Достапни линкови

Зибери - тешка година за учениците, а за тортура врз затвореници кривична пријава


Затвор Идризово
Затвор Идризово

Народниот правобранител во годишниот извештај потенцираше нарушени права на настава на децата, а кажа дека има докази за тортура на затвореници од специјалци на МВР. Зибери се пожали на неисполнувањето на обврските на клучните институции кон нив – Владата, Собранието и Министерството за финансии.

При претрес на 23 октомври во полуотвореното одделение на затворот „Идризово“, припадници на специјалните единици на МВР влегле во затворот за извршување на претрес, при што иако затворениците биле врзани и не давале отпор, тие биле вадени од креветите и биле тепани од страна на полицијата, соопшти Народниот правобранител Насер Зибери при презентацијата на состојбите со човековите слободи и права во 2023 година.

Како што истакна Зибери, претресот во затворот Идризово траел пет дена, односно до раните утрински часови на 28 октомври, а според исказите на десетина затвореници, како и според лекарските извештаи, биле утврдени телесни повреди кај повеќемина од нив, додека на еден затвореник му била скршената раката, а друг имал скршеници на ногата.

Покрај исказите од затворениците, претставници на Народниот правобранител при извршениот увид во „Идризово“ обезбедиле и видео снимка како доказен материјал, на која се гледало како полицијата ги измачува затворениците.

Полицајците кршеле предмети, ги терале затворениците да го чистат нередот, а при чистењето повремено ги удирале, соопшти Зибери.

„Од доказните материјали може да се констатира дека при влегувањето на полицијата во просториите, истата не се соочила со отпор од страна на осудените лица за да употреби физичка сила, исто така, откако се прегледани ќелиите, дел од затворениците се врзани, значи совладани, а полицијата продолжила со употреба на физичка сила. Од изјавите на затворениците, а тоа се потврдува и од видео снимките, при расчистување и собирање на искршените уреди, полицијата продолжува да мава по затворениците“, додаде Зибери. Тој додаде дека по разговори и со затворските доктори било утврдено дека по овој полициски претрес над 60 затвореници побарале лекарска помош поради повреди на главата, екстремитетите, грбот и други делови од телото.

Прес конференција на народниот правобранител Насер Зибери
Прес конференција на народниот правобранител Насер Зибери

Иако Народниот правобранител за ова побарал одговори од делот за внатрешна контрола при МВР, бирото за јавна безбедност и управата за извршување санкции, до изготвување на овој извештај им одговориле само од Бирото за јавна безбедност, но не го кажа одговорот.

Токму како последица на овој настан и заклучокот на Народниот правобранител од извршениот увид дека полицијата без потреба употребила прекумерна сила врз затворениците, најавија и кривична пријава до Основното Јавно обвинителство.

„Народниот правобранител ќе поднесе барање за кривична одговорност до одделението за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Скопје, за кривично дело „Тортура“ од член 142 од кривичниот законик“, најави Зибери.

Одговори за овој инцидент во затворот Идризово побаравме и од МВР, но до објавување на овој текст не одговорија на нашите прашања за овој претрес во затворот, како и за тоа дали ќе бидат санкционирани полицајците кои наводно без да бидат приморани употребиле сила и ги тепале затворениците.

2023 година исклучително тешка и во делот за почитување на правата на децата

Правобранителот Насер Зибери, 2023, ја опиша генерално како неповолна година, а особено тешка за правата на децата.

Проблемите кои ги нотирал Правобранителот се однесуваат на образованието. Учениците не добија свидетелства навреме, доцнеа учебници, а по некои предмети се уште нема, а во дел од училиштата не почна школската година за сите, рече Зибери.

Тој потсети дека во училишта во Гази Баба, Велес и Чашка, наставата не почна навреме, оти ученици од албанска националност не можеле да учат на мајчин јазик.

Решение има за ученици од албанска националност од Велес и околината, кои не можеа да се запишат во гимназија „Кочо Рацин“, иако според конкурсот требало да се формираат две паралелки на албански наставен јазик, вели Зибери.

Шеснаесет ученици не се запишале, со образложение дека не ги исполнуваат условите за упис, но по укажувањата на Правобранителството, две недели по почетокот на школската година, 13 од 16-те ученици почнале со настава. Тројцата кои останале незапишани, се запишале во друга гимназија, но не учат на албански, туку на македонски јазик, оти нема кадар да им предава на албански.

Но, нема решение за учениците во основното училиште „Његош“ во Јурумлери, општина Гази Баба, како и во основното училиште „Тодор Јанев“ од општина Чашка.

Родителите од општина Чашка за РСЕ велат дека наставата и натаму е во бојкот, редовно протестираат пред училиштето, а велат така ќе продолжи се додека Министерството за образование и наука не донесе одлука за укинување на албанските паралелки во ова училиште.

Учениците од Јурумлери не можеле да следат настава на албански после петто одделение, иако, како што вели Зибери, имало услови за тоа. Во Чашка, пак, општината и директорот на училиштето одбиле да формираат паралелка на албански за првачињата. И во двата случаи имаше протести и бојкот на наставата, а учениците станаа жртви, додава тој.

„Со тоа сериозно им е повредено правото на мајчин јазик на учениците од албанска националност, што им е гарантирано со Устав, закони и меѓународни конвенции“, вели Зибери, кој актуелната година ја оцени како неповолна во делот на почитување на правата.

„Затоа, 2023 година ќе ја опишам како неповолна за правата на граѓаните, а посебно тешка за детските права, кои кон крајот на годината, за жал, одзедоа и живот на едно младо девојче – Вања Ѓорчевска, но тешка и за правата на лицата во затворите“, заклучи народниот правобранител.

Покрај повредите на правата на децата, Зибери истакна дека голем број претставки од граѓани годинава до Народниот правобранител пристигнување и поради лошата примена на измените на законите за облигациони односи, законот за извршување и законот за финансиско работење.

Тој тврди дека ниту извршителите ниту судовите, а ни финансиските друштва не ги спровеле доследно измените на овие закони, како за примената на начинот на пресметување на каматата, така и за застарување на делата.

Правобранителот потенцираше и дека голем број на злоупотреби се направени во делот на одобрувањето на кредитите, односно забележа дека финансиските друштва и годинава продолжиле да одобруваат кредити преку онлајн апликации, наместо да ги зајакнат критериумите, што пак довело до зголемување на шансите за злоупотреби и повреда на правата на граѓаните.

Зибери: Институциите ни ја кочат работата

Народниот правобранител изрази искажа големо незадоволство од соработката на оваа институција со клучните органи во делот за обезбедување подобри услови за работа и поефикасно дејствување.

Собранието и годинава го одложило разгледувањето на пленарна седница годишниот извештај за степенот за почитување и унапредување на човековите права, а ниту годинава не успеало да ги избере петте заменици на Народниот правобранител во Скопје, Тетово, Куманово, Штип и Струмица.

„Неизборот на замениците во овие канцеларии директно влијае врз работата на Институцијата и ја намалуваат видливоста на институцијата и ја влошуваат заштитата на правата на граѓаните во тие подрачја“, нагласи Зибери.

Правобранителот е скептичен дека пратениците во овој состав ќе успеат да ги изгласаат и измените и дополнувањата од законот за Народен правобранител и ги повика истото да го направат пред распуштање на Собранието.

Неусвојувањето на овие законски измени се пречка за независноста на оваа институција да се акредитира со статус „А“, што ќе и гарантира на институција кадровска и финансиска независност.

Зибери се пожали дека Владата не обезбедила просторни услови за сместување на институцијата, што ги нарушило принципите за самостојност и финансиска независност, а укажа и на тоа дека Министрството за финансии веќе две години по ред не одобрувало пари за функционирање на посебните тимови.

„Две години по ред не се одобруваат пари за функционирање на нашиот национален превентивен систем, механизмот за граѓанска контрола, тимот за борба против илегална миграција и трговија со луѓе. Реализацијата на нивните програми и годишни програми за работа се целосно лимитирани и доведени во прашање“, ијзави Зибери.

Минатиот месец пак, вработени во оваа институција излегоа на мирен протест барајќи повисоки плати, а прстот го вперуваа токму кон Министерството за финансии поради неодобрување на дел од буџетски предвидените средства за нив.

Правобранителот потенцираше дека сите овие работи влијаат на работата на институцијата, како и во напорите за поквалитетна заштита на правата на граѓаните.

XS
SM
MD
LG