Терасите на угостителските објекти се подготвени да ги примаат првите гости. По два ипол месеци пауза граѓаните ќе може да испијат утринско кафе или да јадат чорба во кафуле или ресторан. Како дел од мерките за сузбивање на ширењето на коронавирусот на 14 март, со одлука на Владата, целосно се затворија кафеаните, рестораните, кафулињата, баровите и клубовите за гости. Можеа да работат само угостителските објекти кои служат храна преку шалтерски систем или со достава. На ден пред отворањето, на големо се чисти и се дезинфицира во кафулињата во центарот на Скопје.
„Бидејќи се уште ги немаме добиено конкретните мерки за заштитна, ова што дезинфицираме е самоиницијативно, чисто за себе, пред се, а и за нашите ценети муштерии“, вели Александар Петковски, вработен во ресторан на Кејот на Вардар.
Полицискиот час завршува, кафеаните почнуваат
Во редицата кафулиња на Кејот е раздвижено. Се прават последните подготовки. Угостителите велат дека доста ги чинело да ги подготват објектите за повторно отворање. Поставуваат паравани меѓу масите, дезинфицираат, чистат, а сега ќе треба да работат со третина капацитет. Но и нешто од подобро од ништо, велат тие. Првите денови може нема да има многу народ, но потоа очекуваат работите полека да се враќаат во нормала.
„Едвај чекам да почнеме да работиме, и психички и физички сме спремни. Се надевам дека ќе има народ, затоа што има и заинтересираност голема, им фали ова, највеќе на помладите, но и на постарите се разбира. После подолг период треба вакво нешто, треба да се почне, веќе луѓето се нестрпливи. Ние ќе бидеме заштитени, маски, ракавици, гостите исто така ќе бидат заштитени, имаме заштитени сепареа со паравани, дезинфекција и за нас и за гостите“, вели Дијана Митровска, вработена во ресторан.
Сега се отвораат само терасите на угостителските објекти, а како ќе работи затворениот дел од објектите останува допрва да се уреди. Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека угостителите ќе треба да ги исполнат препораките за дистанца и заштитна опрема.
„Ние имавме подготвен протокол од комисијата за заразни болести кој предвидува три фази во отворањето на угостителските објекти. Вчерашната одлука на владата е реализација на втората фаза. Ќе ја следиме ситуацијата и ако се почитуваат протоколите ќе се реализира и третата фаза за отворање на објектите и во затворен простор“, рече Бектеши.
Работното време на угостителите ќе биде до 20 часот. Ќе се служат само гостите што ќе може да седат, за една маса треба да се обезбедат 10 квадрати и ќе може да седат само 4 луѓе. На масата ќе мора да има средство за дезинфекција, а забрането е да се организирање на прослави (свадби, родендени, крштевки и сл.)
„Спремаме маски за гости, ќе им делиме. Имаме и дезинфекција за раце што ќе биде поставена на влезот на предната врата. Масите исто така се одделени за да нема некоја близина меѓу гостите. Јас мислам дека сè ќе биде ставено во ред и ќе се почитуваат мерките дадени од Владата, вели Никола Периќ, вработен во бар што се наоѓа на улица Македонија во центарот на Скопје.
Од Туристичко - угостителската комора пред неколку денови рекоа дека мерките кои треба да се исполнат за да отворат угостителските објекти се ригорозни. Од таму велат дека објектите ќе работат само со третина од својот капацитет, а трошоците за плати, сметки, кирии остануваат исти. Од Комората велат дека со ваков протокол голем дел од угостителите немаат економска логика да ги отворат терасите.
Угостителскиот сектор заедно со туризмот и транспортот се посочени како најпогодени од кризата предизвикана од вирусот Ковид-19.
На повеќето компании од туризмот и угостителството ќе им требаат најмалку шест месеци до една година да се опорават ако епидемијата со коронавирусот заврши до крајот на 2020-та, покажува студијата за ефектите врз приватниот сектор - туризам и угостителство погоден од пандемијата, изработена како дел од проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива. Во изработка на студијата беа вклучени и стопанските комори.