Достапни линкови

Хостели наместо руинирани селски куќи


Напуштените куќи во тетовските планински села прераснуваат во хостели или други сместувачки капацитети за планинари или туристи.

Напуштените куќи во планинските села наместо да пропаѓаат може да станат сместувачки капацитети за планинско-рурален туризам. Неколку примери во села на Шар Планина покажуваат дека руиниран објект со реновирање може да биде атрактивно место каде ќе ноќеваат посетители.

Драгиша Јововски од Вратница, старата семејна куќа така ја пренаменил во хостел. Вели дека има интерес од странци, но и домашни гости кои одат на планинарење, велосипедизам и други слични активности кои се изведуваат во природа.

„Има доста туристи, има недостаток на капацитети за спиење. Тоа беше под број 1 што ме поттикна да почнам со туризам и со хостелот. За странските гости го користиме механизмот преку Букинг и нормално преку социјалните мрежи. Од таму и ни доаѓаат најголемиот број на туристи“, вели Јововски.

Неговиот пример го следи и Насер Џемаили од Вејце, планинското село на над 1400 метри надморска височина. Напуштената селска куќа ја обновува со цел да ја направи база за планинарите кои би оделе на искачување на блиските врвови.

„Сега сме во вториот процес да го градиме внатре. Првата фаза ја завршивме, сега треба само внатре да се смести и после ќе има услови за сите кои ја сакаат планината. Интерес има и тоа многу. Само треба да се намести да има услови за јадење и спиење. Интерес има многу бидејќи блиску таму е Кобилица, врв и познато име за сите планинари“, објаснува Џемаили.

Планинарскиот клуб Љуботен заедно со други организации и локалната самоуправа преку проект ги поттикнува мештаните да се одлучат своите стари селски куќи да ги искористат за сместување на туристи и воедно да заработуваат од тоа. Истражувањето во рамки на проектот покажало дека има интерес, но и дека за да ги реализираат идеите на луѓето им е потребна и поддршка. Можност е да се користат фондовите на Европската унија.

„Локалната власт да има слух она што го кажуваат од локалното население и сите заедно да работиме во тие чекори кои што сега навистина се „ин“. Очекуваме национален парк да биде Шар Планина, очекуваме нешто што треба да донесен голем број на туристи“, вели Јован Божиновски од планинарскиот клуб Љуботен.

Студијата изработена во рамки на проектот предвидува разработување и на други аспекти од ваквиот вид туризам како вклучување на планински водичи, превозници, угостители и други услужни дејности.

XS
SM
MD
LG