Достапни линкови

Шефицата на бугарскиот совет за медиуми ги изедначи убиствата во Буча со антируска пропаганда


Соња Момчилова, претседателка на Советот за електронски медиуми во Бугарија
Соња Момчилова, претседателка на Советот за електронски медиуми во Бугарија

Претседателката на Бугарскиот совет за медиуми, назначена од прорускиот претседател на државата, ги нарече злосторствата на руските сили во Украина антируска пропаганда, предизвикувајќи жестоки реакции во бугарската и меѓународната јавност.

Критичарите го обвинуваат највисокото регулаторно тело за медиуми во Бугарија дека „потпаднало“ под хибридната војна на Кремљ, откако Соња Момчилова, претседателка на Советот за електронски медиуми ги спореди доказите на Обединетите Нации за руските злосторства во Украина со „пропаганда“ против Путин.

Повеќе од 1 400 тела беа откриени во предградие на главниот град на Украина откако руските трупи се повлекоа од Буча по 26-дневната окупација во март 2022 година. Доказите обезбедени од Обединетите Нации и обвинителот на Меѓународниот кривичен суд покажаа дека руските сили извршиле систематска бруталност во Буча, што вклучувало егзекуција на цивили.

Злосторствата во киевското предградие Буча
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:18 0:00

Момчилова се соочи со бројни локални и меѓународни критики и повици за нејзино разрешување, кога на 19-ти јуни во емисијата Контракоментар на блогерот (на YouTube) Асен Генов, изјави дека „исто како што има руска пропаганда, не можеме да негираме дека има и таква во спротивната насока“, додавајќи: „Знаете, како на пример за болеста на рускиот претседател Владимир Путин, дека го менува двојник, потоа Буча итн.“

Со години се шпекулира за здравствената состојба на 70-годишниот руски претседател, а меѓу неоснованите тврдења се и тврдењата дека за јавни настапи користи луѓе кои личат на него.

Еден ден по нејзините коментари за Контракоментар, Момчилова на Фејсбук го нападна весникот Дневник, кој долго време тврдеше дека покривањето на трагедијата во Буча во бугарските медиуми одразува „информативна војна“ меѓу Русија и Украина и демократската заедница.

Бугарскиот тинк-тенк, Центарот за проучување на демократијата, во април објави извештај во кој тврди дека „про-Кремљ дезинформациите се најистакнати во земјите со длабоко вкоренети културни и историски усогласувања со Русија“, издвојувајќи ги Бугарија и Србија, Црна Гора како и териториите со мнозинско српско население на Балканот.

Коментарите на Момчилова кои ги поистоветуваат извештаите од Буча со антируската „пропаганда“ се појавија во услови на поширока и високо политизирана дебата на Бугарското национално радио и перцепциите за пристрасност и „пропагандни инсинуации“ во некои од неговите програми.

Руските санкции и другите остри мерки како одговори на инвазијата на постсоветскиот сосед предизвикаа поделби во Бугарија во услови на политички ќор-сокак и две години неубедливи избори без одлучувачки победник. Во дискусијата за јавното радио, Момчилова сугерираше дека контроверзната емисија има улога на јавен медиум бидејќи ги одразува ставовите на јавноста.

Поранешниот премиерски советник и специјалист за комуникации, Момчилова беше назначена во CEM од прорускиот претседател Румен Радев во 2021 година и стана претседателка на Советот половина година подоцна. Двајца од петте членови на советот се наименувани од претседателот, а другите пет ги наименува парламентот.

Таа и претходно беше на удар на критики. Две невладини организации претходно оваа година побараа нејзина оставка, откако таа ја критикуваше заедничката истрага на неколку медиуми, вклучително и бугарскиот сервис на РСЕ, за односот на бугарските власти кон мигрантите на границата. На гласањето во Советот надвладеа гласот на Момчилова да остане на функцијата.

Таа, исто така, даде контроверзни изјави за родот и сексуалната ориентација, вклучително и исмејување на конкурсот за работа во Европската комисија во контекст на движењето „Гордост“ и она што таа го опиша минатата недела како „дигитална и полиродова транзиција кон тотална мајмунизација“.

Украинската амбасада ги оспори коментарите на Момчилова во кои извештаите за Буча се споредуваат со антируска „пропаганда“, нарекувајќи ги „неприфатливи и манипулативни“.

Амбасадата истакнува дека Бугарија е потписничка на декларацијата на ЕУ во 2022 година со која најсилно се осудуваат „пријавените злосторства извршени од руските вооружени сили во голем број окупирани украински градови“, вклучително и Буча.

Во соопштението на Амбасадата се вели дека „се очекува Советот за електронски медиуми и релевантните бугарски институции да ги преземат неопходните мерки за да одговорат на опасните и погрешни тврдења во врска со злосторствата извршени од руските окупатори во Буча. Овие тврдења се во спротивност со официјалната позиција на Република Бугарија како земја членка на ЕУ и НАТО“.

Набргу потоа, американската амбасада во Софија објави соопштение во кое предупредува дека „машината за дезинформации на Кремљ е во полна пареа кога негира дека Русија нападнала цивили“. Таа го наведе масакрот во Буча и додаде: „Немојте да ве залажуваат лагите“.

Помалку од еден час после тоа, новинарот што ја интервјуираше Момчилова, Генов, исто така рече дека нејзините „неконзистентни изјави во врска со војната во Украина сериозно ме загрижија за време на нашиот разговор“. Тој рече дека е загрижен поради нивното влијание врз имиџот на Бугарија.

На 22 јуни, десетици новинари апелираа до бугарските пратеници да ја разрешат Момчилова и побараа поширока дебата за законите што ги регулираат медиумите.

„Ние сме револтирани од изјавата на претседавачот на Советот за електронски медиуми, Соња Момчилова во која таа ги дефинира трагичните настани во градот Буча како украинска пропаганда“, се пожалија потписниците.

Тие ја нарекоа таквата квалификација „цинично непочитување на вистината и навреда за човештвото“.

„Таквото однесување испраќа исклучително штетна порака до нашата и онака ранлива медиумска средина и го нарушува имиџот на Бугарија“, тврдат тие.

Потписниците, исто така, го повторија барањето на Киев, Советот и сите „релевантни бугарски институции“ да ја отфрлат изјавата на Момчилова.

Нејасно е како ќе помине апелот на новинарите меѓу пратениците. Секако, прв реагираше СЕМ.

„Советот за електронски медиуми не се согласува со какви било изјави поврзани со негирањето на злосторствата во Буча“, се вели во соопштението од 22 јуни.

Тамошните настани ги нарече „монструозен чин на тортура и убивање цивили“.

Отсуството на имиња прикачени на изјавата на петчлениот совет значи дека таа била едногласно поддржана, вклучувајќи ја веројатно тука и самата Момчилова.

XS
SM
MD
LG