Достапни линкови

Османи ги урна надежите на продолжување на рокот за пасошите


Редици и за издавање на лични документи во МРТВ
Редици и за издавање на лични документи во МРТВ

Наместо лажна надеж и иницијативи за уставни измени и промена на закони со кои пасошите со старото името ќе важат и по истекот на рокот, на 12 февруари, фокусот сега треба да се стави на тоа што е можно повеќе луѓе да добијат нови лични документи, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи. За пролонгирање на рокот ќе треба нов договор со Грција, оти ова не е одлука на една Влада, додава тој.

Во овие услови нема надеж дека пасошите со старото име на државата ќе важат по 12 февруари, кога истекува рокот според Преспанскиот договор потпишан со Грција, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи, одговарајќи на новинарски прашања на 17 декември.

Помалку од еден месец останува за граѓаните да си ги сменат лични документи и да добијат нови со уставното име на државата – Северна Македонија.

Но долгите редици и турканиците и пред пунктовите за фотографирање за документи и за издавање не пасоши, лични карти, возачки дозволи не престануваат.

Редици граѓани чекаат ред за издавање на лични документи во полициска станица Пролет, Скопје.
Редици граѓани чекаат ред за издавање на лични документи во полициска станица Пролет, Скопје.

Тие со лични карти со старото име, може да здивнат, оти Министерството за внатрешни работи (МВР) на 16 јануари соопшти дека личните карти, оти се документи за внатрешна употреба, чиј рок не е истечен ќе продолжат да важат и по 12 февруари.

Проблем остануваат само оние што имаат пасоши кои не се со името Северна Македонија.

Според договорот потпишан со соседна Грција, на Северна Македонија ѝ беше даден рок од пет години за граѓаните да извадат лични документи со новото име. Но државата доцнеше со издавање на документи со новото име, па немаше обрасци, па нема термини за фотографирање, со што на истекот на рокот многу луѓе се уште немаат сменети документи.

Подобро искреност отколку заглавени граѓани на граница

Министерството за внатрешни работи за Радио Слободна Европа одговори дека од 5 јули 2021 до 16 јанаури 2024, издале 1.050.439 лични карти, 1.211.776 пасоши и 546.741 возачки дозволи.

Министерот Османи вели дека пролонгирањето на рокот не е одлука на една влада, оти станува збор за меѓународен договор, па, фокусот сега треба да биде на негово исполнување, а не на ветувања и иницијативни дека може да се смени. Затоа, вели тој, не треба да им се праќа порака на граѓаните да бидат безгрижни и дека државата сè ќе среди, а потоа да им се каже – Не, не успеавме! Но товарот треба да го понесе државата, а ако треба и на некој начин да им компензира на граѓаните, изјави Османи.

„Дајте во овој период наместо инцијативи за одложување да имаме иницијативи за промена на документите. На 12 февруари, тоа што ќе остане нерешено да седнеме да најдеме начин како да им олесниме на граѓаните. Се обидувам да бидам брутално искрен, меѓутоа покоректно е да сум сега отколку после тоа граѓаните да останат на граничните промени и, на некој начин, ние да сме причина за тоа“, рече Османи.

За промена на договореното треба да се согласи и Грција

Васко Наумовски, кој е професор по меѓународно право, вели дека може да се донесе анекс на Договор, но треба да го потпишат двете страни, Северна Македонија и Грција, а потоа парламентите во земјите да го усвојат договореното.

„Таа е формата, како измена на закон, договор со кој се изменува постоечкиот договор, а се менува со согласност со двете спогодбени страни“, вели Наумовски.

Тој додава дека Северна Македонија сега ќе излезе несериозна ако побара измена на Преспанскиот договор, оти јасно си презела обврски со конкретен датум. Доколку не се испочитува договорот од македонска страна, Грција може да тужи, вели тој. Земјава, вели Наумовски, требаше навреме да почне да издава документи со новото името, а не да доцни, или пак требаше сите документи што ги издава во меѓувреме да бидат со важност до 12 февруари 2024, но тоа не го направи.

„После потпишување, нема каење“, вели Наумовски.

Османи вели дека со грчката страна комуницираат за прашањето за личните документи на дневно ниво, и, како што вели, грчката страна има целосно разбирање за техничките аспекти од процесот. Но обврските од меѓународниот договор остануваат, вели министерот и Грција на 13 февруари ќе треба да ја извести Европската унија дека стапува на сила рокот од Договорот.

Политички предлози во „5 до 12“

Наближувањето на крајниот рок ги мотивираше политичарите да излезат со свои предлози за надминување на проблемите.

Претседателот Стево Пендаровски на 9 јануари и предложи на Владата да го пролонгира Законот за патни исправи до септември, оти, како што рече, нема смисла да продолжи хаосот со вадење нови документи. Според Пендаровски може во едно попладне да се интервенира во законите за лична карта, за патни исправи и во законот за безбедност на сообраќај, а претходно да се извести Грција дека Северна Македонија нема намера да бега од обврските до Преспанскиот договор.

Премиерот Димитар Ковачевски ден потоа рече дека за предлогот на претседателот ќе се разговара на седница на Влада, но дека Пендаровски најдобро знае како тоа може да се реши на меѓународно ниво со Грција.

„Да направите законски измени без согласност на сите што се потпишани, а се работи за меѓународни документи, не би било така едноставно и прашање е колку би било применливо. Сепак, ќе пробаме сѐ“, изјави Ковачевски.

Неколку денови подоцна, на 15 јануари, најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, поднесе иницијатива до Уставен суд со која бараат пасошите и возачките дозволи да важат и по 12 февруари. Од партијата бараат Уставен да ја оцени уставноста на членови од Законите за патни исправи и за безбедност во сообраќај, а додека одлучува за уставноста на оспорените членови да се запре извршувањето на Законите, со што 12 февруари како краен рок нема да важи.

Една недела по предлогот на Пендаровски, Ковачевски чека претседателот да преземе нешто со Грција. Од Кабинетот на претседателот на државата, пак, рекоа дека тој дал предлог за надминување на проблемот, но дека таа процедура е во надлежност на Владата и на Собранието.

„Во однос на комуникацијата со Грција, претседателот Пендаровски може да помогне во процесот, но нема преземено обврска во таа смисла“, посочуваат од Кабинетот на претседателот на државата.

Османи, изјавите на политичарите за пролонгираше на рокот за личните документи, го поврзува со предизборниот период.

Додека јавно се разгледуваат опции, не се намалува метежот пред пунктовите за лични документи. Радио Слободна Европа веќе пишуваше дека граѓани со часови и со денови чекаат пред пунктовите од страв дека нема да стигнат навреме да ги сменат документите.

Според Преспанскиот договор, земјава се обврза на два преодни периода во однос на издадените постоечки документи и материјали - еден „технички“ и еден „политички“:

„Техничкиот“ преоден период значи дека сите официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но и оние кои може да се користат и надвор од државата, нивната важност треба да се обновува во согласност со новото име, најдоцна во рок од пет години по влегувањето во сила на оваа спогодба.

„Политичкиот“ преоден период се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба. Во текстот од Договорот се вели дека Издавањето на ваквите документи и материјали кои се опфатени со оваа категорија во согласност со членот 1, став 3, ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш.

Преспанскиот договор со Грција беше потпишан на 17 јуни 2018 година. Иако роковите од Договорот почнаа со промената на Уставот во февруари 2019 година, тие не започнаа навреме да издаваат лични документи со новото име Република Северна Македонија, па граѓани кои вадеа лични документите во 2021 година, повторно ги добиваа со старото име Република Македонија.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG