По половина ден автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) се вратија на улиците во главниот град. Автобусите од изутрина беа гаражирани, возачите одбија да возат, оти не биле во состојба да го прават тоа, бидејќи, како што рекоа се гладни, оти не зеле плата. Тие си ја бараат неисплатената плата за септември, која според законскиот рок треба да се исплати до 15 во месецот.
„Утре на трансакциските сметки на вработените ќе биде исплатена септемвриската плата, што особено ме радува, замислите плата. Ме радува тоа што се обезбедени средства од буџетот на Град Скопје што се обезбедени средства за наредните три плати. Што значи дека ќе нема потреба да чекаме 15 за да им бидат доделени тие средства на вработените“, изјави Миќо Стојановски еден од синдикалните претставници на ЈСП.
Советот на Град Скопје на втората вонредна седница, одржана од вчера наваму со полно мнозинство изгласа одлука за пренамена на пари од локалната каса.
Градоначалничката Данела Арсовска вели дека парите што сега се наменети за плати се замена за парите што на јавното претпријатие ги должат Министерството за образование и општините.
„Она кое што верувам е дека ќе се поведе соодветна одговорност не само за она што со години се случувало во ова претпријатие, за тешката состојба во која е доведено ова претпријатие, мултимилионските долгови кои ги има ова претпријатие, тие се долгови кои повеќе од деценија се провлекуваат тука. Исто така ние како Град Скопје бараме одговорност од управните одбори кои што верувам дека треба малку поагилно да ја вршат својата работа затоа што сепак од граѓаните ги добиваат своите паушали“, рече градоначалничката.
По побараната одговорност, Управниот одбор на ЈСП реагираше дека нема надлежност да исплаќа плати на вработените. Одборот побараа оставка од градоначалничката и од директорот на ЈСП. Од Управниот одбор велат дека проблемите не треба да се „пикаат под тепих”.
„Слушнавме дека е виновна Владата, општините што не ги подмирувале своите долгови кон ЈСП, па советниците во Градот Скопје и сега на крај и УО на ЈСП Скопје. На крајот за сето ова треба да се запрашаат најодговорните за овој проблем, а тоа се знае кои се - Градоначалникот на град Скопје и В.Д. Директорот на ЈСП Скопје. Нека каже Градоначалничката зошто град Скопје му должи (заклучно со 30.09.2022 год.) на ЈСП Скопје 24 276 526 денари“, реагира Управниот одбор на ЈСП.
Арсовска на локалните избори лани се кандидираше како независен кандидат, но доби поддршка од ВМРО-ДПМНЕ и победи. По нецела година коалицирање, минатиот месец кулминираше нетрпеливоста меѓу нив, по што таа им даде отказ на неколку директори на јавни претпријатија од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а по тоа дел од директорите во знак на поддршка и несоработка со градоначалничката сами си дадоа остави.
Сега ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Арсовска.
„Арсовска да си поднесе оставка бидејќи е неспособна и ги измами гласачите. Таа свесно го уништува Скопје. Арсовска да си поднесе оставка затоа што покажува неспособност“, реагираат од партијата.
Град Скопје претходно најави кривични пријави за оние кои ја попречуваат работата на претпријатието.
Од 4:30 утрината кога вообичаено стартуваа јавниот превоз, автобусите на ЈСП не излегоа да возат, па многу граѓани не стигнаа до посакуваната дестинација.