Достапни линкови

(Не)грижата за јазикот е нашиот идентитет


илустрација
илустрација

Нема вработувања во институциите кои треба да го чуваат и негуваат македонскиот јазик. Тоа е само еден аспект од институционалната (не)грижа за мајчиниот јазик. Професори по македонски јазик и литература апелираат за поголеми вложувања во учење и истражувања на јазичните прашања, за да покажеме дека јазикот е нашиот идентитет.

Фактот што во последните 24 години на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ било одобрено само едно вработување е само еден од показателите дека не се грижиме за македонскиот јазик, коментира стручната јавност. Во моментот во Агенцијата за вработување евидентирани се 89 невработени професори по македонски јазик и тројца лектори. Не е мал ниту бројот на оние кои завршиле македонски јазик и литература, а работат друга професија.

Од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ најавија нови 17 вработувања, а премиерот Димитар Ковачевски порача дека новите вработувања се всушност знак дека државата се грижи за македонскиот јазик низ дела и дека јазикот живее и ќе живее и преку неговата активна употреба.

Но дел од македонистите со кои разговаравме велат дека и покрај декларативните заложби дека јазикот е нашиот идентитет, практиката не го покажува тоа.

„Видливо е дека јазичните прашања и јазикот воопшто нам како на општество ни е на последно место и тоа го гледаме преку се помалиот број лектори во јавните институции, преку нелекторираните веб страници на јавни институции што значи дека власта и самата го крши законот за македонски јазик, преку тоа што постои голема негрижа на пример за првото училиште во коешто се зборувало и се предавало на македонски јазик веднаш по НОВ, преку тоа како се однесуваме кон книжевното наследство на книжевните великани како Попов, Конески, Јаневски и редица други преку немањето архиви за нивното творештво, сето тоа покажува дека ние малку се грижиме за јазичните прашања особено во време кога тој јазик е загрозен од страна, вели Татјана Ефтимоска,“ лектор и професор по македонски јазик и литература.

Упатените велат дека институционалната (не)грижа за јазикот меѓу другото се гледа и во недостигот на кадар во институциите кои треба да го чуваат и негуваат македонскиот јазик, вклучувајќи ги тука институтите за македонски јазик, книжевност и за фолклор, а потоа и катедрите за македонски јазик на факултетите.

Покрај потребата од поголема институционална грижа за јазикот, потребна е и индивидуална грижа, истакнува доцент доктор Ана Витанова-Рингачева, шеф на катедрата за македонски јазик и литература на Филолошкиот факултет при УГД во Штип.

„Тоа подразбира дека секој поединец треба пред се да има индивидуална грижа кон јазикот во смисла правилно да го говори, правилно да го пишува, правилно да го употребува, еве на пример на социјалните медиуми и кога сите овие фактори заедно би се споиле тогаш мислам дека таа грижа ќе биде на многу повисоко ниво“, вели Витанова-Рингачева.

Слабиот интерес за изучување на јазикот е уште еден показател за недоволната грижа за мајчиниот јазик.

Така на пример годинава од предвидените 190 места, само 16 средношколци се пријавиле во првиот уписен рок на катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност и култура на УКИМ. Осуммина од нив ќе студираат македонски јазик, седуммина македонска книжевност и јужнословенски книжевности, а еден вонреден студент е запишан на отсекот за книжевност.

„За жал освен оние млади кои негуваат романтичарска љубов кон јазикот, останатите тешко се мотивираат. Но ние не смееме да се откажеме од нашата идеја да ги мотивираме да студираат македонски јазик. Еве ние на нашата катедра тоа го правиме преку различни кампањи за тоа што значи јазикот, дека не морат да бидат само училиштата простор каде што можат да се реализираат, туку и издавачките куќи, библиотеки, ПР агенции и други и се разбира многу важно е стипендирањето на студентите. Државата мора да ги заштити националните катедри по македонски јазик и историја со посебен закон со тоа што студентите ќе имаат некаква финансиска поддршка, но и загарантирано вработување“, вели Витанова-Рингачева.

Од друга страна пак се чини дека секоја следна генерација сè послабо го зборува мајчиниот јазик. Имаме средношколци, но и студенти кои недоволно добро знаат да зборуваат и пишуваат на македонски јазик.

Професорката Искра Пановска-Димковa од Катедрата за македонски јазик при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, смета дека државата мора да усвои стратегија за македонскиот јазик и да обезбеди финансии за да се надмине проблемот на генерации кои се потешко го зборуваат мајчиниот јазик, поради наплив на англицизми за кои нема никаков филтер.

„Овој проблем се надминува со стратегии, со емисии кои ќе бидат интересни за младите, коишто ќе бидат на македонски јазик со интересни апликации за телефони, компјутери, игри, коишто ќе бидат на македонски јазик, па на тој начин некако едноставно дури и без да се сетат да им се вметнува или наложува потребата на македонскиот јазик“, вели Пановска-Димковa.

Му штети ли интернетот на литературниот јазик?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:37 0:00

Со сличен став и Ефтимоска. Таа смета дека треба многу да се вложува во образованието, а јазичните прашања да бидат допадливо присутни кај младите луѓе за тие да се натераат да читаат на својот мајчин јазик.

„Потребна е доследна примена на законот за македонски јазик секаде каде што тоа е потребно и преку многу вложувања во иновации и истражувања на јазични прашања, што ќе покаже дека за нас како општество, јазикот е навистина идентитетот и нешто во кое ние се крстиме и пред самите себе и пред соседните народи“, вели Ефтимоска.

Инаку во земјава сѐ уште ниедна издавачка куќа, државни институции, дури и медиуми, и секаде каде што законот вели дека мора да се има лектор, тие не се вработуваат.

Професорите очекуваат ваквата состојба да се промени со донесување на Законот за македонски јазик, во кој е предвидено отворање нови лекторати, учење македонски јазик на сите факултети една година, задолжително вработување лектори во сите државни институции итн.

Сето ова се случува во време кога Бугарија ни го негира постоењето на македонскиот јазик, меѓу другото и преку Бугарската академија на науките.

Во август 2020 година официјална Софија испрати меморандум до земјите членки на ЕУ, во кој наведе дека Македонците не постоеле до 1944 и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Од Македонската академија на науките и уметностите тогаш остро реагираа на ваквите тврдења испраќајки промеморија за државотворноста и идентитетот на македонскиот народ, како и посебноста на македонскиот јазик.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG