Кафеанџиите се пожалија дека владините мерки за помош на угостителскиот сектор се недоволни и селективни и нема да ги користат. Рекоа дека досега се отпуштени околу 15 илјади вработени од угостителско-туристичкиот сектор и дека отпуштањата ќе продолжат. Не сакаат кредити, туку владата да се погрижи за отпуштените работници. Во овој сектор има 6000 фирми со околу 20 илјади вработени.
Реакцијата на кафеанџиите предизвика бројни негативни реакции на социјалните мрежи: Продавате пиво за 150 денари, возите џипови, се правите газди, а немате две плати да им дадете на луѓето, коментираат едни.
Други веќе прават црни листи на угостителски објекти кои го отпуштиле персоналот и повикуваат на бојкот на тие локали што ќе отпуштаат работници.
Трети, пак, повикуваат, по завршувањето на кризата, државата да не биде толку попустлива кон угостителите.
Сепак, има и поинакви размислувања. Дел од граѓаните коментираат дека работите не се толку црно-бели. Се плаќаат кредити, се плаќаат кирии, а прометот е нула. Никој не сака да ги отпушти работниците, ама нема со што да им плати.
Владата, пак, смета дека мерките што ги предложи се доволни и оти кафеанџиите уценуваат. Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека државата субвенционира минимална плата за сите вработени, а фирмите треба да ги платат само придонесите. Јасно е дека дел од нив се постојано во обид да работат на црно и постојано се креативни во изнаоѓање решенија како да избегнат плаќање давачки кон државата, рече Бектеши. Кафеанџиите, пак, се жалат дека условите се така поставени што е речиси невозможно да се добијат овие пари.
Сепак, дел од луѓето се свесни дека првиот ден кога ќе се укине забраната, кафулињата, кафеаните и рестораните ќе се наполнат со луѓе.
Како дел од мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, владата ја забрани работата на сите кафеани, кафулиња и ресторани на 14 март. Досега во земјава се регистрирани 617 инфицирани од вирусот, а 29 луѓе починаа од болеста.