Достапни линкови

Протест за правда и барање одговорност за трагедиите


Протест на граѓанската иницијатива „Кој е следен“ во Скопје, 10 април 2025 г.
Протест на граѓанската иницијатива „Кој е следен“ во Скопје, 10 април 2025 г.

Со пораката „Системот е следен“ денеска (10 април) почна најавениот протест пред Владата во Скопје, во организација на граѓанското движење „Кој е следен“.

Протестот, како што беше најавено продолжи кон Собранието, а последна дестинација беше Основниот кривичен суд Скопје. Поминувајќи покрај Универзитетската хируршка болница „Св. Наум Охридски“ во центарот на Скопје демонстрантите повторно со аплауз ги поздравија здравствените работници.

„Секој еден може да е следен“, „Нема да молчиме“, „Доста беше смрт“, „Правда за жртвите“, се меѓу паролите што ги извикуваа демонстрантите движејќи по најавената рута за маршот.

„Денеска сме на улица да се избориме против системот кој не тера да ги заборавиме сите овие трагедии. Исто така протестираме за сите барања кои се изнесени во јавноста досега и властите се запознаени. Но, повеќе се вртат муабети кои сме ние, наместо да се обрати внимание на она што ние го бараме“, рече Анастасија Митревска од „Кој е следен“ на почетокот на протестот.

Таа апелираше „сите граѓани да го кренат својот глас“ и заедно „да кренеме глас против неправдите и конечно да добиеме правда“.

Протестот започна од пред Владата на Северна Македонија.
Протестот започна од пред Владата на Северна Македонија.

Дел од демонстрантите носат и транспарентни со разлики пораки, како: „Македонија, Србија, Грција непријателот е ист - политичар, капиталист“, „Нека богатите повторно се плашат“.

На крајот од протестот, пред Основниот кривичен суд во Скопје дел од претставниците на „Кој е следен“ имаа свои обраќања во кои ги отфрлија обвинувањата дека се нечии „платеници“ и како што рекоа, „ние сме економисти, правници, ИТ инженери, психолози, доктори, учители, урбанисти - немаме партиски штаб, немаме скриена агенда, имаме совет и очи и гледаше што не чини“.

Пред завршување на протестот, демонстрантите одржаа и триминутен молк за сите жртви од трагедиите изминатите години.

Претходно, во најавата за денешниот протест, од „Кој е следен“ наведоа дека ја паметат секоја колективна траума која „политичарите ја користат за поделби“.

„Секоја лага што ја шират за да не исплашат, секоја неправда со која сакаат да не замолчат“, посочено во најавата на протестот.

Од граѓанската иницијатива посочија дека два месеца граѓаните бараат промена, „но ништо не се менува“.

„По четири протести, несреќите се зголемија. По три форуми, неправдата порасна. По одржаното Народно Собрание, пратениците станаа уште потивки“, велат од „Кој е следен?“ од каде ги повикаа сите граѓани да излезат и да дадат поддршка.

Од Владата демонстрантите поминаа и пред Собранието, а кај старата Градска болница со аплауз ги поздравија здравствените работници.
Од Владата демонстрантите поминаа и пред Собранието, а кај старата Градска болница со аплауз ги поздравија здравствените работници.

Омер Мухамеди, претставник на „Кој е следен“ вчера (9април) на прес-конференција нјави дека меѓу другото, ќе бараат правда и за 22-годишната Теодора Ристовска од Тетово која беше прегазена во септември 2022 година – случај во кој обвинетиот Менсур Пајазити доби првостепена пресуда со две години затворска казна што покрена лавина реакции во јавноста.

„Иако нашите барања беа изготвени и презентирани во јавноста од минатиот месец, немавме никаква реакција од надлежните институции за спроведување на овие барања, така што сега почнуваме од денеска со формално доставување преку архивата до сите институции за кои сметаме дека се надлежни“, изјави Мухамеди.

Протестот заврши пред Основниот кривичен суд Скопје
Протестот заврши пред Основниот кривичен суд Скопје

По неговата изјава сестрата на Теодора, Ева на социјалните мрежи соопшти дека семејството не го поддржува овој протест.

Никој не нè праша, не нè извести, не побара мислење. Зошто протест во Скопје кога сè се случи во Тетово? Таму живееше Теодора. На последниот протест, нашата мајка лично побара протест во Тетово, беше одбиена. Зошто?“, праша Ева Ристовска.

„Кој е следен“ претходниот протестен марш го одржаа на 24 март во Скопје, на кој излегоа илјадници граѓани, а следуваше само десетина дена по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 61 лице, а над 200 беа повредени.

Меѓу барањата на „Кој е следен“ е да се објави целосната документација за дискотеката од нејзиното отворање до денес, но и одговорност и правда за другите несреќи што се случија изминатите години.

Станува збор за случаите со „Беса транс“, чиј автобус на автопатот „Струма“ во Бугарија во ноември 2021 година загинаа 45 лица, потоа „Дурмо турс“, чиј автобус на компанијата на 13 февруари 2019 излета од патот, при што загинаа 16 луѓе, а над 30 беа повредени, како и модуларната болница во Тетово, каде животот го загубија 14 луѓе, а десетина лица беа повредени при нивното лекување од Ковид – 19.

На листата барања на „Кој е следен“ и да се воспостави единствен телефонски број на кој граѓаните ќе може да ги добијат сите инспекторати и да пријавуваат случаи, како и надлежните да воспостават безбеден град за сообраќај.

„Громогласна“ тишина на плоштад Македонија за загинатите во пожарот во Кочани
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:04 0:00

На адреса на граѓанската иницијатива „Кој е следен“ изминатиот период стигаа и обвинувања од претставници на власта дека протестите се политички мотивирани.

Премиерот Христијан Мицкоски на 24 март изјави дека има разбирање за оние кои решиле преку демократската алатка како што е протестот да го изразат својот гнев, но не ги оправда, како што рече, политичките глодари и лешинари кои сакаат да добијат политички поени.

Од „Кој е следен“ пак, се децидни дека немаат никаква полидичка заднина и се оградуваат од сите партии - опозициските СДСМ и ДУИ и владејачките ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ, посочувајќи дека сите партии заедно креирале, развиле и одржувале ваков „трул систем кој со децении ја крои и пеплосува македонската општествена реалност“.

XS
SM
MD
LG