Достапни линкови

Димитров - Постои обврска и Бугарија да не се меша во внатрешните македонски работи


Димитров - Политичарите не може да им наредат на историчарите што да прават
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:16 0:00

Димитров - Политичарите не може да им наредат на историчарите што да прават

Во Договорот, одредбата за немешање во внатрешните работи е реципрочна. Нашата обврска да не се мешаме во бугарските внатрешни работи постои, но постои и обврска за Бугарија да не се меша во внатрешните македонски прашања. Туку можеби прво прашање е правото на самоопределување и самоизјаснување и тука е тој судир на позициите со договорот и правната рамка на некој начин што ја прави договорот, вели во интервју за РСЕ, вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров.

Господине Димитров неделава што измина беше објавен извештајот на Европската унија за напредокот на земјите кандидатки. До пред некоја година тој беше меѓу првите вести во јавноста кога се објавуваше, сега некако нема толку голем интерес. На што мислите дека се должи ова?

На немање акција во извештајот веќе премногу години. Првиот позитивен извештај го добивме во 2009, од тогаш имаме серија на позитивни извештаи, со исклучок на тешката криза за времето на Груевски во 2016, 2017, тоа време. Кога Комисијата вели земјата е спремна да почне преговори, а земјите членки тоа не го прават, јасно е дека вредноста на овие извештаи паѓаат во очите на граѓаните. Мислам дека тоа се однесува на целиот Балкан, на пример за Косово за визната либерализација.

Пред некаде дваесетина дена и Вие се сретнавте со бугарскиот претседател Румен Радев и европските претставници во Словенија на самитот Брдо кај Крањ. Тогаш впрочем беше најавен планот 5+1 со такво име. До каде се сега разговорите околу тој план?

Многу е битно да знаеме дали ако најдеме разбирање, со оглед на датумот на изборите, и претседателски и парламентарни кај соседите во Бугарија, дали техничката влада може да испорача зелено светло, усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција, тоа е клучно.

Второ, за нас исклучително важно е македонскиот јазик во преговарачката рамка, формулацијата за македонскиот јазик во однос на тоа дека земјата треба сите, целиот корпус на европско законодавство да го преведе на македонски и да има доволен број на преведувачи пред да стане членка, да биде така напишана како и за сите други европски јазици. Тие точки се контекст на спроведување на Договорот за пријателство со Бугарија.

Меѓутоа вкупниот пакет мора да содржи почеток на преговорите, значи усвојување на преговарачката рамка, одржување на првата меѓувладина конференција. Нам ни е исклучително важно ова што го споменав, македонскиот јазик, македонскиот идентитет, што е апсолутно наша работа, прашање за македонскиот народ. Нам ни е исто така многу важно пристапниот процес да носи европеизација – дали одиме напред кон ЕУ, отвораме кластери, исполнуваме одредници итн, да зависи од реформите дома. Не, не може да зависи тој процес од работи што не се на накој начин во наша ингеренција, на пример работата на Комисијата за историски и образовни прашања. Ако нашиот прогрес во ЕУ зависи од историчарите тогаш многу тешко тој процес можеме да го наречеме европеизација. Исто така е исклучително важно една одредба од Договорот за пријателство, членот 14, кој што вели дека Договорот не може да влијае на права и обврски што државите, договорни страни, обете ги презеле по други меѓународни конвенции, договори итн. Членот 14 е на некој начин врзан или е другата страна на заложбата за немешање во внатрешните работи, бидејќи и ние и Бугарија имаме извесни права и обврски коишто сме ги презеле по други меѓународни конвенции и тоа не значи мешање во внатрешните работи. На пример, Европската конвенција за човекови права и нашата улога како држава членка на Советот на Европа.


Во контекст на малцинските прашања.

Да.

Од планот 5+1 има некои прашања како немешање на земјава во внатрешните работи на Бугарија. Може ли во тие разговори да се бара и реципроцитет, на пример да се бара Бугарија да не се меша во внатрешните работи на Македонија?

Во Договорот одредбата за немешање во внатрешните работи е реципрочна. И во тоа смисла нашата обврска да не се мешаме во бугарските внатрешни работи постои, но постои и обврска за Бугарија да не се меша во внатрешните македонски прашања. Туку можеби прво прашање е правото на самоопределување и самоизјаснување и тука е тој судир на позициите со договорот и правната рамка на некој начин што ја прави договорот.

Господине Димитров, министерот за надворешни работи Бујар Османи неодамна рече дека за сите точки со Бугарија може да се најде решение и дека најголемиот проблем практично е ќор-сокакот во Комисијата за историски и образовни прашања и рече дека проблем има кај членовите од двете страни. Го делите ли Вие ова мислење со него?

Тоа што можат владите да го направат е да создадат позитивна клима, амбиент, атмосфера, за непречена работа на историчарите, на накој начин да ги остават тие прашања на општеството, нешто низ што поминале многу европски држави. Политичарите не можат да им наредат на историчарите што да прават и што да не прават. Значи нашата задача е позитивен амбиент. Проблемот во работата на оваа Комисија е пред се идејата дека нивната работа треба да биде услов за нашиот напредок кон Европската унија. Кога ќе се стави тој притисок и таа уцена, не само што не се прави позитивен амбиент, туку се прави негативен амбиент и затоа мислам дека без разлика на желбите, големиот проблем во сегашната констелација на односи, позиции и политика по ова прашање е токму во тоа. Се сака резултати од таа Комисија за историски и образовни прашања, меѓутоа се направи амбиент на уцена.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји неодамна рече дека бугарскиот европратеник Андреј Ковачев му е таен помошник во однос на проблемот меѓу Скопје и Софија. Ковачев е пратеник којшто има доста радикални ставови во однос на македонското прашање. Како го коментирате ова?

Морам да бидам барем делумно отворен, бидејќи сум во деликатна ситуација како човек што е одговорен за европски прашања, а прашувате за комесарот којшто по дефиниција, кој и да е, би требало да биде наш најдобар сојузник бидејќи имаме заеднички цели. Нашиот успех ќе биде и негов успех, позитивно помрднување во неговото портфолио. Меѓутоа морам да кажам дека посебно се радувам што Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија покажуваат ангажман и волја за поголем ангажман и мислам дека шансата за успех треба да се гледа со вклучување на лидерите на европските институции. Секој којшто сака да помогне во овој однос и вистина да донесе успех и решение, мора да го има и вториот аспект во калкулациите, како ќе постапува, што ќе предлага итн. Ние имавме ситуација кога имаше паралелни предлози во изминативе месеци и со германското претседателство и со португалското претседателство, коишто не придонесоа кон решение, туку на некој начин ја искомплицираа.

Тие не се овие официјалните, германскиот и португалскиот предлог, кои што ги знае јавноста?

Не, зборувам за други.

Предлози од земји-членки на ЕУ?

Не, во контекст на ова што го зборувавме.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG