Достапни линкови

Трет ден избори во ЕУ – какви се прогнозите?


Првични резултати се очекуваат откако ќе заврши гласањето во сите членки на ЕУ на 9 јуни.
Првични резултати се очекуваат откако ќе заврши гласањето во сите членки на ЕУ на 9 јуни.

Во Словачка аналитичарите очекуваат победа на партијата на премиерот Фицо врз кого имаше обид за атентат. Во Италија фаворит е партијата на премиерката Мелони. Денот Д е 9 јуни кога се гласа во повеќето членки на ЕУ. Вистинската битка се очекува да биде за тоа која политичка група ќе биде трета и четврта сила.

Изборите за пратеници во Европскиот парламент влегуваат во третиот ден од гласањето, кое во земјите од ЕУ се спроведува од6 до 9 јуни.

Денеска (8 јуни) е единствениот ден за гласање во Словачка, Латвија и Малта, а прв од двата дена во Италија и Естонија. Во Чешка, пак, е втор и последен ден од гласањето.

Популистите и екстремнодесничарските партии очекуваат да постигнат добар резултат.

Словачка – избори во сенка на обидот за атентат на Фицо

Изборите во Словачка паднаа во сенка со обидот за атентат на популистичкиот премиер Роберт Фицо на 15 мај. Аналитичарите сметаат дека тоа може да ги зголеми шансите левичарската партија СМЕР предводена од премиерот Фицо, да победи на изборите.

Фицо, кој дојде на функцијата минатата есен по кампањата во која преовладуваше проруска и антиамериканска платформа, сè уште се заздравува од раните здобиени при обидот за атентат.

Неколку часа пред изборниот молк тој имаше видеообраќање, што беше и негова прва изјава по нападот. Во него, иако не зборуваше директно за гласањето, ја нападна ЕУ алудирајќи дека тој е жртва поради неговите ставови кои се разликуваат од европскиот мејнстрим.

Мелони може да влијае на изборот на претседател на ЕК

Европските избори се интересни за набљудување и во Италија. Таму во анкетите води партијата „Браќа на Италија“ на премиерката Џорџија Мелони.

Италија е трета земја по бројот на жители во ЕУ поради што оттаму доаѓаат 76 пратеници во 720-члениот Европски парламент.

Ако „Браќа на Италија“ остварат голема победа, Мелони би можела да влијае на изборот на следниот претседател на Европската комисија (ЕК).

Актуелната претседателка на ЕК, Урсула фон дер Лајен, која посакува реизбор на функцијата, се обидува да ја придобие Мелони во надеж дека ќе ја добие поддршката на Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР), паневропскиот евроскептички блок кој го предводи Мелони и во чија група, ако бидат избрани, ќе се приклучат европратениците од „Браќа на Италија“.

Според анкетата на порталот „Политико“, конзервативната партија „Браќа на Италија“ е на прво место со 27 отсто, шест проценти пред Демократската партија од левиот центар.

Кој и кога гласа?

Првите прелиминарни резултати кои ќе го покажат идниот состав на Европскиот парламент се очекува да бидат објавени во неделата (9 јуни) доцна навечер, откако ќе заврши гласањето во сите 27 членки на ЕУ. Резултатите ќе бидат ажурирани во понеделникот наутро.

Гласањето започна на 6 јуни. Тогаш се гласаше во Холандија. На 7 јуни, пак, на гласачките места излегоаИрска и Чешка. Во Чешка, како што веќе споменавме, се гласа и денеска (8 јуни), исто како и во Италија, Словачка, Латвија, Малта и Естонија.

Денот Д, пак, е 9 јуни бидејќи тогаш гласаат најголемиот дел од земјите-членки на ЕУ: Австрија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Кипар, Данска, Естонија (втор ден гласање), Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Италија (втор ден гласање), Литванија, Луксембург, Полска, Португалија, Романија, Словенија, Шпанија и Шведска.

720-те места во Европскиот парламент ќе ги пополнат пратеници од сите земји-членки на ЕУ. Која земја колку пратеници има зависи од големината на населението. Според тоа, Германија ќе испрати најмногу пратеници во Брисел/Стразбур – 96 европратеници, додека Кипар, Луксембург и Малта ќе имаат само по шест пратеници.

Европратениците се единствените претставници во институциите на ЕУ кои директно ги бираат граѓаните.

Украинки во трка за Европскиот парламент
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:07 0:00

Граѓаните гласаат за пратеници од националните партии за кои сметаат дека доследно ќе ги претставуваат во нивниот петгодишен мандат.

Избраните пратеници потоа се групираат во европски политички групи со исто определување односно идеологија. За да се формира политичка група потребни се 23 пратеници од најмалку седум земји-членки на ЕУ.

Такви групи во актуелниот состав ги има седум. Во новиот, не се исклучува можноста да има повеќе.

Традиционално, најголемата е Европската народна партија која му припаѓа на десниот центар. Втори се социјалдемократите од левиот центар, а ливечарите во моментов се на трето место.

Се очекува раст на екстремната десница

Анкетите покажуваат дека традиционалните партии од десниот и левиот центар ќе го задржат приматот на овие избори иако со послаб резултат од досегашниот.

Исто така, анкетите покажуваат и видлив раст на екстремната десница која, сепак, не се очекува да го има мнозинството во Европскиот парламент.

Вистинската битка всушност на овие избори е за третото и четвртото место. На нив, во актуелниот состав се наоѓаат либералите и зелените, кои се очекува да доживеат значителен пад на сметка на екстремната десница која претендира да зазеде една од овие две позиции.

XS
SM
MD
LG