Достапни линкови

Кога животот ќе почне да се враќа во нормала?


Плоштадот Македонија во Скопје во време на полициски час
Плоштадот Македонија во Скопје во време на полициски час

Европските земји веќе почнуваат да размислуваат како да го зачуваат јавното здравје, но во исто време постапно да почнат да го враќаат животот во нормала. Македонија засега е фокусирана на здравствената криза.

Во Европа веќе почнува да се отвора дебатата за „излезната стратегија“ од актуелната коронакриза, Македонија се труди да го заузда ширењето на коронавирусот, а потоа ќе размислува за враќањето на живото во нормала. Се размислува за олабавување на мерките за бизнисот колку-толку да почне повторно да функционира, а луѓето да може да се вратат на работа, па дури и за издавање на „имунолошки сертификати“ за оние кои ја прележале болеста.

Како дел од мерките за спречување на ширењето на болеста, Македонија ги затвори училиштата, градинките и угостителските објекти и воведе полициски час во целата земја од 16 до 5 часот наутро и целосна забрана за излегување преку викенд.

Од една страна се преземаат мерки со запирање на речиси целата економија за да се спречи ширењето на болеста и да се спасат животи, но од друга страна ако луѓето подолго време останат затворени, без работа и без пари, тоа би можело да ја зголеми стапката на психички заболувања и да направи друг проблем.

На нашето прашање дали владата размислува за излезна стратегија, со оглед на тоа што пандемијата на коронавирусот може да потрае со месеци, премиерот Оливер Спасовски рече дека владата развива стратегии и сценарија со оглед на тоа како ќе се развива состојбата. Планот е животот да се враќа во нормала по завршувањето на здравствената криза, рече тој.

„Кога би било и колку би траела оваа криза, тоа никој не може да го предвиди. Меѓутоа, важно е дека таму каде што мерките се почитуваат до крај имаме и добри резултати и кризата трае што е можно пократко. Тоа значи дека колку ние како граѓани ќе бидеме одговорни и посветени, толкава би била и должината на кризата. Секако дека ова ќе има сериозни негативни ефекти врз економијата и тие нема да завршат со завршувањето на здравствената кризата“, рече Спасовски.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, пак, беше поконкретен во однос на планот на владата. Во интервју за Канал 5 минатата недела, тој рече дека се спроведува планот на „чекан и танц“, како што прави и најголемиот дел од светот. Тој план предвидува заострување на мерките кога бројот на новозаболени се зголемува и олабавување кога ќе се намали бројот на новозаразени. Идејата се базира на тоа факторот на заразување, односно Р-факторот, да се држи под 1 и со тоа епидемијата полека да згаснува. Тоа значи дека ако секој заболен разболува помалку од 1 човек, тогаш бројот на заболени со тек на време ќе се намалува.

„За една недела ако се дуплираат бројките доаѓаме до Р-фактор 1. Ние во моментов сме 0,4 или 0,45. Една Италија има 0,96, некои други земји кои се понеспремни или не посегнуваат по вакви мерки имаат поголем коефициент на заразување, така што верувам дека сме успешни“, рече Заев во емисијата Само вистина на Канал 5.

Главната цел на оваа стратегија е купувањето време додека не се најде лек или вакцина за болеста, затоа што сè додека има заболени некаде во светот, има опасност од ново проширување на болеста.

Пикот, односно кулминацијата на болеста во земјава се очекува кон крајот на месецот, по што се очекува бројот на новозаболени да почне да се намалува. Се очекува тогаш да дојде и до олабавување на дел од рестрикциите

Дел од европските земји најавија олабавување на мерките за спречување на ширењето на болеста, но Светската здравствена организација предупредува да не се брза и тоа да се прави постапно.

Словенечкиот премиер Јанез Јанша најави дека од следниот вторник ќе почнат со постепено укинување на ограничувањата. Данската влада соопшти дека планира да ги отвори градинките и училиштата за деца до 11 години, како први чекори кон постепено повлекување на мерките воведени поради епидемијата со коронавирусот. Норвешка, пак, соопшти дека го ставила под контрола ширењето на вирусот, но оти е рано за укинување на мерките. Од друга страна, Шведска, која ги има меѓу најрелаксираните ограничувања против пандемијата на Ковид-19 во Европа, размислува за заострување на мерките, откако бројот на заболени се доближи до 8 илјади, а скоро 600 луѓе починаа.

Во Италија и во Велика Британија веќе се размислува за издавање на „имунолошки пасоши“ за оние кои го прележале вирусот и развиле имунитет да можат да се вратат на работа. Сепак, и ваквата идеја има многу непознаници. Тестовите за присуство на антитела, односно за развиен имунитет, сè уште не се доволно прецизни, а нејасно е дали прележувањето на вирусот создава имунитет кај сите и колку време трае тој имунитет. Во Британија постојат стравување дека луѓе намерно ќе се заразуваат да ја прележат болеста за да може да извадат имунолошки сертификат и да се вратат на работа.

Во регионот Венето во северна Италија на ваков начин веќе се тестираат доктори и сестри кои го прележале вирусот за да може да се вратат на работа.

Се чини дека ширењето на болеста во Италија, Шпанија и Германија, кои се најпогодени европски земји, почнува да забавува. Во Франција и во Велика Британија се уште не е достигнат врвот на епидемијата.

Германската канцеларка Ангела Меркел минатата недела рече дека владата размислува за тоа како истовремено да постигне две цели: „обезбедување здравствена заштита за сите и започнување а процес за враќање на јавниот живот чекор по чекор“, рече таа.

Сепак, ниту една земја досега не излезе со конкретен план за излез од оваа состојба, со оглед на тоа што светот за прв пат се соочува со ваков предизвик и сите бараат начин за излез.

Епидемијата на новиот коронавирус Ковид 19 почна во Кина во декември, но до минатиот месец се прошири во целиот свет и беше прогласена пандемија. Скоро 1,5 милиони луѓе ширум светот заболеа од вирусот, а над 82 илјади починаа. На почетокот главно жариште на болеста беше Кина, па потоа се префрли во Европа, каде што најпогодени се Италија и Шпанија, а сега најмногу заболени има во САД, каде што има 400 илјади заразени и 13 илјади починати.

Во Македонија досега се регистрирани околу 600 случаи, а 27 луѓе починаа од болеста.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG