Доколку сакаме да привлечеме туристи на убавите планини потребно е да ја има и останатата инфраструктура, велат луѓето кои се обидуваат да го развијат алтернативниот туризам. Шар Планина и Попова Шапка се познати како дестинациски простор, но посетителите не ја знаат туристичката инфраструктура. Затоа е важно да имаме атрактивен мотивациски фактор за туристите да дојдат повторно да го посетат регионот, вели Константин Циривири, претседател на Aсоцијација на професионални водичи.
„Не е сеедно дали една планинска патека, ние ги нарекуваме патеки за планински рекреативен туризам ќе биде добро средена, со добра сигнализација, со прочистени патеки, стабилна подлога, уредени дренажи или пак истата ќе биде запуштена со исечени дрва на сите страни. Доживувањето што туристот го има е различно прво за време на неговиот престој овде и потоа е важно што пораката тој турист ќе ја пренесе во својата средина за дестинација, за Шар Планина и за Македонија е многу важно исто така како ќе ја доживее патеката“, објаснува планинскиот водич.
Владо Србиноски, претседател на балканска Асоцијација за алтернативен туризам Балканија, потенцира дека туристите кои доаѓаат не треба да се соочуваат со проблем, како што е на пример паркирање.
„Наша сугестија, сметаме дека е доволно да се направат основните предуслови за овој тип на туризам, поточно една добро уредена жичара, која што ќе им овозможи на туристите да стигаат до терените, кои што нудат многу не само во зима, туку и во летниот период, а Тетово има доволна инфраструктура за развивање на туристичка понуда во смисла на сместување. На тој начин помалку ќе се загади, повеќе ќе се грижиме за одржливоста на Попова Шапка како вредност. Проблемите во зимскиот период е паркинг местата. Една катна гаража која не бара големо вложување ќе овозможи да се зголеми бројот на туристи“, вели Србиновски.
Во насока на приближување на планинските потенцијали на посетителите во рамки на платформата Пријатели на Шара во Тетово беше изработена мапа со информации за 54 планинарско-рекреативни патеки низ Шар Планина.
„Опфатена е цела Шар Планина, значи од почетоци од Љуботен до завршниот дел до Маврово. Се патеки кои низ годините не само планинарските друштва, туку и локалното население и туристите кои доаѓаат ги имаат користено. На самата мапа има табела каде што има информација за секоја почетна точка, место на поминување и крајната точка“, истакна Јован Божиновски од планинарскиот клуб Љуботен.