Достапни линкови

Короната ахилова пета за бизнисот, владата со минимална инфузија


Илустрација - Продавници за текстил
Илустрација - Продавници за текстил

Сопствениците на помали фирми алармираат дека мерките на владата се минимални и не нудат излез од ставање клуч на врата. За дел од нив тие пари не се доволни за да се покријат ниту основните трошоци за расходи, а други сметаат дека е добро што барем основните трошоци за преживување ќе се обезбедат.

Дел од сопствениците на угостителски објекти, продавници за облека и фризерски салони и другите помали фирми алармираат дека мерките на владата се минимална инфузија која за многумина нема да биде излез од ставање клуч на врата и отпуштања на работници во наредниот период.

Мерката со која Владата обезбедува плата од 14.500 денари за вработените за април и мај во приватниот секотор кој се загрозени од рестриктивните мерки поради новиот вирус можеби се некој бенефит за оние што имаат поголеми заштеди на капитал од своето работење, но останатите кои заработуваат од месец за месец укажуваат дека тие пари не се доволни за да се покријат ниту основните трошоци за расходи меѓу кои за придонеси за плати, сметки за комуналии и пари за кирија за објектите.

Александар Младеновски сопственик на фризерски салон во Скопје вели дека со оваа мерка се овозможува вработените во приватниот сектор да ги задржат своите работни места во наредните два месеца, а дека за понатаму има многу неизвесности.

"Во овие кризни услови кога се е замрено барем основните животни трошоци ќе се покријат со тие пари, за да може барем да преживеат затоа што голем дел од занаетчиите живеат само од тој бизнис или цело семејство е вклучено во тој бизнис. Тие пари нема да бидат доволни за да се покријат сите работи, но барем работниците што не работатат да може да си земат плата, а работодавачите имаат сосема други трошоци кои не може да ги покријат, за закупнина за дуќани, придонеси, комуналии, a услугата ни е намалена во овој период", вели Младеновски.

Tој дополнува дека некои од неговите колеги имаат земено кредити за дуќаните, и оти во овие месеци на криза не може да ги платат сметките за струја и сите режиски трошоци.

Угостителите бараат исплата на плати од буџетот почнувајќи од март

Најпогодени сектори од кризата кои имаат и најмногу вработени се угостителството и туризмот каде што според податоците на Државниот завод за статистика има 33 илјади вработени. Кон овие бројки треба да се придодадат и големиот број вработени во трговијата кои моментно не работат и се соочуваат со големи проблеми.

Новиот вирус ги затвори кафулињата, а Скопје е препознатливо по тој начин на забава и стил на живот. Виктор Црвенов сопственик на кафуле во скопско "Дебар Маало", вели дека од државниот буџет треба да се покрие и мартовската плата и да се донесат посериозни мерки за да може да опстојат.

"Мерките на владата за угостителството се мининални и ќе го срозат и девастираат овој сектор во Македонија зошто помошта е речиси никаква. Требаше владата да излезе со посериозни мерки и да го опфати и месец март и да донесат мерки за минимум три месеци. Па како што ќе се развива ситуацијата да се види што понатаму. Инаку, убаво е дека ќе има бескаматни кредити со греј период, но тоа не е решение зашто ќе се задолжиме, а не знаеме кога и дали ќе проработиме. Ќе земеме пари, но што со тие пари кога не се излегува и има полициски час?" вели Црвенов.

Според неговите зборови, државата мора да мисли на сите дејности, а не само за вработените во јавната администрација. Тој укажува дека и сопствениците на поголемите бизниси во угостителството ги дочекаа на нож владините мерки затоа што неизвесноста колку ќе трае кризата и полицискиот час буквално ќе ги исфрли од игра оние кои на тој начин заработуваат за егзистенција.

"Сега треба да се преживее и треба да се мисли на сите подеднакво, не може некој кој што создава вишок на производ и кој понатаму се прераспределува во општеството да се занемари, а на администрацијата која живее од приватниот сектор да не и се скуси ништо. Треба да се помогне. Ќе дадат плати за вработените. А за нас? Јас имам 13 вработени, за да исплатам продонеси треба да платам 80 илјади денари за еден месец. А кај се три месеци? Познавам угостители и со 100 и повеќе вработени", вели Црвенов.

До неговиот коментар доаѓа откако претходно претседателот на СДСМ Заев предложи вработените во јавниот сектор да земат минимална нето плата од 14.500 денари за април и мај, но потоа со најновиот пакет од 17 мерки се предвиде дека сепак два месеца, плата од 14 500 денари колку ќе земаат избраните и именуваните функционери.

Црвенов смета дека за сето ова време државата профитира од бизнис секторот и очекуваа таа сега да биде на потег со поголем број на мерки.

"Државата треба да е партнер на приватниот сектот. Како очекувате лојалност кон државата кога таа очекува да и плаќаме даноци?", коментира Црвенов.

И трговците не знаат како да ја исплатат мартовската плата

Со сличен став е и Емилија Пенова сопственик на бутик за облека. Таа вели дека трговците бараат нето платата да се исплаќа од буџетот од март. Пенова посочува дека парите за платите за вработените се 30 проценти од вкупните трошоци што ги имаат сопствениците на фирмите.

"Овие мерки не водат во слепа улица и во колапс. Владaта ќе ги покрива платите за април и мај, но не и придонесите. Повеќето продавници од 15 март се затворени. Немаме приходи да го покриеме ни март, а не април и мај да плаќаме придонеси. Ние бараме Владата март, април и мај целосно да ги покрие со плати и придонеси или пак март пола месец, а април и мај целосно. Фирмите немаат работа, нула приходи имаме", вели Пенова која додава дека во ситуација на принудно неработење фирмите сега треба да платат превисока цена.

"Незнам како ќе ја исплатам оваа плата за март, 50 проценти од фирмите размислуваат или да затворат или да отпуштаат вработени. Јас можеби немам на страна резервен фонд, од каде да им исплатам плата за март. Работевме ефективно една недела, а треба да исплатиме за цел месец. А за април и мај не ни размислувам. Ние работиме сезонски. Ниту старата стока може да ја продадеме затоа што не работиме, а ниту имаме пари за да набавиме нова за да бидеме ликвидни. Кој ќе купи палто во јуни?", вели таа.

Спасовски: 250 илјади вработени може да добијат по 14 500 денари

Владата очекува 250.000 граѓани да аплицираат за мерката за субвенционирање на платите за април и мај. Техничкиот премиер Оливер Спасовски кажа дека на денешната владина седница биле донесени Уредби за субвенционирање на платите за вработени лица од вториот економски пакет на Владата.

„Ова е директна мерка за зачувување на работните места и работните процеси. Ќе бидат опфатени околу 250.000 работни места и околу 35.000 компании. Сумата што ќе ја добие секој работник е 29.000 денари, скоро 500 евра. Оваа уредба го опфаќа секое претпријатие од приватен сектор кое вработува работници врз основа на договор за вработување, секое правно лице и работодавачите кои преку приватни агенции ангажираат работници“, рече премиерот.

Спасовски објасни дека ако работникот работно бил ангажиран за цело работно време ќе добие 14.500 денари, а скратено ќе добие сразмерен износ.

Како алтернатива на оваа мерка, компаниите може да изберат можност за покривање 50 отсто од придонесите на платите на вработените.

Рабодотодавачот поднесува барање за финансиска поддршка до УЈП која е задолжена веднаш да ги утврди формата и содржината на обрасците. Барањето ќе оди преку е-даноци на УЈП до 5 во месецот за претходниот месец. Комплетноста на барањето го утврдува УЈП во рок од три дена.

Спасовски го претстави вториот кризен пакет: Ова е помош за сите

Како и да е, и со новите мерки за приватниот сектор донесени во услови кога СЗО прогласи пандемија кај бизнисот останаа многу стравувања и дилеми, дали освен со здравствени имликации земјава ќе биде погодена од уште поголема закана, а тоа е сиромаштија и уништување на приватниот сектор кој беше двигател на економијата во земјава.

Бизнис сектрот се жали дека во регионот и низ светот државите вложуваат многу повеќе и земаат големи кредити за да му помогнат на бизнисот додека кај нас последиците од минималните вложувања може да бидат несогледливи.

Коронавирусот ќе направи буџетска дупка меѓу 700 милиони и 1,3 милијарди евра

Пред десетина дена Хрватска донесе пакет мерки во вредност од 3,9 милијарди евра за да ѝ помогне на економијата погодена од епидемијата на коронавирус, словенечката Влада деновиве го донесе таканаречениот „Корона - закон”, со кој граѓаните и компаниите ќе добијат директна државна финансиска помош од три милијарди евра, Грција донесе мерки кои засегаат 81 отсто од вработените во приватниот сектор, а слично постапија и други земји од регионот.

Во земјава има 10 илјади мали фирми. Сопствениците на приватниот сектор стравуваат дека најамлку 20 илјади вработени од малите фирми може да останат на улица.

Со оваа мерка на Владата парите за плати почнувајќи од април во џебовите на граѓаните треба да стигнат во текот на првата половина од мај.

Инаку, владата проценува дека поради намалената економска активност во буџетот за годинава ќе се направи дупка меѓу 700 милиони евра и 1,3 милијарди евра. Пари за пополнување на буџетската дупка ќе се обезбедуваат со задолжување од меѓународните институции.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG