Достапни линкови

Вести

Почнува учебната година за 245 илјади основци и средношколци

Илустрација
Илустрација

За 245 илјади основци и средношколци денеска почнува новата учебна 2024/25 година. Учебната година ќе трае до 10 јуни за сите ученици, со исклучок на учениците од завршните години во средно образование, кои ќе имаат настава до 16 мај. Наставата почнува со физичко присуство, а онлајн настава ќе има само за учениците од неколку училишта каде не е завршена на време реконструкција или набавка на опрема, како клупи и столчиња за учениците.

Во 140 училишта ќе се одвива едносменска настава, за која надлежните се залагаат да се воведе во сите училишта во државата.

Прв пат по седум години учебната година почнува со навремено испорачани учебници во сите основни училишта во државата. На првиот училитен ден учениците ќе ги добијат учебниците. Според ресорното министерство, обезбедени се 10-тина нови наслови во основното и над 100 во средното образование, кои досега не биле отпечатени.

Министерството за образование и наука (МОН) информира дека веќе до училиштата испорачало 360 илјади примероци од сите одобрени и испечатени учебници и наставни материјали.

Единствено, во основното образование ќе недостигаат петта година по ред учебници за странски јазици од прво до деветто одделение поради тоа што претходното раководство во МОН ја поништило постапката за јавна набавка и таа одлука е во жалбена фаза која се уште трае.

Годинава основците и средношколците нема да имаат пролетен распуст. Оваа одлука ја донесе Министерството за образование и наука врз основа на спроведената анкета меѓу наставниците, родителите и учениците, кои во мнозинство се изјасниле дека ваков распуст не е потребен. Зимскиот одмор ќе почне на 31 декември 2024, а ќе заврши на 19 јануари 2025. Летниот одмор, пак, почнува на 11 јуни, а завршува на 31 август.

Според податоците на МОН, бројот на ученици е намален за 17 илјади во последните седум години. Во истиот период бројот на првачиња е намален за околу 3.500 илјади.

Во новата учебна година во редовните основни училишта ќе бидат ангажирани над 1.000 образовни асистенти кои ќе помогнат во унапредување на воспитно - образовниот процес на учениците со попреченост и ќе им помагаат во секојдневното извршување на училишните обврски. Образовните асистенти се ангажираат преку основните училишта со ресурсни центри, а согласно барањата на родителите и старателите на учениците со попреченост.

Според МОН, досега се целосно спроведени огласите за 815 образовни асистенти, а обезбедени се средства и согласности за дополнителни 200, кои по изборот преку јавни огласи, пред да бидат ангажирани, ќе поминат дополнителна обука за квалитетно извршување на предвидените работни обврски.

Поради лошата состојба со буџетот и необезбедни средства за проекти и обврски во образованието, наставниците нема да добијат зголемување на платите во септември за 12 отсто, како што бара синдикатот, но зголемување ќе има во март.

види ги сите денешни вести

Две години по смртта на Махса Амини, нови санкции од Западот против Иран

Илустрација
Илустрација

Соединетите Американски Држави (САД), Канада и Австралија денеска (18 септември) воведоа санкции против група ирански функционери поради нивната вмешаност во задушување протести и приведување луѓе по протестите за смртта на Махса Амини, Иранка која почина во притворот на моралната полиција во Техеран пред две годинипоради тоа што наводно не носела хиџаб, а чие задолжително носење е пропишано со закон во таа земја, пренесе агенцијата Асошиејтед прес (АП).

Дваесет и двегодишната Махса Амини почина на 16 септември 2022 година во болница, откако беше уапсена. Нејзината смрт предизвика протести низ целата земја против законот за хиџаб и свештеничкото владеење.

Новите санкции опфаќаат десетина функционери обвинети за убивање и приведување демонстранти, задушување протести во 2019 и 2022 година и апсење новинари.

Новиот реформистички претседател на земјата, Масуд Пезешкијан, водеше кампања на бранот ветувања дека ќе го спречи вознемирувањето на жените од страна на моралната полиција. Сепак, по смртта на Махса Амини, се појавија видеа на жени и девојки кои трпат полициско насилство, објави АП.

Минатата година, тинејџерка која не носеше хиџаб беше повредена во неразјаснет инцидент во метрото во Техеран, а подоцна почина во болница. Активистите за човекови права и женски права рекоа дека во јули полицијата отворила оган врз жена која бегала од контролен пункт во обид да избегне заплена на автомобилот затоа што немала хиџаб.

Службеникот од американското Министерство за финансии, Бредли Смит, рече дека иранските лидери „и покрај мирните повици на иранскиот народ за реформи, ги удвоиле тактиките на насилство и принуда на режимот“. Тој додаде дека САД и нивните сојузници „ќе продолжат да преземаат акција“ за да ги идентификуваат и да ги повикаат на одговорност оние што се „одговорни за спроведување на суровата агенда на иранскиот режим“.

Санкциите, кои го блокираат пристапот до американските средства и банкарски сметки и ги спречуваат таргетираните луѓе и компании деловно да соработуваат со САД, во голема мера се симболични, бидејќи многу поединци немаат врски со Соединетите држави.

Мисијата за проверка на факти на Обединетите нации во март откри дека Иран е одговорен за „физичкото насилство“ што доведе до смртта на Махса Амини. Исто така, беше откриено дека Исламската Република употребила „непотребна и непропорционална“ сила во задушувањето на демонстрациите што избувнаа по смртта на Амини и дека иранските безбедносни сили сексуално ги нападнале затворениците.

Источното крило на НАТО повика на колективна одбрана од руски беспилотни летала

Илустрација
Илустрација

Министрите за одбрана на источното крило на НАТО денеска (18 септември), повикаа на колективен одговор на заканите за нивниот воздушен простор од руски беспилотни летала и ракети насочени кон Украина, објави агенцијата АФП.

Од почетокот на инвазијата, во февруари 2022 година, Москва извршува речиси секојдневни напади со беспилотни летала и ракетни напади врз Украина, вклучително и таргетирање области во близина на западните граници на Украина со членките на Европската унија и НАТО.

Романија и Латвија објавија претходно овој месец дека руски беспилотни летала и проектили летале низ нивниот воздушен простор за време на нападот врз Украина.

Министрите од деветте земји од источното крило на НАТО изразија „длабока загриженост поради повторените упади“ во воздушниот простор на сојузниците од „руски беспилотни летала и ракети“.

Тие, исто така, ја повикаа Алијансата да помогне во зајакнувањето на нивната способност „да детектираат, идентификуваат и, доколку е потребно, да ангажираат ниски и бавно летачки објекти“.

„Потребен е силен и координиран одговор на сојузничко ниво, како и брзо спроведување на ротирачкиот модел на НАТО за интегрирана воздушна и противракетна одбрана“, изјави романскиот министер за одбрана, Ангел Тилвар, за новинарите, по состанокот на министрите за одбрана во Букурешт.

Таканаречената „Букурешка деветка“ ја сочинуваат Бугарија, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Полска, Романија и Словачка. Претходно украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибига, побара од соседите на Киев да ги „истражат можностите“ за соборување руски ракети и беспилотни летала.

На почетокот на неговата регионална турнеја во Романија, тој ги опиша руските воздушни напади како „глобална закана“.

Романија распореди два борбени авиони Ф-16 за следење на руско беспилотно летало што прелета над нејзиниот воздушен простор кон Украина претходно овој месец. Овој инцидент повторно ја разгоре дебатата за тоа дали земјата треба да пресретне залутани руски беспилотни летала.

Сегашната правна рамка спречува такви ангажмани во мирнодопски услови. Од почетокот на руската инвазија на Украина, романските власти постојано известуваат дека на територијата на Украина се пронајдени делови од руски дронови.

НАТО, сепак, рече дека нема „индиции“ дека некој од инцидентите бил „намерен напад“ од страна на Русија против земјите на НАТО.

Условна казна од два месеца затвор за актерот Сергеј Трифуновиќ во Хрватска

Сергеј Трифуновиќ, српски актер
Сергеј Трифуновиќ, српски актер

Српскиот актер Сергеј Трифуновиќ е осуден на 60 дена затвор, потврди денеска (18 септември) Општинскиот суд за прекршоци во Сплит, Хрватска за Радио Слободна Европа (РСЕ).

„Кон обвинетиот, изречена е условна осуда со тоа што извршувањето на затворската казна се одложува за период од една година, а истата нема да се изврши под услов во тој период да не стори еден или повеќе прекршоци за кое има иста или потешка казна“, се наведува во соопштението.

Се додава дека Трифуновиќ е прогласен за виновен за две дела од Законот за јавен ред и мир и дека е должен да плати 150 евра за трошоците на постапката.

„Обвинетиот и застапникот на овластениот обвинител изјавија дека се откажуваат од правото на жалба, па пресудата стана правосилна на денот на донесувањето, 18 септември 2024 година“, изјавија за РСЕ од Општинскиот прекршочен суд во Сплит.

Сергеј Трифуновиќ на 16 септември, на граничниот премин со Србија, Бајаково-Батровци, бил приведен од хрватската полиција бидејќи, како што информираат хрватските власти, пред една година со објава на социјалните мрежи ги навредувал и омаловажувал полицајците.

„Објави текст со недолична содржина во кој наведува дека сплитските полицајци му изнудувале над илјада евра“, соопшти тогаш меѓу другото хрватската полиција.

Во објава на Инстаграм, српскиот претседател, Александар Вучиќ, апелираше до хрватските власти „да разберат дека затворањето на Србите не води кон создавање подобри односи“.

Тој побара од претставниците на властите во Србија „да ги искористат сите дипломатски канали за да се обидат да се борат за правда и да се борат за слободата на Сергej Трифуновиќ“.

„Уапсен e човек кој е мој политички противник, основач на Движењето на слободни граѓани, но и државјанин на Србија, државјанин на нашата земја, за што е уапсен никој не разбра“, рече Вучиќ.

Минатата година Сергеј Трифуновиќ во Хрватска неколку пати добил прекршочна казна, пишуваат медиумите, бидејќи своето куче го шетал без надзор, односно без поводник и корпа.

Сплитската полиција во септември минатата година соопшти дека поради тие прекршоци, Трифуновиќ добил едногодишна забрана за влез во Европската економска зона, која ја сочинуваат земјите од Европската Унија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн.

Нови експлозии на комуникациски уреди на членови на Хезболах во Либан

Пожарникари во близина на продавница за мобилни телефони во Сидон, западен Либан, 18 септември 2024
Пожарникари во близина на продавница за мобилни телефони во Сидон, западен Либан, 18 септември 2024

Во експлозии на воки-токи уреди денеска (18 септември) во Либан, девет лица загинаа, а повеќе од 300 се ранети, објави либанското Министерство за здравство на 18 септември, пренесе агенцијата АФП.

Повикувајќи се на безбедносни извори и изјави на очевидци, агенцијата Ројтерс пренесе дека експлозиите на рачните радио уреди што ги користи милитантната вооружена група Хезболах, се случиле во јужните предградија на Бејрут, Либан.

Ова се случува еден ден по експлозиите на пејџери во Либан, при што загинаа најмалку 12 лица, а околу 2.800 беа повредени. Се верува дека многу од нив се борци на Хезболах, милитантна вооружена група поддржана од Иран.

Најмалку една експлозија се случи во близина на погребот кој го организираше Хезболах за убиените членови на организацијата претходниот ден, кога илјадници пејџери експлодираа ширум земјата.

Агенцијата АФП, повикувајќи се на официјални изјави, објави дека три лица загинаа, а повеќе од 100 се ранети во вториот бран експлозии на уреди, денеска во Либан.

Според АФП, извор близок до Хезболах рекол дека радио уредите што ги користеле членовите на милитантната група експлодирале во упориштето на Хезболах во Бејрут, додека државните медиуми објавија слични експлозии во јужен и источен Либан.

Хезболах, кој има поддршка од Иран, денеска објави дека извршил ракетен напад врз позициите на израелската артилерија. Ројтерс јавува, повикувајќи се на високи безбедносни извори во Либан, дека експлозивите во пејџерите на припадниците на Хезболах ги поставила израелската разузнавачка агенција Мосад, месеци пред тие да бидат активирани.

Бројот на загинати во експлозиите се искачи на 12, меѓу кои и две деца, изјави во денеска либанскиот министер за здравство Фирас Абијад. Во нападот на 17 септември беа ранети речиси 3.000 луѓе, вклучително и борците на Хезболах и ирански пратеник во Бејрут.

Хезболах вети дека ќе му возврати на Израел, чија војска одби да ги коментира експлозиите. Во соопштението се наведува дека Хезболах ќе продолжи во Газа да го поддржува Хамас – од САД и ЕУ прогласена за терористичка организација и дека Израел „треба да очекува одговор на масакрот“.

Двете страни се вклучени во прекугранична војна од избувнувањето на конфликтот во Газа минатиот октомври, поттикнувајќи ги стравувањата од поширок конфликт на Блискиот Исток што може да ги вовлече Соединетите Американски Држави (САД) и Иран во конфликтот.

Тајвански производител на пејџери негираше дека ги направил пејџерите кои експлодираа во нападот што ја зголеми можноста за војна меѓу Хезболах и Израел.

За илјадниците пејџери кои ги носеа членовите на милитантната група Хезболах во Либан и Сирија и кои беа детонирани во серија во тек на еден час на 17 септември, се сомнева дека биле наполнети со експлозив и биле произведени од унгарската компанија BAC Consulting.

Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, ги негираше извештаите дека САД однапред знаеле за смртоносниот напад во Либан, во кој експлодираа стотици пејџери на Хезболах.

„САД не знаеја за тоа, ниту беа вклучени во тие инциденти. Сè уште собираме информации и факти“, рече Блинкен на прес-конференција во Каиро, пренесе Ројтерс.

Блинкен нагласи дека е важно сите страни да избегнуваат потези кои би довеле до натамошна ескалација на конфликтот и дека „сè уште не е јасно“ какви ќе бидат последиците од нападот врз Хезболах, кој ја ужива поддршката на Иран.

Обединетите Нации побараа независна истрага

Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации (ОН), Фолкер Тирк, повика на независна истрага за масовните експлозии на пејџери во Либан и Сирија. Во изјавата од 18 септември, Тирк апелираше светските лидери да ја зајакнат „одбраната на правото на сите луѓе да живеат во мир и безбедност“.

Тој оцени дека таргетирањето на илјадници луѓе, „без разлика дали се цивили или членови на вооружени групи, без да се знае кој ги држи уредите или каде се тие“, е кршење на меѓународното право.

„Заштитата на цивилите мора да биде од највисок приоритет“, рече Тирк. Соопштението е објавено пред новиот бран експлозии на воки-токи уреди ширум Либан.

Брисел одзема пари од Унгарија поради кршење на правилата за азил

Унгарскиот премиер, Виктор Орбан
Унгарскиот премиер, Виктор Орбан

Европската унија денеска (18 септември) почна со враќање на 200 милиони евра од фондовите за Унгарија, бидејќи земјата одбива да плати казна во овој износ поради кршење на европските правила за азил, пренесе агенцијата АФП.

Во јуни, Европскиот суд на правдата наложи на Унгарија да плати 200 милиони евра за континуирано негирање на правото на мигрантите да аплицираат за азил. Судот изрече и дополнителна казна од еден милион евра дневно за секој ден на непочитување на правилата на Европската унија (ЕУ).

Судот ги опиша потезите на Унгарија за прашањето за азил како „исклучително сериозни и без преседан“, наведувајќи дека Унгарија ги крши законите на ЕУ. Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, ја опиша судската одлука како „безобразна и неприфатлива“.

Европската комисија објави дека Брисел „преминува на процедура за пребивање (на долгот)“ со тоа што зема пари од заедничките фондови кои инаку би оделе во Унгарија, имајќи предвид дека Будимпешта не ги платила казните ниту ја известила Европската комисија дека има намера да ги плати.

„Сега од буџетот на ЕУ ќе одбиеме 200 милиони евра од претстојните средства за Унгарија“, изјави портпаролот на Комисијата, Балаш Ујвари.

Тој додаде дека ќе биде потребно време да се утврди кои делови од финансирањето може да се одземат. Според него, износот на дневните казни што треба да ги плаќа Унгарија достигнале 93 милиони евра.

Во 2020 година, Европскиот суд на правдата утврди дека Унгарија го ограничила пристапот до меѓународна заштита, незаконски ги приведувала луѓето кои поднеле барање за азил и не го почитувала нивното право да останат во земјата додека се обработуваат нивните барања. Во новата пресуда од јуни 2024 година, судот оцени дека Унгарија не ги презела потребните мерки за извршување на пресудата од 2020 година и одлучи да ја казни.

Балансерот „замрзнат“ додека Уставен да одлучи дали е уставен

Уставен суд на Северна Македонија
Уставен суд на Северна Македонија

Уставните судии одлучија да отворат предмет за употребата на балансерот при вработувањата. Во меѓувреме, додека да одлучат дали е уставен или не, балансерот ќе биде „замрзнат.

На денешната седница (18 септември) Уставниот суд расправаше дали со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „обврска на кандидатите за админстративни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.

Претседателот на Уставниот суд и судија известител по предметот, оформен по иницијатива од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Дарко Костадиновски, нагласи дека апсолутно не зборуваат за укинување на нечии права и дека според него оваа афирмативна мерка ја има исполнето својата цел и оти само мерит системот и компетентноста треба да се единствен критериум за вработување и унапредување.

„Клучно е да одлучиме дали оспорените одредби се согласно Устав, а на законодавецот е да најде начин да го операционализација тоа. Ако темелната вредност е во Уставот, како ние сме го укинале. Не сме укинале ничии права“, изјави Костадиновски.

Националноста, според Костадиновски, е приватно, лично и внатрешно чувство на припадност на поединецот и потсети дека Уставниот суд веќе донел одлука и тие како уставни судии кажале дека е лично право „да ја изразам, да не ја изразам или да се воздржам“ за националната припадност.

По сопствена иницијатива, тој му предложи на судот да поведе и постапка и за регистарот, балансерот и носењето годишни планови за вработување во јавната администрација.

Уставниот судија Осман Кадриу, рече дека станува збор за едно „чувствително прашање од национална природа за припадноста на немнозинските заедници“ и во своето излагање издвои четири, според него, неспорни факти и неколку спорни наводи на кои даде свое мислење.

Ако се усвои иницијативата, според Кадриу, ќе се суспендира самото право на сите немнозинските заедници и „граѓаните ќе губат право и трпат штета на своите уставно загарантирани права“.

„Замислете ако се укине правото, тек тогаш ќе немаме никаква застапеност и правата на немнозинаките заедници ќе бидат укинати. Мора да констатирам дека ако тоа се случува и донесе одлука на штета на немнозинските задници ќе бидеме донесени како суд во една мошне штетна состојба за односите меѓу заедниците во државата“, изјави Кадриу.

Во однос на предлогот на ДКСК, судијката Ана Павловска Данева се осврна само на третиот навод за јавниот оглас, оценувајќи дека со тоа се оспорува правото на работа.

„Едно од основните права е правото на работа. Кажете, како не ми е оспорено правото на работа, ако во јавниот оглас се вели „смее да конкурира само Македонец“. Нели со тоа се прекршени правата на сите немакедонци. Тоа е противуставно и ниту си ги штитиме своите сонародници“, изјави Павловска Данева.

Според судијката Татјана Васиќ Бозаџиева, „балансерот“ не треба да се укине, туку да се замени со нова алатка што нема да генерира негативна дискриминација.

Предметот, оформен по иницијатива поднесена од стариот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), ги оспорува член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“ од Законот за вработените во јавниот сектор, член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“ од Законот за административни службеници и член 2 став 1 алинеја 8 и член 3 алинеја 1 во делот „припадност на заедница” од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор.

Според подносителот на иницијативата (ДКСК) со примена на оспорените законски одредби се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции и владеењето на правото загарантирани со одредбите во членовите 9, 32 став 1 и 2, 54 став 1, 2 и 3 од Уставот.

Со оспорениот дел „припадност на заедница“ подносителот смета дека се наметнува обврска на кандидатите за административни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница, со што се прекршува уставното загарантирано право на слободно изразување на националната припадност.

Според подносителот, со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место.

Антикорупциската комисија на седницата одржана на 11 јануари годинава одлучи да поднесе иницијатива до Уставниот суд за преспитување на алатката „балансер“, бидејќи сметаат дека со ова се прават злоупотреби при вработувањата.

Фон дер Лајен организира работен ручек со лидерите од Западен Балкан

Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен
Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула Фон дер Лајен, во четврток, 19 септември, ќе организира работен ручек со лидерите на Западен Балкан, на кој ќе разговараат за реформските агенди во рамките на Планот за раст на Европската Унија за регионот.

Според портпаролката на ЕК, Ана Писонеро, тоа ќе биде можност да се разгледаат односите со земјите од регионот и соработката во контекст на Планот за раст за Западен Балкан.

Писонеро потврди дека Европската комисија работи на проценка на реформските агенди што сите земји, освен Босна и Херцеговина, навремено ги доставија до Европската комисија. Усвојувањето на реформските агенди е предуслов за почеток на исплата на финансиската помош од ЕУ.

ЕК се уште нема точен датум кога би можеле да започнат првите исплати од овој финансиски пакет, иако има очекувања дека тоа би можело да биде во текот на есента.

Откако земјите-членки и Комитетот за претпристапна помош (ИПА) ќе дадат позитивно мислење, Европската комисија, според Ана Писонеро, може да премине на процесот на усвојување на реформските агенди поднесени од земјите од Западен Балкан.

„Пред првите исплати, Европската комисија ќе склучи и договори за поволности и заеми со секој од корисниците. Што се однесува до датумот на првата исплата, очигледно е дека тоа треба да се случи што поскоро, но не можеме да бидеме поконкретни во оваа фаза“, изјави Писонеро.

Босна и Херцеговина (БиХ), која го пропушти рокот за поднесување на реформската агенда, го испрати документот до Европската комисија два дена пред закажаниот работен ручек со претседателкатана Европската комисија.

Како што соопшти претседавачката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, документот ја докажува усогласеноста на реформите во Босна и Херцеговина потребни за добивање помош од Европскиот план за раст.

На работниот ручек ќе присуствуваат премиерот на Албанија, Еди Рама, претседавачката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, премиерот на Косово, Албин Курти, премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Планот за раст за Западен Балкан е најамбициозниот финансиски пакет на Европската унија, вреден шест милијарди евра, кој има за цел да го удвои економскиот раст на тие земји во следните десет години. Планот го опфаќа периодот од 2024 до 2027 година. Од вкупната сума, две милијарди евра ќе бидат обезбедени преку грантови, односно неповратна помош, а останатите четири милијарди евра во форма на заеми со поволни каматни стапки.

Дурмиши: Освен есенска, ќе има и празнични кошници

Илустрација
Илустрација

Предлогот за ограничување на бруто профитната маржа до 10 отсто со кој се опфатени стотина основни прехранбени производи, е донесен во консултација со стопанските комори. При неговото изготвување биле земени предвид сугестиите и од производителите и трговците. Oва го истакна министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, на денешната средба со новинарите.

Покрај есенската кошница, ќе има и други празнични кошници, бидејќи обично, како што вели министерот, во периодот пред и за празниците, трговците секогаш ги зголемуваат цените.

„Коморите не беа добро известени, мислеле дека оваа мерка ќе биде долгорочна, но ние ги информиравме дека мерките се само за празници, со ограничено времетраење. На пример, одлуката за есенската кошница ќе трае еден месец, потоа ќе има божиќна кошница, рамазанска, велигденска...“, вели Дурмиши.

Тој очекува предлогот да биде усвоен на наредната владина седница.

Борел: Грузија се оддалечува од ЕУ со новите анти-ЛГБТ закони

Грузиските верски демонстранти учествуваат на анти-ЛГБТ митинг во центарот на Тбилиси,
2 јули 2022
Грузиските верски демонстранти учествуваат на анти-ЛГБТ митинг во центарот на Тбилиси, 2 јули 2022

Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел ја повика Грузија да ги укине законите со кои ги ограничува правата на ЛГБТ+ заедницата, истакнувајќи дека тие „ја оддалечуваат земјата од ЕУ“.

„Овие закони ќе ги поткопаат основните права и ќе ја зголемат дискриминацијата и стигматизацијата“, напиша Борел на социјалната мрежа „X“.

Пакетот закони вчера беше усвоен од грузискиот парламент, но наиде на осуда од страна на Европската Унија и организациите за човекови права. Противниците тврдат дека законите ги нарушуваат правата на ЛГБТ+ заедницата и ја отежнуваат евроинтеграцијата на Грузија.

Новиот пакет закони беше одобрен од пратениците од владејачката партија Грузиски сон на гласањето кое беше бојкотирано од опозицијата и во услови на конзервативна и антизападна влада.

Со пакетот законски измени, кој беше претставен со наслов „За семејните вредности и за заштита на малолетници“, всушност се менуваат 18 актуелни закони, вклучително и за слободата на говорот и изразувањето, како и за радиодифузија.

Со измените се забрануваат собири на кои се промовираат лица кои се идентификуваа како пол различен од „неговиот или нејзиниот биолошки пол“, како и настани на кои се промовира истополовата ориентација или врски.

Опозицијата го бојкотира парламентот уште од мај годинава кога пратениците на Грузискиот сон го одобрија нацрт-законот за „странско влијание“ што Грузијците и западните влади го споредуваат со закон за „странски агенти“ што го донесе Русија за да се справи со неистомислениците.

Вучиќ побара од Хрватска да го ослободи актерот Сергеј Трифуновиќ

Aктерот Сергеј Трифуновиќ
Aктерот Сергеј Трифуновиќ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, побара од властите во Хрватска „што поскоро да го ослободат“ актерот Сергеј Трифуновиќ, кој беше приведен на 17 септември на граничниот премин Бајаково меѓу Србија и Хрватска.

Како што претходно соопшти хрватската полиција за Радио Слободна Европа (РСЕ), Трифуновиќ е уапсен поради „навреда и омаловажување на хрватските полицајци“.

Во објава на Инстаграм, Вучиќ апелираше до хрватските власти „да разберат дека затворањето на Србите не води кон создавање подобри односи“.

Тој побара од претставниците на властите во Србија „да ги искористат сите дипломатски канали за да се обидат да се борат за правда и да се борат за слободата на Сергej Трифуновиќ“.

„Уапсен e човек кој е мој политички противник, основач на Движењето на слободни граѓани, но и државјанин на Србија, државјанин на нашата земја, за што е уапсен никој не разбра“, рече Вучиќ.

Од полициското одделение Сплит-Далмација за РСЕ изјавија дека со соопштение од 10 септември 2023 година ја информирале јавноста дека од тој ден ќе спроведат истрага во врска со објавата на Сергеј Трифуновиќ на социјалните мрежи.

Полицијата наведува дека Трифуновиќ „објавил текст со недолична содржина во кој исто така грубо ги омаловажува полицајците и полицајците, меѓу другото наведувајќи дека сплитските полицајци изнудиле над илјада евра“.

Оттаму додаваат дека по завршување на постапката ќе биде поднесен обвинителен акт до надлежниот општински суд за прекршоци.

Минатата година Сергеј Трифуновиќ во Хрватска неколку пати добил прекршочна казна, пишуваат медиумите, бидејќи своето куче го шетал без надзор, односно без поводник и корпа.

Сплитската полиција во септември минатата година соопшти дека поради тие прекршоци, Трифуновиќ добил едногодишна забрана за влез во Европската економска зона, која ја сочинуваат земјите од Европската Унија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG