Достапни линкови

Вести

Избори во Полска: Владејачката партија со најмногу гласови, но без мнозинство

илустрација, избори, Полска
илустрација, избори, Полска

Полската владејачка партија Право и правда (ПиС) освои најмногу места во Парламентот самостојно, покажаа излезните анкети по изборите вчера, но блокот на либералните опозициски партии се чини дека има парламентарно мнозинство, што би можело да значи крај на осумгодишното владеење на националистите.

Ако резултатите од излезните анкети се и официјални резултати, вчерашните избори би можеле да претставуваат голема пресвртница за Варшава, која, откако ПиС дојде на власт во 2015 година, се расправа со Европската унија за владеењето на правото, слободата на медиумите и миграцијата.

Според анкетата на Ипсос, ПиС доби 36,8 отсто од гласовите, што значи 200 пратеници во 460-члениот парламент.

Полскиот опозициски лидер Доналд Туск го најави почетокот на новата ера за неговата земја, откако беа објавени резултратите од излезните анкети во кои опозициските партии освоија доволно гласови на вчерашните парламентарни избори за да ја соборат владејачката националистичка конзервативна партија.

види ги сите денешни вести

Додик: Република Српска ќе бара финансирање преку БРИКС

Милорад Додик
Милорад Додик

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, го оцени учеството на Самитот на БРИКС во Казан како успешно и најави дека РС ќе се обиде да обезбеди финансиска поддршка за проекти преку алтернативни финансиски инструменти од оваа асоцијација, наместо од европските институции.

За РТРС Додик рече дека соработката со Новата развојна банка БРИКС, која покажала интерес за инвестирање во регионите кои не се дел од оваа асоцијација, е економска и економска можност за Република Србија и за Балканот и дека претставува еден вид на алтернатива на постоечките финансиски инструменти.

„Со овие инструменти Западот, а особено САД, се обидува да условува други земји, вклучително и самата Република Српска. Затоа голем број земји бараат, како алтернатива, а не укинување на доларот, да се воведе друг механизам за плаќање и пресметка меѓу земјите кои имаат свои валути“, рече Додик за РТРС.

Тој истакна дека доведувањето на нови алтернативи за финансирање може да им овозможи на земјите поголема независност од доларот.

Додик го повтори и своето уверување дека еден ден Република Српска ќе стане независна држава и го посочи значењето на поддршката од Русија, што ја потврдува силната врска меѓу двете страни.

Четворица загинати, многумина ранети во руските напади на Харкив и Киев

илустрација
илустрација

Во руските бомбашки напади рано утрината на 29 октомври загинаа четири лица во Харкив, вториот по големина град во Украина, информираше градоначалникот Ихор Терехов во порака на каналот Телеграм.

„Нападот на градската област Основјанск, исто така, предизвика штета на цивилната инфраструктура и домување“, нашиша Терехов.

Тоа беше втор руски напад врз градот за помалку од шест часа.

Девет лица беа ранети во првиот напад кој беше насочен кон центарот на градот, оштетувајќи историска зграда, објави градоначалникот Терехов.

Во одделен напад, руски беспилотни летала го нападнаа Киев рано на 29 октомври, при што беа ранети најмалку шест цивили, од кои еден сериозно, објави на Телеграм Виталиј Кличко, градоначалникот на главниот град на Украина.

Русија ја почна инвазијата на Украина на 24 февруари 2022 година.

Најмалку 62 загинати во израелски напад на источен Либан

илустрација
илустрација

Најмалку 62 лица загинаа, а повеќе од 200 се ранети во вчерашниот израелски воздушен напад врз долината Бека во источен Либан, пренесе водечкиот либански весник Ан-Нахар.

Според извештајот, во бомбардирањето има голем број цивилни жртви, вклучувајќи жени и деца. Локални жители и градоначалникот на градот Балбек потврдуваат дека нападот предизвикал големи човечки загуби и разурнувања во неколку населени места, вклучувајќи ги Халанија, Будаи, Хфир, Џунин, Рам и Алак.

Интензивните напади траеја околу пет часа и започнаа вчера рано изутрина.

Либанското Министерство за здравство соопшти дека бројот на жртвите од почетокот на израелските напади на 8 октомври минатата година достигнал 2672 цивили, а ранети се 12 468 луѓе.

Судирот меѓу Израел и Хезболах ескалираше откако Хезболах почна да лансира ракети кон северните делови на Израел како поддршка на палестинскиот народ во Појасот Газа, а Израел одговори со копнена офанзива и силни воздушни напади.

Хезболах е и вооружена група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан. ЕУ не го стави на црната листа неговото политичко крило, туку само вооруженото. Политичката партија Хезболах има места во либанскиот парламент.

Иран егзекутира иранско-германски државјанин осуден за дела поврзани со тероризам

Џамшид Шармахд, иранско-германски државјанин во Иран
Џамшид Шармахд, иранско-германски државјанин во Иран

Иранското правосудство го погуби иранско-германскиот државјанин Џамшид Шармахд на 28 октомври, откако на почетокот на оваа година беше осуден под обвинение за „корупција на Земјата“.

Новинската агенција Мизан објави дека по „конечната потврда на одлуката на судот од страна на Врховниот суд, смртната казна против Шармахд „е извршена утринава“.

Иран го обвини Шармахд дека водел промонархистичка група за која Техеран верува дека стои зад смртоносниот бомбашки напад во 2008 година и дека планира други напади во земјата.

Апсењето на Шармахд беше објавено во 2020 година во соопштение на Министерството за разузнавање, кое го опишува како „водач на терористичката група Тондар, која од Америка управувала со вооружени и терористички акти во Иран.

Тондар, чие седиште е во Лос Анџелес, вели дека има за цел да ја собори исламската република и да ја врати монархијата слична на онаа на Кир Велики. Тој води проирански опозициски радио и телевизиски станици во странство, како и канали на социјалните мрежи.

Илјадници луѓе протестираат во Тбилиси поради „украдените“ избори во Грузија

Грузија - протести по изборите, Тбилиси, 28.10.2024 година.
Грузија - протести по изборите, Тбилиси, 28.10.2024 година.

Илјадници Грузијци излегоа на улиците на 28 октомври, откако грузиската претседателка Саломе Зурабишвили одби да ги признае резултатите од парламентарните избори, обвинувајќи ја владејачката партија дека користела тактики во руски стил.

Демонстрантите се собраа пред зградата на парламентот во центарот на Тбилиси додека се зголемуваат критиките за нерегуларности при гласањето. Грузиските набљудувачи на изборите тврдеа дека откриле голема шема за измама која го променила исходот од изборите во корист на владејачката партија, објави грузискиот сервис на Радио Слободна Европа(РСЕ).

Официјалните изборни резултати во саботата, 26 октомври, ѝ дадоа на владејачката партија Грузиски сон повеќе од 54 отсто од гласовите, доволно за да ја задржи контролата врз владата.

Повикувајќи на протести, Зурабишвили ден потоа, на 27 октомври, рече дека официјалниот резултат е доказ за „руска специјална операција - една од новите форми на хибридна војна против нашиот народ, нашата земја“.

Во интервју за Ројтерс Зурабишвили ги појасни своите изјави, велејќи дека таа директно не ја обвинува Русија за фалсификат на гласањето. Наместо тоа, рече Зурабишвили, таа кажала дека „високо софистицираните“ методи за користење на „повеќе форми на измама“ ги пресликуваат тактиките што ги користи руската Федерална служба за безбедност.

Зурабишвили рече дека Грузиски сон има јасни врски со Москва, за што, како што рече, сведочат пораките за поддршка од Русија по гласањето и усвојувањето на контроверзниот закон за „странско влијание“, кој е сличен на законот за „странски агенти“ во Русија.

Законот беше силно критикуван од Вашингтон и од Брисел, а парламентарните избори одржани во саботата се сметаа за тест за демократијата додека Грузија се движи кон членство во НАТО и ЕУ.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан пристигна во Тбилиси за да ја изрази својата поддршка за Грузиски сон. Орбан, чија земја во моментов претседава со Европската унија(ЕУ), беше исвиркан додека го напушташе хотелот во близина на грузискиот парламент каде се собраа десетици илјади луѓе.

Грузискиот премиер Иракли Кобахидзе ја обвини опозицијата дека се обидува да „го разниша уставниот поредок“ на земјата и дека одбива да прифати пораз. Алудирајќи на законот за „странско влијание“, тој ја обвини опозицијата дека стои зад прозападните невладини организации за кои тврди дека „се борат за нетранспарентност на нивните финансии“.

Кобахидзе рече дека неговата влада останува посветена на европската интеграција поради загриженоста дека изборите би можеле да им наштетат на односите на Грузија со Западот и да сигнализираат пресврт кон Москва.

Заедничката набљудувачка мисија на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Советот на Европа, Европскиот парламент и НАТО оценија дека изборите биле обележани со „нееднакви услови, притисоци и тензии“.

Набљудувачите на изборите, исто така, ги осудија евидентираните случаи на купување гласови, двојно гласање, физичко насилство и заплашување.

Коалицијата на организациите за набљудување на изборите „Мој глас“ објави дека на денот на изборите, нејзините набљудувачи од 1.131 локацијаутврдиле дека има повеќе од 900 случаи на прекршување на изборната процедура.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека „меѓународните набљудувачи не го прогласија резултатот за слободен и фер“.

Како што почнаа да се стигнуваатизборните резултати, членовите на опозицијата забележаа разлики меѓу официјалните резултати што покажаа дека Грузиски соне многу подобар отколку што предвидуваа излезните анкети на опозицијата.

Тина Бокучава, претседателка на Обединетото национално движење, која ја предводи коалицијата „Единство за спас на Грузија“, рече дека „немаме намера да го признаеме исходот од овие украдени избори“.

Двајца државјани на Србија уапсени во Киргистан

Илустрација
Илустрација

Двајца српски државјани се уапсени во Киргистан, потврди на 28 октомври портпаролот на Окружниот суд во Бишкек, за киргистанскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Тој одби да каже за кого станува збор и да даде повеќе детали, велејќи дека случајот е доверлив.

Белградскиот неделник „Радар“ претходно објави дека еден од двајцата уапсени е Младен Петковиќ, поранешен директор на специјализирани индустриски фабрики во Србија, од владејачката Српска напредна партија (СНС).

Според „Радар“, тој бил уапсен на 19 септември во Киргистан.

Медиумите во Србија претходно објавија дека еден од уапсените е Александар Симоновиќ, чија сопруга Бранка Симоновиќ изјавила дека отишол во Киргистан како преведувач и стручен консултант на Машинскиот факултет на Универзитетот во Белград.

Таа изјавила и дека тој би можел да биде уапсен поради сомнение за поткуп, но дека не е виновен.

Подоцна се огласи и Машинскиот факултет. Од факултетот рекоа дека немаат информации за неговото апсење. Објавија и дека Симоновиќ имал налог за службено патување, доставен по негово барање, каде како извор на финансирање навел лични средства.

Оттаму додаваат дека како причина за службеното патување ја навел соработката со стопанството, а авионската карта за патувањето не била купена по процедурата што ја спроведува тој факултет.

Киргистанското Министерство за внатрешни работи соопшти дека нема информации за странците, додека Државниот комитет за национална безбедност допрва треба да се произнесе.

Министерството за надворешни работи на Србија не одговори на прашањата на РСЕ за да ја потврди или демантира информацијата објавена во медиумите дека Александар Симоновиќ и Младен Петковиќ се уапсени во Киргистан.

Од Министерството за одбрана и од МВР нема одговор.

Зеленски во Исланд на разговори за „Планот за победа“

Володимир Зеленски, претседател на Украина, на прес-конференција на Самитот на ЕУ во Брисел, 17 октомври 2024 година.
Володимир Зеленски, претседател на Украина, на прес-конференција на Самитот на ЕУ во Брисел, 17 октомври 2024 година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во Исланд каде ќе присуствува на Самитот со лидерите на нордиските земји.

Зеленски на 28 октомври на Телеграм објави дека додека е во Исланд ќе учествува на четвртиот самит Украина - Северна Европа и ќе одржи билатерални преговори со премиерите на Исланд, Данска, Норвешка, Финска и Шведска.

Заленски планира да се сретне и со претседателот и со претставниците на парламентот на Исланд.

„Нашите дискусии ќе се фокусираат на поддршката за „Планот за победа“ и областите во кои нашата соработка може да даде максимални резултати: финансирање на украинското производство на оружје за долг дострел, подготовки за зимата, поморска безбедност, одбранбена поддршка, обука и опремување на украинските војници“, рече Зеленски.

Парламентот на Исланд во април усвои резолуција за поддршка на Украина до 2028 година, која ја вклучува независноста на Украина, суверенитетот и безбедноста на цивилното население, хуманитарната помош и реконструкцијата.

Исланд, исто така, одвои речиси 2 милиони евра (2,1 милиони долари) за чешката иницијатива за купување артилериски гранати за Украина.

„Планот за победа“ на Зеленски е збир на мерки за кои тој вели дека ќе го свртат бранот на војната во корист на Киев. Зеленски се обидува да ги убеди западните сојузници да ја поканат Украина да се приклучи на Алијансата и да обезбеди поголема воена помош пред тешката зима на бојното поле и во нејзините погодени градови.

Едно од главните барања на Зеленски е повикување на „укинување од страна на партнерите на ограничувањата за употреба на оружје со долг дострел на целата територија на Украина окупирана од Русија и на руска територија и на непријателската воена инфраструктура“, како и помош во „опремувањето на нашите резервни бригади“.

Повеќе од 43.000 Палестинци убиени во едногодишната војна во Газа

Последици од израелско бомбардирање во јужна Газа, 25 октомври 2024 година.
Последици од израелско бомбардирање во јужна Газа, 25 октомври 2024 година.

Бројот на загинати Палестинци во едногодишната војна во Газа надмина 43.000, од кои повеќе од половина се жени и деца, соопшти палестинското Министерство за здравство на 28 октомври.

Оваа бројка вклучува и 96 загинати лица кои беа префрлени во болниците во Газа во последните два дена, соопшти Министерството, кое го предводи Хамас, палестинска група која Соединетите Американски Држави (САД) и Европската унија(ЕУ) ја прогласија за терористичка организација.

Израелската армија викендов изведе операција во северниот дел на Газа, вклучително и во една болница. Војската соопшти дека уапсила 100 осомничени милитанти на Хамас за време на рацијата во болницата „Хамал Адван“ во Беит Лахиа на 25 октомври.

Светската здравствена организација го обвини Израел дека уапсил 44 лица од машкиот болнички персонал.

Палестинските медицински претставници изјавија дека болницата, која третира околу 200 пациенти, била тешко оштетена во нападот.

Израел нападна неколку болници во Газа за време на едногодишната војна, велејќи дека Хамас и другите групи ги користат за воени цели. Палестинските медицински претставници ги негираат наводите и ја обвинуваат армијата дека ги загрозува цивилите.

Израелската армија ги повика Палестинците да го напуштат северниот дел на Газа, каде веќе три недели спроведува голема офанзива.

Обединетите нации (ОН) претходно овој месец соопштија дека најмалку 400.000 луѓе се во северниот дел на Газа и дека кризата со глад се зголемила бидејќи хуманитарната помош е намалена во текот на изминатиот месец.

Министерството за здравство на Газа соопшти дека најмалку 43.020 луѓе биле убиени, а 101.110 биле ранети од почетокот на војната на 7 октомври 2023 година.

Војната меѓу Израел и Хамас почна откако милитантите на Хамас ги пробија граничните бариери во јужен Израел и упаднаа преку границата, убивајќи околу 1.200 луѓе - главно цивили, и киднапирајќи уште 250 други луѓе.

Чад: Најмалку 40 војници загинаа во напад на воена база

Илустрација
Илустрација

Неидентификувани напаѓачи убиле најмалку 40 војници за време на ноќен напад на воена база на западот на земјата, објави претседателството на северноафриканската држава Чад, јави агенцијата „Асошиејтед Прес“.

Претседателот Махамат Деби Итно рано утрото на 28 октомври ја посети базата во Баркарам, остров во регионот на езерото Чад и најави почеток на воена операција за пронаоѓање на напаѓачите.

Чад долго време се бори со бунт во западниот дел на земјата, во близина на границата со Нигерија.

Не е познато кој стои зад нападот, но владата ја обвини милитантната група Боко Харам за претходните напади во регионот.

Во март, во напад за кој владата ја обвини Боко Харам, загинаа седум војници, што ги оживеа стравувањата од насилство во регионот на езерото Чад по период на мир и успешна операција што армијата на Чад ја започна во 2020 година за уништување на базите на екстремистичката група.

Боко Харам, која пред повеќе од една деценија започна бунт против западното образование, се обидува да воспостави исламски закон во североисточна Нигерија.

Чад, земја со речиси 18 милиони жители, беше тешко погодена од политичките превирања пред и по контроверзните претседателски избори кои резултираа со победа на Деби Итно. Тој ја водеше земјата како привремен претседател за време на периодот на воено владеење што следуваше по смртта на неговиот татко во 2021 година.

Минчев: Има две можности правичната застапеност да влезе во законите

Северна Македонија - Горан Минчев, министер за јавна администрација
Северна Македонија - Горан Минчев, министер за јавна администрација

Постојат две можности делот за правична застапеност да биде имплементиран во законите. Првата е во Предлог законот за административни службеници, Предлог законот за вработените во јавниот сектор и Предлог законот за стручно усовршување и обука на административните службеници кои се во фаза на разгледување, а втората е да се оди со посебно законско решение кое што ќе биде разгледувано во Собранието, изјави министерот за јавна администрација Горан Минчев.

Изјавата доаѓа откако коалицијата „Вреди“, партнерот на ВМРО-ДПМНЕ во Владата, најави дека изготвува закон за правична застапеност откако Уставниот суд ја укина употребата на таканаречениот „балансер“, алатка од Охридскиот рамковен договор преку со која се вршеа вработувањата на етничките заедници.


Минчев рече дека досега не видел нацрт-верзија од коалицијата „Вреди“.

„Сигурен сум дека во Владата има политички капацитет и можност да се дојде до едно сериозно, системско и квалитетно решение. Не треба да се брза. Мора да имаме трпение затоа што ние сме имале и ситуации кога и од 2001 до 2015 година не постоел „балансер“, но уставната категорија, правичната застапеност на етничките заедници се имплементирала. Така што, мора да дојдеме до сериозно решение да не се најдеме повторно во ваква ситуација, а тоа е Уставниот суд да укинува одредени членови или одредби од евентуалното законско решение“, изјави Минчев.

Антикорупциската комисија во јануари годинава поднесе иницијатива до Уставниот суд за преспитување на алатката „балансер“, бидејќи сметаат дека со ова се прават злоупотреби при вработувањата.

Уставниот суд на 9 октомври го укина „балансерот“, по што од „Вреди“ најавија дека наскоро и официјално ќе биде предложен нов Закон за правична застапеност.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG