Достапни линкови

Протоколите строги, хотелите подготвени, а гости?


илустрација
илустрација

По повеќе од 4 месеци хотелите во туристичките центри ги отворија вратите за своите гости. Новиот протокол за работа подразбира мерки кои треба да им ја гарантираат безбедноста на гостите и вработените во хотелите. Сепак, туристичките работници стравуваат од мала посетеност оваа летна сезона

Хотелите и сместувачките угостителски објекти во туристичките центри и официјално ги отворија своите врати за гостите. По повеќе од 4 месеци, дел од вработените се вратија на своите работни места. Хотелите во градовите, сепак остануваат затворени до 1 јули.

Но, како и се друго, новиот почеток ќе биде поразличен од порано и за вработените во хотелите и за гостите. Задолжитено носење на маска, пулт за дезинфекција на рацете, дезинфекциска бариера за обувки пред влезната врата стануваат дел од престојот во хотел. Новиот протокол за работа на хотелите и сместувачките објекти вклучува и плаќање со кредитна картичка како степен на заштита за да се намали ризикот од трансмисија на инфекцијата. Служењето храна на шведска маса не е дозволено, како ни опслужување гости на стоење на шанк и стоечки маси.

Според угостителите од Охридско-струшкиот регион мерките за заштита на туристите, но и на вработените биле очекувани. И пред појавата на Ковид-19 хотелските капацитети спроведувале редовна дезинфекција на прибор, дезинфицирале соби, санитарни јазли. Но новина е што тоа сега ќе мора да се врши неколкупати дневно. Велат дека ќе има мали потешкотии додека се фати ред, но се е подобро од затворени врати.

„Мерките не се до толку строги. Ние сме подготвени. Мислам дека треба да се даде шанса, да почнеме да работиме и да видиме како ќе функционира. Па после тоа со забелешки ќе видиме дали некои работи ќе треба да се сменат, да се одземе или додаде нешто,“ вели Крсто Блажевски, претседател на Хотелската Асоцијација на Македонија(ХОТАМ) и прв човек на хотелот „Дрим“ во Струга.

Дали е безбедно да патувате летово?

За одреден дел од спроведување на мерките од протоколите за работа ќе бидат потребни одредени инвестиции, меѓутоа оценуваат дека не се работи за големи трошоци.

„Знаете како, ние сега не сме во ситуација да бираме. Имате производ кој треба да го извадите на пазар и да го продавате. Побарувачката ја диктира цената. Ако има побарувачка, цената оди нагоре, и обратно. Секако дека сега ќе имаме дополнителни трошоци и цената ќе биде повисока оти ќе се вметнат тие во самиот производ, но ако имате повеќе исполнетост и гости, трошокот е помал и се компензира“, вели Блажевски.

Но, она од што се плашат хотелиерите е всушност слабиот интерес од потенцијални гости. Странските туристи веќе ги откажале своите резервации, па сега се надеваат само на домашни туристи. Професорот Науме Мариноски од Факултетот за туризам во Охрид очекува рапидно намалување на туристичкиот промет.

„Тоа нема да биде само поради строгите протоколи, туку поради слабата мобилност на населението воопшто низ цел свет. Сомнежите туризмот не ги трпи и не може да се справи со вакви услови од причина што туристите бираат максимална безбедност. Падот на туристичкиот промет ќе биде малку амортизиран со отворањето на угостителските објекти и хотелите, но последиците ќе ги трпиме многу подолго и во наредниот период“, вели професор Мариноски.

Мариноски очекува протоколите во хотелите да се почитуваат доследно и да има контрола од надлежните органи.

„Во развиени средини тоа се подразбира. Заемен интерес е и на хотелиерите и на туристите тоа да се реализира“, вели Мариноски.

Општа оценка на туристичките работници е дека во јули ќе има „ваучерски туризам“ затоа што најмногу за условите за летување се распрашувале гости кои ќе употребуваат туристички ваучери и дека секогаш главната сезона, или шпицот, бил во август и првата половина на септември.

Според податоците од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, бројот странски туристи за април оваа година споредбено со лани е намален за 98 проценти, што е очекувано со оглед на ситуацијата што во односниот период 158 земји од светот вовеле целосна изолација. Директорот на Агенцијата Љупчо Јаневски деновиве изјави дека ситуацијата во туристичкиот сектор ќе се следи постојано, па согласно состојбите на терен така ќе се менуваат и мерките и ограничувањата за работењето во секторот.

„Според светската туристичка организација, оваа 2020 година ќе биде најкатастрофалната година кога е во прашање туризмот, со пад од некаде 60 и 70 проценти. Светските дестинации успехот во туризмот оваа година ќе го мерат според тоа колку ќе биде помал минусот. Секој минус помал од 35 до 40 проценти кога се работи за Македонија треба да се смета за успех“, изјави Јаневски за МИА.

Нема шведска маса, задолжителна дистанца и носење маска

Во протоколот за работа на хотелите и сместувачките угостителски објекти меѓудругото се предвидува на рецепцијата во хотелите, каде што пултот не е доволно широк да се обезбеди потребно растојание (1,5-2 м), во делот каде ќе оперира рецепционерот, да биде поставена монтажна преграда (шалтер) изработена од прозирна пластика или стакло.

Гостите треба да пристапуваат до рецепцијата поединечно или во број којшто, во зависност од големината и распоредот на просторијата, оневозможува средби и којшто овозможува достатно меѓусебнорастојание, а за тие што чекаат,треба да се воведат подни патокази или столпчиња за ограничување на приодот.Давателите на услуги треба да ги отстранат предметите што ги допираат повеќе гости, на пр. играчки, списанија.

Текстилните украсни елементи на тапацираниот мебел и креветот се отстрануваат (перници, ленти, украсни прекривки…).

Во собите за сместување и на рецепцијата се поставува средство за дезинфекција на рацете, а засекојдневно одржување на хигиената на јавните простории и собите се употребува средство кое делува на вируси. Просториите треба редовно да се проветруваат.

Предвидени се и повеќе ресторански процедури како дезинфицирање на масата и столовите пред секој оброк и по завршување, масите да се прекриени со хартиени или најлонски чаршаф за еднократна употреба или ако се користат стандардни чарашави тие да се перат после секој послужен гостин, масите да не се претходно сервирани. Приборот треба да биде послужен во најлонска обвивка или во салфетка.

Вработените во угостителскиот објект кои послужуваат за должително носат заштитни маски и зачестено одржуваат хигиена на раце. Келнерот е должен да води максимална грижа за својата хигиена со маска на лицето ги послужува гостите со внимавање на растојанието, но факт е дека келнерот не може да служи храна и пијалок од 2 метра растојание. На една маса со четири столици може да седат и да се послужуваат максимум две лица.

Сите апарати за точење пијалок (вода, чај, кафе, сок и сл.)треба да се отстранат од употреба и пијалоците да се послужуваат по желба на гостите при послужувањето на масата. Се забранува користењето на заеднички отворени садови при сервирање на кечап, сенф, сосови, масла, сол, шеќери, чаеви и слично, кои се споделуваат на повеќе од една маса.

Предвидено е и редовно одржување на тоалетите со задолжително водење на евиденција за спроведеното чистење Треба да се ограничат големи собири, со доследно следење на начелата за соодветно меѓусебно растојание.

Инаку угостителските објекти во земјава беа отворени на крајот од претходниот месец. Маси на растојание, келнери со заштитна опрема, а претходно задолжителна дезинфекција се дел од мерките кои треба да се почитуваат, но не ретко се забележуваат случаи на непочитување на овие мерки, кај дел од кафулињата и рестораните низ земјава.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG