Вести
Стејт департментот предупредува на санкции за оние кои соработуваат со компаниите на „црната листа“

Соединетите Држави ќе ги користат сите средства што ни стојат на располагање против оние кои работат со компании кои се под американски санкции, изјави портпаролот на Стејт департментот за Радио Слободна Европа (РСЕ).
РСЕ потврди дека најмалку две црногорски државни компании соработуваат со компании од Босна и Херцеговина, кои беа предмет на американски санкции во јуни поради нивната поврзаност со семејството на претседателот на Република Српска, Милорад Додик.
„Финансиските институции, лица и други субјекти кои вршат трансакции или активности со санкционирани лица може да бидат изложени на санкции“, рече портпаролот на Стејт департментот во одговор на прашањето на РСЕ за соработката на црногорските државни фирми со санкционирани компании од БиХ.
Во средината на јуни, Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД (OFAC) санкционираше две лица и седум компании од БиХ, кои се поврзани со семејството Додик.
На „црната листа“ меѓу другите се најдоа „Инфинити интернешнл груп“, „Калдера компани“ и „Проинтер ИТСС“.
Тие се дел од мрежата, како што е наведено во соопштението на OFAC, кое обезбедува „значајни извори на приходи“ за Додик и неговото семејство.
„Додик ја искористи својата службена положба за да акумулира лично богатство преку компании поврзани со него и неговиот син Игор Додик“, изјави за РСЕ портпаролот на Стејт департментот.
„Инфинити интернешнл груп“ негираше каква било поврзаност со тоа семејство.
Самиот Додик долго време е под санкции на Соединетите Држави, како и неговиот син Игор и ќерката Горица. Кога станува збор за црногорските државни компании, договори со фирми од „црната листа“ имаат „Солар градња“, една од компаниите на Електростопанство на Црна Гора и Црногорскиот електродистрибутивен систем (ЦЕДИС).
Имено, во март, три месеци пред американските санкции, „Солар градња“ потпиша договор за соработка со босанската компанија „Калдера компани“.
Од 2020 година во Црна Гора работи подгоричката компанија „Infinity ITSS and Energy“, чиј косопственик е босанската компанија „Инфинити интернешнл груп“ која е под американски санкции. Таа има добиено три државни договори во вредност од 475 000 евра за последната година и половина, самостојно или како дел од конзорциум со санкционираниот „Prointer ITSS“. Последниот договор, кој компанијата го доби самостојно, беше потпишан во средината на април.
види ги сите денешни вести
Коцевски: Обвинителството даде наредба да се апси секој сомнителен за пожарот во диското

За десет лица обвинителството ќе бара краткотраен притвор бидејќи за нив обезбедило докази во текот на денот, потврди Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски. Според него сослушан е и еден од организаторите и според неговиот исказ договор за настап на групата ДНК во дискотеката во Кочани во која загинаа 59 млади луѓе во пожар, немало.
„Сослушан е еден од првите осомничени, тој е организатор и од неговиот исказ се дадени докази од кои само можам да кажам дека нема писмен договор меѓу организаторот и групата која настапувала. Оние кои се осомничени за давање поткуп се од Министерството за економија. Се бара кус притвор кој може да биде продолжен во 30 дневен за оние за кои добивме денеска докази“, рече Коцевски.
Според Коцевски се работи за дела Предизвикување на општа опасност, Давање и примање поткуп и за употреба на пиротехнички средства. Тој потврди дека во моментов во полициска станица е и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши. Вели дека пропустите кои се направени се големи и предизвикале ерозија на системот.
„Увидот траеше до вечерните часови и се уште не е завршен ќе продолжи утре. Ќе ангажирам 3-5 обвинители од ОЈО Скопје, сложен е предметот и има многу работа. Денеска од увидот на лице место заедно со инспектори на Дирекција за заштитата и спасување утврдивме дека во објектот нема хидрантска мрежа ниту хидрант во функција, немало довлно ПП апарати односно имало само два, немало доволно врати, туку само една импровизирана метална врата за евакуација која била метална, заклучена и обложена со сунѓер. Немало пристап за ПП возила согласно правилник. Внатрешноста била обложена со гипс картон кој бил лесно согорлив. Непрописно бил обложен со материјали за звучна изолација кои лесно биле согорливи. Се употребиле и пиротехнички материјали со висина од 3 метри кои биле употребувани незаконски, без обезбедување“, рече Коцевски.
Инаку Инспекторатот за градежништво и урбанизам утврдил дека објектот е регистиран за лесна индустрија на површина од 419 м2 и нема пренамена. И покрај тоа што нема пренамена за угостителски објект истиот има дозвола за работа од Министерство за економија издадена пред петнаесетина години за угостителски објект.
Инаку издадени се наредби за обдукција, како што се идентификувале жртвите. Наредби до МВР и БЈБ Скопје се дадени да се апси секое лице кое со постапување или непостапување придонело за несреќата и да се испита неговата улога. Запленети се предмети, видео запис од камери, издаден предлог за привремено одземање на документација. Обвинителстовот дало и барање за претрес во дом и меѓу институционална соработка со Обвинителство за гонење организиран криминал.
Мицкоски: Нема да дозволам да победи корумпираниот систем

Во мојот живот сум имал многу тешки моменти и предизвици, но ова денес е убедливо најтешкиот ден од мојот живот. Вака премиерот, Христијан Мицкоски попладнево ја почна прес конференцијата на која повика на сплотеност и заедништво по пожарот во ноќниот клуб во Кочани.
„Наидов на систем длабоко корумпиран кој е создаван и негуван со децении, чиј дел се лица од сите партии, од секакви профили. Тој систем ако не се сруши оваа држава нема никогаш да ја биде и тој систем не може да се сруши лесно и брзо, затоа што е граден со децении, не со месеци и години“, рече Мицкоски оценувајќи го немилиот настан како кулминација на како што рече, лош, забревтан систем кој ги јаде надежите.
Премиерот информираше објектот каде се случи несреќата имал фалсификувана лиценца, која била издадена лани во март
„Тоа е документ за работа на кабаре, кој е издаден нелегално, со оригинален печат на Министерството за економија и потпис на тогашните официјални лица на истото тоа министерство. Има тука многу прашања кои истрагата ќе ги одговори“, посочи Мицкоски.
Тој најави кривична одговорност за сите инволвирани и „хируршки прецизна акција на институциите“.
„Во наредните денови ќе преземеме низа на мерки и активности и одлуки кои ќе значат многу во борбата за оваа земја и во име на сите жртви на оваа трагедија и на нивните семејства. Ако има одговорност при непостапување во минатиот период ќе се преземат соодветни чекори. Ќе се разгледаат и испитаат од страна на институциите сите аспекти и сите проблеми кои доведоа до оваа трагедија без скрупули кон никого. Ќе се испитаат аспектите на контрола и се она кое јавноста оправдано го детектира како проблем и предизвик на општеството“, рече Мицкоски.
СДСМ бара одговорност за трагедијата во Кочани
Претходно, темелна и независна истрага за трагедијата во Кочани, побараа и од опозицијата. Потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска на прес-конференција побара и одговорност од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Министре Тошковски, нели е срамно да не поднесете одговорност и оставка вие и сите во институциите, во услови кога цела година оваа дискотека работи без лиценца. Чија е одговорноста ако не е ваша, вие тоа да го проверите. Чија е одговорноста ако не е ваша и на сите инспектори кои ги водите? Да се побара одговорност и да се провери цела година дали има неправилности во работењето“, истакна Чупеска.
Таа истакна дека Дирекција за заштита и спасување треба еднаш годишно да ги прави проверките за безбедносните стандарди на сите објекти.Чупеска додаде дека пожарот е настанат од пиротехнички материјали, а како што рече, токму МВР ги издава и контролира овие компании кои управуваат со овие средства.
„Тука одговорноста е целосно во МВР и зошто вие молчите за ова? Дали е точно дека летово оваа дискотека била реновирана и пуштена во употреба, кој дал согласност за тоа? Вие бевте на власт тогаш и на централно и на локално ниво“, порача Чупеска.
Коментирајќи ги пораките од опозицијата пак, премиерот Мицкоски рече дека немилиот настан не треба да се политизира и без разлика на „идеолошките разлики мора да се стави крај на корупцијата“.
„Ова не е меѓупартиска битка ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, туку ова е битка на чесните против нечесните и корумпираните од сите партии и сите институции. Ова го зборувам за сите чесни луѓе во Македонија, и во ВМРО-ДПМНЕ, и во СДСМ, и во Вреди, и во ДУИ и во други партии кои искрено сакаат државата да има ред и поредок“, посочи претседателот на Владата.
Преетходно, министерот за внатрешни работи Тошковски информираше дека за пожарот во ноќниот клуб во Кочани се осомничени повеќе од 20 лица, од кои 15 се приведени во полициска станица.
„Полициски службеници во Скопје разговараа со над 25 очевидци на настанот, а прибирањето докази ќе продолжи континуирано“, истакна Тошковски додавајќи дека истрагата е во тек.
Екс министерот за економија Крешник Бектеши викнат на информативен разговор

Поранешниот министер за економија Крешник Бектеши вечерва е повикан на информативен разговор во полициска станица, во врска со синоќешниот пожар во ноќниот клуб во Кочани. Ова го потврдуваат од МВР за МИА.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски претходно информираше дека МВР во координација со Јавното обвинителство до овој момент во врска со овој настан има осомничено повеќе од 20 лица, од кои 15 се во полициска станица.
Дел од осомничените за предизвикување на овој кривично правен настан се починати, дел се во болница.
„Дел од приведените лица кои што моментално се во полициска станица се луѓе кои имаат директна вина со овој настан, согласно досега собраните докази. Приведено е едно лице, кое што е организатор на настанот и за кое што имаме сомнение дека еден од оние кои што имаат директна вина. Исто така, приведени се поранешен државен секретар на Министерство за економија, поранешен раководител на еден сектор во Министерство за економија, поранешен директор на Дирекција за заштита и спасување и тројца вработени во рамки на дирекцијата, изјави Тошковски.
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска на прес-конференција информира дека веднаш биле преземени првите чекори за справување со последиците, а во моментов има информациите дека објектот каде се случи несреќата има фалсификувана лиценца, која била издадена март, 2024 за мито. Тоа е документ, рече Мицкоски, за работа на кабаре, кој е издаден нелегално, со оригинален печат на Министерството за економија и потпис на тогашните официјални лица на истото тоа министерство. Според него, тука има многу прашања кои истрагата ќе ги одговори.
„Оттука, во сето ова што ни се случува и ни се случи, најпрво мора да има кривична одговорност за сите до еден инволвирани, без разлика кој од која институција е, на кое ниво, од која партија, од која професија итн., итн. до последниот. Очекувајте кога станува збор за одговорност, дека нема да има милост. Ќе мора да има одговорност со име и презиме. Во хируршки прецизна акција на институциите. Без милост, најави тој.
Во синоќешниот пожар во дискотеката во Кочани според првичните информации на МВР имало околу 500 лица, бројот на починати е 59, а 155 се повредени. Роднини и блиски на починатите се противат на ваквата одлука и спонтано го блокираа влезот во болницата
Сиљановска-Давкова: Ниту еден одговорен не смее да избегне од правдата и казната

Ниту еден одговорен овој пат не смее да ги избегне правото, правдата и казната. Да не ја сквернавиме невината жртва на погинатите, повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по трагедијата во Кочани, која одзеде најмалку 59 животи и 155 повредени лица.
Во обраќање до нацијата, шефицата на државата рече дека „без стандарди и правила не смее да функционира ниту една дејност и активност“.
Побара да нема конфронтации околу оваа трагедија што се случи во кочанската дискотека „Пулс“ бидејќи, како што рече, не е време за тоа особено во ситуација кога згаснале млади животи заради нечие „самоволие, импровизација и манипулација“.
„Да ги здружиме силите околу преживеаните, да не дозволиме никој повеќе да ги загрозува животите на невините луѓе. Никогаш повеќе да не ги жртвуваме стандардите и сигурноста на луѓето за профитот и богатството на поединците. Ништо не е повредно од човечкиот, а особено од младешкиот живот“, рече Сиљановска-Давкова обраќајќи се од претседателската вила на Водно.
Претходно во текот на денот, таа беше во посета на болниците во кои се хоспитализирани дел од повредените.
„Пред нив ме дочекаа родителите со надеж и доверба во медицинскиот персонал. И јас верувам дека ќе го сторат не само можното, туку и невозможното за да им помогнат на нивните сакани“, рече претседателката.
Таа се заблагодари на сета помош што ја понудија државите од регионот, Европа и светот што, како што изјави, покажало дека „не сме сами“.
Дел од повредените, како што претходно беше објавено, се пренесуваат во медицински центри во земјите од регионот – Грција, Турција, Србија и Бугарија.
Владата на седницата претходно во текот на денот донесе заклучок и за активирање на механизмот за барање на меѓународна помош.
Министерот за здравство, Арбен Таравари, соопшти дека вкупно 47 повредени ќе бидат хоспитализирани надвор од државата.
Утре на помош во државата, најави тој, ќе пристигнат специјалисти за изгореници од Израел, Белград и Прага кои ќе им помогнат на македонските здравствени работници.
За пожарот во дискотеката во Кочани надлежните органи веднаш отворија истрага која ја раководи тим од шест обвинители. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека има осомничено 20 лица, од кои 15 се во полициска станица.
За четирите лица за кои беше распишана централна потерница, Тошковски информираше дека се обезбедени.
Според информациите кои ги сподели министерот, приведено е едно лице кое е организатор на настанот за кое постои сомнение дека е еден од оние кои имаат директна вина.
Приведени се и поранешен државен секретар на Министерство за економија, поранешен и сегашен раководител на сектор во Министерство за економија, поранешен директор на Дирекција за заштита и спасување и тројца вработени, организаторите на самиот настан, некои биле во рамките на обезбедување и дел на други активности кои се случувале вечерта.
Министерот Тошковски кажа дека фирмата имала нелегална лиценца издадена во 2024 година, која е фалсификувана и добиена на коруптивен начин.
За трагедијата, Владата прогласи и седумдневна жалост во Северна Македонија.
ЕУ подготвена да помогне по трагедијата во Кочани

Европската Унија е подготвена да помогнеме на Северна Македонија во справување со последиците од пожарот во ноќниот клуб во Кочани, изјави за МИА портпарол на Европската комисија.
„Подготвени сме да помогнеме преку нашиот Механизам за цивилна заштита, доколку тоа биде побарано“, посочи портпаролот, при тоа изразувајќи жалење за трагедијата.
Во врска со пожарот се огласи и еврокомесарката за еднаквост, подготвеност и кризен менаџмент Хаџа Лабиб која изрази жалење за жртвите и изрази солидарност со Северна Македонија.
„Трагедија во Кочани, Северна Македонија, каде што катастрофален пожар во ноќен клуб резултираше со голем број жртви и повредени. Нашите мисли се со жртвите, нивните семејства и тимовите за итни случаи. ЕУ е подготвена да даде поддршка. Солидарни сме со Северна Македонија“, наведе Лабиб во објава на мрежата Х.
Претходно изрази на сочувство, солидарност и тага изразија и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претседателките на Европската комисија и на Европскиот парламент, Урсула фон дер Лајен и Роберта Мецола, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас и еврокомесарката за проширување Марта Кос.
Пораки за поддршка, сочувство и помош дојдоа од голем број на регионални и европски лидери.
Досегашната статистика покажува дека најмалку 59 лица загинаа, а 155 се повредени во пожар што се случи минатата ноќ во ноќен клуб во Кочани.
Владата прогласи седумдневна жалост по трагедијата во Кочани

Владата на Северна Македонија ја започна денешната седница на 16 марти со едноминутно молчење со што им оддаде почит на трагично загинатите во пожарот во Кочани. Донесе одлука за прогласување седумдневна жалост на територија на целата држава, а во Министерството за надворешни работи ќе биде отворена книга на жалост.
„Владата донесе одлука за прогласување на седумдневна жалост на територија на целата држава. Секој да се придржува до одлуката, бидејќи казните за непочитување ќе бидат ригорозни. Во овие денови Министерството за надворешни работи ќе отвори книга на жалост во рамки на Министерството за огромната несреќа која се случи“, се наведува во соопштението објавено на владината веб страница.
Исто така, на владината седница е донесена одлука со која се задолжува Државниот пазарен инспекторат во наредните три дена да изврши вонреден инспекциски надзор врз угостителски објекти (кабаре, ноќен клуб, дискотека и дискотека на отворен простор), на територијата на Северна Македонија и за наодите од надзорот веднаш да ја известат Владата. Целта на инспекциските надзори е да се утврди фактичката состојба дали истите работат според стандардите ги исполнуваат условите согласно законите и прописите на државата.
Владата на седницата донела заклучок и за активирање на механизмот за барање на меѓународна помош.
Воедно, најавува и правна разврска за несреќата во Кочани.
„Никој не е над законот. Изразуваме длабоко сочувство до семејствата на жртвите, во овој трагичен настан не постои збор кој може да ја ублажи болката за ненадомесливата загуба. Целиот здравствен и медицински тим во сите здравствени установи е на располагање и пружи здравствена нега и помош за брзо закрепнување на повредените. Водно, во овие исклучително тешки и тажни моменти за целиот македонски народ, замолуваме да не се политизира случајот, за институциите да можат навремено и соодветно да го расветлат случајот. Ниту една информација нема да биде скриена од очите на јавноста“, наведуваат од Владата.
Бројот на загинати лица во пожарот во дискотеката во Кочани се искачи на најмалку 59 лица, а бројот на повредени е 155.
Телата на починатите во пожарот ќе се носат на обдукција во Скопје, семејствата и роднините против

Во Општата болница во Кочани пристигнуваат триесетина возила од погребални претпријатија и од Армината на Северна Македонија, кои треба да ги транспортираат телата на загинатите на обдукција во Скопје.
Како што јавуваат повеќе медиуми, роднини и блиски на починатите се противат на ваквата одлука и спонтано го блокираа влезот во болницата. Тие бараат телата веднаш да им бидат предадени на семејствата.
Според досегашните официјални информации од полицијата, во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ животот го изгубија 59 лица, а 155 се повредени.
Над 20 осомничени за пожарот во Кочани - дел од нив се починати, приведени се поранешни функционери

Министерството за внатрешни работи во координација со Јавното обвинителство до овој момент има осомничено 20 лица, од кои 15 се во полициска станица во врска со синоќешниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
За четирите лица за кои беше распишана централна потерница, Тошковски информираше дека се обезбедени.
„Дел од осомничените за предизвикување на овој настан се починати, согласно сомненијата кои ги имаме досега, дел се во болница. Четири лица имаме обезбедено во болница, два члена во бендот, син на сопственик на дискотека и управител на правното лице кое ја менаџирало дискотеката. Дел од приведените лица кои се во полициска станица, се луѓе кои имаат директна вина со настанот согласно доказите досега“, рече Тошковски.
Според информациите кои ги сподели министерот, приведено е едно лице кое е организиратор на настанот за кое постои сомнение дека е еден од оние кои имаат директна вина.
Приведени се и поранешен државен секретар на Министерство за економија, поранешен и сегашен раководител на сектор во Министерство за економија, поранешен директор на Дирекција за заштита и спасување и тројца вработени, организаторите на самиот настан, некои биле во рамките на обебзедување и дел на други активности кои се случувале вечерта.
Министерот Тошковски кажа дека фирмата имала нелегална лицанца издадена во 2024 година, која е фалсификувана и добиена на коруптвен начин.
„Не би сакал да откривам повеќе детали бидејќи сме во рана фаза од истражната постапка. И оваа лиценца и многу други работи во Македонија е поврзана со мито и корупција. За разлика од претходно, имаат име и презиме на оние кои се вклучени во нелегалното издавање на лиценците и тие ќе одговораат“, посочи Тошковски.
Утврдени се повеќе од 20 повредени и 3 починати малолетни лица.
„Имало околу 500 лица, 250 карти се продадени. Имињата на починатите, по завршување на идентификацијата ќе бидат доставени до семејствата. Идентификувани се најголем број од жртвите, сите тела се извадени од лице место. Во критична состојба има 22 лица и дел од овие лица ќе бидат пренесени во Бугарија, Грција и таму ќе им се даде соодветен третман за лекување“, изјави Тошковски.
Според последната изјава на Тошковски, нема промена во бројот на починати и тој изнесува 59 загинати.
Андреј Ѓорѓиевски од ДНК е меѓу загинатите во Кочани

Пејачот Андреј Ѓоргиевски од дуото ДНК е меѓу загинатите во трагедијата во Кочани која настана по избувнување на пожар во дискотеката „Пулс“.
Повеќе јавни личности од естрадата преку социјалните мрежи објавуваат пораки во кои се збогуваат од познатиот пејач.
Другиот член на дуото, Владимир Блажев – Панчо, како што изјавија од неговото семејството претходно, имал изгореници и е на кислородна поддршка.
Групата настапуваше во дискотеката во која ноќта помеѓу 15 и 16 март избувна пожар во кој досега загинаа најмалку 59 лица, а 155 се повредени.
Во несреќата животот го загуби и придружниот вокал на ДНК, Сара Пројковска, која била вонредна професорка на Факултет за музичка уметност, соопштија од оваа високообразовна установа.
Во пожарот почина и 24-годишниот струмичанец Горги Горгиев, тапанар на групата ДНК. Веста за неговата смрт ја потврдија брат му Димитар и градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов.
Животот го загуби уште еден член на бендот, Филип Стевановски, кој беше и директор на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип.
Повеќе медиуми во Северна Македонија јавија дека меѓу жртвите е и фотографот кој бил ангажиран за синоќешниот настап на групата, Александар Ефремов.
Дваесет и седум повредени во пожарот се транспортираат во болници во соседните држави

Дваесет и седум пациенти во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ ќе бидат транспортирани за лекување во здравствени установи во соседните држави. Министерството за здравство информира дека се организира авионски транспорт за најтешко повредените во пожарот.
Петмина пациенти се упатуваат на лекување во Бугарија, од кои двајца се од хируршката клиника „Свети Наум Охридски" и тројца од ТОАРИЛУЦ.
Во Турција на лекување ќе се упатат тројца пациенти од ТОАРИЛУЦ и шест од ГОБ ,,8 Септември". Исто така, за Грција со возила на ИМП се транспортирани тројца пациенти од ТОАРИЛУЦ.
Со возила на итната медицинска помош ќе бидат транспортирани уште петмина пациенти за Бугарија и пет за Србија.
Според последните информации од Министерството за внатрешни работи, досега се загинати 59 лица, а повредени се 155.
Истрагата ја водат пет обвинители кој ги предводи државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Пораки за сочувство за несреќата во Кочани пристигнаа од голем број европски лидери, политичари и верски заедници.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете