Достапни линкови

Вести

Мета ги отстрани ограничувањата за Трамп на Фејсбук и Инстаграм

Американскиот кандидат за претседател Доналд Трамп
Американскиот кандидат за претседател Доналд Трамп

Компанијата Мета на 12 јули објави дека ќе отстрани некои ограничувања на профилите на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм на поранешниот американски претседател и кандидат за нов претседателски мандат, Доналд Трамп.


Мета ги блокираше профилите на Трамп на неодредено време, откако тој ги пофали луѓето кои упаднаа насилно во Капитол на 6 јануари 2021 година.

Компанијата му ги врати профилите на поранешниот американски претседател на почетокот на 2023 година, наведувајќи дека ќе ги следи неговите објави за можни прекршувања, што може да доведе до нова забрана односно заклучување на профилот од еден месец до две години.

Трамп, кој треба да се соочи со актуелниот претседател Џо Бајден на претседателските избори во ноември, веќе нема да биде предмет на дополнителен надзор, соопшти компанијата Мета

види ги сите денешни вести

Холандскиот премиер го откажа патувањето во Азербејџан, поради нападите врз израелските навивачи

Илустрација од Амстердам вечерта на нападите врз израелските фудбалски навивачи
Илустрација од Амстердам вечерта на нападите врз израелските фудбалски навивачи

Холандскиот премиер Дик Шуф во саботата го откажа патувањето во Азербејџан, каде се одржува состанок за климатски промени на Обединетите Нации, за да може во Холандија за да се справи со последиците од нападите врз навивачите на фудбалскиот тим Макаби Тел Авив во Амстердам, кои властите ги осудија како антисемитски.

„Владата ќе разговара за насилството во четвртокот вечерта на власина седница в понеделник“, објави Шуф на социјалната платфрома X.

Полицијата започна истрага од големи размери откако банди млади извршија, како што рече градоначалничката на Амстердам, напади врз навивачите „удри и бегај“, кои очигледно беа инспирирани од повиците на социјалните мрежи.

Пет лица се згрижени во болниците, а повеќе од 60 осомничени се уапсени. Полицијата во Амстердам соопшти дека четворица од осомничените останале во затвор во саботата.

Покрај полициската истрага, холандскиот министер за правда и безбедност Дејвид ван Вел во писмо до пратениците посочи дека владата истражува дали предупредувањата за можно насилство од Израел биле занемарени пред почетокот на фудбалскиот натпревар помеѓу Ајакс и Макаби.

Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар му понуди на холандскиот колега помош во полициската истрага.

Градоначалничката на Амстердам, Фемке Халсема, рече дека холандската антитерористичка организација известила пред натпреварот дека нема „конкретна закана“ за израелските навивачи и дека натпреварот не се смета за висок ризик.

И покрај тоа, властите во Амстердам забранија пропалестински демонстрации пред арената Јохан Кројф, каде што се играше натпреварот во четвртокот вечерта. Видео, исто така, покажа голема толпа израелски навивачи кои извикуваат антиарапски слогани на пат кон натпреварот.

„Потоа, млади луѓе на скутери и пеш тргнаа во потрага по израелските навивачи, ги удираат со тупаници и клоци, и брзо избегаа за да ги избегнат стотиците полицајци распоредени низ градот“, рече Халсема.

Шуф се врати рано од самитот на Европската унија во Унгарија и во петокот вечерта се сретна со претставници на еврејската заедница во Холандија.

„Тоа беше разговор за тагата и неизвесноста што ја доживуваат во еврејската заедница. Секој ден тие ги доживуваат последиците од растечкиот антисемитизам во Холандија“, напиша Шуф на социјалната платформа X.

Забрана за демонстрации беше воведена низ Амстердам за време на викендот, а безбедноста беше засилена на еврејските локации во градот, во кој има голема еврејска заедница.

Иран ги негира тврдењата за наводен заговор за атентат врз Трамп

Иран категорично негира дека планирал да го убие новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп по обвинението од американското Министерство за правда.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, на 9 ноември изјави дека тврдењето е „целосно неосновано“, пренесува германската новинаска агенција ДПА.

Багаи рече дека слични обвинувања биле упатени и во минатото и дека нивното повторување сега е „гнасен заговор“ чија цел е дополнително да ги комплицира односите меѓу Соединетите Држави и Иран.

Тимот на кампањата на Трамп пред неколку недели објави дека американската тајна служба го информирала за реални и конкретни закани од Иран дека ќе го убие.


Американското правосудство покрена обвинение против тројца мажи обвинети за заговор за атентат на ирански дисидент.

За нивно апсење се издадени налози.

За време на првиот претседателски мандат на Трамп, тој се повлече од нуклеарниот договор со Иран, воведе нови санкции против земјата и го класифицираше елитниот воен корпус на Исламската револуционерна гарда како терористичка организација.

Во 2020 година, американската војска,по наредба на Трамп го уби иранскиот генерал Касем Сулејмани во напад со беспилотно летало врз ирачкиот главен град Багдад.

Борел во ненадејна посета на Киев, додека руските напади продолжуваат

Архивска фотографија, април 2024 година, претседателката на Комисијата на ЕУ Урсула фон дер Лајен, украинскиот претседател Володимир Зеленски и претставникот на ЕУ за надворешни работи Жозеп Борел.
Архивска фотографија, април 2024 година, претседателката на Комисијата на ЕУ Урсула фон дер Лајен, украинскиот претседател Володимир Зеленски и претставникот на ЕУ за надворешни работи Жозеп Борел.

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Јозеф Борел, пристигна во Киев во ненајавена посета рано на 9 ноември за да ја повтори европската поддршка за Киев додека руските напади продолжуваат низ целата земја.

„Поддршката на ЕУ за Украина беше мој личен приоритет во текот на мојот мандат и ќе остане на врвот на агендата на ЕУ“, напиша Борел на социјалната платформа X, порано позната како Твитер.

Неговите коментари дојдоа неколку часа по уште еден смртоносен напад врз цивилната инфраструктура во Украина, овој пат станбена зграда во пристанишниот град Одеса на Црното Море. Во меѓувреме, Украина тврдеше дека со беспилотни летала ја погодила руската фабрика за муниција во Тула.

Борел е највисокиот функционер на ЕУ што ја посетил Украина откако Доналд Трамп победи на претседателските избори во САД на 5 ноември.


„Пораката е јасна: Европејците ќе продолжат да ја поддржуваат Украина“, изјави Борел, кој треба да ја напушти функцијата следниот месец, јавува новинската агенција Франс Прес.

„Ние ја поддржуваме Украина од самиот почеток и на оваа моја последна посета на Украина ја пренесувам истата порака: ќе ве поддржиме колку што можеме“, додаде Борел.

Изборната победа на Трамп предизвика загриженост во Киев. Трамп за време на кампањата рече дека може брзо да ја реши целосната инвазија на Украина на Русија, дури и пред да биде инаугуриран на 20 јануари.

Трамп предложи Киев да се согласи да ѝ отстапи одредена територија на Москва во замена за мир, услов кој украинскиот претседател Зеленски го отфрли.

„Никој не знае што точно ќе направи новата администрација“, одговори на новинарско прашање Борел, истакнувајќи дека на американскиот претседател Џо Бајден му преостануваат уште два месеци на функцијата претседател на САД.

„Но, ние Европејците мора да ја искористиме оваа можност за да изградиме посилна и обединета Европа, а една од манифестациите да бидеме обединети и посилни и способни да дејствуваме е нашата улога во поддршката на Украина“, додаде Борел.

Тој посочи дека останува на земјите од ЕУ да одлучат „кога и како да ја зголемат“ својата поддршка доколку е потребно. Сепак, тој додаде дека на состанокот на лидерите на ЕУ во Будимпешта на 8 ноември „повеќето од земјите-членки инсистираа на истата линија, да продолжат да ја поддржуваат Украина“.

Украинските воени сили се уморни и растегнати, додека руските окупаторски сили постигнуваат постепени придобивки на исток. Во меѓувреме, продолжуваат руските напади со беспилотни летала и ракети врз цивилната инфраструктура.

Руски беспилотни летала погодија станбена зграда во украинското црноморско пристаниште Одеса доцна на 8 ноември, предизвикувајќи голем пожар.

САД ќе испрати експерти во Украина за одржување на воената опрема

Илустрација
Илустрација

Американското Министерството за одбрана најави укинување на забраната за испраќање експерти од американски воени компании во Украина за да помогнат во одржувањето и поправката на американската воена опрема, како што се борбените авиони Ф-16 и противвоздушните системи Патриот.

Оваа промена на политиката од администрацијата на Џо Бајден во заминување му овозможува на Пентагон да склучи договори со американски фирми кои ќе работат во Украина за прв пат по руската инвазија во 2022 година.

Целта е да се забрзаат поправките за да се врати опремата во подобрена состојба што е можно побрзо, изјавија американски официјални лица кои сакаа да останат анонимни.


Според нивната изјава, изведувачите ќе бидат лоцирани далеку од линијата на фронтот, и нема да учествуваат во борбени операции, туку ќе пружат техничка помош на украинската армија.

Оваа одлука е донесена поради барањето за специјализирана техничка поддршка за одржување на напредните системи што ги користи Украина.

Досега, американската воена опрема што беше оштетена во борби се транспортираше во земјите на НАТО како Полска и Романија, што одземаше многу време.

Новата политика ќе овозможи побрзи поправки во Украина и ќе ја намали потребата за транспорт. Пентагон се очекува наскоро да ги објави договорите, а компаниите кои аплицираат мора да обезбедат планови за намалување на ризикот за да ги заштитат своите вработени.

Американските власти истакнаа дека оваа промена нема да значи присуство на голем број американски изведувачи, како во Ирак или Авганистан, туку на помал број специјализирани експерти.

Во израелските напади во Газа загинаа најмалку 13 луѓе

Палестинец меѓу урнатините, по израелскиот напад врз бегалскиот камп Џабалија во северниот дел на Појасот Газа, на 7 ноември 2024 година.
Палестинец меѓу урнатините, по израелскиот напад врз бегалскиот камп Џабалија во северниот дел на Појасот Газа, на 7 ноември 2024 година.

Во два одделни израелски напади врз Газа загинаа најмалку 13 луѓе, вклучително и жени и деца, рекоа палестинските медицински претставници на 9 ноември. Во меѓувреме Израел ја најави првата испорака на помош по неколку недели до зафатената од војна северна Газа.

Еден од нападите погоди училиште, претворено во засолниште во источниот кварт Туфах во градот Газа, при што загинаа најмалку шест лица, соопшти Министерството за здравство на Газа. Двајца локални новинари, една бремена жена и едно дете се меѓу загинатите, соопштија палестинските власти.

Израелската армија соопшти дека цел на нападот бил милитант кој припаѓа на палестинската група Исламски џихад, не нудејќи никакви докази или дополнителни детали.


Според болницата Насер, други седум лица загинаа при израелски напад, во кој беше погоди голем шатор во јужниот град Кан Јунис, каде што раселените луѓе се засолнуваа. Се наведува дека меѓу загинатите има две жени и едно дете. Израелската армија не одговори веднаш на барањето за коментар за експлозијата, јавува новинската агенција Асошитет прес.

Кина ќе пишува „новото поглавје“ во односите со Индонезија

Архивска фотографија од кинескиот претседател Кси Џинпинг
Архивска фотографија од кинескиот претседател Кси Џинпинг

Кинескиот претседател Кси Џинпинг на 9 ноември му соопштил на индонезискиот претседател Прабово Субианто дека Кина е подготвена да соработува со новата индонезиска влада во заедничка корист на земјите, јавуваат кинеските државни медиуми.

Кинескиот претседател во разговор со новиот индонезиски претседател, кој ја презеде функцијата пред само неколку недели, на состанокот во Пекинг, му соопштил дека билатералните односи имаат големо стратешко значење и глобално влијание, а Кина е подготвена да работи со индонезиската влада за да се придржува до „точната насока“ на билатералните односи.

„Кина сака да работи со Индонезија за да напише ново поглавје за заедничка солидарност и соработка, взаемна корист и победнички резултати како големи земји во развој“, изјави Џинпинг пред новинарите по средбата со Субианто.

Пекинг и Џакарта се клучни економски сојузници, при што кинеските компании заработија многу пари со екстракција на индонезиските природни ресурси во последниве години, особено секторот на никел.

Но, односите меѓу двете земји се нарушија поради претензии во Јужното Кинеско Море.

Прабово Субианто по средбата со кинескиот колега изјави дека сега односите меѓу двете земји „се посилни и посилни“.

„Би сакал да ја повторам нашата посветеност... да работиме заедно за взаемна корист на нашите два народи и за просперитет, мир и стабилност на цела Азија“, додаде тој.

По нивните разговори, официјалните лица од двете земји потпишаа серија документи, вклучително и меморандуми за разбирање за соработка во поморската безбедност и водните ресурси.

Индонезискиот претседател ќе отпатува за Вашингтон, на покана на американскиот претседател Џо Бајден, како дел од светската турнеја во која ќе бидат вклучени и Перу, Бразил и Британија.

Израел со авиони ги врати дома фудбалските навивачи по нападот во Амстердам

Навивачите на израелскиот Макаби Тел Авив демонстрираат во Амстердам, Холандија, 7 ноември 2024 година,
Навивачите на израелскиот Макаби Тел Авив демонстрираат во Амстердам, Холандија, 7 ноември 2024 година,

Израел испрати неколку изнајмени авиони во Амстердам за да ги вратат израелските фудбалски навивачи откако беа нападнати по мечот на 7 ноември од, како што рече градоначалничката на Амстердам Фемке Халсема, „антисемитски одреди“.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху ги нарече инцидентите „антисемитски напади“, откако во соопштние од неговиот Кабинет беше посочено дека израелските авиокомпании „Ел Ал“ и „Израир“ бесплатно ќе донесат дома навивачите.

Ел Ал соопшти дека испраќа шест авиони за да ги врати навивачите дома, а израелските аеродромски власти подоцна на 8 ноември соопштија дека првиот авион слетал.


Полицијата во Амстердам соопшти дека 62 лица биле приведени по насилството, а 10 биле притворени на 8 ноември во врска со судирите, во кои пет лица беа хоспитализирани, во центарот на Амстердам меѓу младите локални жители и израелските приврзаници кои дојдоа да го гледаат натпреварот на Макаби - Тел Авив против Ајакс -Амстердам.

„Ова е многу мрачен момент за градот, поради што сум длабоко засрамена“, рече Халсема на прес-конференција.

„Антисемитските криминалци ги напаѓаа посетителите на нашиот град, во таканаречената акција 'удри и бегај' “, рече таа.

Холандските власти соопштија дека немало конкретна закана за израелските фудбалски навивачи пред натпреварот и дека не е јасно како и точно кога почнало насилството.

Питер Хола, вршител на должноста началник на полицијата во градот, на прес-конференција изјави дека израелските навивачи биле „намерно нападнати“.

Американскиот претседател Џо Бајден го осуди „антисемитското“ насилство врз израелските фудбалски навивачи во Амстердам, нарекувајќи ги нападите „одвратно“ враќање во мрачните моменти во историјата.

„Антисемитските напади врз израелските фудбалски навивачи во Амстердам се одвратни и ги повторуваат мрачните моменти во историјата кога Евреите беа прогонувани“, напиша Бајден на социјалната платформа X порано позната како Твитер.

Канадскиот премиер Џастин Трудо, генералниот секретар на Обединетите Нации Антонио Гутереш и други светски лидери му се придружија на Бајден во осудата на насилството.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ги опиша нападите како „гнасни“ и рече дека разговарала за нив со холандскиот премиер Дик Шуф.

„Огорчена од синоќешните гнасни напади насочени кон израелските граѓани во Амстердам“, напиша фон дер Лајен во објавата на X.

„Силно ги осудувам овие неприфатливи дела. Антисемитизмот нема апсолутно никакво место во Европа. И ние сме решени да се бориме со сите форми на омраза“, додаде таа .

Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар пристигна во Амстердам на состаноци со холандската влада и лидерот на екстремната десница Герт Вилдерс, а Амстердам ги забрани демонстрациите во наредните три дена.

Полицијата соопшти дека навивачите го напуштиле стадионот на 7 ноември без инциденти, откако натпреварот го добил Ајакс со 5-0, но во текот на ноќта биле забележани различни судири во центарот на градот.

Видеото објавено на интернет, исто така, наводно покажува дека израелските навивачи извикуваат антиарапски слогани на улиците пред натпреварот.

Познато е дека навивачите на Макаби користеа слични скандирања во Израел на последните натпревари таму.

Претходно, пропалестинскиот протест против посетата на Макаби, што требаше да се одржи во близина на стадионот, беше забранет од холандските власти од безбедносни причини поради зголемените тензии на Блискиот Исток.

Пјонгјанг ги блокира ГПС сигналите во Јужна Кореја

Илустрација
Илустрација

Северна Кореја втор ден по ред, односно од петокот спроведува кампања за блокирање на сигналите од сателитскиот навигациски систем ГПС, која погоди повеќе бродови и десетици цивилни авиони во Јужна Кореја, соопшти денеска јужнокорејската војска.

Генералштабот на Јужна Кореја ја повика Северна Кореја веднаш да прекине со последната провокација и предупреди дека ќе одговара за своите постапки.

Војската повика на претпазливост за јужнокорејските цивилни бродови и авиони кои патуваат во и над Жолтото Море, меѓу Кина и Корејскиот Полуостров.

Блокирањето на сигналите беше извршено во северните области на Хаеџу и Каесонг, соопшти војската.

Новите провокации дојдоа три дена откако јужнокорејската војска откри слична операција во вторникот.

Како и да е, овонеделните обиди за блокирање на сигналикте се далеку послаби од оние извршени кон крајот мај. Според јужнокорејската влада, околу 500 авиони и стотици бродови пријавиле проблеми со ГПС уште во периодот помеѓу 29 мај и 2 јуни годинава.

Битолчанец се обидел да силува две девојки, одреден му е притвор

Приведен е 23 годишен осомничен за обид за силување во Битола. Тој е осомничен дека извршил полов напад и силување врз две девојки. Основното битолско обвинителство побара од Судот да му одреди мерка притвор од 30 дена.

„Против него е поведена постапка, бидејќи во два одвоени настани, на 9 септември и на 7 ноември, полово нападнал две млади девојки и започнал да ги допира. Жртвите и во двата случаи успеале самите да го оттурнат и да се ослободат, по што осомничениот бегал од местото на нападот“, се вели во соопштението од Основното битолско обвинителство.


Обвинителството вели дека затоа што се работи за кривично дело против половата слобода и моралот, како и дека постојат околности кои укажуваат дека осомничениот би ги повторувал ваквите напади доколку остане на слобода, надлежниот јавен обвинител предложи определување притворска мерка.

Според полициската статистика минатата година биле приведени 125 сторители на 130 кривични дела од областа на дела против половона слобода и полов морал.

Лани најголем дел од пријавените случаи биле регистрирани во Скопје 47, а во Битола 25, по што следува Штип со 17. Во однос на видот, најбројни се кривичните дела „силување на дете кое не наполнило 15 години“, вкупно 34.

Потоа се „полов напад и силување“ 33 кривични дела извршени од 29 сторители. Во овие кривични дела влегува и кривичното дело „полово вознемирување“ со што вкупниот број на пријави изнесува 21 и задоволување на полови страсти пред друг – 16.

Според полициската статистика лани имало пријавени 41 случај повеќе од претходната 2022 година.

Смртоносна експлозија одекна низ пакистанската железничка станица, над 20 загинати

Официјални лица за безбедност го испитуваат местото на експлозија на бомба на железничката станица во Квета, југозападен Пакистан, во саботата,
Официјални лица за безбедност го испитуваат местото на експлозија на бомба на железничката станица во Квета, југозападен Пакистан, во саботата,

Најмалку 21 лице загинаа, а 37 се ранети кога силна експлозија одекна на железничката станица Квета во југозападен Пакистан на 9 ноември, изјавија официјални лица за пакистанскиот сервис Радио Машаал на Радио Слободна Европа.

Бомба експлодирала додека патниците чекале воз да отпатуваат до градот Равалпинди од Квета, главниот град на немирната провинција Балучистан, изјави Мохамад Балоч, висок полициски службеник.

Сепаратистичката група, Ослободителната војска на Белуџистан, ја презеде одговорноста за нападот во соопштение. Во соопштението е посочено дека бомбаш-самоубиец ги таргетирал војниците присутни на железничката станица. Полицијата соопшти дека го истражува таквото тврдење.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG