Достапни линкови

По пандемијата, сега и војната во Украина удри по туризмот


Иако бројот на украински и руски туристи во земјава не беше голем, туристичкиот сектор оваа сезона ќе остане покус за гости од овие две земји. Туристичките работници стравуваат дека по последиците од пандемијата, и оваа година би можела да биде тешка и неизвесна, поради руско-украинскиот конфликт

Уште неизлезени од пандемијата со ковид 19, туристичкиот сектор е повторно на удар. Војната во Украина ќе се одрази на бројот на украински и руски туристи, иако нивниот број не беше значителен, велат вработените во туристичкиот сектор. Оттаму очекуваат бројот на гости дополнително да се намали, пред се, поради неизвесноста која ја носи кризата во Украина и стравот на луѓето од проширување и продолжување на конфликтот.

„По некои проценки излегува дека годинава ќе биде уште полоша од лани, ако војната продолжи. Со продолжувањето на војната се отежнува секаков вид на сообраќај, се зголемува цената на енергијата, цените на артиклите за прехрана се оди нагоре. И во такви услови не можеме да дадеме цена предвреме. Ова ќе има влијание врз други гости. На пример, гостите од Полска се веќе во намален број, не е како што очекувавме и тоа е така бидејќи луѓето не се чувствуваат комотно да уплатат одмор и чекаат што ќе се случи со војната во Украина“, вели Крсте Блажевски, претседател на Асоцијацијата на хотелиери во Македонија.

Од Асоцијацијата за промоција и поддршка на туризмот велат дека и покрај успешното менаџирање на претходната година, воените дејствија во Украина ќе биде шок со кој ќе треба да се справува туристичкиот сектор. Ова ќе биде тешка и специфична година за овој сектор, вели директорот на АППТ, Љупчо Јаневски.

„Ако ги погледнеме резултатите од туристите од Украина и Русија откако ги воспоставивме линиите со овие две земји, може да се забележи скок на бројот на ноќевања од страна на тие туристи. Но со моменталната состојба , 2022 година е завршена за тие пазари и мислам дека следат уште неколку години на стабилизирање на тие неколку дестинации и не очекуваме поголем број од Украина, Белорусија и Руската федерација“, вели Јаневски.

Само три и пол проценти од вкупниот број на туристи кои лани ја посетиле земјава биле од Украина и Русија, но пораката и сигналот дека тие пазари ја препознаваат Македонија како дестинација за одмор, многу значеше, истакнува Јаневски. Во однос на туристи од другите земји не се очекуваат поголеми последици, велат од Агенцијата.

„Сега за сега немаме откажувања, се уште тур-операторите се оптимисти дека кризата во Украина нема да се прелее во останатите делови во Европа. Секако дека состојбата не е баш комотна, но и покрај тоа што пандемијата добро ја менаџираме и е во надолна линија, ова ќе ги натера потенцијалните туристи во последен момент да резервираат. Значи до последниот момент нема да се знае кои се очекувањата кога се работи за туристичкиот сектор од европските земји, но за 2022 година очекуваме да не посетат поголем број на регионални гости“, вели Јаневски.

Од друга страна нашите соговорници велат дека поскапувањата на енергенсите, храната и други услуги ќе ги натера луѓето да бидат поштедливи и да не се опуштаат со патувања.

„Шокот со цените не е само во Македонија, шокот е насекаде, цел Балкан, цела Европа. Значи сите овие поскапувања, ги прават луѓето поштедливи и да не си дозволуваат луксузи. А одморите се еден вид луксуз. Поради тоа стравуваме дека ќе имаме доволно исполнети капацитети со кои ќе можеме да излеземе со позитивни бројки на крајот на годината“, вели Блажевски.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во декември лани, Македонија ја посетиле 77 украински туристи и тие оствариле 164 ноќевања.

Од Русија имало 309 гости и тие реализирале 589 ноќевања. Најбројни се турските туристи и посетителите од соседството.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG