Повеќе од 300 луѓе беа пријавени како загинати откако Израел изврши смртоносни воздушни напади во Појасот Газа, Либан и јужна Сирија во, како што рече, целни напади против екстремисти кои планираат терористички напади, што повторно ги разгоре тензиите што се закануваа да го зафатат регионот во нов, крвав конфликт.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека и дал инструкции на војската да преземе „силна акција“ против Хамас поддржан од Иран, кој се смета за терористичка организација од САД и ЕУ, како одговор на одбивањето на исламистичката група да ги ослободи сите преостанати заложници и нејзиното отфрлање на новите предлози за прекин на огнот.
„Израел отсега ќе дејствува против Хамас со зголемена воена сила“, се вели во соопштението од канцеларијата на Нетанјаху.
Нападите претставуваат најголема ескалација во конфликтот откако беше постигнат прекин на огнот во средината на јануари.
Повикувајќи се на медицински претставници под контрола на Хамас, неколку медиуми објавија дека бројот на загинатите низ Појасот Газа достигна најмалку 326 лица.
Информацијата не можеше независно да се потврди.
Хуманитарниот координатор на Обединетите нации за окупираната палестинска територија ги нарече нападите „несовесни“ и побара итно враќање на прекинот на огнот.
„Луѓето во Газа претрпеа незамисливо страдање. Крајот на непријателствата, постојаната хуманитарна помош, ослободувањето на заложниците и обновувањето на основните услуги и егзистенцијата на луѓето се единствениот пат напред“, рече Муханад Хади во неговата изјава.
Израелската војска соопшти дека нападите во Газа биле насочени кон команданти и водачи на Хамас од средно ниво и инфраструктурата на групата.
Заедно со нападите против Хамас во Газа,израелската војска соопшти дека извршила воздушни напади и во јужен Либан и јужна Сирија.
Во соопштението се додава дека Израел е подготвен да продолжи со нападите против Хамас онолку долго колку што е потребно и дека ќе ја прошири акцијата. Израелски тенкови и војници оперираа масовно во Газа за време на претходната одмаздничка акција.
Белата куќа беше консултирана од Израел во последните напади врз Газа, изјави портпаролката на Белата куќа за Фокс њуз.
„Како што претседателот [Доналд] Трамп јасно стави до знаење - Хамас, Хутите [во Јемен], Иран, сите оние кои се обидуваат да го тероризираат не само Израел, туку и Соединетите Американски Држави, ќе ја видат цената што треба да ја платат“, изјави за Фокс портпаролката Каролин Левит.
Трамп на 5 март го предупреди Хамас дека ќе има „пекол“ доколку веднаш не ги ослободи сите заложници, откако Белата куќа потврди дека водела тајни разговори со екстремистичката група.
Ројтерс цитираше висок претставник на Хамас дека Израел „еднострано го завршува“ договорот за прекин на огнот во Газа и дека акцијата ја загрозува судбината на преостанатите израелски заложници.
Насилството доаѓа во време на спорови меѓу Израел и Хамас околу начините за одржување на трифазниот прекин на огнот кој започна на 19 јануари, вклучително и размената на преостанатите заложници што ги држеше Хамас за палестинските затвореници во израелските затвори.
Пред две недели, Израел ја прекина сета храна, лекови, гориво, електрична енергија и други испораки на околу 2 милиони жители на територијата за да изврши притисок врз Хамас да го прифати новиот предлог за продолжување на прекинот на огнот.
Голем дел од раководството на Хамас беше убиено за време на одмаздничката кампања на Израел во Газа по крвавиот прекуграничен напад на екстремистичката група во Израел на 7 октомври 2023 година.
Во нападот на милитантите предводени од Хамас врз населбите во јужен Израел загинаа околу 1.200 луѓе, главно цивили, а 251 заложник беа одведени во Газа. Дваесетина остануваат во заложништво на Хамас.
Израел возврати со започнување на разорна војна во палестинската енклава во која загинаа десетици илјади луѓе, според локалните власти, и раселени повеќето од 2,3 милиони жители на Газа.
По договорот за прекин на огнот, кој доведе до ослободување на голем број заложници и затвореници, израелската војска често изведуваше напади против Хамас, како и напади врз локациите на Хезболах во јужен Либан.
Хезболах, исто така, беше прогласен за терористичка организација од страна на Соединетите држави, додека за ЕУ тоа е вооруженото крило, но не и нејзиниот политички дел. Голем дел од неговото раководство беше убиено и за време на 14-месечната војна на Израел против групата пред примирјето со посредство на САД во ноември.
Во обновените напади, Израел соопшти дека погодил двајца лидери на Хезболах во јужниот либански град Јохмор. Се вели дека мажите биле „оперативци за набљудување“.
Војската соопшти дека биле извршени други, неодредени напади врз локациите на Хезболах во Либан.
Во Сирија, Израел зазеде тампон зона на југ, по колапсот на автократскиот режим на Башар ал Асад во декември. Тој го опиша потегот како превентивна мерка против поранешните исламистички бунтовници кои го соборија Асад и сега ја контролираат Сирија.
На 17 март, сириските власти соопштија дека израелските напади погодиле станбена област во јужниот град Дара, при што загинале три лица. Извештајот не можеше да се потврди.
Израел рече дека цели на воени командни центри и локации за оружје во јужна Сирија што им припаѓаат на остатоците од силите на Асад и дека тие претставуваат закана за Израел.
Асад избега од Сирија и во декември и беше објавено дека е во Русија, која заедно со Иран беше главен поддржувач на неговиот режим. Асад ја презеде власта во 2000 година по смртта на неговиот татко Хафез ал Асад.