Вести
Палмер и Ајхорст повторно во посета на БиХ

Претставниците на американската и европската дипломатија Метју Палмер и Анџелина Ајхорст ќе се вратат во БиХ во средината на ноември за да посредуваат во преговорите за измените на изборниот закон, објавија денеска локалните медиуми повикувајќи се на неименувани извори во Министерството за надворешни работи на БиХ.
Минатата недела заврши серијата средби без резултати меѓу европските и американските посредници со лидерите на политичките партии во БиХ.
Палмер и Ајхорст на крајот на минатонеделната посета на Сараево истакнаа дека тие само помагаат во преговорите, додека главната одговорност за постигнување на договор е на босанските политичари.
Сега во преговорите се вклучени и правни експерти од Венецијанската комисија на Советот на Европа, со цел да се најде решение што би значело спроведување на сите пет пресуди на Европскиот суд за човекови права, односно елиминирање на постоечката дискриминација во изборниот процес заснована на етничката припадност или местото на живеење на кандидатот за различни должности.
Во меѓувреме во својот извештај до Советот за безбедност на ОН, високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ Кристијан Шмит, предупреди дека земјата е во директна опасност од распаѓање и дека постои „многу реална“ можност за враќање на конфликтот.
Според британски Гардијан, кој имал увид во документот, Шмит ќе предложи зајакнување на меѓународните мировни сили во БиХ доколку, како што наведе, „српските сепаратисти“ ја реализираат заканата дека ќе се повлечат од вооружените сили на БиХ и ќе формираат сопствена војска.
види ги сите денешни вести
Руските системи за одбрана собориле 158 украински дронови во текот на ноќта

Во текот на ноќта руските системи за противвоздушна одбрана соборија 158 украински беспилотни летала над Русија, како и над Црното и Азовското Море, соопшти руското Министерство за одбрана.
Огромно мнозинство беспилотни летала се уништени над Краснодарскиот регион, вкупно 67,29 дронови се уништени над Ростовската област, а 15 беспилотни летала над Република Северна Осетија-Аланија.
Прецизирано е дека 11 биле соборени во областа Воронеж, десет во Курск, пет во Белгород, три над анектираниот Крим, два над територијата на областа Пенза и по еден во регионот Ставропол, Ориол и Саратов.
Седум беспилотни летала се уништени над водите на Азовското Море, а шест над Црното Море, соопшти руското Министерство за одбрана.
Најмалку 79 загинати откако се урнал покривот на ноќен клуб во Доминиканска Република

Најмалку 79луѓе загинале откако се урнал покрив на ноќен клуб во главниот град на Доминиканската Република, објави Си-Ен-Ен. Над 160 се повредени, а сѐ уште трае потрага и извлекување на затрупани гости во клубот.
Спасувачите се обидуваат да стигнат до нив и да ги спасат. Извлечени се над 100 луѓе од под урнатините.
Според локалните власти, за време на несреќата во клубот имало и политичари и спортисти.
Меѓу загинатите е и Нелси Круз, гувернерка на провинцијата Монти Кристи во Доминиканската Република.
Круз се јавила на доминиканскиот претседател Луис Абинадер по уривањето на покривот, го информирала за несреќата и му рекла дека и таа заедно со десетици луѓе е затрупана, соопшти првата дама на Доминиканска република. Круз подоцна била извлечена, но починала во болница, соопштија властите.
Во колапсот загинаа и поранешните безбол играчи, Октавио Дотел и Тони Бланко, потврдија локалните власти. Дотел починал на пат кон локалната болница откако беше извлечен од урнатините, изјави портпаролот на националното министерство за спорт. Тој (51) го имаше своето деби за Њујорк Мец во 1999 година и играше за повеќе од десетина тимови до 2013 година.
Покривот се урнал за време на концерт и засега нема сознанија за причините за трагедијата.
Најмалку 20 лица загинале во пожар во дом за стари лица во Кина

Дваесет лица загинаа во пожар во дом за стари лица во северната кинеска провинција Хубеи, објавија локалните медиуми во средата, пренесе ДПА.
Пожарот избувнал вчеравечер во дом за стари лица во близина на градот Ченгде, на околу 220 километри североисточно од Пекинг, објавија кинеските државни медиуми повикувајќи се на локалните власти.
Другите жители на установата се пренесени во блиските болници на лекување, пренесува ДПА.
Експерти од локалната самоуправа се наоѓаат на лице место за да ги координираат напорите за спасување, соопштија државните медиуми, додавајќи дека се истражува причината за пожарот.
Kинеските медиуми јавуваат дека директорот на домот е уапсен.
Новите царини за Кина ќе бидат 104 проценти, соопшти Белата куќа

Соединетите Американски Држави од утре (9 април) ќе воведат царини од 104 отсто за кинеските производи.
Трамп минатата седмица најави дека неговите нови царински мерки најавени од јануари, од 9 април ќе изнесуваат 54 проценти на кинеските производи и се закани дека ќе бидат зголемени на дополнителни 50 проценти ако Кина возврати.
Пекинг одлучи да воведе царини од 34 отсто на американските производи. Кинескиот премиер, Ли Кечијанг претходно денеска изјави дека неговата земја има доволно „алатки" за да ги надмине економските турбуленции предизвикани од трговската војна на САД.
„Макроекономската политика на Кина оваа година целосно ги зема предвид различните неизвесности и има доволно политички алатки во резерва“, рече Ли во телефонски разговор со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Ли додаде дека Кина „целосно е способна да ги надомести негативните надворешни ефекти и дека е уверена во одржување на здрав економски развој“.
Телефонскиот разговор беше воден среде заострување на тензиите меѓу Пекинг и Вашингтон.
Ли во разговорот со Фон дер Лајен ги осуди „протекционизмот и економското заплашување“ на САД откако беа воведени царини за речиси сите земји во светот.
„Цврстите кинески мерки не се насочени само кон зачувување на нејзиниот суверинитет, сигурност и развој, туку и на зачувување на правилата на меѓународната трговија и меѓународната правичност и правда“, рече кинескиот премиер.
Претседателката на ЕК повика на „избегнување на ескалација“, наведе ЕУ.
Коњуфца: „Самоопределување“ не може да формира влада без опозицијата

Претседателот на собранието на Косово, Глаук Коњуфца кој е и лидер на Движењето Самоопределување, изјави дека не верува оти формирањето на нова влада е можно без вклучување на опозициските партии во владината коалиција.
Коњуфца рече дека Самоопределување имала за цел, на изборите на 9 февруари да освои 500.000 гласови за да може самостојно да ја води следната влада. Меѓутоа, според него, изборниот резултат покажал дека тоа не е можно.
„Имавме цел да обезбедиме 500.000 гласови. Не ги постигнавме. Сега имаме друго сценарио. Тоа е сценарио Б“, изјави Коњуфца.
Тој додаде дека во моментот постојат две сценарија. Првото е гласање за влада до изборот на нов претседател, а второто, гласање за нова влада на подолг рок.
Мандатот на претседателката, Вјоса Османи истекува во април следната година.
На прашање за повикот за состанок кој претседателот на Самоопределување, Албин Курти го упати до претседателот на Демократската лига на Косово, Лумир Абдиџику, тој рече дека тој повик бил „најнормален случај“ во демократско општество.
Ваков повик не беше упатен кон ниту една друга опозициска партија.
Овие изјави Коњуфца ги даде по состанокот со претставниците на политичките партии, една седмица пред одржување на конститутивната седница на Собранието на Косово.
Претседателката Вјоса Османи го закажа 15 април како датум за одржување на конститутивната седница на новиот парламент кој беше избран на изборите на 9 февруари.
Закажувањето на конститутивната седница е прв чекор кон формирањето на нови институции, откако Централната изборна комисија ги потврди резултатите од изборите на 27 март.
Што се очекува на 15 април?
Народните избраници на 15 април ќе се појават во Собранието. Конститутивната седница ја води најстариот пратеник, со помош на најмладиот, па се полага заклетва. Потоа првата партија предлага кандидат за претседател на Собранието, а во текот на седницата се избираат и потпретседатели.
Седницата завршува со изборот на претседател и потпретседател според Правилникот за работа на Собранието.
По конституирањето на Собранието, претседателката Османи треба да ја задолжи првата партија на изборите за формирање нова влада, во овој случај Движењето Самоопределување.
Во Уставот е наведено дека мандатарите потоа имаат 15 дена да го претстават составот на новото извршно тело пред Собранието и да побараат 61 глас за да биде усвоен. Според резултатите, во новиот парламент, Движењето Самоопределување ќе има 48 пратеници, Демократската партија на Косово 24, Демократска лига 20, Српска листа девет и коалицијата Сојуз за иднината на Косово со Социјалдемократската иницијатива осум мандати.
Доколку првата партија не успее да обезбеди поддршка од најмалку 61 пратеник, претседателката Османи има рок од десет дена да именува друг мандатар.
Другите мандатари исто така имаат 15 дена да го претстават составот на владиниот кабинет во Собранието.
Меѓутоа, ако владата не се формира ниту по вториот обид, тогаш претседателката Османи, според членот 95 од Уставот, мора да свика нови избори, кои мора да се одржат најдоцна за 40 дена.
Најавена постапка поради посетата на Вучиќ на повредените во пожарот во „Пулс“

Народниот правобранител на Србија, Зоран Пашалиќ потврди за Радио Слободна Европа дека ќе биде отпочната постапка во врска со тоа кој им дозволил влез на претседателот Вучиќ и новинарите на Интензивна нега во српскиот Клинички центар.
Пашалиќ изјави дека постапката ќе отпочне на иницијатива на студентите во блокадата. Медиумите претходно ја пренесоа изјавата на Пашалиќ дека ќе се обрати до Министерството за здравство, преку кое се врши контрола над Клиничкиот и Ургентниот центар.
Студентите во блокадата вчера (7 април) го објавија своето шесто барање со кое всушност бараат смена на оние кои се одговорни за посетата на претседателот, Александар Вучиќ на повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“.
По пожарот во Кочани некои од потешко повредените беа пренесени на лечење во Белград. Тие се сместени на одделението за интензивна нега на Ургентниот центар во Универзитетскиот клинички центар на Србија, каде што Вучиќ ги посети на 17 март заедно со медиумски екипи.
Вучиќ тогаш изјави дека имал прилика да ги посети пациентите кои се повредени во пожарот.
Студентите во блокадата бараат да се започне постапка за утврдување одговорност и за разрешување на директорката на Клиничкиот центар Јелена Друловиќ, директорот на Ургентниот центар Марко Ерцеговац, како и началникот на одделението за интензивна нега, Душан Мициќ.
„Овие лица прекршија низа хигиенски мерки кои имаат за цел да ги заштитат пациентите од различни фактори кои би можеле да доведат до сериозно загрозување на нивните животи и здравје“, се наведува во нивното соопштение.
Дел од барањето на студентите, исто така, беше адресирано до Народниот правобранител на Србија, од кого тие бараат да се спроведе постапка за контрола на работата на Ургентниот центар „во врска со повреда на правата од областа на здравствената заштита и загрозување на здравјето и животот на пациентите" на 17 март.
Собранието ги донесе измените на Законот за средно образование

Собранието попладнево, во рамки на 42 седница, го донесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование, по скратена постапка, кој беше изгласан со двојно гласање односно и со гласовите на присутните пратеници кои им припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во државава.
Со измените се дефинираат одредби со кои средното образование се уредува како институционално, кадровски и содржински организирано на начин кој овозможува образование за сите ученици, вклучително и деца со попречености, формирање на инклузивни тимови и поддршка за ученици со попреченост.
Се воведуваат одредби за кариерно советување, кариерен советник и координатор за практично образование.
Со новиот закон се воведува и нова Концепција за испити на крајот на средното образование, а првпат во средните училишта се овозможува ученичко организирање и учество.
Минатиот вторник пратениците по скратена постапка донесоа шест закони од образованието - Законот за субвенциониран студентски оброк, со којшто се зголемува опфатот на корисници на студентски оброк, како и измените на Законот за основно образование и Законот за учебници за основно и средно образование, Законот за стручно образование и обука, Законот за просветна инспекција и Законот на Бирото за развој на образованието.
Во Зоолошката во Скопје угинале две лами

Две лами починале викендот во Зоолошката градина во Скопје. Резултатите од лабораториското тестирање од првата угината лама покажува дека таа била болна од туберколоза.
Како што објави новинската агенција МИА, Агенцијата за храна и ветеринарство во петокот спровела вонреден инспекциски надзор по добиена пријава за угинување на една лама и уште една заболена лама.
- Земени се мостри за лабораториско тестирање од угинатата лама за која е потврдено со лабораториско тестирање дека била болна од туберкулоза. Мостри се земени од заболеното животно лама кое подоцна угинало. Резултатите од анализите кои треба да го утврдат причинителот за угинување и на второто животно сѐ уште не се готови – велат од Агенцијата за МИА.
Од АХВ додаваат и дека „на одгледувалиштето за лами во ЗОО градина Скопје, од страна на официјален ветеринар наредени се биосигурносни мерки со цел спречување на ширење на болеста и тестирање на останатите лами во одгледувалиштето“.
Денеска преку објава на Фејсбук реагираше и Стефан Кирков од ВМРО-ДПМНЕ.
- Во Куќата на стравот т.е Скопје ЗОО погинаа две Лами од редок вид, за ова од институцијата молчат како и секогаш и навистина сум згрозен од целото ова кое се случува три години во нашата Зоолошка градина. Според неофицијалните информации кои ги поседувам, Ламите починале викендов, а првичните резултати неофицијално е дека истите починале од туберкулоз - стои во објавата на Фејсбук во која Кирков додава дека подолго време во ЗОО Скопје нема стручен ветеринар.
Од скопската Зоолошка градина се огласија преку писмено соопштение во кое истакнуваат дека ламата била лекувана, но за жал угинала, а обдукцијата покажала дека има туберколоза во процес кој е постар од пет години.
Изминатиот период заедно со Факултетот за ветеринарна медицина лекувавме и терапиравме лама која иако беше направено се од медицински аспект и грижа, за жал угина. Обдукцијата и резултатите (со PCR метода) кај оваа лама покажаа туберкулоза, во процес кој е постар од пет години. За оваа болест кај животните нема лек, ниту пак постои вакцина, а често и со години заболените единки не покажуваат никакви симптоми – велат од ЗОО Скопје.
Оттаму тврдат дека веднаш во соработка и советување со АХВ( Агенција за храна и ветерина), биле направени туберкулински тестови на сите лами и секојдневно се следи нивната ситуација, а се и под медицински надзор.
Ламите се домашни животни од фамилијата камили, кои потекнуваат од Јужна Америка – велат од ЗОО Скопје.
Студентите во Ниш и Нови Сад повикуваат на формирање експертска влада

Неформалната студентска група на Универзитетот во Ниш во блокадата, предложи да се формира експертска влада во Србија која ќе ги исполни барањата на студентските протести.
Како што наведуваат во соопштението објавено на социјалните мрежи денеска (8 април), студентите истакнуваат дека решение за излез од политичката криза е „влада која нема да ја сочинуваат партиски послушници туку експерти“.
„Ние ги сакаме оние кои студентите ќе ги номинираат, а граѓаните ќе ги прифатат. Луѓе зад кои има интегритет, знаење и јавна работа, а не партиски книшки“, додаваат студентите во блокадата при Универзитетот во Ниш.
На формирање експертска влада се до исполнување на студентските барања, ден претходно повикаа и студентите во блокадата од повеќето факултети во Нови Сад.
До овој предлог дојде откако претседателот на Србија, Александар Вучиќ го предложи докторот и професор на Медицинскиот факултет во Белград, Ѓуро Мацут како кандидат на владејачкото мнозинство за новиот премиер.
Претходната влада на чие чело беше лидерот на Српска напредна странка (СНС), Милош Вучевиќ падна по неговата оставка во екот на масовните протести кои изминатите месеци ги предводат студентите во блокадата на државните универзитети.
Во фокусот на студентските барања е утврдување на кривична и политичка одговорност за загинувањето на 16 лица при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година.
Во соопштението на студентите од Ниш се наведува дека „после 16 изгубени животи и повеќе од четири месеци студентски блокади и барања за правда, вистина и одговорност“ нема одговорност ниту реакции од надлежните институции.
„Молкот значи согласност, а ние не се согласуваме“ се наведува во објавата.
Студентите посочуваат дека експертската влада е облик на извршна власт составена од експерти, луѓе со докажано знаење, искуство, морален и социјален интегритет. Тие нагласуваат дека не сакаат политички кадри кои како што велат, се одговорни за тоа дека државата е доведена во криза во моментот.
„Не сакаме систем во кој единствената квалификација за функција е партиска книшка. Наместо тоа, предлагаме нов модел: привремена, експертска влада која ќе ги стабилизира институциите, ќе ги исполни барањата на студентите, по што ќе се создадат услови за заздравување на правниот и демократскиот поредок".
Нивната иницијатива, како што тие велат, „не е одраз на револт, туку на визија".
Формирањето на експертска влада, која ќе ги задоволи барањата на студентите и ќе се подготви за изборите, беше предлог во последниве месеци од страна на неколку опозициски партии и неформална иницијатива Проглас основана од јавни личности.
Предлогот на Вучиќ за претседател на новата влада да биде професорот Макут, беше поздравен со пофалби во редовите на владејачката коалиција.
Од друга страна, опозициските партии тврдат дека улогата на премиерот е марионета во владата која де факто е предводена од Александар Вучиќ.
Двајца браќа осомничени за убиство во кривопаланечко Луке

Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против двајца браќа од кривопаланечкото село Луке. За нив постои основано сомнение дека како соизвршители го сториле кривичното дело – Убиство од член 123 став 2 точка 4 од Кривичниот законик.
Осомничените, на возраст од 20 и 25 години, од користољубие лишиле од живот нивен соселанец. Ноќта меѓу 24 и 25 март се договориле да извршат кражба во домот на жртвата, соопшти Обвинителството денеска (8 април).
Според Обвинителството, помладиот брат го разбудил оштетениот и го извел надвор со изговор дека сака од него да купи ракија. Во дворот го удрил со мотика по главата, па двајцата заедно го влечеле и му нанеле уште неколку удари со предмет.
Со пребарување по џебовите од жртвата одзеле 6.000 денари кои си ги поделиле, по што ги пребарале куќата и помошните простории. На крај телото го полеале со бензин и нафта и го запалиле, па го фрлиле во дупка покрај реката и го покриле со дрвја и камења – се наведува во соопштението.
По предлог на јавниот обвинител, Основниот суд во Куманово одреди мерка притвор за двајцата осомничени, кои до целосното расчистување на настанот беа обезбедени со мерка краткотраен притвор во траење од 48 часа.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете