Вести
ОН: Бројот на луѓе што користат дроги е зголемен за 23 отсто

Меѓу 2011 и 2021 година, проценетиот број на луѓе кои користат дроги се зголеми од 240 милиони на 296 милиони, што претставува зголемување од 23 отсто, се вели во годишниот извештај на Канцеларијата на Обединетите нации (ОН) за дрога и криминал (УНОДЦ).
Во тој период, бројот на зависници од дрога се зголемил за 45 отсто на 39,5 милиони. Само околу половина од тоа зголемување може да се припише на растот на светската популација.
УНОДЦ предупреди и за ширење на синтетички дроги како метамфетамин, амфетамин, фентанил, како и многу нови супстанции на пазарот.
„Производството на синтетички дроги е евтино, лесно и брзо“, се вели во соопштението.
УНОДЦ особено ја следи ситуацијата во Украина, каде што властите открија и затворија 79 лаборатории за производство на амфетамини во годината пред почетокот на војната, што во тоа време беше најголем број во светот.
„Од руската инвазија на почетокот на 2022 година, заплените на синтетички дроги во Украина се зголемени, додека пазарот за такви супстанции порасна во соседните земји“, објави Ангела Ме, главна аналитичарка на УНОДЦ.
Експертите за дрога на ОН се исто така загрижени за континуираниот раст на употребата на кокаин. Според УНОДЦ, поголемиот дел од случаите на зависност и болести поврзани со нелегални дроги продолжуваат да произлегуваат од опиоиди, природни опијати и нивните синтетички варијанти и канабис.
Сепак, канабисот останува најшироко употребуваната недозволена дрога. Зависниците од канабис сочинуваат значителен дел од пациентите кои се лекуваат од дрога во многу региони, односно 18 проценти во Европа и повеќе од една третина во Африка и Океанија.
Но, според Агенцијата за лекови на ОН, само една петтина од луѓето со проблеми со дрогата ширум светот имаат пристап до лекување.
види ги сите денешни вести
Обвинителството бара продолжување на притворот за осомничените за пожарот во Кочани

Основното јавно обвинителство Кочани во текот на денешниот ден до Основниот суд Кочани достави предлози за продолжување на мерките за обезбедување - притвор и куќен притвор за сите осомничени во истрагата за пожарот во кочанската дискотека.
Како што се наведува во соопштението, само за тројца осомничени, согласно фазата на обезбедување докази и исполнетоста на законските основи се предлага замена за мерката притвор во куќен притвор. Тоа се двајца осомничени од Државниот пазарен инспекторат и еден припадник на обезбедувањето на дискотеката.
Во исто време, посочуваат од ОЈО, продолжуваат истражните дејствија во повеќе правци и во неколку институции со цел испитување на евентуална одговорност, за што јавноста ќе биде известена веднаш по донесувањето на соодветна јавнообвинителска одлука.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани што се случи изутрината на 16 март, животот го загубија 61 лице, а близу 200 беа поврдени.
ЕУ е загрижена поради протерувањето на хрватските граѓани од Србија

Европската унија изрази загриженост поради протерувањето на хрватските државјани од Србија, кои им го одбија престојот со образложение дека претставуваат „безбедносен ризик“.
„Загрижени сме поради информациите кои зборуваат за случаи на протерување граѓани на ЕУ“, изјави портпаролот на Европската комисија, Гијом Мерсие, на прашање на новинар од Хрватска во Брисел.
Мерките во интерес на националната безбедност „треба да бидат во согласност со правната рамка на Србија“, но со почитување на „меѓународните норми за човекови права“, додаде тој.
Ваквите мерки, рече тој, не треба да резултираат со ограничување на слободата на поединци, вклучително и странски државјани.
„Ја следиме ситуацијата и нема да се двоумиме да ја пренесеме нашата загриженост до српските власти на највисоко ниво доколку е потребно“, рече портпаролот.
Шефот на хрватската дипломатија Гордан Грлиќ Радман претходно изјави дека ја очекува реакцијата на Брисел за протерувањето на хрватските граѓани од Србија и оцени дека постапките на официјален Белград не се во духот на добрососедските односи.
Хрватската државјанка Ариен Ивковиќ Стојановиќ за медиумите изјави дека одбивањето на престој поради „безбедносен ризик“ го разбира како реакција на српските власти на нејзиното повремено учество на студентските протести кои со месеци траат во Србија.
Според податоците на хрватската амбасада, во последните три и пол месеци 12 хрватски државјани добиле решение за протерување од Србија. Меѓу нив е и шефот на претставништвото на Хрватската стопанска комора во Србија.
На хрватските граѓани им беше забранет престојот во Србија во време кога продолжуваат протестите предводени од студентите поради падот на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 16 лица, а едно беше тешко повредено.
Средба има, напредок нема на историската комисија во Софија за заеднички чествувања и учебници за VII одделение

Во Софија денеска и вчера се одржа 35. средба на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, соопшти претседатлот на македонскиот дел од тимот проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев.
При отворањето на средбата, македонскиот тим искажал благодарност кон Република Бугарија и нејзините институции за укажаната помош при згрижување и лекување на настраданите од трагедијата во Кочани, како и кон бугарското општество и граѓаните за искажаната емпатија и солидарност.
Средбата поминала во работна и конструктивна атмосфера, по прашања од делокругот на работата на Комисијата.
„Во текот на 35. средба, се дискутираше по предлог-препораки за македонските учебници за VII одделение, како и за евентуални заеднички чествувања. По однос на овие теми двете страни низ една динамична дискусија ги соочија своите ставови, при што не беше постигнат напредок. Притоа беа усогласени ставовите по нацрт-записникот од 29. средба, се наведува во соопштението.
Претходната средба за заедничката историска комисија се одржа во февруари годинава во Скопје. И следниот состанок на македонските и бугарските историчари предвидено е да се одржи Скопје во јуни.
Новиот состав на македонскиот тим од заедничката комисија беше избран од Владата на 10 септември минатата година. Нов претседател на македонскиот тим во заедничката комисија е Ванчо Ѓорѓиев, професор на Филозофскиот факултет во Скопје, а покрај Митко Панов, членови во Комисијата се и Александар Литовски, Никола Минов, Сашо Додевски, Бесник Емини и Димитар Љоровски. Претседателот Ванчо Ѓорѓиев порано беше член на Комисијата, но ја напушти во 2021 година. Одлуката да се повлече од Комисијата, како што изјави тогаш, е бидејќи се соочил со политички притисоци во нејзината работа.
Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија потпишан на 1 август 2017 година.
Досега комисијата усвои препораки за заедничко чествување на пет историски ликови – Светите браќа Кирил и Методиј, Св. Наум Охридски, Св. Климент Охридски и Цар Самоил и по пет препораки за измени во учебниците по историја за шесто оделение во Македонија и за пети клас во Бугарија
Десет од повредените во Кочани отпуштени од болниците во странство

Тројца од повредените во пожарот во Кочани кои беа хоспитализирани во болниците во Пловдив и Варна се пуштени на домашно лекување, пренесува БТА.
Еден од пациентите беше хоспитализиран на Универзитетската болница „Свети Ѓорѓи“ во Пловдив, а двајца на Воено-медицинската академија во Варна.
Во болницата во Варна на лекување останува уште еден пациент, а во софиската болница „Пирогов“ се уште четворица повредени.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март животот го загубија 61 лице, а близу 200 беа поврдени. Некои од повредените беа пренесени на лекување во други земји. Во Бугарија беа хоспитализирани 15 повредени - од нив осум во болницата „Пирогов“, а другите во болниците во Пловдив и Варна.
Претходно денеска Министерството за здравство информираше дека денеска се планира враќање на седум пациенти од Виена, Анкара, Мадрид, Варшава, Марибор, Атина и Солун, со што во странски медински центри ќе останат на лекување 48 пациенти.
Како што се наведува во соопштението од Министерството за здравство, непроменета останува состојбата на пациентите кои се третираат во странство, вклучително и состојбата на критичните пациенти.
Во болниците во земјава во моментот се лекуваат седум пациенти, од кои четворица во Хируршка клиника „Св. Наум Охридски", еден на Клиника за пластична хирургија, како и двајца пациенти во приватната болница „Систина".
Министерството за здравство, се додава во соопштението, континуирано ја следи состојбата со повредените пациенти, со цел обезбедување најдобар можен третман, како и натамошна рехабилитација.
Владата „готви“ потрошувачка кошничка за тричлено семејство

Просечната потрошувачка кошничка нема да служи нити за креирање на јавно мислење, ни за политиканство како што претходно се правело, туку ќе биде за потребите на Министерството за економија и труд и на Владата во идните креирања на политики и донесување на закони и одлуки со цел заштита на животниот стандард на граѓаните, истакна денеска заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески.
Најави дека во текот на наредната недела ќе биде јавно презентирана и претставена пред медиумите и додаде дека до крајот на месецов ќе биде презентирана и пред Економско социјалниот совет (ЕСС).
„Просечната потрошувачка кошничка ќе биде комплетен и квалитетен одраз на потребите на едно просечно македонско семејство, а тоа е тричлено семејство според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). Сите податоци за формулација и пресметување на просечната потрошувачка кошничка ќе бидат земени со официјални податоци од ДЗС и податоците кои постојано ги добиваме од Државниот пазарен инспекторат во однос на цените на основните производи и трошоците на живот во Република Македонија, изјави Ристески во одговор на новинарско прашање пред почетокот на економскиот форум „Зајакнување на работоспособните жени: Стратегии за отклучување на потенцијалот и зголемување на продуктивноста“, во организација на Finance Think – Институт за економски истражувања и политики, Скопје.
Како што информира, по заклучокот и задолжението на Влада просечната потрошувачка кошничка требаше да ја изработат Министерството за економија и труд, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за финансии и Државниот пазарен инспекторат со помош од Комисијата за заштита на конкуренција.
„Таа е веќе готова и ќе оди на усогласување со синдикатите, Организацијата на работодавачи и Организацијата за заштита на потрошувачите. За да биде верификувана ќе мора да биде помината и гласана во Економско социјалниот совет кој ќе биде одржан наскоро. Ќе гледаме до крајот на месецов да биде претставена пред ЕСС, рече Ристески.
Нагласи дека не ја оспоруваат минималната потрошувачка кошничка што ја пресметува Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и додаде дека имаат иста цел да го заштитат животниот стандард на граѓаните, меѓутоа, како то рече, просечната потрошувачка кошничка е врз база на релевантни податоци и политики.
„Нашата просечна потрошувачка кошничка во пресметките сигурно нема да користи акцизни стоки како што се алкохол, цигари, летување во странство или, пак, овошја кои не се карактеристични за одредена сезона во годината, бидејќи тоа го сметаме за луксуз. Се ќе биде врз база на релевантни податоци од цените од релевантни производи кои се користат сезонски, но и податоци земени од повеќе големи маркети – маркети кои имаат високи цени, маркети со средни и маркети со најниски цени, како и цени од зелените пазари и локални маркети од различни региони, појасни Ристески.
Марјан Петрески од Фајнанс тинк мисли дека е во ред и државата покрај синдикатот да креира потрошувачка кошничка.
„Потрошувачката кошничка треба да се креира структурно врз основа на официјалната статистика. Во ред е да учествуваат министерствата за економија и финансии, но основно е да се базира на официјалната статистика, а тоа е Државниот завод за статистика, порача Петрески.
Италија испраќа мигранти во центрите за притвор во Албанија

Италијанските власти на 11 април објавија дека преместуваат 40 мигранти без дозвола да останат во земјата во италијанските центри за притвор за миграција во Албанија, пренесува АП.
Се чини дека е прв пат една земја од Европската унија да испрати мигранти чии барања за азил биле одбиени во земја надвор од ЕУ, која не е ниту нивна ниту земјата низ која поминале на нивниот пат.
Италијанските медиуми јавија дека мигрантите го напуштиле италијанското пристаниште Бриндизи. Италијанската влада не ги објави нивните националности или дополнителни детали.
Мигрантите ќе бидат сместени во центри за мигранти изградени и управувани од Италија лоцирани во пристаништето Шенѓин, 66 километри (40 милји) северозападно од главниот град Тирана и во Ѓадер.
Тие беа изградени за да ги обработуваат барањата за азил на мигрантите пресретнати од Италија во Средоземното Море. Но, кога центрите беа отворени во октомври 2024 година, италијанските судови ги спречија властите да ги користат и мали групи мигранти беа вратени во Италија.
Не е јасно колку долго одбиените баратели на азил можат да останат во Албанија. Во Италија, тие можат да бидат задржани до 18 месеци чекајќи депортација.
Италијанската крајно десничарска влада на премиерот Џорџија Мелони минатиот месец одобри декрет за проширување на употребата на центрите за брза обработка на азил во Албанија за приведување одбиени баратели на азил со наредба за депортација.
Иако најавата беше во согласност со неодамнешниот предлог на Европската комисија кој ќе им овозможи на земјите од ЕУ да формираат таканаречени „центри за враќање“, предлогот допрва треба да биде целосно одобрен.
Организациите за заштита на мигрантите и адвокатите велат дека ова го нарушува правото да се бара азил и претставува опасен преседан.Некои експерти и групи за заштита на човековите права ги доведуваат во прашање овие трансфери на мигранти.
Експертите за миграција, консултирани од Асошиетед прес, велат дека не е јасно колку правните активности на Италија биле и најверојатно ќе бидат оспорени на суд.
„Тие треба да покажат дека прават нешто со оваа неверојатно скапа структура“, рече Меган Бентон од Институтот за миграциска политика.
Зборувајќи од Тулуз, Франција, Бентон рече дека и други земји од ЕУ се заинтересирани да го сторат истото, вклучително и Холандија, која планира да отвори такви центри во Уганда.
Франческо Фери, експерт за миграција од Action Aid, кој беше меѓу групата невладини организации и италијански пратеници кои ја посетија Албанија за да го надгледуваат трансферот на мигранти, рече дека нема закон во Италија, ниту во кодот на ЕУ, ниту во договорот меѓу Албанија и Италија што ќе дозволи одбиените баратели на азил да бидат депортирани директно од Албанија, што ја прави нејасна целта на трансферот.
„Тоа е неприфатливо за нас“, рече Фери.
Албанските центри беа отворени во октомври минатата година, но останаа главно неактивни поради правните пречки и силното противење на здруженијата за човекови права, кои сметаат дека тие ги прекршуваат меѓународните закони и ги загрозуваат правата на мигрантите.
Договорот меѓу Италија и Албанија од ноември 2023 година, вреден речиси 800 милиони евра во текот на пет години, дозволува до 3.000 мигранти пресретнати од италијанската крајбрежна стража во меѓународните води секој месец да бидат префрлени во Албанија каде што ќе бидат проверени за можен азил во Италија или репатријација.
Италија се согласи да ги прифати оние мигранти кои ќе добијат азил, додека оние чии барања ќе бидат одбиени се соочуваат со депортација директно од Албанија.
Првите три групи од 73 мигранти, префрлени таму во октомври, ноември и јануари, поминаа само неколку часа во Албанија и беа вратени во Италија, откако италијанските судии одбија да го потврдат нивниот притвор во земјата која не е членка на ЕУ.
Досега годинава на италијанските брегови слетале 11.438 мигранти, што е помалку од 16.090 кои пристигнале во истиот период лани.
Најголем дел од нив пристигнале од Бангладеш, а потоа следат Сирија, Тунис и Египет, соопшти италијанското МВР.
Таткото на убиената Вања негира дека го познава првообвинетиот Палевски

На денешното судење за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, обвинетиот татко на Вања, Александар Ѓорчевски одговараше на прашања на обвинителството и сведочеше за истрагата. Тој ја критикуваше полицијата, наведувајќи дека не видел конкретни чекори за пронаоѓање на Вања, истакнувајќи: „Таму каде што бев присутен во присуство на полицијата, не видов конкретни чекори за пронаоѓање на Вања, единствена надеж наоѓав во „Сејф Сити“.
Тој ги негираше наводите што, како што сподели, полицијата ги наметнувала, дека Вања се регрутирала за ИСИС во Шведска, или, пак, дека заминала за Тетово.
Во однос на прашањето дека на средба со началникот Музафер и сведокот Гоце пред зградата на Наум Наумовски Борче на која според сведокот Музафер рекол дека детето е киднапирано и убиено, одговори „Во ниту една момент не сум помислил ниту сум сакал да помислам дека Вања е убиена“.
На прашањата во врска со склучениот договор за дар на недвижен имот на 10.4.2023 година, односно зошто не го проследиле кај нотар и не е извршена негова солемнизација, одговори дека ги преземал сите обврски за на крај да се средат документите.
„Ме претставувате како монструм и ме понижувавте, мене и целото семејство, за кое цинично говоревте дека ништо не сме работеле. Ако сум сакал, ако сум бил таков човек, ќе сум ѝ дал на Зорица негативен одговор, немало да дозволам таков трансфер, згора на сѐ да го препишам и мојот стан на едно од децата, и становите наместо да биде прибрана документација за префрлање во вид на дар за децата, рече тој, дополнувајќи „не знам каква поврзаност има овој момент со овој настан и со овие луѓе другиве присутни во судницата“.
Во првиот дел од судењето Ѓорчевски одговараше на вкрстени прашања од обвинителката, преку кои таа го испитуваше во однос на неговиот живот, исчезнувањето на Вања и потрагата по неа.
Во своите одговори, Ѓорчевски повторно потврди дека не го познава Љупчо Палевски лично, туку разбрал за него кога бил актуелен објектот Тифани. Тој потврди дека бил зависник на наркотична дрога хероин, за која, како што рече, ја консумирал назално.
Судењето продолжи со испитување на Ѓорчевски од страна на обвинетиот Љупчо Палевски.
Немам коментар“ беше одговорот на прашањата поставени од обвинетиот Палевски . Ѓорчевски одговори единствено на првото прашање на Палевски, во врска со тоа дали слушнал дека има комуникација со кој било член од неговото семејство, при што замоли веќе да не одговара на прашањата од Палевски.
„Јас како што веќе кажав, ниту ве знам ниту ве познавам, прв пат ми бевте посочен во полициската станица како монструм, прв пат ве видов тука во судницата, за прв пат во живот, никогаш не сум контактирал со вас, ниту пак познавам од втора рака човек што ве познава вас, вклучувајќи го и моето семејство и би сакал да искористам, ако постои такво право, да не одговарам повеќе на ваши прашања, секој мој нареден одговор ќе гласи исто, рече тој.
Судот одлучи испитувањето да продолжи, а Александар на секое наредно прашање од Палевски, одговори со „немам коментар“.
Останатите обвинети и одбраната, како и Судот, немаа прашања за Ѓорчевски.
Судењето продолжува в понеделник, на 14 март, со сведочење на обвинетиот Љупчо Палевски.
Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.
Таравари не го информирале за недостиг на лекови на онкологија

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска во Гостивар изјави дека нема информација за недостиг на лекови во медицинските установи, ниту во оноколошката клиника. На утринскиот брифинг, како што потенцира, не бил пријавен проблем.
- Јас моментално немам информација дека има недостаток на некаков лек на онкологија, генерално ги имаме сите лекови. Инсулин, два дена недостасуваше, меѓутоа потпишавме анекс со компанијата што снабдува и тоа е решено. Во моментов, јас колку што знам, немаше проблем и колку што сум информиран на утринскиот брифинг со тимот кој го имавме во МЗ, немаше ваков проблем, изјави министерот Таравари, по работната посета на општа болница „Ферид Мурад“ во Гостивар.
На прашањето на новинарите околу постапката за прием на нови специјализанти, тој кажа дека процедурата малку доцни заради ситуацијата што настана со трагичниот настан во Кочани.
„Во некои болници течат и огласите за специјализација. Во Гостивар се 12. Идната недела ќе тестираме околу 250 специјализанти. Распишани се стотина огласи во здравството и за сестри, болничари и за специјализанти. Малку задоцнивме, требаше порано, но случајот во Кочани малку го пролонгираше и се надевам до крај на месецот да заврши, рече Таравари по посетата на општата болница во Гостивар.
Инаку директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски вчера рече дека дел од терапијата за онколошките пациенти недостига поради промени во системот за јавни набавки. Најави дека пред велигденските празници сите лекови ќе бидат достапни во потребни количини.
„Во моментот се реализира јавната годишна набавка, таа е отворена минатиот петок, заради технички проблеми во Бирото за јавни набавки односно промена на системот се доцнеше. Тендерот е отворен, очекуваме контрола од Бирото за јавни набавки и пред велигденските празници сите лекови да бидат достапни во стабилни количини за наредните 12 месеци“, рече Клековски, одговарајќи на прашање зошто од 12 март недостига дел од терапијата за онколошките пациенти.
Специјалниот пратеник на Трамп, Виткоф во ненадејна посета на Москва

Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток слетал во Русија во услови на наплив од дипломатски активности околу војната во Украина, што вклучува американско-украински разговори во Вашингтон и состанок предводен од Велика Британија и Германија во Брисел.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за руските државни медиуми изјави дека специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, пристигнал на 11 април. Тој ненајавено застанал во Москва, пред да замине во Оман, на разговори на високо ниво со Техеран за нуклеарната програма на Иран, закажани за 12 април.
Песков рече дека дополнителни информации ќе следат доколку претставникот на Трамп се сретне со претседателот Владимир Путин.
Руската државна новинска агенција ТАСС соопшти дека Виткоф веднаш се сретнал со Кирил Дмитриев, близок човек на Кремљ и раководител на Рускиот фонд за директни инвестиции (РФДИ). Минатата недела двајцата мажи се сретнаа во Вашингтон, каде што разговараа за зајакнување на билатералните односи.
Посетата доаѓа еден ден откако американските и руските претставници се состанаа во Истанбул за да разговараат за нормализација на дипломатските односи, што потенцијално ќе ги поништи некои од масовните протерувања на персоналот на амбасадите од целосната инвазија на Русија врз Украина во 2022 година.
Ова е трета посета на Виткоф на Русија откако Трамп ја презеде функцијата, ветувајќи дека ќе ги поправи односите со Москва.
Минатиот месец, неговата средба со Путин го отвори патот за телефонски разговор меѓу двајцата претседатели. Тој, исто така, ја посети земјата во февруари и беше дел од разговорите меѓу САД и Русија во Ријад.
Кина ги зголеми царините за Америка на 125 отсто

Кина денеска (11 април)објави дека ќе ги зголеми царините за американските стоки од 84% на 125% што е последниот потег во ескалацијата на трговската војна меѓу двете најголеми економии во светот, која ги потресе пазарите и предизвика стравувања од глобално забавување.
Додека американскиот претседател Доналд Трамп оваа недела ги паузираше увозните даноциза другите земји, тој ги зголеми царините за Кина и тие сега вкупно изнесуваат 145%.
Кина ја осуди политиката како „економско малтретирање“ и вети контрамерки. Новите царини стапуваат во сила во сабота.
Повторното зголемување на царините од страна на Вашингтон „ќе стане шега во историјата на светската економија“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за финансии во соопштението во кое ги објави новите царини.
„Сепак, ако САД инсистираат на тоа да продолжат значително да ги кршат интересите на Кина, таа решително ќе се спротивстави и ќе се бори до крај“.
Кинеското Министерство за трговија соопшти дека ќе поднесе уште една тужба до Светската трговска организација против американските царини.
Мерките на Трамп, кои повторно се активираат предизвикаа тревога на берзите и обврзниците и доведоа до предупредување од некои дека САД би можеле да бидат насочени кон рецесија. Имаше одредено олеснување кога Трамп ги паузираше царините за повеќето земји, но загриженоста останува бидејќи САД и Кина се најголемите светски економии.
Трговската војна меѓу САД и Кина „би можела сериозно да ги оштети глобалните економски перспективи“, изјави претходно неделава шефот на Светската трговска организација, Нгози Оконџо-Ивеала.
Кинеските царини ќе влијаат на производите како што се соја, авионите и нивни делови и лековите кои главно се увезуваат од САД.
Пекинг, во меѓувреме, минатата недела го суспендираше увозот на сирак, живина и коскено брашно од некои американски компании и воведе поголема контрола на извозот на ретки минерали, кои се критични за различни технологии.
Во меѓувреме, најважните увозни производи на Соединетите Држави од Кина вклучуваат електроника, како што се компјутери и мобилни телефони, индустриска опрема и играчки, а потрошувачите и бизнисите веројатно ќе забележат зголемување на цените на тие производи, со царини кои сега изнесуваат 145%.
Трамп во среда објави дека Кина ќе се соочи со царини од 125%, но не вклучи царина од 20% за улогата на Кина поврзана со производството на фентанил.
Официјалните лица на Белата куќа се надеваат дека царините за увоз ќе создадат повеќе работни места со враќање на производството во Соединетите Држави, што е политички ризичен компромис за кој би можеле да бидат потребни години за да се материјализира.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете