„Ве молиме почекајте, сите оператори се зафатени.“
За да не го слушнат ова граѓаните што телефонски се обидуваат да закажат за вадење на лични документи, Министерството за внатрешни работи (МВР) неодамна склучи нов договор со фирма за телефонско и онлајн закажување на термини. Ова е седми и воедно најскап тендер, кој фирмата „Симболико“ го добива за менаџирање со повикувачкиот (кол) центар на МВР. Во пет од вкупно седум добиени тендери во последните 10 години, „Симболико“ е единствен понудувач.
Новиот рамковен договор е „тежок“ речиси два милиони евра. Претходно вредноста на секој од шестте склучени рамковни договори не надминувала 600 илјади евра.
Седиштето на фирмата е во скопски Аеродром, додека подружницата во скопски Карпош. Радио Слободна Европа ги посети и двете локации, но ниту реклама, ниту табла со името на фирмата не сугерира дека таму е сместена „Симболико“ која доби милионски тендер со МВР. Кратко разговаравме и со сопственичката на фирмата Елена Салинтјани, која ни ја отвори вратата во станот во Аеродром каде што е сместена фирмата. Ни вети дека на нашите прашања ќе одговори писмено, но до објавувањето на текстот, одговори не добивме.
Фирмата „Симболико“ која е задолжена да ви закаже термин за лични документи е дел од предистражна постапка во Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупуција по кривична пријава која ја достави Антикорупциска комисија до Обвинителството и до Финансиската полиција.
Кривичната пријава не се однесува на договорите што фирмата „Симболико“ ги има со МВР, туку на дел од јавната набавка за фингер принт апаратите кои во 2021 година ги купи Државната изборна комисија (ДИК) и служат за идентификација при избори.
Од Обвинителството ни одговорија дека е отворена предистрага.
„Иницијативата е доставена во август годинава и распоредена кај јавен обвинител на постапување“, одговорија кусо од Обвинителството, истакнувајќи дека во оваа фаза од преистрагата не можат да одговорат детално на прашањата. Па затоа останува неодговорено прашањето на што точно се однесува предистрагата.
Обвинителството и Финансиската полиција постапуваат по сомнежите на Антикорупциската комисија околу злоупотреба на службена должност на претседателот на ДИК Александар Даштевски и фирмите „Дермалог“ како носител на јавната набавка, и подизведувачи „Симболико“ и „Алфазет“ за испумпување на пари од државниот буџет.
Финансиската полиција за РСЕ вели само дека презела мерки кои се однесуваат на утврдување на сомненија за сторени кривични дела поврзани со постапката за набавка на фингерпринт апаратите за ДИК и дека го известиле надлежниот јавен обвинител за резултатите од нивните проверки.
Државната комисија за спречување на корупција, пак, не е запознаена како институциите постапуваат по предметот што тие го иницираа.
МВР не знае за кривичната пријава
Од Министерството за внатрешни работи за РСЕ велат дека фирмата „Симболико“ ги исполнува условите за вршење на професионална дејност и нема добиена негативна референца од Бирото за јавна набавка. Во однос на прашањето зошто ангажирале компанија која е дел од кривична пријава од Антикорупциска и е дел од предистрага на Обвинителството за јавна набавка во друга институција, од МВР велат дека не го знаеле тоа.
„Одделот за општи и заеднички работи при МВР не поседува информација за Кривична пријава на ДКСК за набавката на биометриските апарати за идентификација при гласање каде Симболико е подизведувач на Дермалог“, се вели во одговорот на МВР.
МВР досега има склучено седум договори со „Симболико“ за менаџирање со повикувачкиот (кол) центар.
Вкупната вредност на седумте тендери изнесува 4,5 милиони евра, од кои првиот тендер, склучен пред точно десет години, е на само пет илјади евра за две години. Повеќе детали за првиот тендер на Бирото за јавни набавки нема, освен дека на повикот се пријавиле уште пет други понудувачи. За разлика од него, на последниот тендер склучен во октомври годинава со МВР, „Симболико“ нема конкуренција, па на аукцијата понудената цена од 57, 99 денари за повик, остана непромената.
Симболико „симболично“ ја зголеми цената за повик
Дополнително, овој договор за кол-центарот во МВР е склучен додека во сила е претходниот рамковен договор во вредност од речиси 600 илјади евра, чиј рок на употреба истекува во февруари 2024 година.
МВР се надева дека со оваа зделка ќе воведе ред во хаосот со термините за вадење на нови лични документи, настанат поради обврската од Преспанскиот договор до 12 февруари 2024 да се заменат сите лични документи со ознака „Република Македонија“ и да гласат „Република Северна Македонија“.
Оттаму велат дека причината за склучување на нов рамковен договор е што ги истрошиле претходните рамковни спогодби склучени во 2021 и 2022 година во кои цената на еден опслужен повик изнесувала 50 денари пред две години и 55 денари лани.
„Поради промена на името на државата и потребата од промена на документите на граѓаните, иако рамковните спогодби биле предвидени за 3 години, вредносно се истрошувале за околу една година. Особено голем наплив на повици има оваа година, бидејќи краен рок за промена на документите на граѓаните е февруари 2024 година“, одговорија од Министерството за внатрешни работи на прашањата на РСЕ.
Во меѓувреме МВР најави и пунктови каде што граѓаните ќе може да се сликаат и без да закажат термин преку кол центарот со кој управува „Симболико“.
Податоците од Отворени Финансии покажуваат дека од МВР во „Симболико“ од почетокот на годинава до ноември се слеани вкупно 580.195 евра. Лани пак, МВР им платиле вкупно 461.575 евра за услугите.
Во 2021 година од МВР се слеале 392 илјади евра на сметката на „Симболико“. Но, главниот прилив таа година во фирмата не доаѓа од МВР, туку од „Дермалог“, која ја ангажираше оваа фирма да биде подизведувач при набавката на апаратите за биометриска идентификација при гласање на избори, пишува порталот 360 степени.
Пред да бидат дел од тендерот за уредите за биометриска идентификација, каде за нивните услуги биле предвидени 1,5 милиони евра, вообичаено имале годишен приход меѓу 220 и 450 илјади евра.
Годината кога го добиваат тендерот, 2021-та, приходите им растат за 10 пати, споредено со претходната 2020 година, односно во 2021 прикажал 2,2 милиони евра приходи, а за споредба, годината претходно приходите им се десетпати помали – околу 200.000 евра, открива порталот.
Во 2022 година, приходите им паднале за повеќе од три пати, на 680 000 евра. Во нивната анализа е посочено дека слична е состојбата и со профитот.
Во годината кога го добиле тендерот со „Дермалог“, „Симболико“ направиле добивка од 380 000 евра, додека годините пред и потоа, се неспоредливо послаби, се вели во анализата на „360 степени“.
Која е фирмата „Симболико“?
„Симболико“ работи за МВР од 2013 година. За оваа фирма не можат многу податоци да се најдат на интернет, бидејќи нивната веб страница не е активна. На платформата на Македонската академска истражувачка мрежа (Марнет), каде што се регистрираат сите македонски интернет адреси Симболико регистрирала своја веб страница во 2017 година.
Според податоците од Централниот регистар вистински сопственик сега е Елена Салонтаји, но фирмата била основана од Стефан Пулејковски во 2007 година. Основана е како финансиски и правен консалтинг со сметководствена дејност и консултации во врска со данок. Промената на дејноста во Централниот регистар е заведена во 2014 година, кога од сметководство се префрла на дејности на повикувачки центри.
Но, првиот договор што фирмата го добила од МВР за „услуга од оператор на повикувачки центар (Call centre) и услуга од оператор за електронско информирање и закажување на термини за поднесување барања и издавање на нови лични документи на граѓаните на Република Македонија за период до 31.05.2015 година“ е склучен на 31 јули 2013 година, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки.
Во 2010 година, се случува и промена на сопственоста, покрај Пулејковски косопственик станува и Јане Карајанов. Во 2017 година нов целосен сопственик станува Елена Салонтаји.
Но, во тендерот со МВР за 2022 година, Салонтјани учествува заедно со Пулејковски, односно со неговата фирма Бизнис Инвестмент груп. Оваа компанија е една од седумте во кои Пулејковски има сопственички удел, а воедно е евидентиран и како должник кон Управата за јавни приходи.
Радио Слободна Европа се обиде да стапи во контакт со Салонтаји, која при нашата посета на адресата на компанијата, ни вети дека ќе ни одговори на прашањата кои електронски и ги испративме. Неколку дена подоцна одговори од Салонтјани не добивме.
„Симболико“ за читачите на отпечатоци добила повеќе пари од предвиденото
Според документите во кои имаше увид Радио Слободна Европа, во постапката за читачите на отпечатоци користени при локалните избори, Дермалог и исплатила на Симболико повеќе пари од договореното, односно над 700 илјади евра повеќе од предвидените, 1,5 милиони евра односно предвидените 14 проценти од договорот.
Дополнително финансиските трансакции покажуваат дека дел од парите биле исплатени кон правни и физички лица поврзани со првиот сопственик Пулејковски.
Сомнежите на Антикорупциска биле и дека фирмата немала доволно квалификации за исполнување на обврските, па си ангажирале дополнителни свои подизведувачи, односно ИТ експерти.
Пулејковски во изминатите две децении во медиумите често беше споменуван како бизнисмен со добри релации со ВМРО-ДПМНЕ, особено со поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот прв човек на УБК Сашо Мијалков по аферата со Националната платежна картичка преку фирмата Виста Процесинг.
Според истражувањето на неделникот Фокус, околу 3 милиони евра од Министерството за финансии завршиле на сметка на фирмата Виста процесинг, која била должна да купи банкомати и пост терминали за тие пари.
Државниот ревизор во 2004 година не бил убеден дека воопшто пристигнала опремата од оваа фирма и според него чудно е што фирма која добила три милиони евра од државава, само по нецела година може да биде загрозена за опстанокот.
Но, токму оваа фирма основана од Пулејковски и синот на тогаш актуелната пратеничка Благородна Дулиќ, Дарко, нецела година откако и легнале парите на сметка, отишла во стечај, па државата немала од што да си ги врати.
Пулејковски по оваа афера стана дел од Пливачката федерација на Македонија и во 2007–мата година ја отвора фирмата Симболико.
Фирмата која е задолжена за кол центарот на МВР лани имала 23 вработени. Во најуспешната година, 2021 кога заработила и најмногу пари, имала 36 вработени, пишува финансискиот портал пари.мк. Седиштето и е во скопски Аеродром, додека подружницата во скопски Карпош. Кога Радио Слободна Европа ги посети локациите, ниту реклама, ниту табла со името на фирмата не сугерира дека таму е сместена „Симболико“.
Последните податоци од Министерството за внатрешни работи покажуваат дека над милиони луѓе добиле нови пасоши и на 800 илјади граѓани извадиле нови лични карти со новото име на државата Северна Македонија. Тие и досега закажуваа термин и поднесуваа барање за нови документи преку фирмата задолжена за кол центар во МВР - „Симболико„.