Достапни линкови

Новата учебна година со старите проблеми со учебниците


Илустрација
Илустрација

На една недела пред завршување на школската година, свидетелствата набавени во март, од денеска ќе се доставуваат до училиштата. Идната власт предупредува на опструкции од актуелната за печатење на новите учебници. Од МОН, пак демантираат, учебници на 1 септември ќе има. Печатењето на учебници неколку години го следат контроверзии и сомнежи за доделени тендери на фирми блиски до власта

Тендерот „тежок “ 120 илјади евра за печатење на свидетелства е потпишан и објавен уште во март годинава, но нивната достава до училиштата почнува денеска. Од Бирото за развој на образование за Радио Слободна Европа велат дека од 7-ми до 13-ти јуни ќе трае доставата на сведителствата за сите ученици од основно и средно училиште, освен за деветто одделенците и тие кои завршуваат со средно образование, затоа што тие веќе биле доставени во првата половина од мај, заедно со педагошката документација.

Станува збор за свидетелства за над 210 илјади основци и над 85 илјади средношколци кои кон крајот на месецот треба да добијат свидетелство за завршена учебна 2023/2024 година.

Од неколку скопски основни училишта во земјава за Радио Слободна Европа потврдија дека ги примиле само сведителствата за деветто- одделенците кои ги чекаат уписите за средно образование.

Тендерот за печатење го доби компанијата „ Европа 92“ во конкуренција од две други фирми кои досега беа задолжени за печатење на свидетелства и учебници.

Инфографика - Тендери за печатење свидетелства во последниве 6 години
Инфографика - Тендери за печатење свидетелства во последниве 6 години

Мицкоски го обвини Шаќири за опструкција, тој демантира

Во меѓувреме на само неколку дена пред завршување на училишната 2023/2024 година мандатарот на новата Влада, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го отвори сомнежот во јавноста дека следната училишна година повторно може да почне без учебници.

Мицкоски по добивањето на мандатот за формирање влада, обвини дека министерот во заминување од ДУИ Јетон Шаќири го опструира процесот околу набавка на учебниците за престојната учебна 2024/25 година.

„Учениците на први септември да добијат учебници, она што е важно. Иако знам дека тука ќе имаме жесток и сериозен предизвик бидејќи состојбата во Министерството за образование каде е овој министер, не само што не е почнат овој процес туку намерно го опструира за на први септември кога ќе почне учебната година учениците да немаат учебници пред себе“, рече Мицкоски.

Но, од Министерството за образование ги демантираат таквите тврдења. Оттаму велат дека до први септември ќе бидат испорачани сите учебници кои се одобрени или кои ќе бидат одобрени од Националната комисија за учебници за основното образование.

„Така што, процесот воопшто не се опструира од ниту една институција која е чинител на постапките за изработка и одобрување на учебници. Напротив, напорите се интензивирани со цел сите учебници во основното образование да бидат достапни пред почетокот на новата учебна година“, се вели во одговорот од МОН за РСЕ.

Ќе недостасуваат учебници по неколку предмети

Во однос на спорните учебници кои минатата година беа повлечени од употреба поради грешки во нив, како и за оние кои не беа ни пуштени во употреба од Министерството, велат дека постапките се завршени за најголем број учебници од прво до седмо одделение.

„Исклучок се помал дел, како на пример историја и општество за петто одделение, учебник за кој на јавниот оглас за рецензенти не е доставена пријава и дел за седмо, за кои постапките за одобрување се во тек, имајќи предвид дека ова одделение токму годинава е предмет на реформа, согласно новата Концепција и акцискиот план за унапредување на квалитетот на основното образование“, се вели во одговорот од Министерството за Радио Слободна Европа.

Како да учиме од парталави учебници?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:58 0:00


Но, од Министерството за образование не ни одговорија на прашањето кои сè учебници не се одобрени од Националната комисија. Минатата година проблем беа неодобрени учебниците за основно, но и за средно стручно образование, па децата учеа од диктиран материјал во тетратките.

За една недела завршува учебната година која помина без обезбедени 43 од вкупно 123 учебници само за основното образование. Од нив, 20 учебници се по странски јазици, како прв или втор предмет за сите одделенија од деветгодишното основно образование, затоа што немаа одобрение за употреба кое го дава Педагошката служба како орган при МОН, соопшти минатата година Комисијата за спречување на дискриминација.

ИНФОГРАФИКА - Учебници кои недостасуваат во основното образование, 12 септември 2023
ИНФОГРАФИКА - Учебници кои недостасуваат во основното образование, 12 септември 2023

Комисијата лани заклучи дека Министерството го повредило правото на децата до еднаков пристап до квалитетно образование, и со тоа не ја исполнило својата основна законска обврска.

Лани двегодишен тендер за учебници тежок 16,5 милиони евра

Според податоците од Бирото за јавни набавки, минатогодишниот проблем со недостиг на учебници на самиот почеток на годината е решен со двегодишна јавна набавка кој изнесуваше 16,5 милиони евра. Во неколкуте склучени тендери беше опфатено превод, печатење и дистрибуција. Министерот Шаќири ветуваше дека Националната комисија за учебници работи на одобрување на новите учебници и дека некои од нив ќе стигнат до крајот на годината, што во пракса не се случи.

Првиот договор беше за превод од македонски на јазиците на заедниците, додека вториот договор се однесува на печатењето и дистрибуирањето на учебниците за две учебни години.


Тендерите за печатење и дистрибуција ги доби како носител на набавката фирмата „Европа 92“ од Кочани заедно со „Бранко Гапо“, покажуваат податоците од Биро за јавни набавки. Вкупната вредност на овие тендери изнесуваше 11, 3 милиони евра.

Податоците од Централниот регистар покажуваат дека вистински сопственик на „Европа 92“ Кочани е поранешниот градоначалник од ВМРО- ДПМНЕ Ратко Димитровски поранешен пратеник и поранешен градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Неговата компанија една од најстарите печатници во државава и е основана во 1990 година.

Тој беше и осомничен во еден од предметите на поранешното Специјално обвинителство кој се однесува на незаконито преземање на „Поштенска банка“ со перење пари, случај за кој последно судско рочиште беше закажано в март, кога застареа дел од кривичните дела.

Обжален тендерот за дигитализација на 60 учебници

Министерството за образование во март годинава објави уште еден тендер кој се однесува на изработка на дигитални интерактивни учебници и одржување на интернет платформа за таа намена чија вредност е над 800 илјади евра. Станува збор за изработка на 60 дигитални интерактивни учебници за основно образование кој не ги задоволува во целост потребите за сите учебници во основно образование кои се вкупно на број 126. Во овој тендер влегува и обезбедување и одржување на интернет платформа, како и 60 илјади лиценци за дигитални интерактивни учебници.

Тендерската документација покажува дека во цената влегуваат по 20 учебника за 4-то, 5-то и 6-то одделение и тоа само за четири предмети преведени на пет јазика.

Добитник на тендерот е фирмата „Тримакс“, која е во сопственост на Горан Димитров, Горан Горгијев и Звонко Јанковски, покажуваат податоците објавени на нивната веб страница. Станува збор за фирма која се занимава со книжарници, издаваштво и производство на дидактички материјали во изминативе 20-тина години.

Овој тендер беше обжален од конкурентната фирма „Арс Ламина“ со образложение дека во тендерската документација се менувале неколку точки кои подоцна влијаеле врз конкурентноста на јавната набавка.

Според жалбата, која била отфрлена како неоснована, проблемот бил во тоа кој може да врши превод на учебниците кои се предмет на дигитализација.

Дополнително ВМРО-ДПМНЕ во јавноста тврдеше дека тендерот за дигитални интерактивни учебници е спорен затоа што не сите деца имаат услови и можат да ги користат.

„Да ја потсетиме јавноста за онаа набавка од 500.000 евра за дигитални учебници, кои никој не ги користеше. Сега повторно, на истата фирма и се доделени фантастични 800.000 евра. Иако првиот пат беа изработени дигитални учебници за 4-то одделение, со новата набавка повторно на истата фирма и се доделуваат средства за дигитални учебници, повторно за 4-то одделение„, обвини Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ во март годинава кога беше објавен тендерот.

Последните податоци од минатата година на Државниот завод за статистика покажуваат дека само 45 основни училишта во земјава, од вкупно 966, биле подготвени за процесот на дигитализација. Тоа значи дека поседуваат опрема како лаптопи, таблети, компјутери за сите ученици.

Хуманитарната организација „Донирај компјутер“ во изминативе седум години обезбеди 30 училишта ширум земјава, собирајќи половни компјутери и ИТ опрема, која пред да ја донираат по потреба и ја поправаат.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG