„Одеднаш престана да зборува...како нема да беше. Од утрото до попладне некое време, само плачеше, отвораше уста да каже нешто, но збор од уста не ѝ излегуваше. Многу се исплашивме“, вели жителка на Кочани, мајка на 16 годишна ученичка во средно училиште.
Нејзината ќерка така реагирала откако се разбудила на 16 март, кога дознала дека една другарка ѝ загинала во пожарот во дискотеката „Пулс“, а уште две други биле однесени во болница во неизвесност дали ќе преживеат.
Вкупно 59 лица загинаа во пожарот за време на настапот на групата ДНК, а најмалку 155 беа повредени.
Младите во Кочани не можат да се соземат од трагедијата – многу од нив имаат роднини, соседи, соученици што загинале во трагедијата или се лекуваат низ болниците во земјава и во странство.
„Имам другарки и другарки што се починати, а многу и што се повредени и сега се во болница во Скопје. Некои се во критична состојба, некои не се“, изјави за РСЕ 14-годишната Сара која на 18 март беше во центарот на Кочани каде се оддаваше почит на жртвите од пожарот.
Најтешко е во Кочани, но траумата е насекаде
Психолози и психијатри нудат бесплатна стручна помош за да им помогнат на граѓаните да се справат со последиците од несреќата во Кочани.
„Ние контактираме повеќе со повредените или оние кои имаат повредени роднини. Не сме стигнале до општото население. Но, кај секој би можело да има проблеми со спиењето, со размислувањето. Овие настани ги исклучуваат когнитивните функции. Семејствата на жртвите не се обраќаат сѐ уште за помош, тие се во тежок траор“, вели доц.д-р Мирјана Јовановска-Стојановска, претседателка на Комората на психолози, која ја мобилизираше фелата за да се помогне.
Траумата е свежа и секој различно ја доживува. За последиците поконкретно ќе може да се зборува кога ќе помине шокот. Но, она што е сигурно веднаш е дека не постои човек кој не беше допрен од трагедијата, додава таа.
„Сигурно дека за оние што лично изгубиле деца, тоа е немерлива болка, не се споредува со ништо. А секој од нас, дури и некој кој немал никаков контакт со Кочани или со луѓето, не постои некој жив во нашава земја кој не остана допрен од ова, на кого му е сеедно или не доживеал длабоки емоции“, вели Јовановска-Стојановска.
За тоа дека болката се прелева во целото општество, сведочи и атмосферата во скопските училишта, каде, како што велат средношколците и наставниците со кои разговаравме, владее тага, вознемиреност, збунетост...
Повеќето се облечени во црно и само за тоа се зборува. Вака средношколката Јана, ја опишува сликата во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“ каде таа учи.
„Сочувствуваме, бидејќи животот бил пред нив и бидејќи и ние истото го правиме, излегуваме во диско, на журки и ова може да се случи на кој било од нас. Многу нѐ погоди ова како генерација. Сите се многу потресени, мислам дека некои не би ни оделе следниов период по журки“, вели Јана во разговорот со РСЕ.
Голема тага владее и низ скопската гимназија Корчагин, сведочи професорката Татјана Алексиќ која предава таму.
„Деконцентрирани се и на часови ги гледам. Баш се гледа дека се тагува“, вели професорката.
Средношколците бараат начини за солидаризирање и оддавање почит.
„Земале балони, па ги напишале стиховите од ДНК, ‘Ако утре ме нема, немој да ме жалите’. Сакаат да ги пуштат во небо, земале цвеќе, ќе запалат свеќи, за на некој начин да се солидаризираат со оваа траорна ситуација. Македонија е погодена со една трагедија од невидени размери. Сето ова е многу тешко да се надмине. Секако децата го доживуваат тоа лично, како и сите ние“, додава Алексиќ.
Во училиштата деновиве нема испрашувања ни тестови. Одговараат само доброволци, велат учениците со кои разговаравме.
Совети и помош од институциите
Ограничете го времето поминато со вести за настанот и внимавајте со информациите кои ги споделувате на социјалните мрежи. Oва е една од насоките од Министерството за образование и наука (МОН) за тоа како родителите да пристапат во услови на криза.
Родителите треба да бидат пример за тоа како децата може да се справуваат со стресни искуства, а младите да бидат уверени дека се безбедни и штом се почне разговор на темата, да се слуша без прекинување, порачуваат од МОН.
Советуваат и доколку некои деца чувствуваат потреба повеќе да разговараат во врска со овие случувања или се повеќе вознемирени, да се упатат кај училишниот психолог или друго стручно лице.
Министерството за здравство во координација со ЈЗУ Психијатриска болница и Клиниката за психијатрија формира мобилни тимови од психијатри и психолози кои ќе обезбедуваат психолошка поддршка за семејствата и пациентите.
Министерството за социјална политика, демографија и млади оформи тимови од психолози и социјални работници, за кризна интервенција, психосоцијална помош и поддршка за семејствата на починатите и повредените.
Ректорската управа на Универзитетот „Гоце Делчев“ формира Центар за поддршка на студентите кои се погодени на каков било начин од несреќата во ноќниот клуб во Кочани. Центарот почнува со работа од денеска (18 март) и таму психолози и психијатри преку телефон, онлајн или со физичко присуство ќе обезбедат помош и поддршка.
Првата детска амбасада „Меѓаши“ отвори шест дополнителни телефони за психолошка прва помош за децата и нивните семејства.
Помош понудија и повеќе приватни психијатриски и психолошки ординации.
По несреќата, Владата на Северна Македонија прогласи седумдневна жалост на територија на цела држава.