Осумдесет години од Денот на востанието против фашистичкиот окупатор Македонија го одбележува во светло на политички дебати за случувањата пред и за време на Втората светска војна. Таквите дебати се наметнаа поради актуелниот спор меѓу Скопје и Софија поради кој Бугарија ја блокира македонската европска интеграција.
Македонскиот премиер Зоран Заев и бугарскиот претседател Румен Радев минатиот месец повторно ја актуализираа темата за улогата на источниот сосед во Втората светска војна на територијата на Македонија. Шефот на македонската влада најави дека ќе се брише „бугарски“ од спомениците и учебниците каде што постои таа придавка врзана со фашистички окупатор, откако Радев рече дека инсистираат на тоа.
Аргументацијата на македонскиот премиер беше и дека не сите во Македонија биле партизани туку дека имало и такви кои се приклучиле на фашистичкиот окупатор.
Во однос на улогите на двете земји во време на Втората светска војна историчарот од Институтот за национална историја Петар Тодоров вели дека тоа што Македонци се приклучувале кон фашистите биле индивидуални одлуки, а во Бугарија тоа било државна политика.
„Мора да се спомене и дека Македонија, формално правно тогаш не е држава. Точно е дека имало луѓе кои биле соработници, но тие се судени на крајот на Втората светска војна како соработници на окупаторот, некои поради тоа што ги издавале партизаните, некои поради воено профитерство, но не може да се изедначи работата, на пример и во Франција имало соработници на нацистичка Германија но никој не ги изедначува тие работи. Ние како општество треба отворено да зборуваме за тие аспекти, но никако да ги изедначуваме, бидејќи тоа не е фер кон жртвите на фашизмот и жртвите на Втората светска војна“, вели Тодоров.
Што е со другото од Планот 5+1?
Во меѓувреме оваа тема како дел од историјата е една од точките за кои до крајот на месецов треба да се договорат македонското и бугарското министерство за надворешни работи, а би биле дел од таканаречениот план 5+1 кој би требало да биде потпишан меѓу Скопје и Софија.
Како што кажа министерот за надворешни работи Бујар Османи во него ќе биде содржан и дел за рехабилитација на жртвите на комунизмот. Стојко Стојков, копретседател на здружението на Македонците во Бугарија ОМО Илинден Пирин вели дека ова теоретски звучи добро, но дека официјална Софија не го бара тоа, туку како што нагласува, сака да ја заштити својата „митска“ позиција дека Македонците од секогаш биле Бугари, се до 1944 година.
„А после 1944 година со страшно насилство, според нивни стандарди, имало до 200 000 затворени или стрелани луѓе, со сила Македонците се направени од Бугари во Македонци. Сега со овој процес што инсистираат да се направи е имено да се престават како репресирани Бугари кои што всушност биле репресирани по различни основи и како македонски националисти. По нивното разбирање и Ченто бил како Бугарин наводно репресиран“, вели Стојков.
Стојков- Бугарија бара Македонија да прифати дека има бугарска историја
Тој е и историчар по професија па дополнително оценува дека ваквото барање на Софија е „дволично“ ако се земе предвид, како што вели, дека извршената рехабилитација на жртвите од комунизмот во Бугарија во голема мера ги исклучила жртвите Македонци што живеат таму.
„Многу е дволично е тоа што го бара Бугарија од Македонија. Тие исто така би требале да ги рехабилитираат сите жртви Македонци кои што беа репресирани како Македонци и да се извинат за тоа“, вели Стојков.
Ова всушност е и официјализирано како позиција на источниот сосед во објаснувачкиот меморандум кој лани го испратија до земјите членки на Европската унија.
Покрај ова , официјална Софија бара, во светло на актуелниот попис во земјава, да се евидентираат 120 000 Бугари, односно онолку Македонци колку што имаат земено бугарски пасош.
Инаку главниот проблем во односите меѓу двете соседни земји првично ексалираше околу историските теми, кои според Договорот за пријателство потпишан меѓу двете земји во 2017 година требаше да ги разгледува мешовитата комисија за историски и образовни прашања составена од експерти. Но, политичарите многу често ги преземаа историските теми во својата реторика па сега бугарскиот претседател инсистира земјава да ја признае општата историја, а Заев бара толкување со мултиперспективност, нешто што Радев рече дека е неприфатливо за нив.
„Под општа историја тие подразбираат бугарска историја. За нив се македонско во историјата, како и јазик и култура е бугарско. Македонија треба да прифати дека таа има бугарска историја. Мислам тоа мислат тие и тука нема никакви дилеми“, вели Стојков.
Ако се постигне договор за тие 5+1 точка под која што спаѓаат и прашањето на краткото име, прашањето на говорот на омраза, на рехабилитација на жртвите на комунизмот, на работата на историската комисија, на немешањето во внатрешните работи на Бугарија и вклучување на Бугарите во Уставот, надежите на македонските политичари се дека може да има напредок во европската интеграција во декември, на последниот европски самит под словенечко претседателство.