Достапни линкови

Тргни-застани, сагата на пет големи скопски проекти


Новиот мост во Аеродром заграден со тараби
Новиот мост во Аеродром заграден со тараби

Голем дел од проектите на Шилегов беа почнати. Некои тој се обиде да ги отвори предвреме, како на пример мостот на булеварот АСНОМ кој води кон никаде. Други пак беа запрени од новата градоначалничка.

Од мостот за „ловење риби“ на булеварот АСНОМ, преку Универзалната сала, па се до изградбата на пречистителната станица за Скопје, скопјани слушаа ветувања и препукувања, ама никако да ја видат реализацијата на големите проекти во нивниот град. Ова се дел од проектите кои (под)заглавија од лани, кога на местото на Петре Шилегов од СДСМ, дојде независната градоначалничка Данела Арсовска, поддржана од ВМРО ДПМНЕ. Издвојуваме пет од нив.

ДВАТА МОСТА НА ВАРДАР

Мостот на булеварот АСНОМ, во Аеродром, беше круцијален проект кој почна во времето на Шилегов. Планот беше тој да биде завршен за сликање пред ланските локалните избори во октомври и „ да биде ставен на располагање на скопјани“. Една година подоцна, мостот зјае над Вардар заграден со тараби од сите страни, а единствениот пристап кон него е мало тесно патче меѓу куќите во Керамидница.

Мостот завршува во тесна уличка
Мостот завршува во тесна уличка

Проблем се имотно правните спорови кои Шилегов не ги реши. Па така, новата градоначалничка прво сакаше да се откаже од мостот за кој рече дека ќе биде „мост за ловење риба“. Потоа отиде на увид, па се премисли и најави дека мостот ќе е готов годинава, а булеварот низ Керамидница догодина. Се пофали и дека решила двојно повеќе имотни спорови отколку што тоа го направил нејзиниот претходник. Вкупната вредност на проектот е 16 милиони евра.

Заедно со овој мост, сликање пред избори имаше и за почеток на градежни работи за мостот на улицата Љубљанска, во Карпош. Тука кејот е заграден повеќе од една година, а градежни активности скоро и да нема. Проблемот е ист - имотно правни спорови. Арсовска рече дека ги разрешила и мост ќе има. Парите за него уште лани Град Скопје ги доби од Владата, преку програмата на ТАВ.

АВТОБУСКОТО МЕТРО

Ветувањето за бесплатен јавен превоз беше џокерот на Арсовска за време на локалните избори. Ама кризата ги изеде парите, па една година откако таа стана градоначалничка ова ветување станува уште подалечно, исто како и изградбата на БРТ - брзиот автобуски транспортен систем во Скопје. БРТ беше проект на Шилегов. Мислењата за него беа поделени, ама Европската банка за обнова и развој го оцени како одлучен и даде кредит од 70 милиони евра.

Поранешниот градоначалник Петре Шилегов го претставува автобуското метро, БРТ систем
Поранешниот градоначалник Петре Шилегов го претставува автобуското метро, БРТ систем

Арсовска кога дојде на власт рече дека на скопјани им ветила еко-автобуси, а не автобуско метро. Проектот не се гради иако има пари за него, па сега, како што објави СДК, државата плаќа 350.000 евра годишно камата на ЕБОР. Според Арсовска проектот сега „е во фаза на преговори“.

БРТ системот предвидува изградба на две линии во Скопје. Првата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче од 12,8 км, а втората од Бутел до Кисела Вода долга 10,4 км. Со него треба да се преполови времето на патување на овие дестинации.

ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА

Изградбата на пречистителната станица во Скопје, проект кој почна во времето на Шилегов, сепак се најде и во програмата на Арсовска. Обележан со црвени букви, како стратешки проект. Но и тука има застој, по јавно изнесените сомнежи на градоначалничката за можно местење на тендерот. Ова се случи во финалната фаза за избор на компанија што ќе го гради објектот, 4 години откако стартуваше тендерската процедура. Проектот е тежок 136 милиони евра, а парите се европски, при што половината од нив се неповратен грант.

Така, сега финансиската полиција и обвинителството контролираа што се работело во „Водовод и канализација“ кои се дел од тимот што одлучува за тендерот. Во моментов се координираат како да постапат. Од Европската инвестициска банка, која е одговорна за парите, велат дека досега немало проблеми во тендерот, ама предупредија дека навлекувањето на процедурата носи ризик за губење на европските пари.

УНИВЕРЗАЛНА САЛА

Прво беше футуристичкиот проект во форма на јајце од времето на Коце Трајановски. Потоа тој се смири во проект со зелени покриви и надградба на објектот. Па дојде Шилегов кој по дебатите во јавност, најави зачувување на стариот габарит на Универзална сала и нејзина целосна реконструкција, таква каква што е. Следеше мандатот на Арсовска која се скара со архитектите во јавност поради проектот за салата, па најави ново техничко решение.

Старото идејно решение за Универзална сала
Старото идејно решение за Универзална сала

„Универзална сала ја затекнавме во лоша состојба, средствата што претходната градска власт ги доби од Владата за реконструкција неплански и несоодветно се користеле, без притоа да се има целосна техничка документација, сигурност дека овој објект ќе биде безбеден за користење и дека нема да се урне еден ден додека во салата има многу граѓани“, изјави Арсовска откако дојде на власт.

Универзалната сала не работи со години, а веќе нема ни најави кога таа ќе биде готова. Инаку Трајановски по смената на власта го критикуваше Шилегов дека му оставил готов проект и пари за салата, ама тој „не бил способен да го реализира“.

СКОПЈЕ СМАРТ СИТИ

И Скопје како дигитален град е ветување на Арсовска, ама тоа не беше доволно за да се надгради проектот Скопје Смарт сити кој го почна нејзиниот претходник со македонски Телеком.

Се работи за имплементацијата на платформа за дигитален град и систем за паметно осветлување, во чии рамки Градот склучи договор вреден 6,5 милиони евра со „Македонски Телеком“. Преку него требаше да се управува со систем од 10.000 паметни светилки, сензори за паметен паркинг, уреди за мерење на потрошувачката на вода… Ова е еден од големите проекти за кои сегашната владејачка партија СДСМ, која инаку е опозиција во градскиот совет, неодамна ја обвини Арсовска за запирање на проектот.

Ама затоа пак дигитализација влезе во Советот на Град Скопје, чии седници на почеток на мандатот на Арсовска почнаа да се пренесуваат во живо. Граѓаните сега одблизу може да ги следат сите перипетии во него.

Последна беше сагата со „крадење на микрофонот“, и расправијата меѓу градоначалничката и претседателот на Советот од ВМРО ДПМНЕ, Трајко Славевски. Ова се случува во време кога опозициската партија се „откажа“ од Арсовска незадоволни од нејзините постапки. Бараат да си даде оставка. Арсовска одбива.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG