Достапни линкови

Пишман асфалтирање на паркот


Град Скопје ги асфалтира пешачките патеки во Градскиот Парк
Град Скопје ги асфалтира пешачките патеки во Градскиот Парк

Градоначалничката Данела Арсовска вчера се пофали дека ги асфалтираат земјените пешачки патеки во Градскиот Парк. Директорот на Улици и патишта денеска вели дека таа не била добро разбрана. Граѓаните реагираа што булевари стојат раскопани со месеци, а паркот го асфалтираа во еден ден.

По бурните реакции во јавноста за асфалтирањето на земјените патеки во Градскиот Парк, скопската градоначалничка се пишмани. Патеките нема да се асфалтираат.

Вчера беше асфалтирана патеката околу лавиринтот, а Градот најави дека ќе се асфалтираат вкупно 7.500 метри земјени патеки во овој дел од паркот. Денеска работниците од Улици и патишта почнаа да поставуваат ризла на останатите патеки.

Директорот на ЈП Улици и патишта Борис Настов денеска вели дека немале намера да асфалтираат земјени патеки, туку погрешно биле разбрани.

Сепак, градоначалничката Данела Арсовска вчера јасно кажа дека „од вкупната површина, 7.500 квадратни метри се пешачки патеки што се покриени со ризла кои ќе бидат асфалтирани, а 5.000 квадратни метри пешачки патеки кои се затекнати во лоша состојба со големи оштетувања, ќе бидат санирани со нова асфалтна маса“.

Во однос на патеката околу лавиринтот, која е веќе асфалтирана, Настов вели дека ќе биде покриена со тартан, пренесува денеска СДК.

„Просторот околу лавиринтот ќе биде со тартан. Мора прво асфалт да се стави па после тартан. На патеките ќе има или ризла или речен камен и песок односно природни материјали“, рече Настов.

Арсовска вчера на Фејсбук се пофали дека ги асфалтирале пешачките патеки во Градскиот Парк, меѓу кои и оние кои беа покриени со ризла.

Јавноста бурно реагираше на потегот. Архитектите велат дека тие патеки 100 години не биле асфалтирани со причина, за да се задржи природниот амбиент и посочуваат на парковите во западноевропските држави, други се жалат дека асфалтот ќе загрева, а трети прашуваат како градот успеа за еден ден да го асфалтира паркот, а со месеци стои раскопан булеварот Киро Глигоров од Мостот Близнак кон Бриколаж.

Други, пак, потсетуваат дека Арсовска стана градоначалничка со ветување за бесплатен јавен превоз.

Од Град Скопје, пак, соопштија дека асфалтирањето се врши од практични причини. Граѓани се жалеле дека на земјените патеки се собира вода, кал, а од ризлата се крева прашина и се разнесува на сите страни.

„Мајки се жалеа дека до детското игралиште не можат да пристапат со количка“, изјавиле од Град Скопје за порталот СДК.

Архитектонската платформа Македонска архитектура (МАРХ) реагираше дека патека од песок не е незавршен проект, туку наменски дизајн.

Со реакција се јави и поранешниот градоначалник Петре Шилегов.

Дел од граѓаните стравуваат дека додека е залауфана, Арсовска може да го асфалтира целиот парк, па да продолжи и кон Водно.

Други очекуваат, кога ќе се заврши „оплеменувањето“, во паркот да се појави чичко со колички на акумулатор, кој ќе им ги изнајмува на децата за 50 денари по круг околу лавиринтот.

Други, пак, коментираат дека цела држава е уништена, а никој не реагираше, а сега се дигна узбуна за неколку патеки.

За тргање на асфалтот е потребна една хилта и еден ден работа, има и поголеми штети, коментираат други.

Дел од луѓето коментираат дека градоначалничката се води од народната „џабе работи, џабе не седи“.

Други, пак, посакуваат џабе да седи.

Други, пак, го доживуваат асфалтирањето на патеките како да се поправи часовникот на Старата железничка, кој е заглавен на 5:17, времето кога Скопје го погодил разорниот земјотрес на 26 јули 1963 година. Поранешниот градоначалник Коце Трајановски имаше такво ветување во предизборната програма, но се откажа од таа идеја.

Од МАРХ реагираат дека патеки со чакал може да се сретнат во секој поголем стар парк низ светот, Версајските градини, Паркот Луксембург во Париз, Централ Парк во Њујорк, потоа хортикултурното уредување на сите дворци и палати - буквално насекаде.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG