Достапни линкови

Вести

Путин потпиша закон со кој се зголемува старосната граница за воените резервисти

Владимир Путин, Русија, Москва
Владимир Путин, Русија, Москва

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој старосната граница за воените резервисти се зголемува на пет години.

Според новиот закон, кој беше потпишан на 24 јули, максималната возраст на војниците, наредниците и заповедниците во резервниот состав се зголемува од 35 на 40 години. Максималната возраст на офицерите од среден ранг во резервата е зголемена од 45 на 50 години, а на високите офицери во резервната од 50 на 55 години.

За време на секоја мобилизација максималната возраст на резервните офицери ќе се зголемува за дополнителни пет години, јавува Радио Слободна Европа (РСЕ) на англиски јазик.
Со овој закон се создаваат услови за дополнително вработување при мобилизација. Конкретно, овозможува мобилизација на учесници во воени кампови за обука, регрутирање на луѓе кои веќе се мобилизирани од резерва, а исто така го задржува статусот на резервист за Русите кои добиле дозвола за престој или државјанство на друга земја.

види ги сите денешни вести

Девет вагони од патнички воз излетаа од шините во Русија

Илустрација
Илустрација

Девет од 14 вагони од патнички воз излетаа од шините на железничката пруга во регионот Коми во западна Русија.

Според новинската агенција ТАСС, најмалку 70 лица се повредени. Несреќата се случила во близина на градот Инта.

На терен на местото на несреќата излегле гувернерот на Коми, Владимир Ујба, началникот на општинскиот округ на Инта, Владимир Кисељов, и заменик-градоначалникот, Григориј Николаев.

Засега нема информации за загинати.

Според надлежните, причините за несреќата се насипи што настанале од обилни врнежи од дожд, кои доведоа и до поплави и непроодни патишта.

Во возот имало 232 патници, а од нив околу 150 биле во деветте вагони што излетале од шините.

Патник кој излегол од еден од вагони во видео објавено на Телеграм ја опишува сцената како „кошмар“.

Железничкиот сообраќај во овој регион е прекинат, а обвинителство најави истрага.

update

Вучиќ и Курти не се сретнаа во Брисел

Вучиќ и Курти имаа одделни средби со европските претставници
Вучиќ и Курти имаа одделни средби со европските претставници

И покрај најавите, српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти не се сретнаа во Брисел во рамки на дијалогот помеѓу Белград и Приштина за нормализација на односите помеѓу двете држави.

„Курти не сакаше да ме види. Три пати се вратив на состанокот, ми ги пренесоа неговите пораки, па јас одговорив. Човекот не сакаше да ме види. Тие рекоа дека не е подготвен за состанок со мене“, изјави Вучиќ пред медиумите во Брисел.

Тој нагласи и дека во разговорите со европските соговорници ја истакнал целосната посветеност на Белград за продолжување на дијалогот и за исклучиво мирно решавање на проблемите.

Вучиќ рече дека на билатералните средби било разговарано за сè што е поврзано со Косово и спроведувањето на договорот, а средбите во Брисел ги оцени како „успешни“.

Тој додаде дека главните преговарачи на Косово и Србија ќе ги продолжат разговорите следната недела - „во вторник или среда“.

Во Брисел денеска се одржаа две рунди билатерални средби. Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската унија, Жозеп Борел и претставникот на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина Мирослав Лајчак, имаа одделни билатерални средби со Вучиќ и Курти.

И покрај тоа што ЕУ најави дека по билатералните средби ќе се одржи трипартитна средба, тоа не се случи.

Борел: Курти претстави три услови

Информацијата дека немало средба помеѓу двајцата лидери бидејќи косовската страна не била подготвена подоцна ја потврди и Борел.

Тој наведе дека Курти претставил три услови во процесот за нормализација на односите со Србија.

„Прво, официјализирање на основниот договор со потпишување од соодветните шефови на држави и влади; повлекување на писмото со резерва што поранешната премиерка Брнабиќ официјално го депонираше во ЕЕАС, од 13 декември 2023 година, и екстрадиција на Милан Радоичиќ и неговата паравоена-терористичка група до косовските судски власти“, рече Борел.

Србија, според Борел, не била подготвена целосно да ги исполни условите на Косово, повикувајќи се на уставните ограничувања, додека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, посочил дека е подготвен да ги истражи опциите за писмото на поранешната премиерка и за официјализирањето на Договор.

Борел додаде и дека европската страна претставила нов предлог-план за имплементација на договорот.

„За жал, условеноста на имплементацијата не дозволи денеска дискусиите да се фокусираат на конкретни мерки за спроведување од страните“, посочи Борел.

Тој додаде дека ставовите на страните сè уште се далеку од тоа да би можело да се започне со имплементацијата на Договорот.

„Како што реков претходно, ЕУ сама не може да сака нормализација на односите ако самите страни не можат да се договорат како да продолжат. Улогата на ЕУ е да им помогне и да ги поддржи страните во нивните напори во рамките на дијалогот – и ова е она на што сме посветени“, рече Борел.

„Потребна е храброст на лидерите“

Тој потврди дека процесот ќе продолжи и дека специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак следната недела ќе биде домаќин на двајцата главни преговарачи во Брисел со цел да продолжат разговорите за планот за имплементација на Договорот, како и за други прашања од дијалогот.

„Потребна е храброст, визија и политичка волја на лидерите за иднината на Косово и Србија и нивните граѓани. Како ЕУ, ние сме подготвени да помогнеме на секој чекор“, рече шефот на европската дипломатија.

Жозеп Борел ќе ја извршува функцијата шеф на европската дипломатија до есен. Оваа недела ќе се знае кој ќе го наследи. Мирослав Лајчак, пак, е назначен за амбасадор на Европската Унија во Швајцарија, но ќе дејствува како посредник во дијалогот додека не се најде негова замена.

Вучиќ и Курти последен пат се сретнаа на 14 септември минатата година. Потоа се разговараше за имплементацијата на планот за договор што лидерите го постигнаа претходно во 2023 година во Брисел и Охрид.

Таа средба беше неуспешна, а заврши со тоа што косовскиот премиер отворено го обвини европскиот посредник Лајчак дека „не е неутрален“.

Договорите што беа постигнати на 27 февруари 2023 година во Брисел и анексот за спроведување што беше договорен на 18 март 2023 година во Охрид, немаат лидерски потпис бидејќи претседателот на Србија редовно го одбиваше.

Ниту една страна не постигна напредок кон спроведување на кој било елемент од овие договори. На крајот на октомври, имаше уште еден неуспешен обид за зближување на страните, каде беа вклучени и клучните лидери од европските земји: германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Курти и Вучиќ имаа одвоени средби со европските лидери, но договор не беше можен. Курти инсистираше на потпишување на пакет-договорот, а Вучиќ продолжи да го одбива.

И Клиниката за онкологија доби нов директор

Клиника за онкологија, Скопје
Клиника за онкологија, Скопје

Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија при Клиничкиот центар во Скопје од денеска (26 јуни) има нов директор.

На позицијата е назначен докторот Игор Стојковски, кој досега беше шеф на отсек на Одделението за малигни тумори на ЦНС, коскени тумор и кожа.

Информацијата ја потврди и самиот Стојковски за државната новинска агенција МИА.

Стојковски е дел од Клиниката за онкологија од 1997 година, а од 2018 до 2023 година бил доцент на Катедрата за онкологија со радиотерапија при Медицинскиот факултет во Скопје. Од лани е вонреден професор на овој факултет.

Клиниката за онкологија се најде во фокусот на јавноста по медиумските истражувања за злоупотреби со биолошката терапија за пациенти. Во септември лани Обвинителството вршеше и претреси, а на крајот на јануари беше отворена и истрага.

По избирањето на аферата со терапиите, досега како в.д. директорка со клиниката раководеше докторката Виолета Клисаровска.

Клиниката за онкологија е последната од низата здравствени установи каде се назначија нови директори откако беше формирана новата влада и функцијата министер за здравство од понеделникот (24 јуни) ја презеде Арбен Таравари.

Хрват меѓу петмината осудени во Русија за приклучување во украинската армија

Вјекослав Пребег од Хрватска (лево) и Матијас Густафсон (десно) од Шведска на судењето во Донецк, Украина, 15 август 2022 г.
Вјекослав Пребег од Хрватска (лево) и Матијас Густафсон (десно) од Шведска на судењето во Донецк, Украина, 15 август 2022 г.

Воениот суд во Ростов на Дон, Русија, во отсуство осуди пет странски државјани на затворски казни поради приклучување кон украинските вооружени сили кои се борат против руската инвазија на Украина.

Британецот Џон Хардинг, шведскиот државјанин Матијас Густафсон и хрватскиот државјанин Вјекослав Пребег, според руското државно обвинителство, се осудени на по 23 години затвор.

Тие беа осудени за учество во обука за насилно преземање на власта, присилни промени на рускиот уставен систем и учество во вооружен конфликт како платеници.

Останатите двајца осудени се Британци – Ендрју Хил и Дилан Хили. Тие добија по три и пол односно четири години затвор.

Хил беше прогласен за виновен за учество во борбата заедно со украинските сили против руските трупи во Украина, додека Хили беше осуден за регрутирање борци во украинските вооружени сили.

Сите петмина беа ослободени при размена на затвореници во текот на 2022 година.

По апсењето на Хили и Хил во 2022 година, британското Министерство за надворешни работи го осуди „искористувањето“ на воени затвореници и цивили за политички цели.

Тогаш беше потврдено дека уште еден Британец, Пол Ури, кој беше заробен заедно со Хили и Хил, починал во притвор на сепаратистистичките власти поддржани од Русија во источна Украина.

Британската влада тогаш инсистираше дека како легитимни членови на украинските вооружени сили, Британците и другите странци заробени од руските трупи треба да се третираат како воени заробеници според Женевската конвенција.

Хрватскиот државјанин Вјекослав Пребег, пак, како припадник на 36-та бригада на украинската поморска пешадија, беше заробен во Мариупол, а на судскиот процес против него и четворица други заробени странци што го организираа сепаратистичките власти во Донецк, му се закануваше смртна казна.

Пребег претходно бил професионален војник во бригадата „Тигри“ на хрватската армија.

На судењето рече дека не се чувствува виновен, а мотивот за приклучување кон украинските сили кажа дека му бил да добие државјанство.

Тој на судењето тврдеше дека не учествувал во борбите, туку само копал ровови.

На почетокот на март 2022 година, непосредно откако Русија ја започна својата агресија против Украина, Киев отвори веб-страница за регрутирање странски доброволци во „меѓународната легија“ кои ќе се борат против руски трупи.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски потоа потпиша декрет за воведување безвизен влез во Украина за странски државјани кои имаат намера да се приклучат на „меѓународната легија“.

Црна Гора влезе во нова фаза од преговорите со ЕУ

Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, 26 јуни 2024 г.
Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, 26 јуни 2024 г.

По повеќегодишен застој, Црна Гора ги одмрзна преговорите за членство во ЕУ и влезе во нова фаза од процесот.

Ова следува откако на Меѓувладината конференција помеѓу ЕУ и Црна Гора што се одржа денеска (26 јуни) во Брисел, беше усвоен Извештајот за оценка на исполнувањето на привремените одредници во поглавјата за владеење на правото (ИБАР).

Покрај ИБАР, на црногорската Влада во Брисел и беа претставени и конечните одредници за затворање на поглавјата што ќе доведе и до завршување на преговарачкиот процес за влез во ЕУ.

Белгиската министерка за надворешни работи Хаџа Лахбиб рече дека при неодамнешната посета на Подгорица ја видела решителноста на црногорските граѓани и власти да ја забрзаат интеграцијата.

ЕУ, додаде таа, очекува Црна Гора да продолжи да ги зајакнува независноста на судството и борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Европскиот комесар за проширување Оливер Вархељи изјави дека денешната Меѓувладина конференција е показател дека ЕУ е подготвена за натамошно проширување.

Тој нагласи дека пристапниот процес се заснова на заслуги и додаде дека е потребна континуирана политичка волја за продолжување на европскиот пат на Црна Гора.

Тој рече и дека Унгарија, која го презема претседавањето со Европската Унија, има амбициозен план кога е во прашање процесот на проширување.

„Очекувам дека Црна Гора ќе може да затвори голем број поглавја во следните шест месеци“, рече тој.

Премиерот на Црна Гора Милојко Спајиќ изјави дека Црна Гора чекала „11 години“ да го постигне овој резултат.

„Од јуни 2017 година, поминаа седум години без да видиме ни педа напредок. Нашиот пат беше дефакто запрен“, додаде тој.

Тој најави дека следните 18 до 24 месеци ќе бидат одбележани со технички напредок.

„Тоа е многу тешка, сизифовска работа. Се надеваме дека парламентот ќе продолжи да има разбирање и да не турка кон истата цел“, рече Спајиќ.

Тој заклучи дека не е само Црна Гора таа што денеска добила добри вести, туку и целиот Западен Балкан.

Заедно со Србија, Црна Гора се смета за лидер во пристапниот процес.

Бидејќи преговорите за членство со Србија остануваат замрзнати затоа што Белград не воведе санкции кон Русија, Црна Гора се смета за најнапредната во процесот на пристапување во ЕУ.

На одржувањето на денешната меѓувладина конференција претходеше оценување од Европската комисија (ЕК), која заклучи дека Црна Гора ги исполнила привремените стандарди, постигнала добар резултат на ниво на усогласеност и напредувала во примената на acquis и стандардите на ЕУ во поглавјата 23 и 24.

Поглавјето 23 се однесува на правосудството и основните права, додека поглавјето 24 ги опфаќа правдата, слободата и безбедноста.

Тие две поглавја се првите што се отвораат во преговорите за членство и последни се затвораат.

Напредокот во поглавјата 23 и 24 е неопходен за да се отвори кое било друго поглавје, а евентуалниот ќор-сокак може да предизвика дури и назадување во процесот.

Во 2008 година, Црна Гора поднесе барање за кандидатски статус за полноправно членство во ЕУ.

Го доби во 2010 година, а пристапните преговори ги започна во 2012 година.

Во пристапните преговори досега ги отвори сите поглавја, а привремено затвори само три.

Договорени имињата за клучните функции во Брисел?

Естонската премиерка Каја Калас наводно ќе го наследи Жозеп Борел
Естонската премиерка Каја Калас наводно ќе го наследи Жозеп Борел

Кандидатите за високи функции во Европската Унија, наводно, се договорени. Станува збор за естонската премиерка Каја Калас која би била шеф на европската дипломатија, поранешниот премиер на Португалија Антонио Коста кој треба да стане нов претседател на Европскиот совет, како и претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен која ќе биде номинирана за втор петгодишен мандат на оваа позиција.

Во меѓувреме, НАТО, чие седиште исто така е во Брисел, на 26 јуни објави дека холандскиот премиер во заминување Марк Руте ќе биде следниот генерален секретар на Алијансата.

Извори од Брисел упатени во преговорите во врска со промените на главните позиции во ЕУ, за РСЕ изјавија дека постои договор меѓу 27-те членки на ЕУ за Калас, Коста и Фон дер Лајен и се очекува тие да бидат потврдени на Самитот што треба да се одржи утре, 27 јуни.

Калас како висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика треба да го наследи Жозеп Борел, додека Коста треба да седне на местото на актуелниот претседател на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Руте, чија функција веќе е потврдена, ќе го преземе НАТО на 1 октомври, кога истекува мандатот на актуелниот генерален секретар, Јенс Столтенберг.

Неговото назначување на функцијата беше договорено на состанокот на Северноатланскиот совет, кој е главното тело за одлучување во Алијансата, а кое се состои од постојани претставници на сите земји-членки на НАТО.

Руте ќе ја презема функцијата во критично време за европската и глобалната безбедност со оглед дека војната во Украина ја загрозува стабилноста.

Столтенберг, кој е и поранешен премиер на Норвешка, стана генерален секретар на НАТО во октомври 2014 година, а мандатот му беше продолжуван четири пати, главно поради тоа што на Алијансата и беше потребна стабилност и континуитет откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.

„Марк е вистински трансатлантичар, силен лидер, кој ќе гради консензус. Му посакувам успех додека продолжуваме да го зајакнуваме НАТО за предизвиците на денешницата и утрешниот ден. Знам дека го оставам НАТО во добри раце“, рече Столтенберг.

Руте, кој беше фаворизиран од големо мнозинство меѓу земјите-членки, наиде на неочекувана пречка кога романскиот претседател Клаус Јоханис во март објави дека има намера да се кандидира за водечката позиција во НАТО, тврдејќи дека на блокот му требаат промени и источноевропска перспектива поради тековната руска инвазија на Украина.

Сепак, претходно овој месец, Унгарија и Словачка, последните две земји кои се спротивставуваа на кандидатурата на Руте, ја дадоа својата поддршка на холандски политичар, што го натера Јоханис на 20 јуни да објави дека ја повлекува својата кандидатура.

Борел пред средбата на Вучиќ и Курти: Договореното мора да се спроведе

Борел и Курти, 26 јуни 2024 г.
Борел и Курти, 26 јуни 2024 г.

Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти денеска (26 јуни) во Брисел ќе се сретнат за прв пат оваа година во рамки на дијалогот за нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина.

Домаќинот на средбата, шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, изрази надеж дека лидерите ќе се договорат за чекорите кон имплементација на Договорот за патот кон нормализација што Курти и Вучиќ го постигнаа минатата година во Брисел и Охрид.

Пред почетокот на средбата Борел рече дека дијалогот донел многу значајни достигнувања кои, како што истакна, често се занемаруваат.

Според него, договорот за патот кон нормализација на односите е значаен успех бидејќи е постигнат „во време на невидена целосна војна на европскиот континент“.

„За жал, спроведувањето на овој договор допрва треба да започне. И се надевам дека денес дефинитивно ќе разговараме за тоа како конечно да продолжиме напред врз основа на овој договор. Ќе разговараме за следните чекори“, рече Борел.

Тој нагласи дека „договореното мора да се спроведе“.

„Договорите се основата на акцијата, таа мора да ги следи договорите. Спроведувањето е клучниот збор и денеска ќе работиме на конкретни следни чекори за имплементација на договорот“, рече Борел.

Осврнувајќи се на завршувањето на неговиот мандат, кој истекува во ноември, Борел ги предупреди двете страни дека без разлика на новите имиња кои ќе го преземат досието на Белград и Приштина, старите обврски остануваат да важат и за Косово и за Србија.

„За неколку месеци на нашите работни места ќе има различни луѓе, различни имиња. Сепак, договорите, заклучоците на Советот на ЕУ и очекувањата на Европската унија нема да се променат. Земјите членки нема да се променат. Обврските на Косово и Србија нема да исчезнат. Сите ќе продолжат да гледаат на капацитетот и волјата на претседателот на Србија и на премиерот на Косово да обезбедат подобра европска иднина за својот народ“, нагласи тој.

Како што рече, нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија е во срцето на ангажманот на ЕУ во Западен Балкан.

„Напредокот во нормализацијата на нивните односи е тесно поврзан и со пристапниот пат“, рече шефот на дипломатијата на ЕУ.

Средбата на Вучиќ и Курти се одржува во момент кога истекува мандатот на европските претставници кои речиси пет години се ангажирани во процесот на нормализирање на односите.

Жозеп Борел ќе ја извршува функцијата шеф на европската дипломатија до есен. Оваа недела ќе се знае кој ќе го наследи. Мирослав Лајчак, пак, е назначен за амбасадор на Европската Унија во Швајцарија, но ќе дејствува како посредник во дијалогот додека не се најде негова замена.

Најверојатно ова ќе биде и последната средба од дијалогот меѓу Белград и Приштина чиј домаќин е Борел.

Вучиќ и Курти последен пат се сретнаа на 14 септември минатата година. Потоа се разговараше за имплементацијата на планот за договор што лидерите го постигнаа претходно во 2023 година во Брисел и Охрид.

Таа средба беше неуспешна, а заврши со тоа што косовскиот премиер отворено го обвини европскиот посредник Лајчак дека „не е неутрален“.

Договорите што беа постигнати на 27 февруари 2023 година во Брисел и анексот за спроведување што беше договорен на 18 март 2023 година во Охрид, немаат лидерски потпис бидејќи претседателот на Србија редовно го одбиваше.

Ниту една страна не постигна напредок кон спроведување на кој било елемент од овие договори. На крајот на октомври, имаше уште еден неуспешен обид за зближување на страните, каде беа вклучени и клучните лидери од европските земји: германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Курти и Вучиќ имаа одвоени средби со европските лидери, но договор не беше можен. Курти инсистираше на потпишување на пакет-договорот, а Вучиќ продолжи да го одбива.

Три јавни претпријатија на Град Скопје добија нови директори

Град Скопје
Град Скопје

Градот Скопје, под раководство на градоначалничката Данела Арсовска, назначи тројца нови директори на јавни претпријатија што се под негова надлежност.

Како што информираа градските власти, промени се направени во Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), ЈП Паркови и Зеленило и ЈП Улици и патишта.

Со градскиот превоз, како нов директор ќе менаџира Драги Кушовски. На директорското место во Паркови и зеленило ќе седне Мартин Ангеловски, а во Улици и патишта Ванчо Умленски.

„Кушовски, Ангеловски и Умленски доаѓаат на позициите како професионалци од приватниот сектор, со поединечни портфолија, секој повеќе од 15 години работно искуство на раководни позиции. Во следниот период ќе се посветат на отстранување и надминување на предизвиците, со кои јавните претпријатија се соочуваат континуирано во изминатите децении, унапредување на работата на претпријатијата и реализација на програмските активности и проектите“, соопштија од Град Скопје.

Досега, со ЈСП раководеше Крсте Петревски, додека во Паркови и зеленило директор беше Сефи Шабани, а во Улици и патишта Ќамил Ковачи.

По доаѓањето на Данела Арсовска на градоначалничката функција по локалните избори во октомври 2021, промените на директорските позиции во јавни претпријатија станаа честа пракса. Првиот бран промени се случи на нецела година од мандатот кога се разидоа патиштата на Арсовска со ВМРО-ДПМНЕ, партијата која ја поддржа на изборите, поради меѓусебни обвинувања околу тендерот за пречистителната станица во Скопје.

ЕУ ги заострува санкциите кон Белорусија поради Русија

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, 25 јуни 2024 г.
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, 25 јуни 2024 г.

Земјите од Европската унија во средата (26 јуни) постигнаа договор за нови санкции против Белорусија поради војната во Украина со цел подобро да ги усогласат со мерките што веќе се воведени против Москва и да го запрат заобиколувањето на рестрикциите од страна на Русија.

„Амбасадорите на ЕУ начелно се согласија за нов пакет санкции против Белорусија“, објави Белгија, како земја претседавач со ЕУ, пренесе АФП.

„Овој пакет ќе ги зајакне нашите мерки како одговор на руската инвазија на Украина, вклучително и борбата против заобиколувањето на санкциите“, се вели во соопштението.

Европската унија (ЕУ) ја обвини владата на белорускиот лидер Александар Лукашенко, најблискиот сојузник на Кремљ, дека дозволила Белорусија да се користи како појдовна точка за руската инвазија на Украина.

Усогласувањето на санкциите кон Белорусија со оние кон Москва се смета за клучно за запирање на протокот на забранети стоки во Русија, како што се микрочиповите, кои можат да се користат на бојното поле во Украина.

Официјални лица велат дека Белорусија делувала како „врата“ преку која стоките, кои се забранети за извоз во Русија, сепак, можеле да стигнат дотаму.

„Белорусија повеќе не смее да служи како пат за заобиколување на нашите санкции против Русија. Со овој пакет го зголемуваме притисокот врз двете земји и ги правиме нашите санкции против Русија уште поефективни“, порача шефицата на Европската Комисијата (ЕК), Урсула фон дер Лајен на мрежата Икс.

Пред да започне руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, ЕУ веќе во неколку наврати воведе санкции за владата на Лукашенко поради задушувањето на протестите во оваа земја.

Кон Русија, пак, ЕУ досега воведе 14 пакети санкции поради нејзината воена инвазија во Украина.

Мицкоски: Не е добрососедство ако едната страна е понижена, а другата ликува

Премиерот Христијан Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изрази подготвеност да седне на маса со бугарскиот претседател Румен Радев и со лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов ако тој повторно стане премиер, но посочува дека изнаоѓањето решение е двонасочна улица и дека не можеме да бидеме добри соседи ако немаме меѓусебно почитување.

„Јас жалам што од страна на нашиот источен сосед доаѓаат вакви пораки. Јас мислев дека ваков тип на анахрони пораки се дел од средниот век, но за жал ете во современа Европа во 21 век во Европа сепак постоеле вакви политичари како што вие го цитиравте (Радев). Јас сум подготвен да седнам и покрај тоа и да разговарам и со едниот и со другиот. Јас му посакувам на господинот Борисов да ја формира Владата во Бугарија бидејќи ние доаѓаме од Европската народна партија и логично е јас да посакувам нашиот источен сосед да има премиер кој доаѓа од истото семејство. Но исто така мојата порака е дека поминаа времињата кога овде кај нас имаше политичари кои беа сервилни, кои што виткаа кичма, кои што коленичеа, потпишува се и сешто што им беше ставено на маса“, изјави Мицкоски.

Неговата изјава доаѓа откако денеска бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека „новата власт во Северна Македонија покажала дека најголемиот страв на политичката класа во оваа држава е да го препознае самото постоење на зборовите „Бугарин“ и „бугарски“.

„Јас сум за тоа да се почитуваат договорите, тоа е двонасочна улица. Јас сум за тоа да се градат пријателства со соседите, соседите се факт и ние не можеме да избегаме од тој факт. Јас сум за тоа да се градат мостови, но истовремено и да се почитуваме. Ние не можеме да бидеме добри соседи ако немаме меѓусебно почитување. Не е добрососедство ако едната страна е понижена, а другата страна ликува. Тоа не е добрососедство, тоа е срам за едната, а другата страна не ја исполнила својата цел“, рече Мицкоски.

Во однос на тоа дали тој има некакви гаранции од Брисел дека ќе се надмине ова прашање, премиерот вели дека политиката на оваа Влада е за градење мостови со нашите соседи. Повтори македонската влада е подготвена да седна каде било, дека не бега од решение, но дека тоа решение треба да биде достоинствено.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG