Достапни линкови

Скопје останува без јавен превоз додека се донесе одлука за пари за ЈСП


Скопјани в четврток ќе останат без јавен превоз затоа што возачите на ЈСП не ја добија неисплатената плата. Советот на Град Скопје ја задолжи градоначалничката до петок напладне да достави одлука за прераспределба на градските пари за да се овозможи непречена работа на ЈСП.

Возачите на скопското Јавно сообраќајно претпријатие (ЈСП) утре изутрина во 04:30 часот наместо на работа, со своите семејства ќе протестираат пред седиштето на ЈСП во Автокоманда.

Скопје ќе остане без јавен превоз откако советниците на Град Скопје денеска не донесоа одлука на вонредната седница за пренамена на градски пари за исплата на септемвриската плата на вработените во ЈСП.

Синдикалните претставници револтирани од неколкучасовната кавга меѓу советниците ја напуштија вонредната седница на Советот која се одржа на барање на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Тие за медиумите изјавија дека нема да го почитуваат законот за штрајк и утре нема да ги возат автобусите.

„Нема да го почитуваме законот за штрајк нека не избркаат сите од работа, пари сакаме, немам пари дома да носам“, изјави еден од синдикалните претставници.

„Се договоривме денеска пред новинарите, дека утре во 04 и 30 наутро јавен превоз нема да има. Возачите се гладни“, изјави Миќо Стојановски еден од синдикалните претставници.

Тој додаде дека вработените во ЈСП утре ќе бидат во своите бази во Ѓорче Петров и Автокоманда и дека превоз утре ќе нема.

Синдикалаците им порачаа на советниците и на градоначалничката дека може да си тераат политика до „утре сабајле“, но кога ќе завршат со политиката утре јавен градски превоз ќе нема.

„Ама вас не ви е гајле, не користите јавен градски превоз, затоа не го решавате проблемот. Едните поднеле иницијатива, другите велат требало предлог да биде, а бе луѓе треба плата да дадете за работниците во ЈСП Скопје. Затоа решете го проблемот додека имате шанса“, им порачаа лидерот на ССМ Дарко Димовски.

По жестоки кавги советниците се договорија в петок да одлучуваат за пари за ЈСП

Советниците со 24 гласа „за“ донесоа заклучок со кој ја задолжуваат градоначалничката Данела Арсовска во соработка со надлежните сектори најдоцна до петок напладне да достави одлука до Советот за прераспределба на градските пари со кои ќе му се овозможи непречено функционирање на јавното претпријатие.

„Воедно и се препорачува на Владата на РСМ да ги исплати сите заостанати средства на Јавното претпријатие“, се вели во заклучокот за кој гласаа советниците по четиричасовната расправија.

„Доколку добиеме предлог-одлука за прераспределба на средства за помош на ЈСП и пред тој рок, ќе бидете известени за нова вонредна седница уште во текот на утрешниот ден“, рече претседавачот со Советот, Трајко Славески.

Следната редовна седница е закажана за петок во 14 часот. Денешната вонредна седница во Советот на Градот се претвори во поле за партиски обвинувања и пресметки за тоа кој е поголем криминалец и кој градоначалник и директор го уништил повеќе јавното претпријатие.

Партиски препукувања без конкретни решенија

ВМРО-ДПМНЕ за проблемите ги обвинува директорот на ЈСП како и градоначалничката Данела Арсовска и Владата.

„Зошто го велам ова, ќе почнам по ред. Во оваа програма овде која ја нудевме на граѓаните им ветувавме нови кадри и нов начин на работа, чесен и достоинствен. Луѓето ни поверуваа и јасно на изборите покажаа зад кој застанаа и кој е победникот и каква локална власт очекуваат. Но, наместо тоа, што имаме ние денес во Град Скопје, нереализирана програма, кадри од ДУИ, кадри од СДСМ, разноразни луѓе коишто практично значат неменување на нештата од тоа што било претходно, луѓето сакаа промени, а промените не ги гледаат“, изјави советничката Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ

Од друга стран, пак, СДСМ обвинува дека се случила катаклизма по само една година власт на Арсовска и партијата што ја поддржа.

Советникот Гордан Шутаров рече дека ова е првпат во историјата Градот Скопје и граѓаните да останат без јавен превоз.

„Само за потсетување во носењето на буџетот во делот на јавен локален превоз на патници беа предвидени, 350 милиони денари. На 30 јуни 2022 на 13 седница на Советот се изгласа ребалансот каде беа предвидени дополнитени 180 милиони денари за ЈСП односно ставката јавен локален превоз од 350 се зголеми на 530 милиони денари. Тоа е 8,6 милиони евра за ЈСП за денес граѓаните да не можат да ги користат услугите“, изјави Шутаров.

Градоначалничката Арсовска од говорницата упати обвинувања кон ВМРО-ДПМНЕ и кон Мицкоски.

„Нема да ви го шетам шпицниот градоначалник, кој секој ден сече ленти за отворање на чешми. Ако сакал да биде градоначалник, што не се кандидирал? Вашиот директор (Игор) Јанушев (директор на ЈСП во времето на власта на ВМРО-ДПМНЕ – н. з.), еве го овде на слика, склучил штетен договор со Маратон со кој за да бидат налепени автобусите со реклами ЈСП добива 7.000 денари, а фирмата 2.000 евра. Е такви штетни договори вашите луѓе склучувале и директно сте одговорни за загубите на ЈСП“, изјави Арсовска.

Со неколку автобуси раководството на ЈСП и Град Скопје во знак на протест денеска ја блокираше улицата пред Владата. Автобусите во текот на денешниот ден возеа со намален капацитет поради што доцнеа и повеќе од половина час на автобуските постројки.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG