Достапни линкови

Вести

Вработен на Кардиохирургија го нападнал директорот

Клинички центар Мајка Тереза
Клинички центар Мајка Тереза

Вработен на Клиниката за кардиохирургија, со иницијали С.Ј. денеска вербално нападнал медицинска сестра, потоа физички го нападнал директорот на Клиниката и на крај сам се пријавил во полиција, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

За случајот е известен и јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на настанот.

Дел медиуми јавија дека станува збор за доктор Сашко Јовев, поранешен директор на Клиниката. Тој за „Фокус“ вели дека не е точно дека тој нападнал. Докторот во полиција пријавил вербален напад и буткање во кое има повреда на окотот. Докторот вели дека лежи на Кардиологија заради стрес и, како што вели, е жртва на секојдневен мобинг.

Јовев, во јуни беше разрешен од директорската функција, поради утврдени пропусти во неговото работење, соопшти тогаш Министерството за здравство. Докторот тогаш посочи дека се сомнева оти „пропустите“ се причина за неговото разрешувањето. Јовев објасни дека пред разрешувањето се соочил со притисоци поради направена грешка во протоколот за отворањето на новата сала за одржување пациенти додека за нив не бидат обезбедени органи за трансплантација. На настанот не присуствувал министерот, оти, како што објаснил доцна добил покана, а пред него покана добил премиерот.

За денешниот инцидент на Кардиохирургија информира и Министерството за здравство.

Оттаму велат дека министерот за здравство Фатмир Меџити е запознаен со настанот.

Тој од здравствените работници побара совесно и професионално однесување и да се посветат на пациентите, се вели во реакцијата на Министерството за здравство.

Јовев во мај 2020 година беше предводник на тимот кардиохирурзи коишто ја направија првата успешна трансплантација на срце од починат донор на Клиниката за кардиохирургија. Потоа следуваа уште неколку успешни трансплантации на срце.

види ги сите денешни вести

ДЗР: Несоодветни услови и безбедносни ризици-главни проблеми во затворите

Затвор Идризово (илустрација)
Затвор Идризово (илустрација)

Пренатрупаноста, недоволната инвестиција во инфраструктурата, нецелосно воспоставен видео надзор, недостатокот на медицински персонал и несоодветната техничка опременост влијаат негативно врз обезбедувањето хумани услови за лицата лишени од слобода. Овие се главните заклучоци од спроведената ревизија на успешност на тема „Реформа на пенитенцијарниот систем“ од страна на Државниот завод за ревизија (ДЗР).

Дополнително, ограничената примена на пробациски мерки и недоволната постпенална поддршка ја намалуваат ефикасноста на ресоцијализацијата, додека нерегуларниот надзор ја доведува во прашање усогласеноста со препораките за подобрување на состојбите, се наведува во извештајот на ДЗР.

Во ревизијата меѓудругото, се нагласува дека недоволниот развој на пробацијата во правосудниот систем во насока на имплементирање на соодветни и одржливи мерки за реинтеграција на сторителите во заедницата на кои се извршуваат алтернативни мерки и недоволно изрекување на пробациски мерки од страна на надлежните органи неповолно влијае на остварување на основната цел на пробацијата и намалувањето на затворската популација.

„Со спроведената ревизија и применетата ревизорска методологија, прибраните ревизорски докази, стекнавме разумно уверување дека преземените активности од страна на надлежните институции не придонесуваат во целост за унапредување и хуманизирање на системот за извршување на санкции и реформи во пенитенцијарниот систем“, велат од ДЗР.

Материјалните услови во одделни установи или одделенија при установите и пренатрупаноста, додаваат, не придонесуваат за обезбедување на хумани услови за сместување, предвидени во меѓународните стандарди од областа, почитување на личноста и достоинството на лицата лишени од слобода.

Поради недостиг на финансиски средства, се додава, установите не можат да планираат активности, а планираните активности да ги реализираат и да ги подмират обврските од минати години.

„Во установите недостасува безбедносна опрема, ниту е воспоставен унифициран концепт за визуелно-електронско набљудување и одржување на видео надзорот, ниту имаат предвидена обврска за изготвување на проекти/планови за утврдување на сите клучни ризични точки, потребниот број и вид на камери, местото на поставување на камерите за видео надзорот, а врз основ на претходна анализа изработена од стручни лица во областа. Поради недоволен број на припадници на затворската полиција зголемени се трошоците за прекувремена работа, а тужбите од страна на затворската полиција за работа подолго од полното работно време и останати додатоци на плата придонесуваат за зголемени судски трошоци и исплати по извршни решенија“, се вели во ревизијата.

Исто така се нагласува дека не е обезбедена целосна здравствена заштита на лицата лишени од слобода заради недоволен медицински персонал, а отсуството на ажурирани податоци за задолжително здравствено осигурување доведува до неостварување на правото за здравствено осигурување на лицата кои се на издржување казна затвор и издржување на воспитна мерка во воспитно - поправен дом.

Покрај ова се посочува и дека установите не се доволно кадровски екипирани со инструктори кои би можеле да вршат стручно оспособување на осудените лица, а не располагаат ниту со доволен број на воспитувачи за спроведување на третмански мерки.

Ослободена е американско-руската државјанка Карелина осудена за предавство

 Руско-американската државјанка Ксенија Карелин
Руско-американската државјанка Ксенија Карелин

Адвокатот на руско-американската државјанка Ксенија Карелина, која беше осудена на 12 години затвор во Русија, изјави дека таа била ослободена на 10 април во размена на затвореници меѓу Москва и Вашингтон.

Минатиот август, Карелина беше прогласена за виновна за предавство од руски суд за донирање пари на добротворна организација со седиште во САД, која обезбедува хуманитарна помош за Украина.

„Карелина замина за САД со авион од Абу Даби во четврток наутро“, изјави нејзиниот адвокат Михаил Мушаилов за Ројтерс.

Руските медиуми објавија дека Карелина платила околу 50 евра на невладината организација „Разом“, која обезбедува материјална поддршка во Украина.

Рускиот суд пресуди дека парите биле користени од вооружените сили на Украина за купување лекови, опрема, оружје и муниција.

Судот прецизираше дека парите биле префрлени на 24 февруари 2022 година, денот кога започна руската инвазија на Украина.

Триесет и четиригодишната Ксенија Карелина е по потекло од Екатеринбург на Урал, а живеела во САД, каде што емигрирала пред повеќе од десет години и добила американско државјанство.

Минатата година, Вашингтон ја осуди бруталноста на казната на Карелин, тврдејќи дека Русија намерно апси американски државјани со цел подоцна да ги искористи за размена со Руси затворени во странство.

Најголемата размена на затвореници од Студената војна меѓу Москва и Западот се случи во август минатата година, кога американски новинари и руски опозициски личности беа ослободени за осомничени руски агенти затворени на Западот.

Уапсена министерката за високо образование на Кантонот Сараево и нејзината помошничка

Адна Месиховиќ, министерка за наука, високо образование и млади на кантонот Сараево
Адна Месиховиќ, министерка за наука, високо образование и млади на кантонот Сараево

Во рамките на акцијата со кодно име „Плик“, по наредба на вршителот на должноста обвинител на Обвинителството на Кантонот Сараево, истражителите на МВР на Кантонот Сараево (КС) ги лишија од слобода Адна Месиховиќ, министерка за наука, високо образование и млади на КС и нејзината помошничка Џенита Витешкиќ.

Ова во заедничко соопштение го објавија Обвинителството на КС и МВР на КС.

Тие се осомничени за кривично дело злоупотреба на положба или овластување. Поконкретно, тие се осомничени за незаконски вработувања во министерството.

„Рано утрово е извршен претрес во становите на осомничените и во канцелариите на Министерството за наука, високо образование и млади на КС, пронајдена е документација и други предмети кои можат да се користат во понатамошна кривична постапка“, стои во соопштението.

Акцијата, меѓу другото, е резултат на протоколот во гонење на коруптивни кривични дела потпишан од страна на Обвинителството на КС со Канцеларијата за борба против корупција на КС и Управат на полицијата на МВР на КС. Помош била укажана и од Агенцијата за разузнавање и безбедност на Босна и Херцеговина, се наведува во соопштението.

Осомничените по криминалистичката обработка во МВР на КС ќе бидат предадени во натамошна надлежност на Обвинителството на Кантонот Сараево.

Втор круг преговори меѓу руската и американската делегација во Истанбул

илустрација
илустрација

Вториот круг од руско-американските преговори почнаа денеска (10 април) во Истанбул, јави агенцијата ИТАР-ТАСС.

Средбата се одржува во рускиот Генерален конзулат во Истанбул, а Москва ја претставува амбасадорот во САД Александар Дарчиев, додека Вашингтон е претставен од заменик-помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања Соната Култер.

На местото на преговорите прво пристигна руската делегација, а потоа и Американците.

Дарчиев утринава изјави дека Русија на оваа средба ќе го постави прашањето за враќање на дипломатскиот имот, а според него, претставниците на двете земји ќе разговараат и за прашањето за враќање на директниот воздушен сообраќај меѓу САД и Русија, што беше прекинат од Вашингтон.

Според руските медиуми, подобрувањето на односите меѓу Москва и Вашингтон започнало со средбата на делегациите во Ријад на 18 февруари.

Двете страни се договорија да создадат услови за целосно обновување на билатералната соработка, да ги отстранат ограничувањата за работата на амбасадите и да иницираат процес за решавање на ситуацијата во Украина.

На крајот на февруари, на преговорите во Истанбул, делегациите на Русија и САД договорија чекори за финансирање на работата на дипломатските претставништва и разговараа за можноста за обновување на директните авиокомпании.

Покрај тоа, во последните два месеци, претседателите Владимир Путин и Доналд Трамп двапати разговараа телефонски.

Минатата недела шефот на рускиот Фонд за директни инвестиции Кирил Дмитриев ги посети САД и се сретна со претставници на администрацијата на претседателот на Белата куќа.

Според неговите зборови, двете страни направиле три чекори напред за многу прашања и постигнале напредок и додаде дека претстојат низа средби за да се решат сите несогласувања.

Фон дер Лајен ја поздрави најавата на Трамп за пауза на новите царини

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска (10 април) ја поздрави најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ги паузира новите „реципрочни царини“ за повеќето земји на 90 дена за да овозможи преговори, јави ДПА.

„Тоа е важен чекор кон стабилизирање на глобалната економија“, рече фон дер Лајен.

„Јасните, предвидливи услови се од суштинско значење за функционирањето на трговијата и синџирите на снабдување. Европската унија останува посветена на конструктивни преговори со САД со цел да се постигне трговија без триење и взаемно корисна“, додаде таа, пренесе германската агенција.

Земјите-членки на ЕУ вчера се согласија на одмазднички тарифи од 10 до 25 отсто за американскиот увоз, што треба да се применат од следната недела, како одговор на американските царини за увоз на челик и алуминиум воведени пред околу еден месец.

Американските берзи вчера покажаа неверојатно силен чекор нагоре по најавата на Трамп за мирување на царините, по падот забележан во изминатите неколку дена.

Доминиканска Република ја прекинува потрагата по преживеани во несреќата во која загинаа 184 луѓе

илустрација
илустрација

Властите на Доминиканската Република соопштија дека операцијата за пребарување и спасување по смртоносното уривање на кровот на ноќен клуб ќе биде заменета со „фаза за обнова“.

Локалните медиуми го цитираа директорот за вонредни операции Хуан Мануел Мендез дека најмалку 184 луѓе загинале откако делови од кровот на ноќниот клуб Џет Сет се урнаа рано во вторникот, нагласувајќи дека тоа е „прелиминарна бројка“.

На прес-конференција, Мендез рече дека „додека не прочешламе сè, нема да оставиме никого“, јавија локалните медиуми.

Во клубот за време на концертот на пејачот Руби Перез имало стотици посетители, а повредени се повеќе од 150 луѓе. Перез е меѓу загинатите, а меѓу жртвите се и познатите бејзбол играчи Октавио Дотел и Тони Енрике Бланко Кабрера, како и Нелси Круз – гувернерка на северозападната провинција Монтекристи. Загина и синот на министерот за урбанизам и комуникации.

Доминиканската влада во соопштение нагласи дека преминот во фаза на закрепнување „не значи крај на работата во погодената област“.

„Во текот на изминатите неколку дена спасувачките екипи работеа без прекин, отстранувајќи остатоци, помагајќи им на повредените и преживеаните. Меѓутоа, исцрпувајќи ги сите разумни можности за пронаоѓање повеќе преживеани, операцијата сега влегува во поинаква, но подеднакво чувствителна и клучна фаза: справување со телата со сета должна почит и достоинство што ги заслужува секоја жртва“, се додава во соопштението од Владата.

Мерц планира средба со Трамп во Вашингтон

Германскиот конзервативен лидер Фридрих Мерц
Германскиот конзервативен лидер Фридрих Мерц

Германскиот конзервативен лидер Фридрих Мерц, кој треба да го наследи Олаф Шолц на функцијата канцелар на најголемата европска економија, синоќа (9 април) рече дека планира наскоро да отпатува во Вашингтон за да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп.

„Ќе се видиме наскоро“, рече Мерц за телевизијата АРД, иако додаде дека не е одреден конкретен датум за посетата.

Мерц нагласи дека пред такво патување ќе бидат неопходни консултации во рамките на ЕУ, особено за прашања како што се царините. Тој вели дека има за цел да ги претставува сите европски држави, не само Германија, за време на неговото патување во Вашингтон.

„За мене приоритет е Европа“, додаде тој.

Во интервју за телевизијата ЗДФ, Мерц истакна дека одлуката на Трамп да ги суспендира неодамна воведените тарифи за 90 дена е одговор на обединетиот став на Европа, пренесе ДПА.

Тој рече дека Европа е подготвена да преговара, но и решена да ги заштити своите интереси во меѓународниот трговски конфликт.

Хегсет: За американските војници во Европа одлучува само Трамп

 Aмериканскиот претседател Доналд Трамп
Aмериканскиот претседател Доналд Трамп

Одлуките за иднината на американските војници во Европа ќе ги носи само американскиот претседател Доналд Трамп, изјави американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, одговарајќи на прашањето дали ќе го задржи нивото на војници на сегашното ниво.

„Единствениот човек кој ќе донесе одлука за структурата на американските трупи во Европа ќе биде претседателот Трамп, врховниот командант“, изјави Хегсет за време на посетата на Панама.

„И ќе продолжиме да имаме дискусии, вклучително и во контекст на преговорите меѓу Украина и Русија, за тоа каква треба да биде позицијата на нашите сили на континентот што најдобро одговара на американските интереси и обезбедува споделување на товарот и во Европа“, додаде шефот на Пентагон.

Еден ден претходно, највисокиот американски генерал во Европа рече дека САД треба да го задржат своето воено присуство на континентот како што е сега.

Американската војска имаше повеќе од 100 000 војници во Европа по руската инвазија на Украина во 2022 година, но генералот на американската армија Кристофер Каволи рече дека тој број е намален на 80000.

„Мојот совет е да ја задржите таквата положба на силите како што е сега“, рече Каволи во вторникот за време на сослушувањето на Комитетот за вооружени служби на Претставничкиот дом.

Хегсет беше прашан дали се согласува со таа проценка. За време на неговото прво патување во Европа, Хегсет им рекол на своите европски колеги дека не треба да претпоставуваат дека присуството на САД ќе трае вечно.

Трамп објави 90-дневна пауза за царините за повеќето земји, за Кина ги зголеми на 125 отсто

САД - Претседателот на САД, Доналд Трамп, Вашингтон, 7 април 2025 година.
САД - Претседателот на САД, Доналд Трамп, Вашингтон, 7 април 2025 година.

Американскиот претседател Доналд Трамп објави 90-дневна пауза на царините што ги воведе за повеќето земји, но дополнително ги зголеми за Кина од 104 отсто на 125 отсто.

Додека глобалните пазари беа под закана од колапс, изненадувачкиот потег на Трамп нагло ги зголеми берзанските индекси.

Одлуката за 90-дневна пауза Трамп ја објави на својата социјална мрежа Трут соушл (Truth Social), давајќи им на земјите основна тарифна линија од 10 проценти, освен за Кина.

„Врз основа на недостатокот на кинеска почит кон светските пазари, со ова ја зголемувам царината наметната од Соединетите Држави за Кина на 125 отсто, што ќе стапи на сила веднаш“, напиша Трамп.

Наведувајќи дека повеќе од 75 земји побарале преговори за тарифите, Трамп вели дека „овластил 90-дневна пауза и значително намалена реципрочна тарифа во текот на овој период, на 10 отсто, кои исто така стапуваат во сила веднаш.

САД претходно ја зголемија царината за Кина на 104 отсто, по што Кина брзо одговори со објавување на царина од 84 отсто за американскиот увоз.

Претходно денеска (9 април) земјите членки на ЕУ ги одобрија првичните одмазднички тарифи од 10 до 25 отсто за увозот од САД, кои според Европската комисија треба да стапат на сила следната недела.

Производите што се соочуваат со царини, меѓу другите, вклучуваат дијаманти, земјоделски производи, живина, мотоцикли и соја.

Европската комисија соопшти дека контрамерките можат да бидат прекинати во секое време „доколку САД се согласат на фер и избалансиран исход од преговорите“.


Зеленски вели дека најмалку 155 кинески државјани се борат на страната на Русија

Украина - Володимир Зеленски, претседател на Украина, Киев, 8 април 2024 година.
Украина - Володимир Зеленски, претседател на Украина, Киев, 8 април 2024 година.

Украинското разузнавање има информации за 155 кинески граѓани кои се борат за руската војска против Украина, изјави претседателот на Украина, Володимир Зеленски на 9 април, јави Ројтерс.

Зеленски им рече на новинарите во Киев дека Русија регрутира кинески граѓани преку социјалните мрежи и дека кинеските власти се свесни за тоа.

Тој додаде дека Украина се обидува да процени дали регрутите добиваат инструкции од Пекинг.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи претходно изјави дека Кина ја проверува ситуацијата со Украина, додавајќи дека нејзината влада секогаш барала од своите граѓани да избегнуваат области на вооружени конфликти и „особено да избегнуваат учество во воените операции на која било страна“, пренесе Ројтерс.

Во објава на социјалните мрежи на 8 април Зеленски рече дека украинските сили заробиле двајца кинески државјани кои се борат со руската армија.

Објавата вклучуваше видео од заробен војник кој опишува напад со беспилотно летало на кинески, Зеленскиј рече дека вмешаноста на кинески државјани заедно со руските трупи „е јасен сигнал дека [рускиот претседател Владимир] Путин има намера да направи сè освен да стави крај на војната. Тој бара начини да продолжи да се бори“.

Сервисот на Радио Слободна Европа (РСЕ) на англиски јазик пишува дека кинеските државјани кои се борат во Украина не се нови, а во моментов нема јавни докази кои покажуваат дека двајцата заробени мажи биле испратени од Пекинг.

Се смета дека неколку стотици кинески државјани отпатувале да се борат како платеници со руската армија, а имало и претходни извештаи за руски воени групи на Телеграм за убиени кинески државјани борејќи се заедно со руските сили.

Базата на податоци на руското Министерство за одбрана, објавена од РСЕ во февруари, покажа и кинески платеници кои служат заедно со руските војници, пишува сервисот на РСЕ на англиски јазик.


Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG