Достапни линкови

Вести

Пукање кај Мавровка, убиено едно лице

илустрација
илустрација

Едно лице е убиено на паркингот пред трговскиот центар „Мавровка“.

Од Министерството за внатрешни работи засега нема детали за убиството.

Ова е второ пукање за помалку од 24 часа откако синоќа (19 август) во скопската населба Сингелиќ имаше престрелка по која едно лице со повреди беше пренесено во Градската болница.

„На 19.08.2024 околу 20.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул. Александар Македонски од патничко возило во движење било пукано во патничко возило ,,пасат” со австриски регистарски ознаки, при што со повреди се здобило едно лице кое е пренесено во Клинички центар“, информираа од МВР.

види ги сите денешни вести

Синодот на МПЦ-ОА со поддршка за Украинска православна црква

Илустрација
Илустрација

Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА), на седница на 12 септември, ја поддржа Украинска Православна Црква, која беше забранета од Украинскиот парламент во август 2024 година.

Ова прашање било разгледувано на редовна седница на Синдот, на која биле разгледани повеќе прашања и настани поврзани со црковниот живот, според соопштението од МПЦ-ОА.

„Синодот посвети особена грижа за состојбата со сестринската Украинска Православна Црква, која беше административно укината од Украинскиот парламент, со Предлог-законот 8371, и со тоа на милиони верници, кои се црквуваат во таа Црква, им е оневозможено основното право на верска припадност, исповедање на својата вера и вршење на богослужби“, пишува во соопштението од МПЦ-ОА.

Светиот синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, пишува во соопштението, „сведочејќи ја евангелската вистина, искажува молитвена поддршка на Претстојателот на Украинската Православна Црква, Неговото Блаженство Митрополит Киевски и на цела Украина г. Онуфриј, на браќата архијереи и на нејзиниот верен народ, молејќи се семилостивиот Господ да им даде сила да истраат и да ги надминат овие искушенија“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 24 август 2024 година потпиша закон за забрана на православните цркви поврзани со Русија во Украина, кој претходно го усвои Врховната рада (Парламентот на Украина).

Во законот се наведува дека ниту една верска организација која дејствува на украинска територија не смее да има административен центар во Русија, вклучувајќи ја и Руската православна црква. ,

Црквата која е признаена во Украина е Православна црква на Украина (ПЦУ).

Украина се обидува да се дистанцира од руската црква од 2014 година, но напорите се засилија по руската инвазија врз Украина во 2022 година.

Украинската православна црква официјално се одвои од Московската патријаршија во 2022 година, но украинските власти постојано ги обвинуваат нејзините свештеници дека и понатаму ѝ се лојални на Русија.

Руската инвазија врз Украина беше поддржана од водачот на православната црква во Русија, патријархот Кирил, верен сојузник на рускиот претседател Владимир Путин.

Македонската православна црква-Охридска Архиепископија беше признаена во мај 2022 година, со одлука на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија од Истанбул, предводена од Вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј. Потоа и Српската православна црква ја призна афтокефалноста на МПЦ-ОА.

Од возобновувањето во 1967 година, МПЦ-ОА беше меѓународно изолирана и непризнаена од православниот свет

Обвинителството отвори предмет за финансиски криминал, претреси на повеќе локации

Илустрација
Илустрација

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција(ОЈО ГОКК) оформи предмет поради основи на сомневања за сторени кривични дела од областа на финансискиот криминал, односно „даночно затајување“, „даночна измама“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ на група субјекти, соопштија од обвинителството.

Предметот е оформен по доставено известување од страна на Министерството за внатрешни работи (МВР)за сознанија до кои дошла Управата за јавни приходи(УЈП).

„Заради докажување на основите на сомневање за сторување на наведените кривични дела, на барање на предметниот јавен обвинител, судија на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје издаде наредби за претрес на дом и други простории на повеќе локации во повеќе градови“, соопштија од обвинителството.

И од МВР потврдија дека се издадени наредби за претреси на повеќе локации.

Оттаму дополнуваат дека полициски службеници, службени лица од Управата за јавни приходи координирано со истражители од Лабораторијата за дигитална форензика при Истражниот центар на ОЈО ГОКК при претресите обезбедле бројна документација и електронски записи што ќе бидат предмет на обработка и анализа со цел обезбедување материјални докази за потребите на натамошната кривична постапка.

Собранието ги усвои законските измени за линеарно зголемување на пензиите

Северна Македонија - Седница на Собранието на Република Северна Македонија, 28.5.2024 година
Северна Македонија - Седница на Собранието на Република Северна Македонија, 28.5.2024 година

Собранието ги усвои измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување со кои ќе има линеарно зголемување на пензиите од по 2.500 денари од 1 септември годинава и од 1 март следната година.

„За“ измените гласаа 78 пратеници.

Линераното зголемување на пензиите е предизборно ветување на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Околу 164 милиони евра годишно треба да издвои Владата од буџетот за да го обезбеди линеарното покачување од 2.500 денари месечно, од 1 септември, за сите приматели на пензии во Северна Македонија.

Ако покачувањето од март биде удвоено на вкупно 5.000 денари според ветувањето на владата на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш ќе бидат потребни над 330 милиони евра.

Со 337 илјади приматели на пензии на 687 илјади вработени, сегашниот сооднос меѓу вработени и пензионери е 2 спрема 1, според официјалните статистички податоци на Државниот завод за статистика и на Министерството за социјална политика.

Со други зборови на секој пензионер има 2,04 вработени.

Во моментов старосната граница за пензионирање е 62 години за жени и 64 години за мажи и најмалку 15 години стаж. Просечната пензија изнесува 21.287 денари, што е 346 евра и е помала од минималната плата од 367 евра.

Уставниот суд поведе постапка за правило на АРМ кое забранува верски обреди во воени објекти

Северна Македонија - седница на Уставниот суд на Република Северна Македонија, 20 јуни 2024 година.
Северна Македонија - седница на Уставниот суд на Република Северна Македонија, 20 јуни 2024 година.

Уставниот суд на седница на 12 септември поведе постапка за правило на Армијата на Република Северна Македонија кое се забранува вршење на верски обреди во воени објекти.

Станува збор за параграф 4, алинеја 1 од правилото за сместување и ред во Армијата 16.07.2012 година.

Според соопштението на интернет-страницата на Уставниот суд, подносител на иницијативата е Здружение за развој Млади за јавен интерес од Дебар.

Во оваа фаза од постапката, Судот изразил сомнеж дека оспорениот акт не е во согласност со темелните вредности на уставниот поредок утврдени во член 8 став 1 алинеи 1,3 и 11 од Уставот, односно на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, владеењето на правото, како и на членовите 3,8 и 20 од Законот за правна положба на црквата, верска заедница и религиозна група.

Според Уставниот суд, со донесувањето на ваква одредба началникот на Генералштабот ги пречекорил своите законски овластувања и се ставил во улога на законодавец, бидејќи таква содржина не може да биде уредена со подзаконски акт.

Уставниот суд по направената анализа оцени дека уредувањето на условите под кои може да се оствари правото на слободно вршење на верски обреди во рамки на вооружените сили претставува исклучиво „materia legis”, oдносно законска материја и во никој случај не може да се регулира со правило.

Согласно ова, Уставниот суд цени дека оспорената одредба може да се доведе под сомнеж за нејзината уставност и законитост.

Почна судењето зад затворени врати на адвокатите на Навални обвинети за екстремизам

Игор Сергунин, Алексеј Липсер и Вадим Кобзев, адвокати на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, на судење во судот во Владимирската област, во близина на Москва
Игор Сергунин, Алексеј Липсер и Вадим Кобзев, адвокати на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, на судење во судот во Владимирската област, во близина на Москва

Судот во Владимирската област, во близина на Москва, на 12 септември го почна судењето на тројцата поранешни адвокати на починатиот опозициски политичар Алексеј Навални.

Адвокатите Вадим Кобзев, Игор Сергунин и Алексеј Липсер се соочуваат со обвинение за екстремизам поради нивната поврзаност со Навални, критичарот на Кремљ, и неговата Фондација за борба против корупцијата (ФБК).

Нивното судење се одржува зад затворени врати.

ФБК и другите групи на Навални беа етикетирани како екстремистички и забранети во Русија во 2021 година.

Адвокатите беа уапсени во октомври 2023 година. Руските власти велат дека адвокатите ги шверцувале писмата на Навални од затвор, „помагајќи му да спроведува екстремистички активности од зад решетки“.

Две други поранешни адвокати на Навални, Александра Федулова и Олга Михајлова, побегнаа од Русија минатата година.

Алексеј Навални беше пронајден мртов во затвор во Сибир пред седум месеци под сомнителни околности, на 47-годишна возраст.

Бранителите на тројцата адвокати поднесоа барање до Врховниот суд за префрлање на нивниот предмет од судот во Владимирската област, тврдејќи дека тој не е објективен или непристрасен. Одбраната тврдеше дека најголемиот дел од доказите на обвинителството биле собрани во, како што велат, незаконска рација за спроведување на законот наредена од висок суд во истиот регион, што претставувало конфликт на интереси.

Исто така, се тврди дека судовите во Владимир вршеле притисок врз адвокатите на Навални да откријат доверливи комуникации со него пред смртта на Навални во оддалечен арктички затвор.

Самиот Навални одлежа затворски казни во вкупна вредност од повеќе од 30 години, вклучително и по обвиненијата за екстремизам поврзан со неговиот антикорупциски активизам.

Тој и неговите сојузници ги отфрлија сите обвиненија против него, велејќи дека се политички мотивирани и го обвинија Кремљ дека сака да го затвори доживотно.

Телефонски разговор Муцунски – Сибиха: Реафирмирана поддршката за Украина

Северна Македонија - Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија (лево) и Андриј Сибиха, министер за надворешни работи на Украина
Северна Македонија - Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија (лево) и Андриј Сибиха, министер за надворешни работи на Украина

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево телефонски разговараше со својот украински колега Андриј Сибиха. За време на разговорот, Муцунски ја реафирмираше нашата поддршка за Украина, која ќе продолжи и во иднина, соопшти Министерството за надворешни работи(МНР).

„Муцунски потенцираше дека, како земја-членка на НАТО, остануваме посветени на обезбедување силна политичка и практична помош за Украина додека таа ја брани својата независност и територијалниот интегритет“, пишува во соопштението од МНР.

Теми на телефонскиот разговор биле и актуелни билатерални прашања, при што двете страни изразиле уверување дека добрата соработка помеѓу двете земји ќе продолжи и во наредниот период.

Во таа насока, договорена е работна средба помеѓу двајцата министри која ќе се одржи на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, соопштија од МНР.

ЕУ го поздрави подигнувањето обвинение за нападот во Бањска

Петер Стано, портпарол на Европската унија(ЕУ)
Петер Стано, портпарол на Европската унија(ЕУ)

Европската унија (ЕУ) го поздрави подигнувањето обвинение за нападот во Бањска, кое го покрена Специјалното обвинителство на Косово на 11 септември против 45 лица, меѓу кои и Милан Радоичиќ, кои беа дел од вооружената група што ја нападна косовската полиција во градот Бањска, минатиот септември.

Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, изјави дека Брисел ќе ги разгледа можните последици по завршувањето на сите правни процедури.

„Веќе рековме тогаш и во септември минатата година дека овој напад претставува јасна ескалација без преседан. И дека ќе има последици. Значи, кога судот на Косово ќе одлучи кој е виновен, кој е одговорен или невин, тогаш ќе дојде времето да се разберат последиците“, рече Стано.

Тој додаде дека ЕУ има „широк опсег на инструменти“ кои може да ги користи во консултација со земјите-членки, но „сè уште не сме стигнале до тој момент“.

Стано рече и дека Брисел очекува Србија целосно да соработува во истрагата и во другите релевантни процеси околу овој настан.

Во нападот во Бањска на северот на Косово на 24 септември 2023 година, вооружена група Срби ја нападна полицијата и го уби полицаецот Африм Буњаку. Во пукањето загинаа и тројца српски напаѓачи.

Одговорноста за нападот ја презеде Милан Радоичиќ, поранешен политичар и бизнисмен од северно Косово, за кој се верува дека е во Србија.

Истрагата за нападот во Бањска ја водат косовските и српските правосудни органи, но досега само Косово поднело обвинение. Три лица кои беа уапсени за време на нападот во Бањска се во притвор во Косово.

Српското раководство во неколку наврати негираше каква било вмешаност во нападот во Бањска. Меѓународната заедница остро го осуди нападот во Бањска и неколку пати ги повика властите во Србија да ги повикаат на одговорност сите инволвирани во нападот.

Дурмиши: Работната група утре ќе предложи мерки за ограничување на цените

Северна Македонија - Бесар Дурмиши, министер за економија и труд
Северна Македонија - Бесар Дурмиши, министер за економија и труд

До утре ќе биде подготвена есенска потрошувачка кошничка со 100 производи, врз основа на која ќе се направи симулација за ограничување на цените или за ограничување на маржите, најави министерот за економија, Бесар Дурмиши.

Како што информираше тој, работната група утре ќе донесе одлука за оваа мерка, која ќе биде доставена до владата наредната недела за усвојување и започнување на процедурата за почитување на мерките.

„Утре на крајот на денот, работната група ќе извести дали ќе се одлучи за замрзнување на цените или ограничување на маржите на 5, 10 или 15 отсто, рече министерот во изјава за медиуми по денешната посета на книжарници во Скопје.

Дополни дека потрошувачка кошничка ќе продолжи и во наредните периоди, како зимска, велигденска и рамазанска кошничка.

Министерот, исто така, информираше дека Законот за нефер трговски практики ќе стапи на сила до крајот на месецот, дополнувајќи дека фирмите имаа шест месеци да ги усогласат своите цени.

Германија ја забрани работата на исламски центар поврзан со Хамас

Илустрација
Илустрација

Германските власти објавија дека ја забраниле работата на исламскиот центар во Бранденбург, покраина кај Берлин, поради наводните врски со палестинската група Хамас, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација, јави агенцијата АФП.

Претреси во Исламскиот центар Фуерстенвалде ал-Салам (ИЗФ) и домови во Бранденбург и Берлин беа извршени утрото на 12 септември, соопшти државното Министерство за внатрешни работи.

„Исламскиот центар Фуерстенвалде е поврзан со исламистичката терористичка група Хамас и со Муслиманското братство“, изјави Мајкл Штубген, државен министер за внатрешни работи.

„Организацијата дејствува против слободниот демократски поредок, шири антисемитски наративи и го негира правото на Израел да постои. Ние не можеме да го прифатиме тоа“, се додава во изјавата.

Германија го смета Хамас за терористичка организација, а Стејт департментот соопшти дека го смета и Муслиманското братство со седиште во Египет за „релевантна исламистичка група“.

Потегот доаѓа на помалку од две недели пред парламентарните избори во Бранденбург, на кои се очекува дека екстремната десничарска и антиимиграциска партија Алтернатива за Германија ќе оствари значителен резултат.


ИЗФ е основан во 2018 година и нудеше низа активности за муслиманите во областа Фуерстенвалде, како и раководење со локалната џамија Ал-Салам.

Во јули, властите го затворија Исламскиот центар во Хамбург, откако заклучија дека станува збор за „исламистичка екстремистичка организација“ поврзана со Иран и со либанската група Хезболах.

Поранешниот шеф на центарот, Мохамад Хади Мофатех, ја напушти Германија оваа недела откако му беше врачен налог за депортација.

Дебатата за исламистичкиот екстремизам дополнително беше поттикната од смртоносниот напад со нож во западниот град Солинген кон крајот на август. Во нападот, што наводно го извршил сириски азилант, загинале три лица, осум беа ранети, а одговорноста ја преде таканаречената Исламска држава.

Зелено светло од Британија за Украина, за користење на ракети со долг дострел

илустрација
илустрација

Британските медуми јавуваат дека Велика Британија, зад затворени врати, и дала зелено светло на Украина да ги користи своите ракети „Storm shadow“ за напади со долг дострел длабоко на руска територија, бидејќи московските трупи повторно целеле кон енергетски објекти и цивилна инфраструктура во североисточниот дел на Украина во текот на ноќта, при што биле повредени најмалку 14 лица.

Според весникот „Гардијан“, владини извори рекле дека веќе е донесена одлука да се дозволи Киев да ги користи крстосувачките ракети од британско производство во Русија, иако потегот не е најавен и веројатно нема да биде објавен дури и кога британскиот премиер Кир Стармер ќе се сретне со американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон на 13 септември.

Британските власти не го потврдија извештајот на Гардијан.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски со месеци ги моли сојузниците на Киев да и дозволат на Украина да пука со западно оружје, вклучително и американските ATACMS со долг дострел и британските „Storm shadow“, длабоко во руската територија за да ја ограничи способноста на Москва да изврши напади.

Бајден претходно оваа недела рече дека неговата администрација „разработува“ начин за укинување на ограничувањата, иако тој не даде конкретни детали.

Во меѓувреме, државниот секретар Ентони Блинкен за време на патувањето во Киев на 11 септември навести дека Белата куќа е на работ да ги укине ограничувањата за употреба на своето оружје со долг дострел.

„Ние работиме итно за да продолжиме да гарантираме дека Украина го има она што и е потребно за ефективно да се брани“, рече тој на прес-конференција по средбата со британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами и украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха.

Регионалната воена администрација на Суми соопшти дека Русија користела самоубиствени беспилотни летала од типот Шахед во нападот во текот на ноќта, при што градоначалникот на градот Конотоп, Артем Семенихин, на Телеграм изјави дека нападите ја прекинале струјата во делови од градот и дека се работи на враќање на струјата и водата. Тој рече дека енергетската инфраструктура претрпела значителна штета.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG