Достапни линкови

ИВЗ ѝ подаде рака на МПЦ против законите за род


Северна Македонија - поглаварите на верските заедници во Северна Македонија
Северна Македонија - поглаварите на верските заедници во Северна Македонија

Епископот Јаков ги повикаа верниците да останат смирени и да не подлегнуваат на провокации на протестот што го организира Македонската православна црква против законите за родова еднаквост и матична евиденција. Исламската верска заедница со поддршка, но не и физичко присуство.

Исламската верска заедница го поддржува протестот што го организира Македонската православна црква - Охридска Архиепископија против предлог - законите за родова еднаквост и за матична евиденција. Но, сепак, поддршката ќе биде само морална, со оглед на тоа од ИВЗ најавуваат дека нема физички да бидат присутни на протестот пред Соборниот храм.

На манифестацијата одржана на 28 јуни по повод Денот на Курбан Бајрам, поглаварот на ИВЗ, Реисот Шаќир Фетаху, се осврна и на темата за законите која деновиве ја бранува јавноста. Поглаварот на ИВЗ истакна дека ставот на верската заедница е дека „заштитата на традиционалните семејни вредности и по структура и по морал е сржта на едно здраво општество.

Од Исламската верска заедница велат и дека на заедничката средба од 7 мај 2023 година на која присуствувале сите поглавари на верски заедници во земјава, и православната и на католичката црква и еврјеската заедница, се согласиле дека законите за кои станува збор се спротивни на принципите на религиозните заедници и нема да бидат поддржани.

„ИВЗ историски, во минатото, сегашноста и во иднината, секогаш ќе ги брани вредностите: националните верски, морални и духовни, бидејќи заштитата на овие вредности е верска обврска за заштита на човечкото општество. Врз основа на информациите што ги имаме од Владата и Собранието, спорните закони во Собранието се повлечени од понатамошни процедури и за ова и честитаме на Владата за преземањето на таквиот чекор“, кажа поглаварот на ИВЗ во празничното обраќање.

И покрај тоа што и двата закони се се уште далеку од собраниска процедура, МПЦ – ОА, сепак, опстои на повикот за сенароден протест на 29 јуни.

Црквата повика на смиреност

Непосредно пред собирот пред Соборниот храм во Скопје, преку видео порака се обрати и Викарниот епископ Стобиски г. Јаков, во кое вели дека изразува протест единствено против содржината на законите за матична евиденција и родова еднаквост, а не протестираме против никој друг.

Им порачува на граѓаните не само да застанат во одбрана на верата, туку и да останат смирени и да не подлегнуваат на провокации на, како што велат, организации и луѓе кои перманентно го поткопуваат нашето општество и систем.

„И кога решивме во демократско општество да се собереме и тоа не на јавен простор, туку свои на своето, во Црквата своја, гледаме разработка на старото-добро сценарио каде што агресорот одново се претставува како жртва. Токму тоа се повиците кои што ги слушаме од вчера од некои невладини организации дека нашиот собир некого ќе загрози. Не се сомневам дека ќе има обиди на таков начин да се фрли сенка на Вистината, со нивните добро познати методи на праќање провокатори“, вели епископот г.Јаков.

Законите не се во собраниска процедура

За министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчовска, протестот е легитимно право, но, напомена и дека е легитимно право да се каже вистината за двата закони. Според неа, проблемот за предлог законските решенија е со нивното спојување, иако станува збор за посебни закони.

„За Законот за матична евиденција, минатата година во март Владата на седница одлучи да се повлече од собраниска процедура за да се прошири консултативниот процес и да се изнајде решение што ќе одговара за сите. Законот за матична евиденција го третира родовиот идентитет односно можноста на трансродово лице да ја смени ознаката во матичниот број, онаму каде што се обележува полот, односно родот, женски или машки. Законот за родова еднаквост не е исто со овој закон и затоа треба да ги одвоиме кога дискутираме за овие закони“, вели Тренчевска.

Што се предлага?

Во предлог законот за родова еднаквост, за кој се дебатира речиси 10 месеци, стои дека:

„Пол“ ги подразбира биолошките и психолошките карактеристики врз основа на кои луѓето се дефинираат како жени или мажи.

„Род“ ги подразбира општествени својства и можности што се поврзуваат со тоа да се биде женско или да се биде машко, и со односите меѓу жените и мажите и момчињата и девојчињата, како и односите меѓу самите жени и односите меѓу самите мажи.

„Родов идентитет“ се однесува на внатрешното и индивидуално доживување на сопствениот род што секое лице длабоко го чуствува за себе, што може, но, и не мора да соодејствува на полот што му е определен при раѓање, како и личното доживување на сопственото тело и поинакво изразување на родот, вклучително име, облека, говор, манири и дуго.

Во предлог законот за матична евиденција, пак се отвора прашањето дека транс луѓето имаат неусогласен родов идентитет со впишаниот пол во матичната евиденција при раѓањето. Предлогот предвидува секој полнолетен граѓанин да има право на правно признавање на родот и дека тоа може да се направи со поднеување на барање што би се пополнило на нотар.

Односно ќе може лицето да ја промени ознаката за пол во матичната евиденција и на тој начин државата да го признае неговиот вистински род.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG