Епидемијата на коронавирусот предизвика глобални пореметувања поради кои сè што досега правевме е променето во насока на спречување на заразата. Поинакви се условите за работа, образованието, менаџирањето со нашето здравје, транспортот, променет ќе биде и начинот на организирање на одморите за претстојната летна сезона, со оглед на извесноста дека враќањето во нормалата што ја познававме до пред неколку месеци нема да се одвива брзо, а прашање е кога и дали воопшто нешто ќе биде исто.
Лек за Ковид -19 се уште нема, не е достапна ниту вакцина, па соодветното физичко дистанцирање, хигиената и носењето маски е она на што во моментов здравствените работници најмногу апелираат, во услови кога многу од земјите почнаа да ги укинуваат рестриктивните мерки и забраните.
Туризмот е еден од најпогодените сектори од кризата и за повторното рестартирање има многу отворени прашања: како ќе се однесуваат туристите на плажите и во хотелите, како ќе биде организиран превозот, ќе биде ли можно почитување на постојните мерки за заштита?
Во очекување на стартот на летната сезона, и покрај неизвесноста што од епидемијата може да се очекува во иднина, владите од земјите од регионот веќе олеснија некои од мерките, вклучително и македонската, која најави отворање на границите, но за почетокот на работата на хотелите наведе дека дополнително треба да бидат подготвени соодветни протоколи од страна на Комисијата за заразни болести.
Отворање на границите од јуни најавија и другите земји од соседството кои имаат значителни приходи од туризмот - Грција, Турција, Црна Гора, Хрватска, Албанија, Бугарија, но многу од работите допрва треба да бидат дефинирани, од начинот на однесувањето кој ќе се бара од туристите во хотелите и на плажите, до тоа како ќе се одвиваат патувањата и за кои земји ќе биде дозволен влез.
Насоки очекуваат и туристичките работници од земјава, вклучително и информацијата дали границите ќе се отворат на 1 јуни. Тие велат дека веќе добиваат понуди од хотели во земјите од соседството, во очекување властите да ги донесат и другите протоколи.
„Дојдовниот туризам е 95 отсто сторниран од страна на странските партнери. Ние главно работиме со туристи што патуваат надвор, и за нашите граѓани што би сакале да одат на летување ние сме спремни да пуштиме нови понуди. Меѓутоа се зависи од тоа какви ќе бидат рестриктивните мерки, дали економски ќе им одговараат на луѓето кои сакаат да патуваат“, вели Зоран Ковачевиќ од една туристичка агенција.
Македонските туристички работници најмногу се надеваат на турите во Грција. Во таа земја во моментов е дозволено да патуваат граѓани на ЕУ со 14-дневен карантин, освен оние кои сè уште имаат високи стапки на инфицирани, но најавено е дека од средината на јуни влез ќе биде дозволен за патници од дваесетина земји, вклучително од Централна Европа и Балканот без карантин, како што јави Катимерини повикувајќи се на владини извори. Во извештајот се вели дека целосната листа на дозволени земји ќе биде објавен оваа недела.
И во Грција хотелите ќе можат да отворат почитувајќи здравствени протоколи. Дозвола за отворање од 1 јуни добија плажите и хотелите во Албанија.
Турција објави дека воспоставува посебни хигиенски мерки за враќање на туристите, а турската Влада разви програма за издавање сертификати за хотели и ресторани, кои вклучуваат почитување на хигиенски услови и физичка дистанца. Најавено е и постепено воведување на меѓународни летови.
Ковачевиќ објаснува дека контактираат со нивните партнери од Грција, Турција, Египет и од други европски земји, но вели дека и покрај најавите за отворање на туристичките сезони, сè уште не се знае под какви услови ќе можат да доаѓаат туристите и дали ќе се бараат тестови.
„Не можеме ништо да организираме во моментов од наша страна, бидејќи се уште немаме никакви мерки, ниту знаеме кога ќе биде пуштена границата, ниту како ќе бидат изведувани патувањата- ако се автобуски аранжмани, колку луѓе ќе биде дозволено да патуваат во автобус, дали ќе треба да има тестови од наша страна, се уште не знаеме“, вели Ковачевиќ.
Не се знае што ќе биде ниту со авионските аранжмани, бидејќи се уште нема најави од авио-компаниите како ќе се спроведува летањето со авионите, вели Ковачевиќ додавајќи дека дококолку летовите се одвиваат со 50 отсто од капацитетите, цените ќе бидат „астрономско високи.“
Поради загубите во туризмот од пандемијата на коронавирусот од масовното откажување на аранжманите во изминативе месеци, на повеќето компании во овој сектор ќе им треба најмалку шест месеци до една година да се опорават доколку епидемијата заврши до крајот на 2020 година, покажува студија за ефектите од КОВИД-19 во чија изработка беа вклучени Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанската комора на Северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија.
Во студијата се вели дека за секторот туризам и угостителство следува долг и многу тежок процес со можни две сценарија. Првото е ако кризата заврши до крајот на оваа година и во зависност од ефектот на економските мерки што ќе бидат преземени, отпуштени би биле од работа 2.000 – 12.000 лица, а падот на приливот од туризмот ќе биде преку 200 милиони долари или над 50 отсто од планираните проекции, додека опоравувањето, што подразбира враќање на нивото од 2019 година, би било во 2023 година.
Според второто сценарио, пак, ако кризата трае и по 2020 година, ќе згаснат 4.000 – 20.000 работни места, падот на приливот ќе биде преку 80 отсто, а опоравувањето може да се очекува во 2027 година, се вели во студијата.