Безбедноста на 6 - то крило е иста како и во останатите во Казнено поправниот дом „Идризово“, тврдат од Управата за извршување санкции. И покрај тоа што таму се сместени затворениците кои се повратници од боиштата во Сирија и Ирак, сепак од Управата која е надлежна за затворите сметаат дека дневните активности на осудените кои се сместени таму се одвива по како што велат „динамиката на Куќниот ред“, во време кога во затворот е прогласена кризна состојба поради немање на доволно затворски чувари.
„Нововоспоставените мерки во КПД Идризово согласно кризната состојба како на останатите осудени така и на оваа категорија се применуваат во целост. Кризната состојба во установата не се однесува на губење на одредени права на осудените , напротив е во насока на јакнење на капацитетите на затворската управа и службите што директно придонесува за поцелосно и подоследно реализирање на програмите за третман и постапување со осудените лица“, велат од Управата за извршување санкции.
Претходно Радио Слободна Европа објави дека извори од Министерството за правда тврдат дека се шири таканаречена „затворска инфекција“ односно единаесеттемина кои се обвинети дека биле на боиштата во Сирија или Ирак и учествувале на страната на Исламска држава влијаат со своето радикално учење врз останатите 90 затвореници. Директорот на затворот Зоран Јовановски смируваше и велеше дека нема опасност.
Сепак за проблемот се запознаени и во Исламската верска заедница и веќе барале нивни свештеници да проповедаат во затворот, но повратен одговор за сега немаат. Од националното координативно тело тврдат дека нема опасност по безбедноста на затворот, но сепак тие со своите проекти за ресоцијализација можат да работат со повратниците од боиштата само кога ќе излезат од затворите и со нивните семејства.
Од Управата за извршување санкции велат дека се дел од Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, каде учествувале кога се работеле новите стратегии за борба со тероризам и насилен екстремизам. Со тоа директорите на затворите каде се наоѓаат осудени повратници од странски војски имаат наредба да направат месечен извештај за состојба со радикализација со затворите и ги доставуваат до директорот на УИС, Јовица Стојановиќ.
„Заради зајакнување на надзорот и контролата врз радикализираните осудени лица се преземаат мерки за подобрување на мониторингот врз овие осудени лица во текот на издржувањето на казната затвор преку формирање на мултидисциплинарни тимови во казнено-поправните установи. Основна цел е да го следат однесувањето и дејствувањето на осудените лица поврзани со кривични дела на тероризам и „Учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“како и следење на состојбата со радикализација во затворите“, велат од УИС.
Во моментов според податоците на Народниот правобранител Насер Зибери, 15 затвореници во земјава се поврзани со овие дела, а од нив 11 се сместени во КПУ „Идризово“ поточно во шестотот крило.
„Најидеално ќе беше тие лица да беа сместени во посебен оддел и да немаат контакт со другите затвореници бидејќи делата за кои се таму се различни, а и идеолошкиот момент е многу битен. Но, за жал условите се такви и наместо да се ресоцијализираат тие се дури и премногу во тоа крило. Лично сметам дека државата не изгради соодветна стратегија за третирање на радикални структури како што е во процесот на ресоцијализација во пенален период додека се во затвор, така и постпенален откако ќе излезат од затвор. Тоа би можело да биде многу ризично бидејќи државата нема контрола што прават тие луѓе и по напуштање на затворот“, вели НАсер Зибери, Народен правобранител.
Кризната состојба во Идризово ќе продолжи?
За една недела завршува кризната состојба во најголемиот затвор во земјава Идризово, а според информациите од Владата по истекот на кризната состојба Групата за процена ќе одржи седница на која ќе ја разгледа состојбата. По ова ќе донесе одлука дали на Управувачкиот комитет ќе му препорача продолжување на кризната состојба или не, а тој пак ќе одлучи околу прифаќањето на препораката.
Доколку ја прифати, носи одлука да и предложи на Владата да се продолжи кризната состојба, по што таа пак ќе бара Собранието да ја донесе оваа одлука, бидејќи надлежностите за продолжување ги преземаат пратениците.
Инаку, од 5 јуни до 5 јули, полицајци и војници учествуваат во обезбедувањето на затворот Идризово, поради недостиг на стражари и како што беше соопштено „спречување на безбедносни закани“. Тоа значи дека затворот е со чувари под минимално дозволениот број. Според Народниот правобранител еден стражар чува 50 затвореници а по стандардите би требало да чува 12. Поради ова на помош се повикани припадници на АРМ и МВР.
Директорот на затворот Идризово Зоран Јовановски, во интервју за РСЕ рече дека во моментов трае оглас за вработување на 20 нови службеници, а се очекува и да се распише оглас за уште 100. Но, додека трае целата процедура за избор затворот е во кризна состојба, што се прогласува прв пат од осамостојувањето на земјата.
Измените на законот со казни за учество во странска војска донесени во 2014 година
Во 2014 година црвениот аларм е вклучен во државава, дека мора да се работи на измени на кривичниот законик со кои ќе се казнуваат учесниците во странска војска или паравоени формации. Тоа лето големите светски сили признаваат дека она што во моментот го прави Исил во Сирија и во Ирак е директна закана за безбедноста на нивните земји.
Од балканските земји Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Албанија во тој период веќе имаат донесено закони, додека во земјава се подготвува предлог текст за измена на КЗ. На 23 ти август тогашната влада носи одлука по итна постапка да се измени кривичниот законик и во него да се впише дело со кое со казна затвор ќе се казни учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организирање, финансирање и регрутирање. Измените експресно се изработени и на 5 септември Собранието ги носи измените, а во образложението се вели:
„Масакрите и киднапирањето кое што ги врши исламската држава се застрашувачки. Амнести интернешнл во својот извештај ги обвини исламистите за воени злосторства вклучително и масовни убиства и киднапирање. Хјуман Рајдс воч тврди дека бунтовниците во Сирија регрутираат деца како снајперисти а бројот на загинати деца во Ирак се уште не е познат. Тргнувајќи од ова доставуваме предлог за измени и дополнувања на Кривичниот законик која што основна цел е да се зајакне системот и националната безбедност и борбата против глобалните закани особено тероризмот“, пишува на стенограмот од седницата.
Според членот 322 - а граѓанин на Република Северна Македонија кој служи во непријателска војска ќе се казни со затвор најмалку три години, но тој што врбува наши граѓани за служба во непријателска војска ќе се казни со затвор од најмалку пет години. Со овие дела се поврзува и членот 394 кој се однесува на терористички организации, тероризам, но и финансирање на тероризам.