Достапни линкови

Вести

По посетата на Киев, Орбан патува за Москва

Унгарскиот премиер Виктор Орбан со рускиот претседател Владимир Путин за време на состанокот во Кремљ на 18 септември 2018 година.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан со рускиот претседател Владимир Путин за време на состанокот во Кремљ на 18 септември 2018 година.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан на 5 јули ќе отпатува за Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин. Посетата на Орбан на Русија доаѓа неколку дена откако тој се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев. Унгарскиот премиер оди во Москва само пет дена откако неговата земја го презеде претседавањето со Европската унија.

Министерот за надворешни работи Петер Сијарто со Орбан ќе го посети и Кремљ, изјави владин извор за Радио Слободна Европа. Сјарто ја посети Русија повеќе од пет пати откако Москва ја нападна Украина пред повеќе од две години.

Путин минатиот месец изјави дека Русија ќе стави крај на војната во Украина само доколку Киев исполни одредени услови. Тие вклучуваат напуштање на амбициите за НАТО и отстапување на четири територии делумно анектирани од Русија, како и на Крим. Украина ги отфрли овие услови и ги нарече апсурдни.

Додека беше во Киев, Орбан, кој одржува блиски односи со Путин, рече дека на Зеленски му доставил предлог за прекин на огнот, чија цел е да се запре двегодишната борба со Русија.

Зборувајќи за новинарите по средбата со Зеленски, Орбан не елаборираше за предлогот, но рече дека го прашал украинскиот претседател „дали е можно да се направи пауза, да се запре пукањето и потоа да се продолжат преговорите“, додавајќи дека прекин на огнот „може да обезбеди забрзување на темпото на овие преговори“.

види ги сите денешни вести

Дурмиши: Освен есенска, ќе има и празнични кошници

Илустрација
Илустрација

Предлогот за ограничување на бруто профитната маржа до 10 отсто со кој се опфатени стотина основни прехранбени производи, е донесен во консултација со стопанските комори. При неговото изготвување биле земени предвид сугестиите и од производителите и трговците. Oва го истакна министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, на денешната средба со новинарите.

Покрај есенската кошница, ќе има и други празнични кошници, бидејќи обично, како што вели министерот, во периодот пред и за празниците, трговците секогаш ги зголемуваат цените.

„Коморите не беа добро известени, мислеле дека оваа мерка ќе биде долгорочна, но ние ги информиравме дека мерките се само за празници, со ограничено времетраење. На пример, одлуката за есенската кошница ќе трае еден месец, потоа ќе има божиќна кошница, рамазанска, велигденска...“, вели Дурмиши.

Тој очекува предлогот да биде усвоен на наредната владина седница.

Борел: Грузија се оддалечува од ЕУ со новите анти-ЛГБТ закони

Грузиските верски демонстранти учествуваат на анти-ЛГБТ митинг во центарот на Тбилиси,
2 јули 2022
Грузиските верски демонстранти учествуваат на анти-ЛГБТ митинг во центарот на Тбилиси, 2 јули 2022

Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел ја повика Грузија да ги укине законите со кои ги ограничува правата на ЛГБТ+ заедницата, истакнувајќи дека тие „ја оддалечуваат земјата од ЕУ“.

„Овие закони ќе ги поткопаат основните права и ќе ја зголемат дискриминацијата и стигматизацијата“, напиша Борел на социјалната мрежа „X“.

Пакетот закони вчера беше усвоен од грузискиот парламент, но наиде на осуда од страна на Европската Унија и организациите за човекови права. Противниците тврдат дека законите ги нарушуваат правата на ЛГБТ+ заедницата и ја отежнуваат евроинтеграцијата на Грузија.

Новиот пакет закони беше одобрен од пратениците од владејачката партија Грузиски сон на гласањето кое беше бојкотирано од опозицијата и во услови на конзервативна и антизападна влада.

Со пакетот законски измени, кој беше претставен со наслов „За семејните вредности и за заштита на малолетници“, всушност се менуваат 18 актуелни закони, вклучително и за слободата на говорот и изразувањето, како и за радиодифузија.

Со измените се забрануваат собири на кои се промовираат лица кои се идентификуваа како пол различен од „неговиот или нејзиниот биолошки пол“, како и настани на кои се промовира истополовата ориентација или врски.

Опозицијата го бојкотира парламентот уште од мај годинава кога пратениците на Грузискиот сон го одобрија нацрт-законот за „странско влијание“ што Грузијците и западните влади го споредуваат со закон за „странски агенти“ што го донесе Русија за да се справи со неистомислениците.

Вучиќ побара од Хрватска да го ослободи актерот Сергеј Трифуновиќ

Aктерот Сергеј Трифуновиќ
Aктерот Сергеј Трифуновиќ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, побара од властите во Хрватска „што поскоро да го ослободат“ актерот Сергеј Трифуновиќ, кој беше приведен на 17 септември на граничниот премин Бајаково меѓу Србија и Хрватска.

Како што претходно соопшти хрватската полиција за Радио Слободна Европа (РСЕ), Трифуновиќ е уапсен поради „навреда и омаловажување на хрватските полицајци“.

Во објава на Инстаграм, Вучиќ апелираше до хрватските власти „да разберат дека затворањето на Србите не води кон создавање подобри односи“.

Тој побара од претставниците на властите во Србија „да ги искористат сите дипломатски канали за да се обидат да се борат за правда и да се борат за слободата на Сергej Трифуновиќ“.

„Уапсен e човек кој е мој политички противник, основач на Движењето на слободни граѓани, но и државјанин на Србија, државјанин на нашата земја, за што е уапсен никој не разбра“, рече Вучиќ.

Од полициското одделение Сплит-Далмација за РСЕ изјавија дека со соопштение од 10 септември 2023 година ја информирале јавноста дека од тој ден ќе спроведат истрага во врска со објавата на Сергеј Трифуновиќ на социјалните мрежи.

Полицијата наведува дека Трифуновиќ „објавил текст со недолична содржина во кој исто така грубо ги омаловажува полицајците и полицајците, меѓу другото наведувајќи дека сплитските полицајци изнудиле над илјада евра“.

Оттаму додаваат дека по завршување на постапката ќе биде поднесен обвинителен акт до надлежниот општински суд за прекршоци.

Минатата година Сергеј Трифуновиќ во Хрватска неколку пати добил прекршочна казна, пишуваат медиумите, бидејќи своето куче го шетал без надзор, односно без поводник и корпа.

Сплитската полиција во септември минатата година соопшти дека поради тие прекршоци, Трифуновиќ добил едногодишна забрана за влез во Европската економска зона, која ја сочинуваат земјите од Европската Унија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн.

Основната каматна стапка ќе се намали за 0,25 процентни поени

Народна банка НБРМ
Народна банка НБРМ

Народна банка одлучи да ја намали каматната стапка на благајничките записи за 0,25 проценти поени.

На последната седница на Извршниот одмор на Народна банка било оценето дека најновите услови во економијата овозможуваат да се почне со постепено претпазливо нормализирање на поставеноста на монетарната политика. Следствено, било одлучено каматната стапка на благајничките записи да се намали на нивото од 6,05 отсто.

Каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена се непроменети, на нивоата од 4,20 проценти и 4,25 отсто, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари.

„Со ваквите промени се задржува внимателноста во монетарната политика имајќи ги предвид ризиците поврзани со надворешното окружување што сè уште постојат, но и со домашните фактори што влијаат врз агрегатната побарувачка. И натаму се очекува дека нивото на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки, вклучувајќи го и постепеното зголемување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките (1 отсто со примена од јули 2024 година), ќе придонесат за ценовна стабилност на среден рок и за задржување на стабилноста на девизниот курс“, се наведува во соопштението на Народна банка.

Додаваат дека одлуката за монетарната политиката е заснована на оценките за инфлацијата, којашто се движи во рамките на очекувањата, како и на постојаните поволни движења на девизниот пазар.

Од НБ соопштуваат дека состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на август изнесува 4.469,8 милиони евра, што е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута.

Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), како фактор којшто Народната банка исто така го има предвид, на последната седница во септември по вторпат оваа година беше донесена одлука за намалување на каматната стапка за 0,25 процентни поени.

„Економскиот раст во вториот квартал на 2024 година забрза и е речиси идентичен со проекциите на Народната банка. Реалниот раст на домашната економија изнесува 2,3 отсто на годишна основа (1,2 проценти во претходниот квартал), при натамошен раст и на квартална основа“, се вели во соопштението.

Сепак, Народната банка го задржува внимателниот пристап при натамошните одлуки за монетарната политика. Ризиците поврзани со надворешното окружување треба и натаму да се следат, пред сè цените на примарните производи, коишто сè уште се под влијание на нестабилниот геополитички контекст и климатските промени, а треба да се внимава и на ризиците од домашните фактори коишто може да влијаат врз побарувачката и цените во следниот период, вклучително и политиката на платите.

Мицкоски: Договорот меѓу „Хеј ДООЕЛ“ и Државна лотарија е основа за покренување кривична постапка

Христија Мицкоски, премиер на РСМ
Христија Мицкоски, премиер на РСМ

Владата не само што го раскина договорот за закуп за деловен простор склучен меѓу „Хеј“ ДООЕЛ и Државна лотарија, туку тој е и основа за покренување на кривична постапка и кривична одговорност за надлежните, бидејќи е потпишан по цена која не е пазарна, туку дури и до три пати поголема од пазарната, изјави денеска (18 септември) премиерот Христијан Мицкоски.

„Што се однесува до договорот кој што вчера беше предмет на владина одлука, да тој е раскинат со владина одлука. Не само што е раскинат, туку договорот е и основа за покренување на кривична постапка и кривична одговорност за надлежните, бидејќи е потпишан по цена која не е пазарна туку дури и до три пати поголема од пазарната и не само тоа, предвидени се трошоци за реновирање. Она што е предвидено, односно 2,28 милиони евра за киријата, тоа е само еден дел од договорот. Има и околу 1,7 или 1,8 милиони евра кои што се предвидени за реконструкција на самиот објект, бидејќи претходно тој објект бил користен за семејни веселби, прослави и друг тип на забава, а сега требаше да претставува седиште на Државна лотарија и затоа беше раскинат“, рече Мицкоски.

Тој меѓу другото напомена дека спротивно на законот биле издавани лиценци за приредување игри на среќа преку интернет, а предмет биле и друг тип на платформи, сето она кое што, како што посочи, претставува груба злоупотреба, кршење на законот и основа за кривична пријава.

Тој посочи дека до крајот на оваа недела или на следната владина седница во вторник ќе биде раскинат договорот, потенцирајќи дека секое основано сомнение кое постоело за сторен криминал и корупција од епски размери ќе бидат минато.

„Во текот на вчерашната седница беше разговарано, денеска поради некои делови кои што треба да се доработат ќе биде на дневен ред на генерален колегиум и очекувам до крајот на оваа недела или веќе на следната владина во вторник и тоа да биде раскинато“, рече Мицкоски.

Владата вчера соопшти дека разгледала и усвоила информација за преземените активности за раскинување на Договорот за закуп на административно – деловен простор склучен помеѓу ХЕЈ ДООЕЛ Скопје и Акционерското друштво за приредување игри на среќа, Државна лотарија на Република Северна Македонија.

Станува збор за поранешен ресторан за свадби во скопско Визбегово, за кој во серијата истражувања за Лотарија, Радио Слободна Европа (РСЕ) откри дека договорот кој беше склучен е за сума од 2,6 милиони евра за период од 10 години. Тој беше склучен на 5 јули 2023 година.

РСЕ веќе пишуваше дека за овој договор на Државна лотарија со „Хеј ДООЕЛ“ се интересира и Обвинителството за организиран криминал и корупција.

Прв сопственик на оваа фирма беше Армин Машовиќ, поранешен бизнис партнер на Ерџан Сулкоски, кој пак беше ортак со зетот за ќерка на лидерот на ДУИ, Куштрим Смајлај. Како прв управител на „Хеј ДООЕЛ“, беше заведена Натура Груби Бела, братучетка на тогашниот вицепремиер Артан Груби, а братот на нејзиниот сопруг беше дел од обезбедувањето на поранешниот министер за политички систем и односи меѓу заедниците.

Подоцна, со промените во управувачката структура, Машовиќ стана управител на „Хеј ДООЕЛ“, а сопственоста на компанијата ја презеде Асмир Јахоски, газдата на „Пуцко Петрол“ и син на поранешниот градоначалник на општина Пласница и актуелен пратеник од редовите на ДУИ.

До август 2024 година, за 13 месеци, Државната лотарија му исплатила на Пуцко Петрол над 300 000 евра за закуп на деловниот простор.

Таравари: Новата компресорска станица ќе биде готова за четири месеци

Арбен Таравари, министер за здравство
Арбен Таравари, министер за здравство

По објавата дека е избрана фирма која ќе ја прави новата компресорска станица, министерот за здравство Арбен Таравари, на новинарско прашање одговори дека очекува целиот зафат да биде готов за четири месеци.

„Фирмата е сериозна компанија и професионална за оваа работа. Според нив за околу четири месеци, целиот зафат ќе биде завршен“, рече министерот Таравари.

Околу постапката за потпишување на договорот и периодот на жалба тој посочи дека договорот е потпишан и се процесот се спроведувал по брза постапка.

Министерството за здравство соопшти дека е избрана фирма за компресорската станица на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

Станува збор за фирмата „Винора ДООЕЛ“ Скопје. Оваа фирма беше и единствената што достави понуда на огласот, иако првично три фирми пројавиле интерес. Јавното отворање на понудата се случи 12 септември, по што следуваше нејзина евалуација.

Дел од хируршките сали во Клиничкиот центар беа затворени на 18 мај, а некои од причините поради кои не работат салите се непријатниот мирис којшто се ширел низ вентилацискиот систем, како и проблемот со доводот на кислород.

Оттогаш, дел од салите работат со надворешни компресори и се оперираат само итни пациенти. Дел се препраќаат во двете други болници во Скопје, ГОБ „8 септември“ и „Св.Наум Охридски“.

Пред овој тендер, беше распишан уште еден за нова компресорска станица, но тој пропадна бидејќи не пристигна ниту една понуда.

Судар на возови во Прага, повредени 25 лица

илустрација
илустрација

Дваесетина лица се повредени во судар на два патнички воза во Прага.

Сударот се случил во близина на станицата Праг-Либен, на пругата меѓу станиците Височани и Главната железничка станица.

Меѓу повредените се 25 лица, кои имаат полесни повреди како модрици и гребаници.

Истражителите, заедно со железничката инспекција, ќе го истражат инцидентот поради сомневање за кривично дело од невнимание.

Кара-Мурза се залага за ослободување на затворениците кои останаа во Русија

Владимир Кара-Мурза
Владимир Кара-Мурза

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден и пратениците ветија дека ќе продолжат да се борат за слободата на руските и белоруските политички затвореници за време на пречекот на Владимир Кара-Мурза назад во главниот град на Соединетите Држави.

Кара-Мурза, чија работа со Конгресот беше клучна за усвојувањето на американскиот закон Магнитски, кој предвидува санкции за прекршителите на човековите права во Русија, беше меѓу 16-те политички затвореници кои Кремљ ги ослободи минатиот месец во замена за осум Руси кои беа држени на Запад за злосторства, вклучувајќи убиства, сајбер кражби и шпионажа.

Четириесет и тригодишниот Кара-Мурза, кој минатата година беше осуден на четврт век затвор поради критиките кон рускиот претседател Владимир Путин и инвазијата на Украина, во преполната просторија во зградата на Сенатот во Вашингтон на 17 септември изјави дека таму биле многу повеќе политички затвореници од 1300-те наведени во јавните податоци и ветија дека ќе соработуваат со американските законодавци за да ја обезбедат нивната слобода.

„Има толку многу луѓе во руските затвори денес кои се таму од единствената причина што се спротивставија, јавно се спротивставија на убиствената војна на Путин против агресијата. Тоа е најбрзо растечкиот сегмент на руски затвореници. Сега кога се спасив, мислам на сите оние што останаа“, рече тој.

Кара-Мурза го истакна случајот на Јуриј Коховец, кој еден ден претходно беше осуден од московскиот суд на пет години затвор за антивоени коментари што ги дал за рускиот сервис на Радио Слободна Европа во јули 2022 година.

Американските функционери и пратеници кои работеа на ослободување на Кара-Мурза беа присутни на приемот и рекоа дека ќе продолжат да користат административни алатки за да се борат за оние што останаа во руските затвори.

Руски гувернери известуваат за напади на украински дронови во Тверската област

илустрација
илустрација

Руски гувернери известуваат дека седум украински дронови биле уништени во Смоленската област, а 14 дронови во Брјанската област.

Остатоци од украински дрон предизвикале пожар во Тверската област.

Во меѓувреме, украинската противвоздушна одбрана дејствувала во предградијата на Киев за да одбие напад од руски дронови, се наведува во соопштението на украинската воена администрација на каналот Телеграм.

Со недостиг на храна, Украинците на фронтот се подготвуваат за натамошни борби
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:12 0:00

Запорожје исто така бил под масивен напад, според Иван Федоров, шеф на регионалната воена администрација. Во нападот загинале две лица.

Украинските сили известија и за воздушни тревоги во неколку региони, откако Русија лансирала дронови „Шахед“.

Уставниот суд ќе расправа за „балансерот“

Седница на Уставен суд (илустрација)
Седница на Уставен суд (илустрација)

Уставниот суд на денешната седница ќе расправа по предметот за „балансерот” - алатката за вработување според национална припадност во државните институции, кој е оформен по иницијатива поднесена од стариот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

„Оспорени се член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“ од Законот за вработените во јавниот сектор, член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“ од Законот за административни службеници и член 2 став 1 алинеја 8 и член 3 алинеја 1 во делот „припадност на заедница” од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор преку вработување и на пријавата за вработување, како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот на лица кои дале лажни податоци при вработување во јавен сектор, во делот „припадност на заедница“, информираат од Уставниот суд.

Според подносителот на иницијативата (ДКСК) со примена на оспорените законски одредби се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции и владеењето на правото загарантирани со одредбите во членовите 9, 32 став 1 и 2, 54 став 1, 2 и 3 од Уставот.

Со оспорениот дел „припадност на заедница“ подносителот смета дека се наметнува обврска на кандидатите за административни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница, со што се прекршува уставното загарантирано право на слободно изразување на националната припадност.

Според подносителот, со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место.

Антикорупциската комисија на седницата одржана на 11 јануари годинава одлучи да поднесе иницијатива до Уставниот суд за преспитување на алатката „балансер“, бидејќи сметаат дека со ова се прават злоупотреби при вработувањата.

Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски во неодамнешното интервју за МИА рече дека за овој предмет очекува расправа базирана исклучиво на правни аргументи, и одлука на Судот како израз и резултат на уставно правна-анализа, без премиси на емоции, политичко, национално или било какво друго расудување.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG