Достапни линкови

Орбан и Мицкоски прво на билатералка, а потоа на владина седница


Пред тет-а- тет средбата со македонскиот колега, унгарскиот премиер Виктор Орбан се појави во близина на прес-центарот во хотелот во Охрид каде што е сместен и каде што ќе се одржи меѓувладина конференција подоцна во текот на денот.

Орбан пиеше кафе, имаше телефонски разговори и читаше документи на терасата од хотелот од каде потоа се упати кон премиерската вила што е во непосредна близина.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан пред средбата со македонскиот премиер Мицкоски во Охрид, 27 септември 2024
Унгарскиот премиер Виктор Орбан пред средбата со македонскиот премиер Мицкоски во Охрид, 27 септември 2024

Во меѓувреме, се одржуваат и повеќе билатерални средби на министерско ниво. По нив, ќе следува меѓувладина конференција, а двајцата премиери ќе одржат и заедничка прес-конференција.

Унгарскиот премиер, кој ја предводи владината делегација, од вчера е во посета на земјава.

Унгарија во моментов претседава со ЕУ, а Орбан во втората половина од годинава е и претседател на Советот на Европската Унија.

Како што информираат од Владата, на маргините на дводневната посета предвидена е и прошетка во Охрид, посета на црквата Богородица Перивлепта, Античкиот театар и манастирскиот комплекс Свети Наум, а премиерите на двете земји ќе положат цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј во Охрид.

Безбедноста околу хотелот е на највисоко безбедносно ниво - забележливо е големо полициско присуство, а со полициски хеликоптер регионот се надлегдуваше и од воздух. Полициски екипи од вчера се расподерени и низ градот.

За време на Самитот на НАТО во Вашингтон што се одржа во првата половина на јули, Мицкоски со Орбан договорија кредит од Унгарија во висина од 500 милиони евра. На 17 септември, Законот за унгарскиот кредит беше изгласан во Собранието, по скратена постапка.

Заемот од Унгарската експорт - импорт банка, приватно друштво со ограничена одговорност, ќе се повлече во една транша, рокот за отплата е 15 години, со вклучен грејс период од три години, а каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти. Ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година.

Опозицијата во Собранието, тогаш обвини дека договорот за заемот е направен зад затворени врати, со крајно сомнителни намери и носи политички и економски последици со енормно зголемување на јавниот долг. Наспроти нив, од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека постапката е транспарентна и оти првпат има заем за кој однапред се знае за што ќе биде потрошен иоти ќе се помогне на општините и на стопанството.

Орбан во 2013 година бил во официјална посета на земјава, кога и е одликуван со Орден „8 Септември“ за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и мирољубива соработка на Македонија и Унгарија. Орденот му го врачи тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов, а имал средби и со тогашниот премиер Никола Груевски.

XS
SM
MD
LG