Првиот пат кога се обидоа да ги седнат на иста маса, тоj обид заврши неуспешно.
Дваесет и еден ден подоцна постигнаа договор со кој заврши најкрвавата војна во Европа од Втората светска војна. Во американскиот град Дејтон беше парафиран мировниот договор со кој заврши војната во Босна и Херцеговина(БиХ). Триесет години подоцна, нова војна, други играчи и обновени дипломатски напори: дали може да се искористат истите методи за да се запре војната во Украина?
Кои се сличностите?
Тоа што се случи во Ријад, Саудиска Арабија, каде заедно со напорите на американската делегација, на преговорите беа присутни и украинската и руската страна, донекаде потсетува на настаните во Дејтон, вели Кристофер Хил, поранешен амбасадор во Србија и Северна Македонија.
Како заменик на Ричард Холбрук, главен преговарач и „креатор“ на Дејтонскиот мировен договор, Хил беше во првите редови на овој историски процес.
„Видовме дека ако ги ставиме во просторија заедно, секоја страна ќе одржи говор за недоразбирањата и зошто тие биле во право, а другите не се во право. Шатл-дипломатијата се покажа како многу поефикасна алатка“, објаснува Хил.
Методот, додава тој, бил користен безброј пати од Хенри Кисинџер, американскиот државен секретар во владата на претседателот Ричард Никсон, како и од преговарачите на Блискиот Исток.
„Но, мислам дека во случајот со Босна се покажа како многу успешна“, рече Хил.
Договорот беше постигнат на 21 ноември 1995 година, а беше потпишан во Париз на 14 декември. Со тоа беше ставен крај на конфликтот кој зад себе остави 100 000 мртви, два милиони раселени и уништената инфраструктура на земјата Обединетите Нации ја признаа неколку години претходно.
Три години откако Русија ја почна инвазијата на Украина, нелегално анектира територии, а милиони луѓе ја напуштија земјата во страв за своите животи, претставници на двете земји се најдоа во ист град, а американската делегација поединечно се сретна со секој од нив во Ријад.
Кои се ефектите од „шатл- дипломатијата“?
По тридневни одвоени состаноци со украинската и руската делегација, САД објавија дека постигнале поединечни договори со Киев и Москва за забрана за употреба на сила во Црното Море и за напорите да се запрат нападите врз енергетските капацитети во двете земји. Но, се чини дека постигнувањето мир е сè уште далеку.
„Шатл-дипломатијата е реалност“, вели Мате Граниќ, кој беше заменик главен преговарач на хрватскиот претседател Фрањо Туѓман во Дејтон.
„Се користи кога првичните позиции се оддалечени една од друга како што се сега, на пример, Украина и Русија, тогаш логично е секогаш да се започне со шатл-дипломатија. Зошто? Украина сака праведен мир, а се знае што сака Русија, дека не сака ни да разговара за окупираните територии. Дека не сака да има мировни сили од НАТО или од Украина, кои веќе не доаѓаат“, вели Граниќ.
Тој објаснува дека Американците денес разговараат со инволвираните страни, доближувајќи ги една до друга, што го направи Ричард Холбрук со тимот во 1990-тите и што резултираше со мировен договор.
„Приближно е и сега во напорите да се стави крај на војната меѓу Русија и Украина. Фактот што Трамп и Путин разговараат на телефон, и Трамп и Зеленски, а од друга страна американскиот пратеник ги посетува Киев и Москва и му реферира на Трамп, значи дека работите во моментов се доведуваат до линија преку шатл-дипломатијата каде на крајот може да се постигне првиот договор за прекин на огнот“, вели Вујовиќ.
Лекции од Дејтон за Ријад
Белата куќа по средбите во Ријад излезе со две соопштенија: едното за преговорите со Украина, другото со Русија.
Во двете соопштенија е наведено дека САД ќе продолжат „да посредуваат во преговорите меѓу двете страни за да се постигне „мирно решавање“ на војната, која навлезе во својата четврта година.
Се чини дека овие договори се еден од најконкретните резултати на напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да посредува во завршувањето на војната откако тој ја презеде функцијата пред два месеци, пишува редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик.
Потсетувајќи се на преговорите во Дејтон, поранешниот амбасадор Кристофер Хил вели дека било јасно дека инволвираните страни не може да се доведат на исто место.
За да се постигне мир, следуваа средби во Белград, Загреб, Сараево кога тоа беше можно, но и во Женева. Се обидуваа да откријат што е тоа што го сакаат сите страни, да го стават на хартија и да им покажат. Потоа започнаа итни преговори.
Овој пат, наместо да летаат, одеа од еден до друг во воздухопловната база „Рајт Патерсон“.
„Кон крајот на Дејтон почнавме да ги доведуваме страните на иста маса“, вели Хил.
Три конститутивни нации, два ентитета, Република Српска и Федерацијата Босна и Херцеговина, еден округ, десет кантони, тричлено претседателство и еден, како што го нарече Ричард Холбрук, „несовршен мир“ се реалноста на Босна и Херцеговина.
По обидите во 2006 и 2009 година за измена на Дејтонскиот договор, потоа немаше големи иницијативи.
Тешко е да се каже дали американските напори во преговорите за ставање крај на војната во Украина ќе имаат ист успех. Гледајќи го Дејтонскиот процес три децении подоцна и научените лекции за идните преговори, вклучувајќи го и украинско-рускиот, Хил вели дека е паметно што останале ангажирани.
„Мислам дека тоа ќе биде неопходно. Не можете само да кажете „тој проблем е завршен, ајде да продолжиме понатаму“, вели Хил.
Сите тројца потписници на Дејтонскиот договор починаа - Фрањо Туѓман во 1999 година, Алија Изетбеговиќ во 2003 година, а Слободан Милошевиќ почина во 2006 година во притвор на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија.
Покрај сите други причини, околностите во случајот со Украина и Русија дополнително се комплицираат со тоа што Владимир Путин е обвинет пред Меѓународниот кривичен суд.
Дали е можно да се замисли средба меѓу Путин и Зеленски? Ако го прашате Кристофер Хил, тешко.
„Мислам дека Путин се погрижи непријателството меѓу Украина и Русија да трае со генерации. Затоа не би се обидувал да ги зближам во идејата дека ќе се чувствуваат како браќа, бидејќи тоа нема да се случи“, вели Хил.
Вредно искуство од Дејтон
БиХ денес е оптоварена со поделби и нефункционалност, но е три децении во мир, што го прави Дејтонскиот договор еден од поуспешните мировни договори во поновата историја.
Успехот на Дејтонскиот договор е тоа што ја запре војната. И имаше одреден тип на компромис и неговата основа е сосема во ред, вели Мате Граниќ, поранешен член на хрватската делегација и денешен советник на премиерот Андреј Пленковиќ за надворешна политика.
Дејтонскиот договор беше специфичен и дејтонското искуство е драгоцено, додава Небојша Вујовиќ, соработник на Милошевиќ.
„Воспостави мир кој трае речиси 30 години. Тоа значи дека Дејтон најпрво постигна мир, спречи уништување и убивање луѓе, а од друга страна создаде два ентитета кои се стабилни, издржливи и создаваат можност за некаков соживот“.
Да, договорот од 1995 година има свои проблеми, се согласува Кристофер Хил.
„Но, мора да запомните дека ние не наметнавме ништо. Ние бевме посредници. Се обидувавме да постигнеме договор со кој двете страни, всушност сите три страни, би можеле да живеат. Тоа беше тешко да се постигне“, вели тој.
Но, војните на крајот завршуваат, вели Хил, и кога ќе погледнете како завршуваат, обично има улога што ја одигра дипломатијата. Колку е голема таа улога во војната во Украина, останува да се види.
„Мислам дека има логика во завршувањето на оваа војна. Украина е уништена, но на многу начини и Русија претрпе и длабока штета. И не само штетата од беспилотните летала, туку и како таа сега се перципира во светот. Мислам дека никој нема повторно да гледа на Русите на ист начин. Војната мора да заврши. Но како ќе се случи, тешко е да се каже“, вели Хил.
По тридневните разговори во Ријад, постигнати се одредени билатерални договори меѓу САД, Украина и Русија, но многу работи остануваат нејасни, вклучително и колку далеку е подготвена Москва да оди кон целосен прекин на огнот или кон мировен догово, што нема да го направи Киев целосен губитник.