Бројот на заразени од Ковид -19 во изминативе денови забрзано расте, а со него и бројот на починати. Коронавирусот ја зарази и економијата, многу граѓани останаа дома во самоизолација или пак на платено отустство. Но, дел од граѓаните ја загубија работата и останаа дома беспари. Луѓето ги трошат заштедите, почнуваат да се грижат за сопствените животи и тоа не само од здравствен аспект туку и од економски. Дел од фирмите не работат повеќе од три недели, бидејќи вонредните мерки ги принудија да ја запрат работаа. Сите се во загуба, па дури и крадците.
Позитивната страна во пандемијата која го погоди целиот свет е намалениот број на кражби во земјава. Според податоците на министерството за внатрешни работи, откога е воведена мерката за ограничено движење односно во јавноста познатиот полициски час, забележан е пад на бројот на кривични дела „кражба“ и „тешка кражба“. Во периодот од 22 март до 26 март во скопските полициски станици се пријавени 12 кражби, што во споредба со истиот период минатата година е за две третини помалку.
„Во периодот од 22 до 26.03.2020 на подрачјето на град Скопје пријавени се 34 кривични дела “тешка кражба“, а во истиот период во изминатата година пријавени биле 73 кривични дела “тешка кражба“, се вели во одговорот на министерството за внатрешни работи.
Со оглед на тоа што полицијата навечер почесто патролира и казнува поради непочитувањето на полицискиот час, а граѓаните мора да останат во своите домови, се потешко им е на крадците да трагаат по својот плен. Полициските билтени сега се полни со информации за приведени граѓани кои не ги почитуваат забраните за движење. Рекорд на приведени по овој основ во полициските билтени е забележан изминатиов викенд кога биле приведени 122 од 164 луѓе кои не ги почитувале владините мерки.
Меѓу прекршителите во полицискиот билтен се и двајца млади мажи кои биле уапсени затоа што во време на полициски час шетале по празни улици и пушеле марихуана. Во делот од црна хроника во перидот откога е воведен полицискиот час во полицискиот билтен и натаму се забележуваат информации за сообраќајни незгоди, тепачки и физички напади.
Внимавајте на сајбер криминалците!
Од друга страна, пак, европската полициска агенција Европол предупредува на можноста на зголемена појава на сајбер криминал. Според Европол, се помасовната работа од дома или скратувањето на времето во изолација со крстарење по интернет, потенцијално ги отвора вратите на сајбер-криминалците.
Мане Пиперевски, експерт за информатичка безбедност во Пиперевски консалтинг вели дека и без разлика на пандемијата сајбер криминалот од ден на ден е во пораст. Тој објаснува дека зголемената употребата на паметни телефони, интернет купување и и комуникација преку интернет не доведува во ризик, односно ги зголемува шансите дабидеме жртва на сајбер напади и мора да научиме да се заштитуваме.
„ Луѓето се излажани дека секакви продукти постојат за многу поефтина цена и од реалната, па дури и за Ајфон од еден долар,и веднаш брзаат да го купат додека не го снемало од пазарот, што е нормално, нелогично и неточно, нешто што вреди илјада долари сега да се продава за еден долар. Такви превари имало и ќе има, но сега кога граѓаните во домашни услови се почесто на социјалните мрежи, и злонамерните хакери демнат и одвај чекаат некој да кликне на таква реклама и да ги внесе своите лични податоци, банкарски детали од типот на кредитна картица и детали околу кредитна картичка“ вели Пиперевски.
Тој објаснува дека ова се случува на глобално ниво и дека трендот расте. Пиперевски вели дека треба да обратиме многу повеќе внимание на идентификација на тоа што го користиме, дали е доверлив веб сајт, дали е вистинско или измама со тоа што така би ги заштитиле нашите лични податоци и податоците на нашите платежни картички за трансакции он лајн.
Сајбер криминалците на интернет покреваат лажни кампањи за одредени производи, а меѓудругото и ја злоупотребуваат ситуацијата со коронавирусот за продажба на фалсификувана или крадена заштитни опреми, како маски и тестови.