Достапни линкови

Зградата на „Технометал Вардар“ опасна руина во центарот на Скопје


Зградата на Технометал Вардар во ценарот на Скопје
Зградата на Технометал Вардар во ценарот на Скопје

Се распаѓа поранешната зграда на Технометал во центарот на Скопје. Просторот е небезбеден, ама има сопственик, па институциите се правдаат дека имаат ограничени надлежности. Околните станари живеат во страв.

Секој ден кога ќе излезе од дома Гоце Мојсовски погледнува нагоре за некое дрво или парче лим да не му падне врз главата. Со своето семејство живее во строгиот центар на Скопје, а неговиот стан е лепенка со некогаш репрезентативната зграда на „Технометал Вардар“.

Ама откако фирмата отиде во стечај, а зградата доби нов сопственик, од февруари почна кошмарот за Мојсовски.

Вели дека преку ноќ бил отпуштен чуварот кој колку толку се грижел за безбедноста на објектот. Бидејќи зградата останала незаштитена, во неа почнале да влегуваат луѓе кои го ваделе се она што има некаква вредност. Му го обиле и влезот, а и покривот за оттаму да се качуваат на покривот на „Технометал Вардар“ направен од бакар, по што продолжиле да го корнат и лимот со којшто е обложен.

А сето тоа и среде бел ден, над главите на минувачите на улица „Македонија“. Еднаш за влакно избегнал да биде погоден од парче кое паднало од покривот на зградата.

Мојсовски покажува кон руинираниот објект кој е лепенка со неговата зграда
Мојсовски покажува кон руинираниот објект кој е лепенка со неговата зграда

„Не е безбедно воопшто затоа што паѓаше лим, паѓаа дрва одозгора кога поминуваа луѓе, пред влезот на зградата паѓаа, позади исто паѓа шут каде што се поминува на паркот. Едно време имаше една жолта лента веројатно од сопственикот поставена дека паѓа шут, сега и таа е искината. Ги извадија решетките од атмосферската канализација и тука има дупки и може да се пропадне ноќе. Во радиус од 50 метри тука не е безбедно“, раскажува Мојсовски.

Пријавувале десетици пати во полиција, контактирале и со сопственикот кој им бил достапен во првите месеци, но решение сѐ уште не нашле. На неколку недели бил ангажиран чувар, ама и него брзо го снемало.

Па така, станарите останале сами, да се борат со ветерници и залудно да пријавуваат кај надлежните. Како што раскажува Мојсовски, полицијата еднаш ги уапсила тие што влегувале во зградата, ама за една недела повторно се вратиле назад.

Опасна руина во центарот на Скопје
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:16 0:00

Пожарот од пред некој ден дополнително го разгоре револтот за опасната петкатница во центарот на Скопје која има околу 8000 квадрати. Нејзин сопственик сега е познатата скопска компанија „Буши Фашион“. Ама, ако некогаш оваа зграда беше гордост за Скопје, сега е вистинска руина сместена меѓу пешачката зона на улица „Македонија“, белата палата на ВМРО ДПМНЕ и некогашен Рекорд.

Иако во неколку наврати беше чистен, просторот околу зградата секојдневно се полни со шут, ѓубре и искршени стакла. И за време на нашата посета на објектот внатре се движеа неколку лица. Двајца работници надвор пак се обидуваа да го исчистат дворот, изнесувајќи купишта стакло, градежен шут и изгорени материјали од минатонеделниот пожар кој според проценките на пожарникарите направи материјална штета од 9.000 илјади денари.

Во неформален разговор, работниците кажаа дека се ангажирани од сопственикот на зградата за да го исчистат дворот. Се жалеа на луѓето кои влегуваат во објектот и им фрлаат стакла. Додека разговаравме, се слушна ново кршење стакло на првиот кат во зградата, од кое дел заврши надвор, во дворот.

Одржувањето на просторот треба да биде задача на сопственикот на објектот, барем според законот за јавната чистота, а за контролата се задолжени општинските инспектори.

Откорнати решетки во дворот на зградата
Откорнати решетки во дворот на зградата

Од Општина Центар потврдија дека нивни инспектори излегле на терен и изрекле опомена за фирмата „Буши фашион“. Всушност досега, напишале две казни. Едната за паднат градежен шут на државно земјиште, односно на плочникот кој гледа на улица „Македонија“, а второто било решение за отстранување на смет и отпад во приватен имот.

„Истото решение е испочитувано од страна на сопственикот, а отпадот беше веднаш отстранет, со помош на градежна механизација“, велат од општината.

Еднаш излегол на терен и овластен градежен инспектор од Центар и извршил увид на објектот, но тоа го сторил за да даде решение за отстранување за доградба на локал на улица „Македонија“.

„Сопственикот Буши Фашион од Општина Центар досега нема побарано одобрение или дозвола за вршење на било какви градежни работи и активности на фасадата на зградата“, велат од Општината.


Од Град Скопје пак појаснуваат дека имаат врзани раце бидејќи се работи за приватен објект, па велат дека надлежна е општината.

„Град Скопје согласно закон нема градежна инспекција ниту ингеренции, а за конкретниов случај веќе ги има информирано надлежните општински инспекции“, велат од Градот.

РСЕ во текот на изминатата недела се обиде да добие став за проблемот од компанијата „Буши Фашион“. Оттаму ни кажаа дека сопственикот не е во земјата, но ветија дека штом ќе се врати ќе организираме состанок, што не се случи до објавувањето на текстот. Она што е познато од досегашните медиумски објави, е дека планот за зградата на Технометал е таа да стане хотел.

Фирмата „Технометал Вардар“ беше основана пред 60 години и во времето на поранешна Југославија беше водечка во трговијата со мермер, челик, обоени метали и неметали, опрема и машини. Транзицијата беше тежок период, па компанијата во 2019 година отиде во стечај. Со нејзиното работење се врзуваат познати имиња во јавноста, како Трифун Костовски, Минчо Јорданов, Ристо Гуштеров.

Меѓу раководството во компанијата бил и дедото на Гоце Мојсовски, поради што со оваа зграда го врзуваат убави спомени.

Ама истата таа зграда сега е опасност и за него и за неговото дете кое има 1,5 година.

„Ми се плаче“, вели Мојстовски погледнувајќи кон руинираниот објект.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG