и информација и немаме никаков конкретен чекор, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

„Тоа е актуелно деновиве во јавноста и знаеме дека таа битка ќе биде многу жестока бидејќи

дуополот што во моментот е на пазарот кај нас грчевито ќе се обиде да ја задржи оваа ситуација на дуопол и тоа ни е јасно. Но наш интерес е стандардот на граѓаните и свесни сме дека услугите кои што ги плаќаат граѓаните како резултат на овој дуопол кој што функционира можеби се едни од највисоките во регионот па и во Европа“, рече Мицкоски.

Тој рече дека која било компанија што ќе има интерес да стане трет мобилен оператор и дел од пазарот, потребно е да ги исполнува условите и критериумите во согласност со определбите од државата.

Унгарскиот телекомуникациски оператор „4iG Групација“ испратил писмо со намери до владата на Северна Македонија, што беше потврдено и во владино соопштение.

„4iG Групацијата” изрази интерес за анализа на условите за влез на телекомуникациски пазар во Македонија и нудење на услуги во мобилната и фиксна телефонија. Иницијативата е усогласена со стратегијата на “4iG Групацијата” за проширување на своето присуство во земјите од Западен Балкан“, пишуваше во соопштението од владата.

Претходно беше објавено дека за време на официјалната посета на Будимпешта, Унгарија, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, оствари средба со Гелерт Жасзаи, претседател на “4iG Групацијата”.

види ги сите денешни вести

Хаменеи: Иран „нема да отстапи“ додека Израел напаѓа во Бејрут

Ајатолахот Али Хаменеи
Ајатолахот Али Хаменеи

Во кратко обраќање во јавноста, врховниот ирански лидер, ајатолахот Али Хаменеи го одбрани ракетниот напад на Иран против Израел кој се случи неделава, велејќи дека тоа е „легитимно и легално“ и дека „ако е потребно“, Техеран ќе го повтори тоа.

Говорејќи на фарси и на арапски за време на петочната молитва во центарот на Техеран на 4 октомври, Хаменеи рече дека Иран и регионалните посредници што ги поддржува нема да се повлечат од Израел, бидејќи стравувањата од поширок регионален конфликт на Блискиот Исток растат среде бранот повеќекратни масовни воздушни напади и копнеен упад на Израел во Либан.

Иран нема „да одолговлекува ниту да дејствува набрзина за да ја изврши својата должност“ во соочувањето со Израел, рече Хамнеи, додавајќи дека нападот од проектили истрелани кон Израел претходно неделава е „легален и легитимен“.

Обраќањето на Хаменеи дојде неколку часа откако огромните експлозии испукаа пламени топки високо кон небото додека израелските воздушни напади ги потресоа предградијата на Бејрут, со големи експлозии кај меѓународниот аеродром во Бејрут кој граничи со Дахие - упориште на Хезболах, милитантна група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан.

Израелската војска не ја коментираше целта на нападите, но некои медиуми и аналитичари шпекулираа дека локацијата, големината и опсегот укажуваат дека тоа би можело да биде Хашем Сафиедин, кој нашироко се смета за фаворит за преземање на раководството на Хезболах. Засега не е јасно дали Сафиедин е убиен во нападите.

Претходниот водач на групата, Хасан Насрала, беше убиен минатата недела во израелски воздушни напади врз командниот центар на Хезболах, кој е означен како терористичка организација од САД, додека Европската Унија го стави на црната листа само вооруженто крило, но не и нејзината политичка партија, која има места во либанскиот парламент.

Упадот на Израел во Либан, кој започна претходно оваа недела, предизвика страв од поширок конфликт на Блискиот Исток.

Загриженоста порасна кога Техеран на 1 октомври започна масовен балистички ракетен напад врз Израел, негов најголем досега, како одмазда за кампањата што ја започна еврејската држава во јужен Либан против Хезболах, што предизвика предупредувања за контрамерки од Израел и нејзиниот главен сојузник, САД.

Настапот на Хамнеи на 4 октомври беше првпат по речиси пет години тој да одржи јавна проповед. Последен пат тој ги водеше петочните молитви во јануари 2020 година по иранскиот ракетен напад врз американската воена база во Ирак како одговор на убиството на командантот на Револуционерната гарда Касем Сулејмани во американски напад во Багдад.

Германската полиција предупредува на можни немири на 7 октомври

илустрација
илустрација

Германскиот полициски синдикат предупреди на потенцијални немири во земјата на 7 октомври кога е годишнината од нападот на Хамас врз Израел, јави ДПА. Хамас е прогласна за терористичка организација од Соединетите Држави и Европската Унија.

„Очекуваме пристојност од сите во Германија на 7 октомври“, изјави денеска претседателот на синдикатот Јохен Копелке.

Тој рече дека полицијата презема решителна и доследна акција против одговорните за насилство и неред, додавајќи дека сите безбедносни агенции во Германија имаат потреба од персонал на 7 октомври.

Полицискиот синдикат на Берлин за Си-Ен-Ен изјави дека властите се подготвуваат за динамична ситуација низ градот поради напнатата ситуација и со голема загриженост гледаат на наредните денови.

Тие истакнуваат дека пропалестинските демонстрации веќе прераснале во антисемитски и имало инциденти на насилство. Се очекува ситуацијата на Блискиот Исток и она што се случува во Израел, Либан и Иран да влијае на јавните демонстрации во германската престолнина.

На 7 октомври 2023 година, Хамас изврши терористички напад врз Израел во кој загинаа околу 1200 луѓе, а околу 240 луѓе беа земени како заложници во Газа.

Израел одговори со жесток и постојан контранапад во Газа. Здравствените власти во Газа, контролирани од Хамас, објавија дека бројот на загинати таму е над 41 000 од 7 октомври 2023 година. Конфликтот предизвика бројни пропалестински демонстрации ширум светот, вклучително и во Германија, а во некои од нив имаше насилство.

Иранскиот шеф на дипломатијата Арагчи во посета на Бејрут

Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран
Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран

Шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи денеска (4 октомври) пристигна во посета на главниот град на Либан, Бејрут.

Неговата посета на Бејрут е во момент кога се интензивирани израелските воздушни напади врз цели на Хезболах во Либан.

Тоа е прва посета на висок ирански претставник по убиството на лидерот на Хезболах, Хасан Насрала на 27 септември во израелски воздушен напад врз Бејрут.

Предвидено е Арагчи во Бејрут да се сретне со либанскиот премиер Наџиб Микати и претседателот на Парламентот, Набих Бери, кој е близок сојузник на Хезболах.

Литванија ратификуваше договор за распоредување на 5000 германски војници во земјата

илустрација
илустрација

Литванија го ратификуваше заедничкиот договор со Германија за распоредување на германска борбена бригада во балтичката земја-членка на НАТО, при што сите 88 пратеници присутни на гласањето го поддржале планот, јави ДПА.

Договорот, склучен во Берлин на 13 септември, предвидува распоредување и на германски војници и на цивили од германските вооружени сили во Литванија.

Како одговор на променетата безбедносна ситуација во Европа по руската инвазија на Украина, Германија одлучи трајно да ја распореди својата борбена бригада во Литванија, која треба да биде подготвена до 2027 година. Планот предвидува распоредување до 5000 германски војници во земјата, од кои 80 отсто ќе бидат сместени во воената база во Руднинкаи, а останатите во јужниот литвански град Рукла.

Германска командна единица од околу 20 војници дојде во Литванија уште на 8 април, а уште 120 се очекува да пристигнат на почетокот на октомври.

Литванските пратеници почнаа да расправаат за планот минатата недела, откако германскиот министер за одбрана Борис Писториус се обрати во Парламентот. Литванскиот министер за национална одбрана Лауринас Кашунас го поздрави чекорот како „уште еден камен-темелник на стратешкото партнерство“ со Германија.

Германските пратеници исто така мора да го ратификуваат договорот, иако сè уште не е одреден датум. За време на неговата неодамнешна посета на Литванија, Писториус рече дека очекува процесот на ратификација да биде завршен следната година.

update

Поплавени повеќе градови во БиХ, најтешка е состојбата во Јабланица

илустрација
илустрација

Владата на Херцеговско-неретванската жупанија соопшти дека се пронајдени десетина мртви тела и дека „има многу повредени“, по обилните врнежи во текот на ноќта (4 октомври), предизвикани од лизгање на земјиштето и одрони на југот на Босна и Херцеговина. Портпаролот на Владата, Дарко Јука изјави дека е најкритична состојбата во областа Долна Јабланица, на патот од Мостар до Сараево.

„Трудницата, чие дете и почина во утробата, беше евакуирана од подрачјата погодени од поплавите на југот на Босна и Херцеговина и e оперирана во Мостар“, изјави Ламија Дурановиќ, директор на кантоналната болница „Д-р Сафет Мујиќ“ за Радио Слободна Европа.

Повреден е и нејзиниот сопруг, но е надвор од животна опасност.

„Примено е уште едно десетгодишно дете кое било донесено со хеликоптер на ЕУФОР, чиј живот не е загрозен“, рече Дурановиќ, додавајќи дека пациентите постојано пристигнуваат, а се превезуваат со хеликоптери или амбулантни возила.

Претходно надлежните потврдија дека има жртви на подрачјето на општина Јабланица.

„За жал, според првите информации, имаме и човечки жртви. Побаравме и помош од вооружените сили на Босна и Херцеговина да испрати хеликоптер за да го спаси животот на детето во Јабланица“, рече Марија Бухач, претседател на Владата на Херцеговско-неретванскиот кантон (ХНК).

На вонредна седница на 4 октомври, Претседателството на Босна и Херцеговина едногласно донесе одлука за ангажирање на вооружените сили на Босна и Херцеговина на поширокото подрачје на општина Јабланица.

Итно биле ангажирани инженерски единици, единици за спасување луѓе и хеликоптер на вооружените сили на БиХ, со цел да се обезбеди итна помош на цивилните власти за одговор на природната катастрофа - големи поплави и лизгање на земјиштето во поширокото подрачје на општината Јабланица.

Адил Шута, командант на Штабот за цивилна заштита на ХНЖ и министер за финансии, рече дека ги ангажирале сите расположливи сили и дека „од Мостар се движат кон Јабланица“ и дека во дел од Бутуровиќ Поље, село меѓу Јабланица и Коњиќ, ситуацијата е „ критична“.

Портпаролот на Владата на ХНК Дарко Јука изјави дека патот е целосно во прекин, а телефонската комуникација делумно е прекината на подрачјето на Јабланица и Коњиќ. Тој прецизира дека имало сериозни одрони и излевање на реки, а пропаднале и патиштата од Јабланица кон север и градот Прозор-Рама.

Од противпожарната служба на Јабланица за РСЕ велат дека екипите се на терен и дека ситуацијата е критична. Тие наведуваат и дека поради обилните врнежи и одрони затворени се делови од патиштата од Коњиќ кон Мостар, како и патниот правец Прозор-Рама-Јабланица.

Железниците на Федерацијата Босна и Херцеговина за РСЕ потврдија дека железничкиот сообраќај меѓу Сараево и Чапљина е откажан. Како што јави дописникот на РСЕ од Мостар, Мирсад Бехрам, некои мостови се однесени од водите во областа на овој град.

Поради обилните врнежи, поплавени се и делови од општините Кисељак, Крешево и Фојница, во централна БиХ. Од Службата за цивилна заштита на општина Кисељак за РСЕ велат дека во текот на ноќта биле поплавени неколку куќи.

Пожар во складиште за нафта во рускиот регион Воронеж

Пожар во руско складиште за нафта
Пожар во руско складиште за нафта

Украински напад со беспилотно летало предизвика пожар во голем магацин за нафта во југозападниот руски регион Воронеж рано во петок (4 октомври), објави гувернерот на регионот Александар Гусев на Телеграм.

Тој рече дека пожарот бил предизвикан од остатоци од дрон соборен од руски противвоздушни системи над складиште во областа Анински.

„Се запали празна цистерна. Според првичните информации нема повредени. Противпожарните екипи работат на терен“, напиша Гусев.

Руските канали Телеграм објавија видеа на кои наводно се гледа пожар на местото на падот на дронот.

Телеграмскиот канал Астра, повикувајќи се на локалните жители, објави дека е погодено складиштето за нафта „Ананефтепродукт“.

Орбан: ЕУ води „економска студена војна“ со Кина

Виктор Орбан
Виктор Орбан

Економската стратегија на Европската Унија претставува „економска студена војна“ и Унгарија не сака да биде притисната во ниту еден блок и сака да продолжи да тргува со двете страни, изјави премиерот Виктор Орбан за државното радио во петокот.

Орбан додаде дека производите произведени во ЕУ ќе биде сè потешко да се продаваат ако светската економија се подели на два блока и дека е нејасно дали Унгарија може успешно да ја продолжи својата стратегија за „економска неутралност“.

Во контекст на домашната економија тој вели дека унгарската влада треба прво да го рестартира растот, а потоа да се фокусира на зголемувањето на платите, така што просечната месечна плата може да се зголеми на 1 милион форинти (2749 долари) во следните 2-3 години.

Орбан додаде дека ограничувањата на цените се неодржливи на долг рок и може да се применат само за многу краток период под екстремни околности.

Израел продолжува со нападите во Либан, експлозии во близина на аеродромот во Бејрут

илустрација
илустрација

Неколку експлозии ја потресоа областа во близина на аеродромот во Бејрут. Либанското Министерство за транспорт соопшти дека пошироката област на аеродромот била погодена.

Во последните 24 часа загинале најмалку 37 лица, а 151 е ранет, соопшти локалното Министерство за здравство, пренесува Ројтерс.

Израел го бомбардираше центарот на Бејрут претходно во четвртокот, откако израелските сили го претрпеа најсмртоносниот ден на либанскиот фронт во една година конфликт со Хезболах, милитантната група поддржана од Иран.

Израел соопшти дека извршил прецизен воздушен напад врз Бејрут. Очевидци на Ројтерс изјавија дека виделе голема експлозија, а безбедносните сили соопштија дека целта била зграда во централниот кварт Бахур во Бејрут, во близина на зградата на парламентот.

Три проектили го погодија и јужното предградие Дахија, каде минатата недела беше убиен лидерот на Хезболах Хасан Насрала.

Нападите на Израел во јужен Либан продолжија доцна вечерта на 3 октомври, откако девет лица беа убиени во напад на станбена зграда во центарот на Бејрут, додека во посебна операција на Западниот Брег бил елиминиран палестински милитант кој претходно бил вклучен во линч на израелските резервисти.

Израелската армија, исто така, повика на итна евакуација на повеќе од 20 градови во јужен Либан, вклучувајќи го и главниот град на провинцијата Набатие, очигледно укажувајќи дека израелската операција против Хезболах ќе биде проширена.

Хезболах е и вооружена група и политичка партија која го контролира поголемиот дел од јужен Либан. САД ја сметаат за терористичка организација, додека Европската Унија го стави на црната листа само неговото вооружено крило.

Либанското Министерство за здравство соопшти дека девет лица се убиени во нападот на Бејрут, што е прв напад врз центарот на либанската престолнина од 2006 година.

Израел соопшти дека неговиот воздушен напад врз Бејрут бил прецизна операција, додека извор од безбедносните сили рече дека целта била станбена зграда во централната населба Бачура во близина на либанскиот парламент.

Група за цивилна одбрана поврзана со Хезболах соопшти дека седум нејзини членови, вклучително и двајца здравствени работници, биле убиени во напад во Бејрут.

Според либанските безбедносни претставници, во посебен ракетен напад врз зграда во јужниот либански град Бинт Џбеил загинале 15 членови на Хезболах, додека друг напад беше насочен кон јужното предградие Дахије, каде што минатата недела беше убиен лидерот на Хезболах Хасан Насрала.

Израелската армија во четвртокот (3 октомври) објави дека е убиен високиот оперативец на Хамас Равхи Муштаха, шеф на владата на Хамас во појасот Газа.

Израел најави дека ќе возврати на иранскиот ракетен напад
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:56 0:00

Претходно, во израелски напад врз сириската престолнина Дамаск загинаа четири лица, меѓу кои и Хасан Џафар ал-Касир, зетот на Насралах, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Велика Британија.

Последните израелски напади след еден ден откако Израел објави дека осум негови војници биле убиени за време на неговиот упад во јужен Либан, што е најголем број на израелски воени жртви во еден ден откако беше започната прекугранична офанзива оваа недела.

Македонската армија ќе одржи методско-показна вежба на Криволак

илустрација
илустрација

Премиерот Христијан Мицкоски, амбасадорката на Соединетите Држави во Република Северна Македонија, Анџела Агелер, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски ќе присуствуваат на денешната методско-показна вежба на армискиот полигон „Криволак“.

„По реализација на вежбата ќе биде одржан и тактичко-технички збор, каде ќе биде претставена дел од новопримената опрема, како дел од процесот за модернизација и опремување на Армијата“, се наведува во соопштението на Министерството за одбрана.

Како што информираа од Министерството за одбрана, припадниците на Армијата од лесната пешадиска борбена група ќе реализираат вежба со боеви гаѓања - демонстрација на капацитетите и способностите.

Хрватска следната недела ќе биде домаќин на Балкански самит за Украина

Архивска фотографија, хрватскиот премиер во посета на Киев
Архивска фотографија, хрватскиот премиер во посета на Киев

Хрватска, следната недела ќе биде домаќин на Самитот на балканските лидери посветен на Украина. На Самитот ќе присуствува и украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави на 3 октомври хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

„Целта на состанокот, кој ќе се одржи во јужното јадранско одморалиште Дубровник, е целиот регион да се обедини во поддршката за Украина и украинскиот народ во борбата за слобода“, изјави хрватскиот премиер Пленковиќ на редовната владина седница.

Претходниот самит „Украина-Југоисточна Европа“ се одржа во февруари во главниот град на Албанија, Тирана.

Зеленски присуствуваше на тој собир и повика на поголема поддршка за да се помогне да се одвратат руските сили, при што неговите трупи од првата линија страдаат од недостиг на муниција.

Во четвртокот, зборувајќи заедно со новиот шеф на НАТО Марк Руте во Киев, Зеленски рече дека неговата земја се обидува да ги убеди своите западни поддржувачи да му помогнат со модерна воена опрема со која ќе можат да ги соборат руските ракети и беспилотни летала испукани врз Украина.

Самитот во Хрватска ќе се одржи во услови на внатрешен спор меѓу владата и претседателот Зоран Милановиќ околу Украина.

Милановиќ во вторникот одби да го поддржи предлогот на владата за испраќање хрватски офицери во мисијата на НАТО во Германија за обука на украински војници.

Милановиќ, чии овластувања се ограничени, но е врховен командант на вооружените сили на земјата, на социјаната мрежа Фејсбук напиша дека нема да дозволи хрватските војници да „учествуваат во активности што ја туркаат Хрватска во војна“.

Премиерот го обвини Милановиќ дека дејствува против националните интереси.

Тој ги повика пратениците да ја поништат одлуката на претседателот, за што е потребно двотретинско мнозинство гласови во парламентот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG