Достапни линкови

Вести

Орбан води на анкетите за европските избори, опозицијата се бори за поддршка

Поддржувачите на лидерот на унгарската опозиција Петер Маѓар на митинг во Будимпешта, 8 јуни 2024 г.
Поддржувачите на лидерот на унгарската опозиција Петер Маѓар на митинг во Будимпешта, 8 јуни 2024 г.

Унгарскиот опозициски лидер Петер Маѓар денеска (8 јуни) на предизборен митинг повика десетици илјади приврзаници да ја поддржат неговата партија на изборите за Европскиот парламент в недела, на кои премиерот Виктор Орбан се соочува со еден од најтешките предизвици во неговото 14-годишно владеење, пишува Ројтерс.

Орбан кој дојде на власт во 2010 година, во последниве месеци се соочи со повеќе кризи, со скандал со сексуална злоупотреба поради кој „паднаа“ двајца негови клучни сојузници токму во моментот кога Унгарија излегуваше од најлошиот скок на инфлацијата во ЕУ.

Ројтерс посочува дека зголемените трошоци и слабото економско закрепнување, исто така, го спречиле Орбан да стекне предност, истовремено давајќи му шанса на лидерот на унгарската опозиција да освои повеќе гласови.

Најновите истражувања покажуваат дека поддршката за десничарската партија на Орбан, Фидес е меѓу 44 и 48 отсто, додека поддршката за унгарската централнодесничарска партија Тиса се движи од 23 до 29 отсто.

Најлошиот резултат на Орбан на изборите за Европскиот парламент беше 47,4 отсто кога Унгарија се приклучи на европскиот блок пред две децении. Од 2009 година ниту една опозициска партија, пак, не успеа да добие повеќе од 20 проценти од гласовите.

„Ако тоа го сакате и вие, Унгарија ќе биде земја на правдата, честа и правото“, им порача Маѓар на своите приврзаници на Плоштадот на хероите во Будимпешта на 8 јуни.

„Унгарија нема да биде клин, туку врска меѓу Истокот и Западот“, додаде тој.

Митингот организиран од Орбан во Будимпешта минатата недела, исто така, привлече десетици илјади поддржувачи.

Ројтерс повикувајќи се на информации од штабот на Маѓар, пренесува дека тој посетил речиси 200 градови за време на кампањата.

Опозицискиот лидер Маѓар, претходно беше соработник на Орбан. Работел во Министерството за надворешни работи, а потоа и во кабинетот на премиерот во Брисел, пред да се пресели во државната банка и потоа да води агенција за студентски кредити. Тој на крајот се разочара од Фидес поради, како што рече, корупцијата и државната пропаганда на кои сведочел одвнатре. Тој рече дека неговите пратеници ќе се приклучат на Европската народна партија (ЕПП), која ги прекина врските со Орбан, во 2021 година.

Во меѓувреме, Орбан водеше преговорите со Партијата на европските конзервативци и реформисти на италијанската премиерка Џорџија Мелони, чија партија има 12 членови во Европскиот парламент кои не се дел од ниту една друга група.

види ги сите денешни вести

По посетата на Киев, Орбан патува за Москва

Унгарскиот премиер Виктор Орбан со рускиот претседател Владимир Путин за време на состанокот во Кремљ на 18 септември 2018 година.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан со рускиот претседател Владимир Путин за време на состанокот во Кремљ на 18 септември 2018 година.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан на 5 јули ќе отпатува за Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин. Посетата на Орбан на Русија доаѓа неколку дена откако тој се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев. Унгарскиот премиер оди во Москва само пет дена откако неговата земја го презеде претседавањето со Европската унија.

Министерот за надворешни работи Петер Сијарто со Орбан ќе го посети и Кремљ, изјави владин извор за Радио Слободна Европа. Сјарто ја посети Русија повеќе од пет пати откако Москва ја нападна Украина пред повеќе од две години.

Путин минатиот месец изјави дека Русија ќе стави крај на војната во Украина само доколку Киев исполни одредени услови. Тие вклучуваат напуштање на амбициите за НАТО и отстапување на четири територии делумно анектирани од Русија, како и на Крим. Украина ги отфрли овие услови и ги нарече апсурдни.

Додека беше во Киев, Орбан, кој одржува блиски односи со Путин, рече дека на Зеленски му доставил предлог за прекин на огнот, чија цел е да се запре двегодишната борба со Русија.

Зборувајќи за новинарите по средбата со Зеленски, Орбан не елаборираше за предлогот, но рече дека го прашал украинскиот претседател „дали е можно да се направи пауза, да се запре пукањето и потоа да се продолжат преговорите“, додавајќи дека прекин на огнот „може да обезбеди забрзување на темпото на овие преговори“.

Усвоени барањата за апанажа на Маричиќ, Шаќири и Бајрами

Пленарсна седница (архивска фотографија)
Пленарсна седница (архивска фотографија)

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска, во рамки на третата седница, со 10 гласови „за“ и еден „против“ ги поддржа барањата на Бојан Маричиќ, Јетон Шаќири и Наим Бајрами да добиваат апанажа по престанок на нивниот работен однос.

Одлука дали ќе побараат апанажа се уште не донеле Фатмир Бесими, Кренар Лога и Крешник Бектеши.

Екс министрите за политички систем и за надворешни работи , Артан Груби и Бујар Османи од ДУИ се враќаат на своите поранешни работни места. Груби на тетовскиот универзитет ќе предава новинарство, додека Османи се враќа во медицината.

Никој од членовите на Комисијата не побара збор, поради што точката беше веднаш ставена на гласање и усвоена.

Претседателот на Комисијата Ѓорѓија Сајковски, пред да ја затвори седницата, соопшти дека ги потпишал решенијата за плата на пратениците на кои Собранието им го верификуваше мандатот.

Потпишани се, рече, и решенијата за неспоивост на функцијата пратеник со функцијата претседател на Владата или министер, решенијата за престанок на право на плата по престанок на функцијата пратеник на Игор Јанушев, Христијан Мицкоски и на избраните министри, како и решенијата за плати на замениците на претседателот на Владата, Изет Меџити, Александар Николовски, Љупчо Димовски, Иван Стоиљковиќ и Арбен Фетаи.

Норвежанец со иранско потекло осуден за пукање во геј бар во Осло

Луѓе стојат во близина на полициската лента по пукањето во Лондон паб, популарен геј бар во Осло, на 25 јуни 2022 година.
Луѓе стојат во близина на полициската лента по пукањето во Лондон паб, популарен геј бар во Осло, на 25 јуни 2022 година.

Судот во Осло осуди маж роден во Итан, Норвешка за убиство и тероризам за смртоносно пукање во геј бар во 2022 година за време на парада на гордоста.

Две лица загинаа, девет се здобија со прострелни рани, а 25 се повредени во напад во лондонскиот паб, собирно место на поддржувачите на ЛГБТК+ во Осло, како и во блиското кафуле во централниот дел на норвешката престолнина.

Полицијата го опиша 45-годишниот Заниар Матапур, норвешки државјанин роден во Иран, како радикализиран исламист со историја на ментална болест.

Тој ќе одлежи 30 години затвор, која би можела да биде продолжена на неодредено време доколку се оцени дека е закана за општеството. Казната е најдолга можна според норвешкиот закон и е во согласност со она што беше побарано од обвинителството.

„Судот смета дека дејствијата се толку сериозни што треба да се примени највисока казна“, се вели во пресудата.

На осудениот му е наложено да им исплати отштета во износ од околу 10,6 милиони долари на преживеаните и семејствата на жртвите.

Се уште не е познато дали Матапур ќе поднесе жалба. Неговиот адвокат Мариус Ритрихсон рече дека морал да ја помине пресудата со својот клиент.

„Мојот совет е да размислите за жалба на пресудата“, изјави тој за Ројтерс.

Изрекувањето на пресудата доаѓа само неколку дена по овогодинешната парада на гордоста во Осло, на која се оддаде почит на жртвите од пукањето.

Се проценува дека на овогодинешната парада учествувале околу 70.000 луѓе.

ЕК донесе одлука за привремени компензациски царини за увоз на кинески електромобили

Кинески електрични автомобили (архивска фотографија)
Кинески електрични автомобили (архивска фотографија)

Девет месеци по започнувањето на својата истрага по службена должност за субвенционирањето на производството на електрични возила во Кина, Европската комисија денеска донесе одлука за воведување „привремени компензациски царини“ за увоз на кинески електромобили.

Ваквата одлука е донесена врз основа на заклучокот од истрагата дека производството на електрични возила во Кина е поддржано од нефер субвенционирање, што претставува закана за нанесување економски штети на производителите на електромобили во ЕУ.

При носењето на одлуката се водело сметка и за веројатните последици и влијанието на кинеските мерки врз увозниците, корисниците и потрошувачите на електрични возила во ЕУ.

Согласно оваа одлука, за возилата на компанијата Би-Вај-Ди (BYD) е предвидена компензациска царина од 17,4 отсто, за оние на „Џили“ („Geely“) од 19,9, а за електромобилите на САИЦ од 37,6 проценти. За останатите кинески производители на електрични возила што соработувале во истрагата се воведува царина од 20,8 отсто, а за оние кои не соработувале со истражителите на ЕУ – од 37,6 проценти.

Примената на овие привремени царини ќе почне од утре и ќе трае максимално четири месеци, во кој период мора да биде донесена конечна одлука од земјите членки на ЕУ за дефинитивната висина на царината за кинеските електромобили, што ќе важи за период од пет години.

Комисијата информира дека и покрај одлуката, консултациите со кинеската Влада за ова прашење продолжуваат, со нивното интензивирање последните недели по средбата меѓу извршниот потпретседател на ЕК за економија во полза на луѓето Валдис Домбровскис и кинескиот министер за трговија Ванг Вентао.

„Контактите продолжуваат на техничко ниво со цел да се постигне решение во согласност со правилата на Светската трговска организација (СТО), кое адекватно ќе ги земе предвид грижите покренати од Европската Унија. Секој преговарачки исход мора да биде ефикасен во справувањето со идентификуваните штетни форми на субвенционирање“, информира Европската комисија.

Комисијата официјално ја започна истрага за субвенционирање на производството на електрични возила во Кина на 4 октомври 2023 година и има рок од 13 месеци за нејзино завршување.

Франција ќе распореди 30 000 полицајци на изборите в недела

илустрација
илустрација

Во Франција в недела (7 јули) ќе бидат распоредени 30 000 полицајци и жандарми, за време на вториот круг од парламентарните избори, од кои 5000 ќе бидат во Париз, поради опасност од немири, изјави министерот за внатрешни работи Жералд Дарманен.

Дарманен рече дека стравува дека на денот на изборите, „ултралевите“ или „ултрадесничарите“ би можеле да создадат „нереди“.

Распоредувањето на „исклучително голем број“ полицајци треба да ја спречи силата „да ги искористи предностите од (изборните) резултати за да создаде неред“, изјави Дарманен.

Француската крајнодесничарска партија Национален собир, предводена од Марин Ле Пен, обезбеди јасна победа во првиот круг од парламентарните избори во таа земја. Доколку партијата освои апсолутно мнозинство во вториот круг од 7 јули, за прв пат по Втората светска војна, Франција ќе има екстремно десничарска влада.

Овој резултат означува уште еден голем неуспех за францускиот претседател Емануел Макрон, кој го распушти парламентот и повика на предвремени избори во обид да го запре напредокот на екстремната десница по рекордните гласови на Национален собир на изборите за Европскиот парламент кои се одржаа од 6 до 9 јуни.

Србија не се усогласи со последниот пакет санкции на ЕУ против Русија

Знаме на ЕУ, илустрација
Знаме на ЕУ, илустрација

Србија не се усогласи со последниот пакет санкции на Европската Унија против Русија како одговор на агресијата врз Украина.

Тоа е четиринаесеттиот пакет санкции, усвоен на 24 јуни, што Европската Унија го воведе од почетокот на војната во Украина.

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, го објави списокот на таканаречените трети земји кои ја испочитувале најновата одлука на Брисел, во која се вклучени сите останати земји од Западен Балкан.

На оваа одлука на Советот на ЕУ се приклучуваат и Северна Македонија, Црна Гора, Албанија, Украина и Босна и Херцеговина, како и Исланд и Лихтенштајн, членки на Европската економска зона, објави Борел.

„Тие ќе се погрижат нивните национални политики да бидат во согласност со оваа одлука на Советот. Европската Унија ја забележува оваа посветеност и ја поздравува“, се вели во соопштението.

Србија не ги почитуваше ниту рестриктивните мерки како одговор на нелегалната анексија на Крим и Севастопол, кои беа усвоени на ниво на ЕУ на 17 јуни. Не ги почитуваше ниту санкциите против Северна Кореја.

Се работи за одлуката на Европската Унија од 31 мај со која се додаваат уште шест имиња на списокот со санкции на лица или субјекти кои се сметаат за одговорни за програмите на Северна Кореја поврзани со нуклеарно оружје, балистички проектили или друго оружје за масовно уништување, или лица или субјекти кои дејствуваат во нивно име или по нивен налог или субјекти во нивна сопственост или контролира.

Од почетокот на војната во Украина, Србија не воведе никакви санкции против Русија. Заедно со Црна Гора, Србија важи за лидер во евроинтеграцискиот процес. Сепак, пристапните преговори се замрзнати поради одбивањето на официјален Белград да ги почитува рестриктивните мерки на Брисел против Москва.

Европската Унија очекува земјите кандидати да ги усогласат своите политики со политиките на ЕУ. Во моментот на пристапувањето, усогласувањето со надворешната политика треба да биде завршено.

Мицкоски: Стана практика амбасадорите да се мешаат, но подготвен сум да разговараме

Христијан Мицкоски, премиер на РСМ
Христијан Мицкоски, премиер на РСМ

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека е подготвен да разговара со експерти, но и со амбасадорите за најавената реформа поврзана со Судскиот совет и со Советот на јавни обвинители. Неговата изјава селедува откако дел од амбасадорите вчера искажаа забелешки за најавата за нивно распуштање.

„Подготвен сум цел ден да седнеме, да разговараме, да работиме додека не најдеме решение како да биде подобро, само да не биде како досега. Затоа што како што е досега, не е добро“, рече Мицкоски во изјава за медиумите дадена при денешната посета на Гевгелија.

Зборувајќи за вчерашните изјави на дел од амбасадорите, Мицкоски рече дека ја слушнал таа изјава, но и дека за политиките на оваа коалиција гласале 600.000 граѓани.

„Некако стана пракса амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи во државата. Во ред, и да е така, 600.000 граѓани гласаа за оваа коалиција. Очигледно тоа за нив не значи ништо и за политиките на оваа Влада. Истовремено тие велат дека е катастрофална состојбата со владеењето на правото, во нивните извештаи велат дека цвета криминалот и корупцијата, довербата во Судскиот совет и во Советот на јавни обвинители е на два-три проценти кај граѓаните, рече Мицкоски.

Премиерот додаде дека е подготвен да разговара со нив и доколку тоа решение е подобро, веднаш ќе го прифати и примени.

„Видете кои се членови на Судскиот совет и се ви е јасно. Сите бевме сведоци на сите оние драмолетки коишто се случуваа изминатиов период, а поврзани со Судскиот совет, со Советот на јавните обвинители“, рече Мицкоски.

Инаку евроамбасадорот Дејвид Гир на вчерашната конференција за напредокот во спроведувањето на препораките од Оценската мисија на ЕУ од страна на Судскиот совет, изјави дека најавеното распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители е дикретно мешање во независноста на судската власт.

Американската амбасадорка Анџела Агелер смета дека Судскиот совет треба да ги казнува оние коишто се сметаат над законот, а холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп повтори дека довербата на македонските граѓани во правосудството е алармантно ниска.

ОЈО поднесе обвинение за загрозување на сигурноста на новинарка

Основно јавно обвинителство (ОЈО), Скопје
Основно јавно обвинителство (ОЈО), Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје денеска достави Обвинителен предлог против 31-годишен жител на селото Грчец за кривично дело Загрозување на сигурноста од член 144 став 5 во врска со став 4, како и ставовите 1 и 2 од Кривичниот законик.

„Обвинетиот по пат на информатички систем сериозно и се заканувал на една оштетена дека кон неа ќе изврши кривично дело за кое е пропишана казна затвор од пет години или потешка казна. Заканите ги упатувал поради нејзиниот општествен статус како новинарка, а во врска со вршењето на нејзините професионални задачи кои ги презела во рамките на своите овластувања“, се вели во соопштението од ОЈО.

Со намера да ја вознемири и исплаши, тој упатувал заканувачки пораки кон новинарката преку лажен профил на една социјална мрежа, барајќи од неа да избрише текст што го напишала и објавила, со што кај оштетената предизвикал чувство на загрозување, несигурност и страв.

Од ОЈО додаваат дека по издадени наредби на јавен обвинител, МВР го идентификувал сторителот на кривичното дело, за кое согласно Кривичниот законик е запретена затворска казна од една до пет години.

Со ова, од вкупно пет регистрирани напади врз новинари и медиумски работници во текот на 2023 година за кои алармираше Здружението на новинари на Македонија, во три случаи сторителот е идентификуван и е поведена постапка. Од нив, во два предмети, врз основа на поднесените обвиненија, веќе е изречена и пресуда против сторителите на кривичното дело.

Хезболах истрела над 200 ракети кон Израел, Израел возврати

Чад над ридовите на Либан по израелските артилериски напади, 14 јуни 2024
Чад над ридовите на Либан по израелските артилериски напади, 14 јуни 2024

Либанската група Хезболах во четврток (4 јули) соопшти дека лансирала повеќе од 200 ракети врз неколку воени бази во Израел како одмазда за нападот во кој загина еден од нејзините највисоки команданти.

Нападот на милитантната група поддржана од Иран е еден од најголемите во последните неколку месеци долж границата меѓу Либан и Израел, каде во последните недели тензиите се зголемија.

Израелската војска соопшти дека погодила цели во јужен Либан додека Хезболах лансирала ракети и беспилотни летала кон Израел.

Израелските сили „напаѓаат пунктови за лансирање на југот на Либан“, се наведува во соопштението на армијата, во кое се додава дека „бројни проектили и сомнителни воздушни цели преминале од Либан на територијата на Израел“.

Израелската армија соопшти дека повеќето од проектилите биле пресретнати и дека „избувнале пожари во многу области на северот на Израел“.

Израелската војска во средата соопшти дека еден ден претходно го убила Мохамед Нааме Насер, кој бил шеф на една од трите регионални дивизии на Хезболах во јужен Либан.

Неколку часа подоцна, Хезболах лансираше голем број ракети со тешки боеви глави во северен Израел и окупираната сириска Голанска Висорамнина. Во четвртокот лансираше повеќе ракети.

Соединетите Држави и Франција продолжуваат да работат за да спречат конфликтот да ескалира во сеопфатна војна, за која стравуваат дека може да се прелее во арапскиот свет.

Конфликтот на релативно ниско ниво избувна веднаш по избувнувањето на војната во Газа. Хезболах вели дека врши напади врз Израел во знак на солидарност со Хамас, кој САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација и чиј напад врз јужен Израел на 7 октомври предизвика нова војна во Појасот Газа.

Во борбите се раселени десетици илјади луѓе од двете страни на границата. На северот на Израел загинале 16 војници и 11 цивили. Во Либан загинале повеќе од 450 луѓе, главно борци, но и десетици цивили.

Белорусија стана членка на Шангајската организација за соработка

Водачите на земјите кои присуствуваат на Самитот на шефови на држави на Шангајската организација за соработка во Астана, Киргистан, 4 јули 2024
Водачите на земјите кои присуствуваат на Самитот на шефови на држави на Шангајската организација за соработка во Астана, Киргистан, 4 јули 2024

Белорусија стана членка на Шангајската организација за соработка (ШОС), а одлуката беше официјализирана на состанокот на Самитот на шефови на држави на ШОС во Астана.

Белорускиот претседател Александар Лукашенко во Астана изјави дека Минск ќе вложи максимални напори за зголемување на нејзиниот авторитет и бројот на сојузници на организацијата и забележа дека многу белоруски идеи презентирани претходно веќе добија меѓународна поддршка.

„Тоа се однесува на трансфер на технологија, безбедност на информации, транспорт и логистика, индустрија, трговија и инвестиции“, објасни белорускиот претседател.

Зборувајќи за безбедноста на храната, Лукашенко истакна дека предизвиците во таа област не доаѓаат само од традиционалните фактори, како што се природните катастрофи, туку и од „вештачките бариери“, вклучително и незаконските санкции за минералните ѓубрива, опремата, патиштата за снабдување.

„Имаме моќ да ги храниме луѓето, елиминирајќи многу противречности и конфликти поради социјалната нееднаквост, недостатокот на храна и ресурси. Ова (ШОС) е исто така взаемно збогатување на културите, што ќе доведе до неизбежно зближување на луѓето“, истакна Лукашенко.

Состанокот на Советот на членките на ШОС почна со церемонијата на потпишување на важни документи, а неколку минути подоцна претседателот на Казахстан Касим-Жомарт Токаев го објави приемот на Минск во ШОС.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG