Достапни линкови

Вести

Членките на ЕУ се согласија на Босна да и дадат статус на кандидат за членство

Еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји за време на состанокот со членовите на Претседателството на БиХ Денис Беќировиќ, Жељко Комшиќ и Жељка Цвијановиќ во Сараево
Еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји за време на состанокот со членовите на Претседателството на БиХ Денис Беќировиќ, Жељко Комшиќ и Жељка Цвијановиќ во Сараево

Министрите за општи работи на Европската унија денеска се согласија дека Босна треба да стане формален кандидат за пристап во 27-члената ЕУ во препорака што ќе треба да ја поддржат лидерите на ЕУ в четврток. Босна ќе им се придружи на другите кандидати за ЕУ - Албанија, Молдавија, Република Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Турција и Украина - во процесот за пристапување во ЕУ што може да потрае многу години и вклучува сложени преговори за прилагодување на локалните закони за да одговараат оние на ЕУ. Турција, на пример, е кандидат за ЕУ од 1999 година.

Курти: Косово неделава ќе аплицира за влез во ЕУ

„Тоа беше дел од заклучоците за проширувањето кои беа договорени утринава“, рече еден дипломат на ЕУ, додавајќи: „И со јасен услов дека реформите утврдени од Комисијата и 14-те клучни реформи договорени во 2019 година треба да се исполнат пред да започнат преговорите. Тоа е политички сигнал во светло на актуелната геополитичка ситуација“.

види ги сите денешни вести

Италија испраќа мигранти во центрите за притвор во Албанија

Мигранти придружувани од италијанската полиција во пристаништето Шенѓин, северозападна Албанија, на 28 јануари 2025 година.
Мигранти придружувани од италијанската полиција во пристаништето Шенѓин, северозападна Албанија, на 28 јануари 2025 година.

Италијанските власти на 11 април објавија дека преместуваат 40 мигранти без дозвола да останат во земјата во италијанските центри за притвор за миграција во Албанија, пренесува АП.

Се чини дека е прв пат една земја од Европската унија да испрати мигранти чии барања за азил биле одбиени во земја надвор од ЕУ, која не е ниту нивна ниту земјата низ која поминале на нивниот пат.

Италијанските медиуми јавија дека мигрантите го напуштиле италијанското пристаниште Бриндизи. Италијанската влада не ги објави нивните националности или дополнителни детали.

Мигрантите ќе бидат сместени во центри за мигранти изградени и управувани од Италија лоцирани во пристаништето Шенѓин, 66 километри (40 милји) северозападно од главниот град Тирана и во Ѓадер.

Тие беа изградени за да ги обработуваат барањата за азил на мигрантите пресретнати од Италија во Средоземното Море. Но, кога центрите беа отворени во октомври 2024 година, италијанските судови ги спречија властите да ги користат и мали групи мигранти беа вратени во Италија.

Не е јасно колку долго одбиените баратели на азил можат да останат во Албанија. Во Италија, тие можат да бидат задржани до 18 месеци чекајќи депортација.

Италијанската крајно десничарска влада на премиерот Џорџија Мелони минатиот месец одобри декрет за проширување на употребата на центрите за брза обработка на азил во Албанија за приведување одбиени баратели на азил со наредба за депортација.

Иако најавата беше во согласност со неодамнешниот предлог на Европската комисија кој ќе им овозможи на земјите од ЕУ да формираат таканаречени „центри за враќање“, предлогот допрва треба да биде целосно одобрен.

Организациите за заштита на мигрантите и адвокатите велат дека ова го нарушува правото да се бара азил и претставува опасен преседан.Некои експерти и групи за заштита на човековите права ги доведуваат во прашање овие трансфери на мигранти.

Експертите за миграција, консултирани од Асошиетед прес, велат дека не е јасно колку правните активности на Италија биле и најверојатно ќе бидат оспорени на суд.

„Тие треба да покажат дека прават нешто со оваа неверојатно скапа структура“, рече Меган Бентон од Институтот за миграциска политика.

Зборувајќи од Тулуз, Франција, Бентон рече дека и други земји од ЕУ се заинтересирани да го сторат истото, вклучително и Холандија, која планира да отвори такви центри во Уганда.

Франческо Фери, експерт за миграција од Action Aid, кој беше меѓу групата невладини организации и италијански пратеници кои ја посетија Албанија за да го надгледуваат трансферот на мигранти, рече дека нема закон во Италија, ниту во кодот на ЕУ, ниту во договорот меѓу Албанија и Италија што ќе дозволи одбиените баратели на азил да бидат депортирани директно од Албанија, што ја прави нејасна целта на трансферот.

„Тоа е неприфатливо за нас“, рече Фери.

Албанските центри беа отворени во октомври минатата година, но останаа главно неактивни поради правните пречки и силното противење на здруженијата за човекови права, кои сметаат дека тие ги прекршуваат меѓународните закони и ги загрозуваат правата на мигрантите.

Договорот меѓу Италија и Албанија од ноември 2023 година, вреден речиси 800 милиони евра во текот на пет години, дозволува до 3.000 мигранти пресретнати од италијанската крајбрежна стража во меѓународните води секој месец да бидат префрлени во Албанија каде што ќе бидат проверени за можен азил во Италија или репатријација.

Италија се согласи да ги прифати оние мигранти кои ќе добијат азил, додека оние чии барања ќе бидат одбиени се соочуваат со депортација директно од Албанија.

Првите три групи од 73 мигранти, префрлени таму во октомври, ноември и јануари, поминаа само неколку часа во Албанија и беа вратени во Италија, откако италијанските судии одбија да го потврдат нивниот притвор во земјата која не е членка на ЕУ.

Досега годинава на италијанските брегови слетале 11.438 мигранти, што е помалку од 16.090 кои пристигнале во истиот период лани.

Најголем дел од нив пристигнале од Бангладеш, а потоа следат Сирија, Тунис и Египет, соопшти италијанското МВР.

Таткото на убиената Вања негира дека го познава првообвинетиот Палевски

Александар Ѓорчевски - татко на убиената Вања Ѓорчевска
Александар Ѓорчевски - татко на убиената Вања Ѓорчевска

На денешното судење за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, обвинетиот татко на Вања, Александар Ѓорчевски одговараше на прашања на обвинителството и сведочеше за истрагата. Тој ја критикуваше полицијата, наведувајќи дека не видел конкретни чекори за пронаоѓање на Вања, истакнувајќи: „Таму каде што бев присутен во присуство на полицијата, не видов конкретни чекори за пронаоѓање на Вања, единствена надеж наоѓав во „Сејф Сити“.

Тој ги негираше наводите што, како што сподели, полицијата ги наметнувала, дека Вања се регрутирала за ИСИС во Шведска, или, пак, дека заминала за Тетово.

Во однос на прашањето дека на средба со началникот Музафер и сведокот Гоце пред зградата на Наум Наумовски Борче на која според сведокот Музафер рекол дека детето е киднапирано и убиено, одговори „Во ниту една момент не сум помислил ниту сум сакал да помислам дека Вања е убиена“.

На прашањата во врска со склучениот договор за дар на недвижен имот на 10.4.2023 година, односно зошто не го проследиле кај нотар и не е извршена негова солемнизација, одговори дека ги преземал сите обврски за на крај да се средат документите.

„Ме претставувате како монструм и ме понижувавте, мене и целото семејство, за кое цинично говоревте дека ништо не сме работеле. Ако сум сакал, ако сум бил таков човек, ќе сум ѝ дал на Зорица негативен одговор, немало да дозволам таков трансфер, згора на сѐ да го препишам и мојот стан на едно од децата, и становите наместо да биде прибрана документација за префрлање во вид на дар за децата, рече тој, дополнувајќи „не знам каква поврзаност има овој момент со овој настан и со овие луѓе другиве присутни во судницата“.

Во првиот дел од судењето Ѓорчевски одговараше на вкрстени прашања од обвинителката, преку кои таа го испитуваше во однос на неговиот живот, исчезнувањето на Вања и потрагата по неа.

Во своите одговори, Ѓорчевски повторно потврди дека не го познава Љупчо Палевски лично, туку разбрал за него кога бил актуелен објектот Тифани. Тој потврди дека бил зависник на наркотична дрога хероин, за која, како што рече, ја консумирал назално.


Судењето продолжи со испитување на Ѓорчевски од страна на обвинетиот Љупчо Палевски.

Немам коментар“ беше одговорот на прашањата поставени од обвинетиот Палевски . Ѓорчевски одговори единствено на првото прашање на Палевски, во врска со тоа дали слушнал дека има комуникација со кој било член од неговото семејство, при што замоли веќе да не одговара на прашањата од Палевски.

„Јас како што веќе кажав, ниту ве знам ниту ве познавам, прв пат ми бевте посочен во полициската станица како монструм, прв пат ве видов тука во судницата, за прв пат во живот, никогаш не сум контактирал со вас, ниту пак познавам од втора рака човек што ве познава вас, вклучувајќи го и моето семејство и би сакал да искористам, ако постои такво право, да не одговарам повеќе на ваши прашања, секој мој нареден одговор ќе гласи исто, рече тој.

Судот одлучи испитувањето да продолжи, а Александар на секое наредно прашање од Палевски, одговори со „немам коментар“.

Останатите обвинети и одбраната, како и Судот, немаа прашања за Ѓорчевски.

Судењето продолжува в понеделник, на 14 март, со сведочење на обвинетиот Љупчо Палевски.

Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.

Таравари не го информирале за недостиг на лекови на онкологија

Арбен таравари, Министер за здравство
Арбен таравари, Министер за здравство

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска во Гостивар изјави дека нема информација за недостиг на лекови во медицинските установи, ниту во оноколошката клиника. На утринскиот брифинг, како што потенцира, не бил пријавен проблем.

- Јас моментално немам информација дека има недостаток на некаков лек на онкологија, генерално ги имаме сите лекови. Инсулин, два дена недостасуваше, меѓутоа потпишавме анекс со компанијата што снабдува и тоа е решено. Во моментов, јас колку што знам, немаше проблем и колку што сум информиран на утринскиот брифинг со тимот кој го имавме во МЗ, немаше ваков проблем, изјави министерот Таравари, по работната посета на општа болница „Ферид Мурад“ во Гостивар.

На прашањето на новинарите околу постапката за прием на нови специјализанти, тој кажа дека процедурата малку доцни заради ситуацијата што настана со трагичниот настан во Кочани.

„Во некои болници течат и огласите за специјализација. Во Гостивар се 12. Идната недела ќе тестираме околу 250 специјализанти. Распишани се стотина огласи во здравството и за сестри, болничари и за специјализанти. Малку задоцнивме, требаше порано, но случајот во Кочани малку го пролонгираше и се надевам до крај на месецот да заврши, рече Таравари по посетата на општата болница во Гостивар.

Инаку директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски вчера рече дека дел од терапијата за онколошките пациенти недостига поради промени во системот за јавни набавки. Најави дека пред велигденските празници сите лекови ќе бидат достапни во потребни количини.

„Во моментот се реализира јавната годишна набавка, таа е отворена минатиот петок, заради технички проблеми во Бирото за јавни набавки односно промена на системот се доцнеше. Тендерот е отворен, очекуваме контрола од Бирото за јавни набавки и пред велигденските празници сите лекови да бидат достапни во стабилни количини за наредните 12 месеци“, рече Клековски, одговарајќи на прашање зошто од 12 март недостига дел од терапијата за онколошките пациенти.

Специјалниот пратеник на Трамп, Виткоф во ненадејна посета на Москва

Специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф
Специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф

Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток слетал во Русија во услови на наплив од дипломатски активности околу војната во Украина, што вклучува американско-украински разговори во Вашингтон и состанок предводен од Велика Британија и Германија во Брисел.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за руските државни медиуми изјави дека специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, пристигнал на 11 април. Тој ненајавено застанал во Москва, пред да замине во Оман, на разговори на високо ниво со Техеран за нуклеарната програма на Иран, закажани за 12 април.

Песков рече дека дополнителни информации ќе следат доколку претставникот на Трамп се сретне со претседателот Владимир Путин.

Руската државна новинска агенција ТАСС соопшти дека Виткоф веднаш се сретнал со Кирил Дмитриев, близок човек на Кремљ и раководител на Рускиот фонд за директни инвестиции (РФДИ). Минатата недела двајцата мажи се сретнаа во Вашингтон, каде што разговараа за зајакнување на билатералните односи.

Посетата доаѓа еден ден откако американските и руските претставници се состанаа во Истанбул за да разговараат за нормализација на дипломатските односи, што потенцијално ќе ги поништи некои од масовните протерувања на персоналот на амбасадите од целосната инвазија на Русија врз Украина во 2022 година.

Ова е трета посета на Виткоф на Русија откако Трамп ја презеде функцијата, ветувајќи дека ќе ги поправи односите со Москва.

Минатиот месец, неговата средба со Путин го отвори патот за телефонски разговор меѓу двајцата претседатели. Тој, исто така, ја посети земјата во февруари и беше дел од разговорите меѓу САД и Русија во Ријад.

Кина ги зголеми царините за Америка на 125 отсто

илустрација
илустрација

Кина денеска (11 април)објави дека ќе ги зголеми царините за американските стоки од 84% на 125% што е последниот потег во ескалацијата на трговската војна меѓу двете најголеми економии во светот, која ги потресе пазарите и предизвика стравувања од глобално забавување.

Додека американскиот претседател Доналд Трамп оваа недела ги паузираше увозните даноциза другите земји, тој ги зголеми царините за Кина и тие сега вкупно изнесуваат 145%.

Кина ја осуди политиката како „економско малтретирање“ и вети контрамерки. Новите царини стапуваат во сила во сабота.

Повторното зголемување на царините од страна на Вашингтон „ќе стане шега во историјата на светската економија“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за финансии во соопштението во кое ги објави новите царини.

„Сепак, ако САД инсистираат на тоа да продолжат значително да ги кршат интересите на Кина, таа решително ќе се спротивстави и ќе се бори до крај“.

Кинеското Министерство за трговија соопшти дека ќе поднесе уште една тужба до Светската трговска организација против американските царини.

Мерките на Трамп, кои повторно се активираат предизвикаа тревога на берзите и обврзниците и доведоа до предупредување од некои дека САД би можеле да бидат насочени кон рецесија. Имаше одредено олеснување кога Трамп ги паузираше царините за повеќето земји, но загриженоста останува бидејќи САД и Кина се најголемите светски економии.

Трговската војна меѓу САД и Кина „би можела сериозно да ги оштети глобалните економски перспективи“, изјави претходно неделава шефот на Светската трговска организација, Нгози Оконџо-Ивеала.

Кинеските царини ќе влијаат на производите како што се соја, авионите и нивни делови и лековите кои главно се увезуваат од САД.

Што значат за вас американските царини?
please wait
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 1080p
  • 720p

No media source currently available

0:00 1:30 0:00
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 1080p
  • 720p

Пекинг, во меѓувреме, минатата недела го суспендираше увозот на сирак, живина и коскено брашно од некои американски компании и воведе поголема контрола на извозот на ретки минерали, кои се критични за различни технологии.

Во меѓувреме, најважните увозни производи на Соединетите Држави од Кина вклучуваат електроника, како што се компјутери и мобилни телефони, индустриска опрема и играчки, а потрошувачите и бизнисите веројатно ќе забележат зголемување на цените на тие производи, со царини кои сега изнесуваат 145%.

Трамп во среда објави дека Кина ќе се соочи со царини од 125%, но не вклучи царина од 20% за улогата на Кина поврзана со производството на фентанил.

Официјалните лица на Белата куќа се надеваат дека царините за увоз ќе создадат повеќе работни места со враќање на производството во Соединетите Држави, што е политички ризичен компромис за кој би можеле да бидат потребни години за да се материјализира.

Американската амбасадорка во Украина, Бринк поднесе оставка

Американската амбасадорка во Украина, Бриџит Бринк
Американската амбасадорка во Украина, Бриџит Бринк

Американската амбасадорка во Украина, Бриџит Бринк, поднесува оставка, објави Стејт департментот, оставајќи ја позицијата празна додека траат клучните мировни преговори меѓу Вашингтон, Киев и Москва.

Таа беше назначена од поранешниот претседател Џо Бајден и е во Киев од мај 2022 година, каде што ги водеше односите меѓу САД и Украина за време на критичниот период обележан со сеопфатната инвазија на Русија врз Украина.

„Амбасадорката Бринк се повлекува. Таа беше амбасадорка три години. Тоа е долго време во воена зона“, изјави портпаролката на Стејт департментот, Теми Брус, за новинарите на 10 април.

Се очекува таа да ја напушти функцијата во наредните недели.

Мандатот на Бринк опфаќаше две претседателски администрации кои се разликуваа во нивните политики кон Украина.

Односите со Москва се влошија на најниско ниво по Студената војна за време на администрацијата на Бајден, која ги прекина комуникациите со рускиот претседател Владимир Путин во време на најголемата војна во Европа по Втората светска војна.

Спротивно на тоа, администрацијата на Трамп повторно воспостави директен контакт со Кремљ.

Трамп и Путин телефонски разговараа најмалку двапати во последните неколку месеци, а Вашингтон во моментов се обидува да посредува во мировен договор меѓу Украина и Русија.

Бринк е најновиот висок дипломат од кариера кој поднесе оставка под сегашната администрација, вклучувајќи го и Џон Бас, третиот највисок функционер во Стејт департментот, кој се повлече од функцијата во јануари.

Не беше наведена причина за одлуката на Бринк да се повлече, но Ројтерс цитираше извори кои велат дека потегот бил по нејзина слободна волја.

Бринк се соочи со критики од украинскиот претседател Володимир Зеленски за нејзиниот одговор на смртоносниот руски ракетен напад врз украинскиот град Криви Рих минатата недела, во кој загинаа 20 луѓе, меѓу кои и девет деца.

Во објава на социјалните мрежи за нападот од 4 април, Бринк не ја спомена Русија како одговорна, по што претседателот Зеленски изрази разочарување.

Судот во Нови Сад го врати обвинението за падот на настрешницата поради дополнување на истрагата

Железничката станица во Нови Сад
Железничката станица во Нови Сад

Високиот суд во Нови Сад на 11 април објави дека го вратил предметот во врска со обвинението за падот на настрешницата на железничката станица во тој град за „дополнување на истрагата“, објави агенцијата Бета.

Во образложението на таа одлука, судот наведува дека „е потребно подобро разјаснување на прашањето за да се испита валидноста на обвиненијата“.

„Дадена е наредба за дополнување на истрагата и таа е испратена од судот до надлежното обвинителство, обвинетите и адвокатите на одбраната. Тие немаат право на жалба“, соопшти судот.

Петнаесет лица загинаа при падот на настрешницата на 1 ноември, а друго лице почина од повредите четири месеци подоцна.

На 30 декември, Вишото јавно обвинителство во Нови Сад поднесе обвинение против 13 лица, под сомнение за пропусти во реконструкцијата на настрешницата.

Меѓу обвинетите се поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ и неговата помошничка Анита Димоски, како и поранешната директорка на јавното претпријатие „Инфраструктура на железници Србија“, Јелена Танасковиќ.

Десет обвинети се во притвор, Весиќ е на слобода, додека Танасковиќ и Димоски се во домашен притвор.

Врховното јавно обвинителство на Србија (ВЈТС) на 12 февруари објави дека го префрлило случајот за коруптивни дела поврзани со работите во станицата на Обвинителството за организиран криминал (ТОК).

По падот на настрешницата во Нови Сад, следеше бран протести во градовите низ Србија.

Протестите ги предводат студенти кои повеќе од четири месеци ги блокираат колеџите, барајќи одговорност за смртта на 16 лица.

Владата, предводена од Српската напредна партија, ги осудува блокадите и протестите.

Објавувањето на целата документација за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад е во фокусот на студентските барања, кои беа поддржани од универзитетски професори, адвокати, земјоделци, вработени во ИТ секторот и голем број едукатори.

ЕУ пратениците се согласија за новите безбедносни правила за детски играчки

детски играчки (илустрација)
детски играчки (илустрација)

Пратениците на ЕУ и земјите-членки постигнаа привремен договор за построги правила за безбедност на играчките, насочени кон подобра заштита на децата од штетни хемикалии и ризици од онлајн пазарите.

Клучна карактеристика на договорот постигнат во четврток е воведувањето на дигитален пасош за производи, потребен за сите играчки што се продаваат во ЕУ.

Пасошот ќе обезбеди информации за безбедност и предупредување достапни преку алатки како QR кодови, овозможувајќи им на потрошувачите и царинските органи полесно да ја потврдат усогласеноста.

Новите правила, исто така, имаат за цел да ја забранат употребата на одредени штетни супстанции, вклучително и хемикалии PFAS (полифлуороалкални супстанции), кои можат да се акумулираат во животната средина и човечкото тело.

Биозидите (хемиска супстанца наменетa да уништи или да изврши контролно дејство врз кој било штетен организам) ќе бидат дозволени само во играчки специјално наменети за надворешна употреба.

Договорот сè уште бара формално одобрување и од Европскиот парламент и од Советот на ЕУ.

Макрон: Одложувањето на американските царини е само „кревка пауза“

Францускиот претседател Емануел Макрон
Францускиот претседател Емануел Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека суспензијата на американските реципрочни санкции претставува „кревка пауза“ и оти Европа мора да продолжи да работи на контрамерки за да се заштити.

„Заедно со Европската комисија мора да покажеме сила: Европа мора да продолжи да работи на сите неопходни контрамерки“, напиша Макрон на платформата Х.

Тој додаде дека Европската Унија треба да се заштити „од текови од трети земји“, особено Кина, која останува максимално оданочена, а чиј прилив на производи може да доведе до нерамнотежа на пазарот.

Американскиот претседател Доналд Трамп, соочен со пад на глобалниот пазар, одлучи да го одложи воведувањето на американските реципрочни царини за повеќето трговски партнери за 90 дена, притоа задржувајќи ги царините од 10 отсто за речиси целиот глобален увоз.

Во исто време, Трамп ги зголеми царините за кинескиот увоз од 105 на 145 отсто – само неколку часа откако Кина воведе царини од 85 отсто на Америка како одмазда.

Велика Британија објави воена помош за Украина од 580 милиони долари

Британскиот министер за одбрана, Џон Хили
Британскиот министер за одбрана, Џон Хили

Велика Британија во петок (11 април)објави дека ќе ѝ обезбеди на Украина 580 милиони долари воена помош, пред самитот на Контакт-групата за Украина.

Велика Британија соопшти дека, во соработка со Норвешка, ќе бидат потрошени 580 милиони долари за помош на Киев со стотици илјади борбени беспилотни летала, радарски системи и противтенковски мини, како и договори за поправка и одржување на украински оклопни возила.

Британскиот министер за одбрана Џон Хили и германскиот министер за одбрана Борис Писториус ќе бидат копретседатели на 27-от самит на Контакт-групата за одбрана на Украина во петок.

Пред состанокот во Брисел, украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров изјави дека клучното прашање е зајакнување на воздушната одбрана на неговата земја.

„На Украина ѝ се потребни доволен број модерни системи како „Патриот“. Потребна е политичка одлука за стекнување на овие системи, со цел заштита на градовите, селата и животите на нашите луѓе - особено од заканата од руските балистички ракети. Нашите партнери имаат на располагање такви системи“, рече Умеров.

Руските сили имаат предност во војната во Украина, која сега е во својата четврта година.

Украинските претставници и воените аналитичари веруваат дека Русија се подготвува да започне нова воена офанзива во наредните недели за да го зголеми притисокот и да ја зајакне позицијата на Кремљ во преговорите за примирје.

Со состаноците на Контакт-групата за Украина претседаваше американскиот секретар за одбрана сè до стапувањето на должноста на Доналд Трамп во јануари.

Оттогаш, Хили ја држи оваа позиција и тој го водеше својот прв состанок во февруари.

Британското Министерство за одбрана соопшти дека британските и украинските добавувачи ќе достават нов и „голем“ пакет воена поддршка за да помогнат во зајакнувањето на вооружените сили на Украина во нивната борба за одбрана од руски напади.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG