Достапни линкови

Вести

Димитриевски: Во Прилеп формирано здружението „За нашите граѓани“

Актуелниот градоначалник на општина Куманово и претставникот од граѓанското здружение „За наше Куманово“ Максим Димитриевски
Актуелниот градоначалник на општина Куманово и претставникот од граѓанското здружение „За наше Куманово“ Максим Димитриевски

Актуелниот градоначалник на општина Куманово и претставникот од граѓанското здружение „За наше Куманово“ Максим Димитриевски, вечерва во Прилеп се обрати на граѓанскиот собир со цел претставување на прилепското граѓанско здружение „За нашите граѓани“, кое е формирано по примерот на граѓанското здружение „За наше Куманово“.

Во своето обраќање, Димитриевски истакна дека тоа што се случило на 11 Октомври 1941 година во една демократска форма сакале или не ќе мора повторно да се случи, бидејќи ако сакаме работите да се менуваат на подобро тогаш мора да се биде помеѓу граѓаните и да се направи заедничко движење за Македонија кое ќе овозможи реални и суштински промени, а граѓаните да ја добијат државата повторно назад.

„Граѓаните ќе ја добијат државата назад бидејќи Македонија е узурпирана држава, Македонија ја водат и лево и десно, но секогаш по исти терк и исто клише. Ја држат луѓе кои бараат да им се служи, а не луѓе кои сакаат да служат. Ние во Куманово, уште пред една година се одваживме и заедно рамо до рамо со граѓаните застанавме, првиот ден бевме малку, но вредни, чесни и достоинствени. Последниот ден кога се гласаше бевме на 26 илјади гласа и им испративме јасна порака на сите во Куманово и Македонија дека има нови сили во државата кои се подготвени да излезат и да работат од граѓаните за граѓаните. Благодарам на сите од иницијативниот одбор, што ќе учествуваат во основачкото собрание, а основната цел е првично да се има автономија во делот на одлучување и да се одлучува за граѓаните, бидејќи здружението се формира од прилепчани за прилепчани“, потенцираше Димитриевски.

Дали партиските превирања ќе ја погодат Владата?

Тој посочи дека вечерашниот собир е да се одбележи денот на формирање на здружението „За нашите граѓани“ во Прилеп и да ги повикаат останатите прилепчани да се приклучат, бидејќи намерата на ова здружение е да се шири низ цела Македонија.

„Ние ќе продолжиме да работиме во сплотување на македонскиот народ, негово обединување без разлика дали доаѓа од лева или десна провиненција и поголемо заемно почитување и зближување на сите етнички заедници во нашата држава, бидејќи оваа држава Македонија им припаѓа на сите. Бидете горди, вечерва сме 100, 200, 300, задутре ќе бидеме 500тини, до крајот на месецот 1000 и потоа е само пат на математичка прогресија да се постигне конечната цел, а нашата конечна цел е Македонија да ја вратиме назад во рацете на граѓаните, бидејќи големо фајде од политичките партии и субјекти не видовме. Нека ни е среќен и долговечен празникот, честитки и успех на здружението „За нашите граѓани“, изјави Димитриевски.

види ги сите денешни вести

Косово во ЦЕФТА ​​ќе го претставуваат косовските претставници

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Амбасадорот на Германија во Косово, Јорн Роде најави дека отсега Косово во ЦЕФТА (Централноевропски договор за слободна трговија) ќе го претставуваат косовските претставници, а не Мисијата на ОН на Косово (УНМИК).

Голем чекор напред кон еднаква застапеност и учество во ова регионално тело“, напиша Роде на социјалната мрежа Икс.

Косово е претставено во ЦЕФТА од УНМИК од 2007 година, кога и се приклучи на оваа регионална иницијатива.

Владата на Косово и претходно инсистираше на промена на застапувањето во ЦЕФТА, но Германија неодамна понуди решение: да се стави ѕвездичка до името на Косово што во фуснотата ќе означува дека статусот на Косово не е конечно решен.

За возврат, од Косово беше побарано да ја укине забраната за увоз на стоки од Србија, што официјална Приштина делумно го стори на 7 октомври.

Како што објасни премиерот на Косово, Албин Курти, стоката од Србија преку граничниот премин Мердаре ќе може да влезе со зголемена контрола, додека слободен проток на стоки од Србија ќе биде можен и на другите премини кога ќе се набави скенер за проверка на камионите.

Косово инсистираше на ставот дека тие мерки не се од економска, туку од безбедносна природа.

Инаку, ЦЕФТА извесно време беше блокирана поради забраната на Косово за увоз на стоки од Србија и начинот на кој Косово беше претставено во оваа иницијатива.

Деблокирањето на ЦЕФТА доаѓа во пресрет на 10-годишнината од Берлинскиот процес, кој се одржува на 14 октомври. Берлинскиот процес е и регионална иницијатива која има за цел да го помогне економскиот развој на шесте земји од Западен Балкан и нивниот пристап кон Европската унија (ЕУ).

Косово е дел од Берлинскиот процес од неговото основање во 2014 година, а дел од потпишаните договори во рамките на оваа регионална иницијатива се договорот за меѓусебно признавање на лични карти, универзитетски дипломи, професионални квалификации и соработка во областа на транспортот, енергетиката, екологија, дигитализација и роамингот.

Најмалку 12 загинати Палестинци во израелски напади во Газа

Луѓе носат спасени предмети среде урнатини на згради оштетени за време на израелскиот воздушен напад претходната ноќ на бегалскиот камп Буреиџ во централниот дел на Појасот Газа на 8 октомври 2024 година.
Луѓе носат спасени предмети среде урнатини на згради оштетени за време на израелскиот воздушен напад претходната ноќ на бегалскиот камп Буреиџ во централниот дел на Појасот Газа на 8 октомври 2024 година.

Во израелски напади загинаа најмалку 12 Палестинци, вклучително и девет членови на исто семејство во северниот и централниот дел на Појасот Газа, објави рано на 9 ноември официјалната новинска агенција на палестинската управа ВАФА.

Девет членови на семејството се убиени во напад на нивниот стан во населбата Шејаја во северниот дел на Газа, објави ВАФА, повикувајќи се на лекари од палестинската Црвена полумесечина.

Во израелскиот напад, уште тројца други се убиени во бегалскиот камп Нусејрат во центарот на Газа, меѓу кои и едно дете, а неколкумина се ранети, додаде ВАФА.

Војната во Газа започна откако Хамас, наведен како терористичка организација од САД и Европската унија, го нападна јужниот дел на Израел на 7 октомври, убивајќи околу 1.200 луѓе и зеде 250 заложници.

По масакрот на Хамас, главно на цивили, Израел започна офанзива против Газа.

Според Министерството за здравство на Газа, под контрола на Хамас, во борбите загинале повеќе од 42.000 луѓе. На таа палестинска територија живеат околу 2,3 милиони луѓе.

Израелската војска на 7 октомври објави дека минатата година бомбардирала повеќе од 40.000 цели во Газа, открила 4.700 тунели и уништила 1.000 локации за лансирање ракети.

Конфликтот во Газа се уште трае, додека Израел сега се бори на друг фронт во јужен Либан против Хезболах.

Утрото на 7 октомври, Хезболах, прогласена за терористичка организација од страна на САД, истрела ракети врз северните израелски градови Хаифа и Тиберија, предизвикувајќи штета и некои полесни повреди, според израелската полиција.

Европската унија го стави на црната листа вооруженото крило на Хезболах, но не и неговото политичко крило, кое има места во либанскиот парламент.

Во последните неколку недели, Израел ги бомбардира јужните предградија на Бејрут и врши копнеен упад во јужен Либан во обид да го уништи Хезболах.

Кампањата на Израел против Хезболах го натера покровителот на групата, Иран, да одговори со напад врз еврејската држава со низа ракети, од кои огромното мнозинство беа уништени од израелската противвоздушна одбрана без да предизвикаат значителна штета, но нападот ги оживеа стравувањата од ширење на конфликтот во регионот.

ЕУ ќе воспостави хуманитарен воздушен мост за Либан

Европската Унија ги мобилизира сите алатки за реакција при итни случаи со кои располага, за да обезбеди поддршка на луѓето погодени од актуелната криза во Либан, информираше денеска (9 октомври) портпаролот на ЕК за хуманитарна помош и справување со кризи Балаж Ујвари.

„Денеска, ЕУ започна операција за хуманитарен воздушен мост за помош на луѓето во Либан, што ќе се состои од три лета, со кои, меѓу другото, ќе бидат дистрибуирани средства за хигиена, ќебиња и објекти за сместување“, изјави Ујвари.

Авионите ќе полетуваат од Дубаи и Бриндизи, а предвидено е првиот да пристигне во Бејрут на 11 октомври.

Преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ уште од минатата недела во Бејрут се испорачува помош од Шпанија, Словачка, Полска, Франција и Белгија, а во наредните денови ќе биде транспортирана и дополнителна помош од Грција. Транспортните трошоци и координацијата на овие испораки го обезбедува Европската комисија.

Ујвари потсети дека оваа помош од земјите членки вклучува и лекови и медицински производи, кои се од клучно значење за помош на луѓето во Либан се кои се сочуваат со неможност за пристап до здравствена заштита, пред се за присилно раселените лица.

„Оваа помош доаѓа како дополнување на околу 104 милиони евра хуманитарна помош од ЕУ доделена за Либан оваа година, вклучувајќи ги и најновите итни исплати“, додаде Ујвари.

Инаку, како што информира Еврокомисијата, Координативниот центар за одговор при итни случаи на ЕУ останува во близок контакт со земјите членки и хуманитарните партнери за да се мобилизира дополнителна помош.

Белоруските власти конфискувале куќа на директор на телевизија означена како „екстремистичка“

Алексеј Џикавитски
Алексеј Џикавитски

Белоруските власти ја запленија куќата на Алексеј Џикавитски, вршител на должноста директор на телевизија Белсат, независен белоруски информативен канал, со седиште во Полска.

Куќата, која се наоѓа во областа Пинск во западна Белорусија, ја изградил дедото на Џикавитски, кој го преживеал советскиот Гулаг пред речиси еден век.

Запленувањето на имотот означува уште еден чин на репресија под режимот на белорускиот моќник Александр Лукашенка, кој го засили притисокот врз опозициските фигури и независните медиуми во последниве години.

Џикавитски, кој живее во Полска, добил официјално известување од Истражниот комитет на Белорусија во кое се наведува дека неговата семејна куќа е запленета.

„Ниту сталинистичките власти не ја одзедоа куќата што дедо ми, означен како „непријател на народот“, ја изгради пред да биде испратен во гулаг“, рече Џикавитски.

Неговите баба и дедо еднаш дури дозволиле куќата да се користи како училиште за локалните деца пред да се формира формално училиште во селото.

Прецизните правни основи за конфискацијата остануваат нејасни, но телевизијата Белсат беше означена како „екстремистичка организација“ од режимот на Лукашенка, а владата има историја на таргетирање поединци поврзани со опозицијата.

Законот потпишан од Лукашенка во јануари 2023 година дозволува конфискација на имот од граѓани и организации кои се занимаваат со таканаречени непријателски акции против Белорусија. Законот се користи за да се оправдаат запленувања на имот од истакнати опозициски фигури, вклучувајќи ги Свјетлана Циханускаја, Валер Цапкала и други дисиденти.

Ситуацијата околу домот на Џикавитски ја истакнува тековната репресија врз медиумските фигури и активисти во Белорусија, додека Лукашенка ја покажува контролата врз власта.

Уставниот суд го укина „балансерот“

Седница на Уставен суд (илустрација)
Седница на Уставен суд (илустрација)

Уставниот суд донесе одлука за укинување на „балансерот“ - алатката за вработување според национална припадност во државните институции. Одлуката нема да важи ретроактивно.

Повеќе за одлуката, како што е највено, ќе информира претседателот на Уставен суд Дарко Костадиновски, на прес-конференција по денешната 27-на седница.

Уставниот суд на 18 септември на седница расправаше дали со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „обврска на кандидатите за админстративни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.

Уставните судии тогаш одлучија да отворат предмет за употребата на балансерот при вработувањата и времено го замрзнаа „балансерот“.

Предметот, оформен по иницијатива поднесена од стариот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), ги оспорува член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“ од Законот за вработените во јавниот сектор, член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“ од Законот за административни службеници и член 2 став 1 алинеја 8 и член 3 алинеја 1 во делот „припадност на заедница” од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор.

Според подносителот на иницијативата (ДКСК) со примена на оспорените законски одредби се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции и владеењето на правото загарантирани со одредбите во членовите 9, 32 став 1 и 2, 54 став 1, 2 и 3 од Уставот.

Според подносителот, со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место.

Раскинат е договорот со компанијата што ја снабдуваше Армијата со храна

македонски војници (илустрација)
македонски војници (илустрација)

Договорот со надворешната компанија што ја снабдуваше Армијата со храна е раскинат, потврди денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски.

„Еднострано е раскинат договорот кој имаше многу недостатоци. За да не биде политичка одлуката како министер за одбрана направив Комисија заедно со Министерството за одбрана, Генерал-штабот и Армијата која ги прегледа сите записници и констатираше премногу пропусти и заедно со Армијата ни даде препорака да биде раскинат договорот. Договорот е раскинат и течат сите законски прописи, но мене најважно од сè ми е да не се наруши борбената готовност и секој припадник на Армијата да биде безбеден“, рече Мисајловски во одговор на прашање на отчетот за 100 дена Влада.

Тој истакна дека преку 60 припадници беа затруени заради небезбедната храна што им се служела во кантините и посочи дека здравствените власти нашле некои бактерии на работните површини што компанијата која вршела кетеринг не ги отстранила при првата опомена. Затоа, посочи тој, овој договор морало да биде раскинат.

„Согласно Колективниот договор на секој припадник во Армијата и Министерството му следи надомест за хранарина. Бидејќи договорот е раскинат на секој припадник ќе му биде исплатен надомест за хранарина. Во делот на Армијата каде мора да има оброци тоа веќе го регулиравме и ќе се готви во Армијата како што беше и пред неколку месеци“, посочи Мисајловски.

Во иднина, како што кажа, може да се спроведат две постапки, односно целосно да се исплаќа хранарина по основ на Колективен договор или да се распише нова постапка за нова кетеринг компанија за што, како што најави министерот, веќе биле обезбедени средствата во буџетот.

Средба Вучиќ-Касаноф, Косово во фокус на разговорите

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска (9 октомври) во Белград, разговарал за ситуацијата во регионот со заменик-помошникот државен секретар на Соединетите Држави (САД) за Западен Балкан, Александар Касаноф.

„Пред сè, ја истакнав исклучително тешката и сложена ситуација во Косово и Метохија и укажав на речиси невозможните услови во кои живее српскиот народ на Косово и Метохија“, објави Вучиќ на 9 октомври на социјалната мрежа Инстаграм.

Тој додаде дека за конструктивен дијалог се потребни две страни и дека Србија останува посветена на мирно решавање на проблемот „и покрај непотребната еднострана ескалација на тензиите“.

Вучиќ најави дека се разговарало за клучните прашања поврзани со зајакнувањето на соработката и европската интеграција на Западен Балкан, како и за светските предизвици кои влијаат на стабилноста на регионот.

Тој најави и дека биле разгледани потенцијалите за зајакнување на билатералните односи меѓу Србија и САД, како и подобрување на енергетската соработка и нови инвестиции во проектите што Србија ги планира.

Вучиќ средбата со Касаноф ја оцени како добра.

Иранскиот министер за надворешни работи, Арагчи во посета на Саудиска Арабија

Абас Арагчи
Абас Арагчи

Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека највисокиот дипломат на Техеран, Абас Арагчи, денеска попладне (9 октомври) ќе пристигне во Саудиска Арабија каде што според најавите ќе се фокусира на разговори за запирање на војната на Блискиот Исток што се шири.

Целта е понатамошни дипломатски напори „за да се запре геноцидот и агресијата на израелскиот режим и да се ублажат болките и страдањата на нашите браќа и сестри во Газа и Либан“, напиша портпаролот на иранското МНР Есмаил Багаи на платформата X.

„Мора да се запре масакрот и агресијата“, додаде портпаролот.

Минатата недела Арагчи денеска беше во посета на главниот град на Либан, Бејрут, во момент кога се интензивирани израелските воздушни напади врз цели на Хезболах во Либан.

Тоа беше прва посета на висок ирански претставник по убиството на лидерот на Хезболах, Хасан Насрала на 27 септември во израелски воздушен напад врз Бејрут.

Бајден и Нетанјаху ќе разговараат за израелскиот одговор на нападот на Иран

Американскиот претседател Џо Бајден и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху (архивска фотографија)
Американскиот претседател Џо Бајден и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху (архивска фотографија)

Американскиот претседател Џо Бајден денеска (9 октомври) ќе оствари телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, со кого како што јавуваат медиумите ќе дискутира за потенцијални воени акции против Иран, јавуваат медиумите.

Според неименувани извори на кои се повикува американскиот портал, Аксиос и агенцијата Ројтерс, Соединетите Држави сакаат да го искористат овој разговор за да се обидат да влијаат на одговорот на Израел на иранските провокации.

„Сакаме да се увериме дека Израел напаѓа цели во Иран кои се значајни, но не несразмерно“, рече еден американски функционер.

Белата куќа не одговори на барањето за коментар за наводите.

Иран минатата недела лансираше ракети кон Израел, но во нападот немаше жртви. Вашингтон го нарече нападот „неефикасен“, додека Нетанјаху предупреди дека „најголемиот непријател на Израел, Иран“ ќе плати за ракетниот напад, што ги зголемува стравувањата од поширока војна во регионот.

Америка и другите сојузници го повикаа Израел на прекин на огнот во Газа и Либан, но официјален Израел најави дека ќе продолжи со воените операции додека Израелците не бидат безбедни.

Ердоган во посета на Србија на 10 и 11 октомври

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, на 10 и 11 октомври ќе престојува во официјална посета на Србија, соопшти Кабинетот на српскиот претседател Александар Вучиќ.

Се наведува дека негов домаќин ќе биде претседателот на Србија, Александар Вучиќ, додека деталите за посетата не се соопштени.

Претходно, Ердоган ја посети Србија во септември 2022 година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG